Неолитска населба стара 7000 години во Костурско во северниот дел на Грција (Беломорска Македонија), за прв пат е прецизно датирана до точните години кога е изградена. Наодите би можеле да обезбедат референтна точка во времето што ќе помогне да се датираат и други археолошки локалитети во југоисточна Европа.
Археолозите од Универзитетот во Берн во Швајцарија можеле да ја одредат староста на локалитетот наречен Диспилио, користејќи комбинација од мерења на годишниот раст на прстените (годовите) на остатоците од дрвената граѓа и вклучувајќи и дополнителен метод – космичките зраци. Нивното истражување е објавено во Nature Communications.
Праисторискиот локалитет Диспилио е сместен на бреговите од Костурското Езеро. Во позадината може да се забележи градот Костур. Во долниот централен дел од сликата е современата реконструкција на наколната населба. © Универзитет во Берн, фото: Марко Хостетлер
Датирањето на праисториските остатоци од дрво се служи со два метода. Еден од нив е дендрохронологијата, при што се анализираат годовите на дрвјата. Одредени климатски и регионални услови, кои можат да се споредат со други познати примери, влијаат врз годовите што може да се забележат на дрвениот предмет.
„Во централна Европа, постои хронологија на годовите од дрвја што се враќа речиси 12 500 години во минатото – до 10 375 година п.н.е.“, вели водечкиот автор Андреј Мацковски од Институтот за археолошки науки при Универзитетот во Берн. „Сепак, оваа хронологија се однесува само на одредени региони. Не постои конзистентна хронологија за медитеранскиот регион“.
Полето со остатоци од колци од населбата на локалитетот Диспилио. Од речиси 800 колци, претежно изработени од смрека и дабово дрво, биле земени примероци и дендрохронолошки измерени. Овие податоци претставуваат основа за датирање со голема прецизност на оваа локација. Диспилио е првиот археолошки локалитет што е датирано во прецизна година со употреба на Мијаке настанот од 5259 п.н.е. © Архива на ископувањето, Диспилио
Другиот метод е радиојаглеродно датирање, во кое се мери присуството на изотоп на радиоактивен јаглерод 14C, односно јаглерод-14. Имено, јаглеродот-14 се апсорбира од живите организми во текот на нивниот животен век. Кога тие ќе умрат, јаглеродот-14 радиоактивно се распаѓа во други атоми.
„Сепак, прецизноста на таквите класификации е, во најдобар случај, во опсег од децении“, додава Мацковски.
„Затоа, до неодамна се веруваше дека дендрохронолошкото датирање до [точната] година е возможно само ако е достапна континуирана регионална хронологија за годовите од дрвјата, каков што е случајот со праисториските периоди во само 3 региони ширум светот: југозападниот дел на САД, северното Алпско подножје и Англија/Ирска“, објаснува постариот автор Алберт Хафнер.
Праисториски населби на езерата во регионот од периодот 5700 – 500 п.н.е. откриени во Македонија, Албанија и Грција © Универзитет во Берн, фото: Андреа Бјери
Но, во 2012 година, јапонскиот физичар Фуса Мијаке предложи дека масивниот прилив на космички зраци, како што се оние произведени од сончевите бури, може да ја зголеми количината на јаглерод-14 во атмосферата. Ваквите глобални настани денес може да имаат големо влијание врз телекомуникациите и електрониката. Но, во контекст на историјата и датирањето, тие може да се користат како „маркери“ во годовите на дрвјата. Досега се идентификувани десетици т.н. Мијаке настани, меѓу кои и два откриени во 2022 година – еден од 7176 п.н.е. и друг од 5259 п.н.е.
Фотографија направена со микроскоп на која се гледаат вистинските годови од дрвото на коишто е откриен Мијаке настанот од 5259 п.н.е. „Прстенот на настанот“ е забележлив веднаш под прстенот кој има серија од двојни точки. Гледано со голо око „прстенот на настанот“ не се разликува од другите годови, бидејќи Мијаке настанот не влијаел врз анатомијата на дрвјата. Ширината на сечилото од жилетот (десно) изнесува 1,8 cm. © Универзитет во Берн, фото: Андреј Мaцковски
Користејќи го вториот од овие маркери, археолозите анализирале 787 парчиња дрва од локалитетот Диспилио на Костурското Езеро во денешна северна Грција (Егејска Македонија). Тие ја идентификувале хронологијата на годовите во распон од 303 години за овој регион и можеле да покажат дека населувањето и изградбата на живеалишта на овој локалитет се одвивала во текот на 188 години, помеѓу 5328 и 5140 п.н.е.
„Така, Балканот е првиот регион во светот што има корист од оваа промена на парадигмата и што ќе може успешно да го примени апсолутното датирање независно од постојниот календар“, вели Хафнер.
Полето со остатоци од колци од населбата на локалитетот Диспилио. Од речиси 800 колци, претежно изработени од смрека и дабово дрво, биле земени примероци и дендрохронолошки измерени. Овие податоци претставуваат основа за датирање со голема прецизност на оваа локација. Диспилио е првиот археолошки локалитет што е датирано во прецизна година со употреба на Мијаке настанот од 5259 п.н.е. © Архива на ископувањето, Диспилио
Фотографија направена со микроскоп на која се гледаат вистинските прстени од дрвото на коишто е откриен Мијаке настанот од 5259 п.н.е. „Прстенот на настанот“ е забележлив веднаш под прстенот кој има серија од двојни точки. Гледано со голо око „прстенот на настанот“ не се разликува од другите прстени, бидејќи Мијаке настанот не влијаел врз анатомијата на дрвјата. Ширината на сечилото од жилетот (десно) изнесува 1,8 cm. Фото: Универзитет во Берн, Андреј Мaцковски