Здраво,
Поздрав до тимот на Емитер.
Во Емитер бр. 2/2000 имаше објавено проект за комуникација преку 230V мрежа. Во денешно време доста актуелни се и видеокамерите, па ми се роди идеја дали може исто таков уред за комуникација да се изработи со аудио и видеосигнал да се испорачува преку постоечката мрежа на 230V.
Поздрав,
Васко Стојанов од Радовиш
Сега има безжични камери за 30 eвра, па не се исплати да се прават уреди за пренос на аудио/видеосигнали преку мрежата за 230 V. Исто така, дометот на модулираниот видеосигнал преку мрежа ќе биде многу мал поради потребата од високата фреквенција во која треба да се втисне основниот видеосигнал кој има спектар до 5MHz. Затоа подобро е преносот да го направите со кабел или безжично, отколку по мрежната инсталација.
Петар Аврамовски
Честито за сајтот и ви посакувам висока посетеност. Исто така, пофалби и за брошурата "Акустика на простории".
Ме интересира каде би можел да набавам моќни отпорници потребни за тестирање на моќноста на аудиозасилувачи? Станува збор за засилувачи до 500W (тука се и некои засилувачи од ЕМИТЕР). Значи 4 и 8-омски отпорници со моќност 600W. Се разбира, предвид доаѓа и самоградба на овие отпорници, доколку тоа е возможно и практично.
Поздрав,
Душко Јаневски
Ви благодарам за честитките и пофалбите. Јас лично не верувам дека можете да најдете отпорници со толку голема моќност, особено не кај нас. Дури и да ги најдете нивната цена сигурно ќе биде многу висока, бидејќи се работи за нестандарни елементи.
Со врзување на повеќе стандардни отпорници (сериски и паралелно) со голема моќност (поголема од 10W) и отпорност од 3,9 оми или 8,2 оми можете да ги добиете бараните вредности. На пример, со 32 отпорника од 17W можете да добиете еден отпорник со еквивалентна отпорност од 8 оми и моќност од 544W. Со врзување на два вакви "отпорника" во паралела ќе добиете отпорник со отпорност од 4 оми и моќност од 1088W. Бидејќи во овој случај се работи за стандарни елементи (кои можат да се набават кај нас), цената на чинење на вака добиениот отпорник ќе биде многу поприфатлива.
Дејан Трпески
Здраво емитерци, Сакам да ви поставам едно прашање во врска со УВ осветлувачот за плочки со печатени кола. Ме интересира филмот кој се користи за плочките, каде да го најдам и како се вика? И исто така дали и како треба плочката да ја отпечатам со ласерски печатач? Поздрав, Стефан Василевски Здраво редакцијо, Во нашето училиште наидов на апаратот за УВ осветлување, па ме интересира како можам да изработувам печатените плочки со УВ осветлување? Пошто не знам како се употребува, а вие имате големо искуство, ако е можно да ми помогнете. Со поздрав, Проф. Јусуф Хасани Објаснувањето што ќе го дадам нека биде краток одговор на прашањата кои беа поставени од повеќе читатели на ЕМИТЕР кои пројавиле интерес за процесот на фотопостапка при изработка на ППК. За успешен процес на фото постапка, најважно е да се обезбеди соодветен извор на УВ зраци за осветлување и ППК која е пресвлечена со фотоосетлив лак. За почетниците, предлагам тоа да биде ППК со фабрички нанесен слој на фотолак. За самостојно ослојување на ППК со фотоспреј (Positiv 20) потребно е поголемо искуство, па затоа не се препорачува за почетници. Откако распоредот на печатените врски ќе се нацрта рачно или на компјутер со некоја соодветна програма (Corel DRAW, Protel, Eagle...), сликата со печатените врски треба да се отпечати на термална (отпорна на топлина) проѕирна фолија со ласерски печатар нагоден на најголема резолуција и најголемо зацрнување. За подобрување на зацрнувањето, отпечатената фолија пожелно е потоа да се испрска со некој од графичките спрејови за зацрнување. Важно е при печатењето, сликата на врските да се отпечати на тој начин што ќе се обезбеди "контакт копија", т.