Запишувањето, односно конзервацијата, на звучните сигнали започнува уште минатиот век со механичкиот запис што го остварил Едисон на восочен цилиндар. Од аспектот на архивирањето многу значајна е компонентата трајност на одреден медиум. И таа, како и квалитетот на записот, се подобрувала со развитокот на технолошките процеси за производството на материјалите од кои се правеле медиумите. Затоа од основна важност е познавањето на технолошките карактеристики на материјалите од кои е сочинет некој медиум и условите под кои треба да биде архивиран за да се постигне неговата максимална трајност.