е. честичките од тонерот да налегнуваат директно врз бакарниот слој на ППК, а при поглед низ фолијата кон бакарната страна на плочката да има правилен изглед на врските и текстуалните ознаки. Вака отпечатената фолија се отсекува според димензиите на ППК и со леплива проѕирна лента се залепува на бакарната страна на ППК. Се вклучува изворот на УВ светло и се мери времето. УВ светлото треба да поминува преку фолијата и незацрнетиот дел од проѕирната фолија и да паѓа на ослоената бакарна површина со фотолак. Времето на осветлување зависи од повеќе фактори: јачината на УВ изворот, неговата бранова должина и спектарот, времето на осветлување, староста и дебелината на фотолакот итн. Потребно е искуство за да се препознае бојата (светло кафеава до темно бакарна) на "добро осветлен" слој на фотолакот. Потоа плочката треба да се развие, да се отстрани осветлениот слој од фото лакот со помош на подготвен раствор на NaOH (измерете 2g NaOH и растворете го во 1L дестилирана вода). Неосветлените, зацрнетите линии и површини, се слој од фотолак кој понатаму, после нагризувањето, ќе ги претставуваат бакарните водови. Во кадичка во која растворот за неколку милиметри ја прекрива плочката, неколку минути вршиме придвижување на истата во повеќе правци. Кога ќе се истакне уште повеќе темнокафеавата боја на печатените врски, процесот го прекинуваме и плочката ја миеме со млаз на ладна вода. Понатаму, начинот на нагризување на плочката е идентичен како за плочките чиј нацрт е добиен на друг начин (водоотпорен фломастер, летрасет, тонер-трансфер...), со помош на хлороводордна киселина и водород пероксид. Поради големиот интерес, авторот на проектот "Осветлувач за ППК со ЛЕД диоди" од ЕМИТЕР 7-8/08 е во фаза на подготовка на опширен напис за фотопостапка со детално објаснување и изложување на сопствените искуства стекнати во тој процес, поранешни и новостекнати со изградениот осветлувач со лед диоди. Во меѓувреме, обезбедете УВ извор на светло и бидете трпеливи до објавувањето на написот за фотопостапка во еден од наредните броеви на вашето омилено списание. Ако не можете да чекате, тогаш набавете го ЕМИТЕР бр. 4/98 каде е објавен напис за изработка на ППК со фотопостапка. Петар Аврамовски
Почитувана редакцијо,
Читател на Емитер сум повеќе години и многу сум задоволен од неговите содржини. Бидејќи следната година планирам надградба на куќата, многу ме заинтересираа написите за топлинската изолација во последните неколку броеви. Од нив дознав многу корисни работи. Секоја пофалба за авторот.
Секако имам и неколку дилеми и прашања:
1. Дијаграмите за пренос на температурата низ различни ѕидови (сл. 6 во Емитер 9/09 и сл.2 во Емитер 10/09) даваат навистина корисни сознанија. Но, дали тие дијаграми се само теоретски или се проверени и практично.
2. Ме интерсира какви особини имаат наведените топлински изолации во поглед на изолација од надворешна бучава (живеам близу прометна улица).
3. Од досегашните написи очигледна е предноста на изолацијата со стиропор од надвор. Какви предности би имале ако направиме двојна изолација, на пример, сендвич ѕид + надворешна изолација или ѕид од гас-бетон + надворешна изолација. Има ли смисла таква градба, однсно дали се исплати од аспект на заштедите што ќе се остварат. И дали со таква двојна изолација ѕидот ќе може да "диши", односно да не добијам полоша клима во внатрешноста?
Се надевам ќе ми одговорите на моите прашања и така ќе ми помогнете да донесам правилна одлука за градбата која ја планирам.
Поздрав и сè најдобро,
Стојан Милевски
1. Температурните дијаграми се апсолутно точни, бидејќи се пресметани со помош на софтвер верифициран во согласност со стандардот за топлински мостови МКС EN ISO 10211. Значи, соодветствуваат со реалноста на четирите варијанти, со влезни параметри: надворешна температура -15°C и внатрешна температура +20°C. Со промена на овие параметри се менуваат и изотермалните линии и внатрешните површински температури, но со пропорционален сооднос со цитираните параметри.
2. Во принцип, материјалите за топлинска изолација не мора истовремено да бидат ефектни и за звучна изолација. Проблемот на изолација од т.н. воздушен звук, каква што е надворешната бучава (бучава што се пренесува низ воздух, за разлика од бучава од ударен звук што се јавува и пренесува низ конструкциите внатре во објектот, на пример, удари врз подна конструкција), главно се решава според "законот на маса", т.е. материјали со поголема маса (на пример, бетон) имаат подобра изолациска моќ од воздушен звук во споредба со материјали со мала маса, какви што се топлинско-изолациските материјали. Кај надворешните фасадни ѕидови многу позначајно е, од аспект на звучна изолација, да се обрне внимание на квалитетот на прозорците и на балконските врати, кои се најслаба точка во одбраната од надворешна бучава. За среќа, денес на нашиот пазар може да се најдат квалитетни прозорци со двојно или дури тројно застаклување, со добро затнување помеѓу фиксните рамки и подвижните крила, со што главно се задоволуваат барањата за звучна изолација од надворешна бучава.
3. Комбинирана изолација (како што велите "двојна изолација") може да има оправдување само во случаите кога, веќе постоечкиот објект со т.н. "сендвич-ѕид", поради недостатоците кои ваква ѕидна конструкција ги носи (зголемени топлински загуби и, пред сè, појава на кондензација и мувла од внатрешната страна на топлинските мостови), треба да се санира со дополнителна изолација на фасадите. При градба или доградба/надградба на нови објекти треба да се применува топлинска изолација исклучително поставена од надворешна страна на фасадните ѕидови, со задоволителна дебелина на изолацискиот материјал. Комбинацијата "сендвич-ѕид" и надворешна изолација во финансиски поглед е поскапа (зголемена цена на работната рака, зголемена дебелина на ѕидот, а за сметка на тоа внатрешната нето подна површина е намалена). Друг адут во полза на единствената надворешна изолација е од аспект на градежна физика. Имено, при сендвич-ѕидот, топлинската изолација во средина на ѕидот не е континуирана: во вертикален правец таа е прекината со армирано-бетонски (АБ) серклажи на котата на меѓукатна конструкција, со АБ натпрозорски греди, АБ либажни слоеви и др. Во хоризонтален правец, прекините се случуваат кај вертикалните АБ серклажи, столбови. Сите овие прекини на изолацијата генерираат топлински мостови. Дополнителната надворешна изолација на топлинските мостови делумно ќе го намали нивното негативно влијание, но не во онаа мера ако целата дебелина на изолацискиот материјал (дебелина во сендвичот + дебелина однадвор) биде поставена од надворешна страна.
Вашиот страв од "полоша клима" и неможност ѕидот да "диши" е неоправдан. Ова "дишење", всушност, е дифузија на водена пареа во зимскиот период од внатрешноста на објектот кон надвор, којашто токму со надворешна изолација станува стационарна, односно без задржување на водената пареа во слоевите на ѕидната конструкција и без можност за нејзина кондензација. Наспроти тоа, при "сендвич-ѕидот" потребни се превентивни мерки (поставување на т.н. "парна брана" од внатрешната страна на топлинската изолација) за да не дојде до продор на водената пареа кон надворешните постудените слоеви, со можна кондензација и евентуално мрзнење.
Во секој случај, бидете внимателни при изборот на произведувачот на материјалите за системот за надворешна топлинска изолација, како и при изборот на изведувачот на самата изолација. Денеска на македонскиот пазар активни се многу нестручни фирми, фирмички и поединци ("мајстори") кои нудат сè и сешто.
Специфичен случај е ѕид од гас-бетон (кај нас познат под трговско име YTONG). Гас-бетонот има многу подобри топлинско-изолациски својства од, на пример, ѕид од полна или гитер тула или керамички блокови со шуплини. Но, заради постигнување уште подобри изолациски својства на ѕидот, а особено заради неутрализирање на влијанието на топлинските мостови (АБ елементите), препорачливо е и треба ваквите ѕидови да имаат дополнителна надворешна топлинска изолација.
За ваша информација, во наредните броеви на ЕМИТЕР ќе најдете многу повеќе информации за проблематиката што ве интересира.
д-р Петар Николовски, диа
Здраво Емитер,
Најпрво да ве пофалам, затоа што во вашето списание секогаш се трудите да има за секого по нешто интересно. Би сакал да ми помогнете, ми треба стабилизатор за лед диоди, за напон од 3,3V и струја до 1A, да е едноставен и мал, за да можам да го вградам во мало куќиште. Со овој стабилизатор сакам да напојувам 35 лед диоди кои ќе бидат сместени зад инструмент-таблата во мојот автомобил и ќе служат за нејзино осветлување, како и за осветлување на командите на клима-уредот и копчињата за прозорците.
За оваа намена во автомобилот сега има класични светилки и потенциометар за регулација на напонот за нив од 8 до 12V. Планирам да ставам бели лед диоди од 5mm, па на Википедија прочитав дека напонот на лед диодите е U = 3,5V и струјата што протекува низ нив е I=20mA.
Пробав со отпорници да го намалам напонот за лед диодите, ама постојано имав проблеми со нивното прегорување и нивната различна осветленост кога автомобилот работи под лер гас или под туража. Зошто сите 35 лед диоди не би можел да ги поврзам паралелно помеѓу себе? Исто пробав и со стабилизатор со зенер диода и транзистор, ама имав проблем со прегревање на зенерката и отпорникот од колекторот кон зенер диодата. Затоа барам нешто практично да ми помогнете, но да не ми зафаќа многу место и да немам проблеми како претходните.
Голема благодарност за помошта и голем поздрав.
Љупчо Стојановски преку и-меил.
Најнапред, да се заблагодарам за пофалбите од ваша страна ("Со пофалба на работа се поттикнуваме" :-))). Имајќи предвид дека расположивото место зад инструмент-таблата е мало и со слаб воздушен провев, императив беше да се проектира уред со мали димензии и мала термичка дисипација. Затоа одлучив тоа да биде стабилизатор во импулсен мод на работа т.н. step-down конвертор. Поради разликите во интензитетот на осветлувањето кои би се појавиле при паралелно поврзување на лед диодите и нивната преголема консумација на електрична струја (35 x 20mA = 700mA), одлучив да ги групирам по две, во меѓусебна сериска врска и во сериска врска со отпорници (R3-R19) за ограничување на струјата.
Стабилизаторот е крајно едноставен, едно интегрирано коло, три отпорници, три кондензатори, една намотка и една Шотки диода. Употребено е колото MC34063 во конфигурација на step-down конвертор. Со предложените вредности на шемата, на излезот се добива стабилизиран напон од 7V. Збирниот пад на напоните на двете лед диоди и серискиот отпорник изнесува 7V, при струја од 20mA. Лед диодите од инструмент-таблата треба да се групираат во 18 групи од по две лед диоди, со 18 сериски отпорници. Вкупната струја на консумација на сите 36 лед диоди нема да надмине 360mA, што е далеку под максималната струја која може да ја даде колото (700mA). Намотката L1 намотајте ја со бакарна лак жица со пречник од 0,4 до 0,6mm. Бројот на навивки не е критичен и изнесува од 40 до 100, во зависност од употребеното феритно јадро. Доколку сакате променлив интензитет на осветлувањето на лед диодите, отпорниците R1 и R2 заменете ги со потенциометар со вредност од 22K - неговите краеви поврзете ги на излезот од стабилизаторот, а лизгачот на пинот 5.
Предложеното решение е минијатурно, компактно, едноставно за изградба, со мала дисипирана топлина, со напонска, струјна и температурна заштита, така што неговата изградба во целост ќе одговори на поставените реални барања од ваша страна. Уредот е стабилизиран и неговиот излезен напон, а со тоа и интензитетот на заднинското осветлување, нема да се менува со промената на вртежите на моторот, односно напонот на акумулаторот.
За сите дилеми и нејаснотии во текот на изградбата, Емитер е подготвен да одговори.
Петар Аврамовски
Прво, навистина ви благодарам за опширните објаснувања, само сега имам уште некое прашање.
1. Велите... 1100±50 min-1, претпоставувам тоа се вртежите во минута. Но, не ми е јасно што значи тоа -1?
2. Спомнавте дека реглерот се наоѓа кај алтернаторот или акумулаторот. Дали при купување на нов алтернатор добивам и реглер со шема на поврзување на алтернатор-реглер-акумулатор?
3. И ако знаете за која цена може да се набави алтернатор (и нов и стар)?
Благодарам многу. Поздрав.
Дејан Велоски
1. Точно. Тоа се броевите на вртежи на роторот од алтернаторот. Единица за броеви на вртежи е "вртежи/мин", а се чита " вртежи во минута". За да не се комплицира при пишување и за да се напише во еден ред (од практични причини при пишување на текст, а и да се избегнат забуни и погрешни толкувања), се прави математичка варијација и именителот "во минута" се пишува како "min-1", т.е. преку експонент.
2. Кај Z101 (старите модели) реглерот се наоѓа до акумулаторот како посебен електронски склоп. Во тоа време тоа било оправдано со оглед на недоволниот развој на електрониката и контролерите кои биле големи и не можеле да се интегрираат (конструктивно) во рамките на алтернаторот. Во поново време (веќе во YUGO возилата) реглерот е мал, компактен и е како склоп "реглер + четкички" интегриран (намонтиран) на самото куќиште од алтернаторот и при истрошени четкички целиот овој склоп се заменува со нов. Значи, во модерните (денешните) возила речиси и да не може да се најде алтернатор без во него да има интегриран реглер. Кај старите застава возила реглерот е до акумулаторот како посебна единица, а кај новите YUGO возила реглерот е во самиот алтернатор. Сепак, тоа е најмалку битно и е конструктивна карактеристика која зависи од мноштво фактори кои за нас се небитни. Ова е одговор на вториот дел од второто прашање. А како се поврзани спроводниците и клемите, можете да видите во електричната шема на конкретното возило, т.е. на она возило на кое припаѓа конкретниот алтернатор.
3. Не ја знам цената на нов алтернатор. Цената на старите алтернатори (за YUGO возилата) се движи околу 1000 – 3000 денари. Во принцип: цената многу зависи од тоа за кој модел на автомобил е алтернаторот. Алтернаторите за YUGO возилата се меѓу поевтините.
Томе Скендеровски
Здраво Емитер.
Сакам да ве прашам нешто за алтернаторите што се користат во автомобилите:.
1. Колку струја и колкав напон произведува еден алтернатор (на пример, од застава 101)?
2. Каква струја произведува (еднонасочна или наизменична)?
3. Дали роторот користи магнет или електромагнет кој се напојува од акумулаторот.
Поздрав,
Драган Велоски
1. Алтернаторот за YUGO 45 (сличен, а можеби и ист е со оние на Z101) е производство на Искра. Номиналниот напон е 12V, бројот на вртежи на почетокот на полнењето на 12V (25°C) е 1100 ±50 min-1, трајниот максимален број на вртежи на роторот е 15000 min-1 а максималната струја е 37A. Напонот на полнење го регулира електронски регулатор (реглер), во кој се интегрирани и четкичките и "фабрички" е нагоден да го одржува (во тесно толерантно поле) напонот на полнење на 14V. Оваа вредност важи за полн и за исправен акумулатор и електрична инсталација и при нормална (пропишана) потрошувачка на електрична енергија од потрошувачите.
2. Од статорските намотки на алтернаторот "излегува" наизменична струја (напон) која потоа се исправува во т.н. диодна плоча која е интегрирана во куќиштето на алтернаторот на задната страна (спротивно од каишницата). Ова значи дека од алтернаторот како финален продукт излегува еднонасочен напон (струја) со која се полни акумулаторот и истовремено се опслужуваат електричните потрошувачи. Напонот на оваа струја (кога моторот работи на повисока брзина од околу 1500 min-1) е 14V, а максимално можат да се "повлекуваат" 37A струја.
3. Роторот има намотка која кога е под напон создава магнетно поле околу него, кое при вртење на роторот и тоа се врти и тие магнетни силови линии биваат пресечени од статичните намотки на статорот, при што во нив (статорските намотки) се индуцира напон кој е наизменичен и со променлива фреквенција која е во функција од брзината на вртење на моторот. Значи, роторот е електромагнет. Роторот не смее да биде перманентен магнет (кај алтернаторите), затоа што не може да се регулира напонот (струјата) на полнење, односно произведената струја. Се заклучува дека регулацијата на напонот се изведува со прекинување (и пуштање) на струјата во роторот која се вика побудна струја (напон). Оваа операција е во надлежност на реглерот, т.е. регулаторот на напон (се мисли на регулација на излезниот напон од алтернаторот).
Томе Скендеровски
Одиме по ред.
1. Алтернаторот произведува еднонасочен напон малку повисок од 15V. Со посебно коло за регулација во состав на акумулаторот или алтернаторот овој напон се одржува под 15V. Инаку, при полна моќност кај некои автомобили алтернаторот може да произведе еднонасочна струја до 45A.
2. Алтернаторот во принцип е сихрон трифазен генератор на наизменична електрична моќност. Меѓутоа, во неговиот состав има еден мостен диоден исправувач, па така од трите намотки кои даваат наизменични напони се добива исправен еднонасочен напон. Со оглед на тоа дека овој напон е исправен со трифазен мостен насочувач, тој има многу мала брановитост (види ЕМИТЕР 4/08 во кој се разгледани трифазните насочувачи). Значи, тоа е добар едноснасочен напон и струја.
3. Роторот на алтернаторот е електромагнет кој се напојува од акумулаторот. Колото за регулација на напонот на полнење на батеријата (популарно наречено реглер) ја нагодува струјата која го поларизира овој електромагнет и на тој магнетот начин го прави посилен или послаб. На тој начин се регулира напонот кој го дава алтернаторот.
Кирил Крстевски
Драги Емитер,
Јас сум ваш редовен читател, би сакал да ве прашам дали е возможно да се поврзе ДВД-плеер на екран од компјутер. Двд-то има и Scart излез и y-pr-pb излез. Барав по интернет, но не можев да најдам ништо што функционира.
Поздрав,
Ѓорги Љуботенски
Директно не може, бидејќи работат на различни напонски нивоа. Би требало претходно да се приспособи сигналот. Најдобро е да се купи компјутерски монитор кој има и некаков видеовлез (S-video, chinch и сл.).
Дарко Мајстороски.
Може да се направи склоп за приспособување, но ќе чини повеќе од 1000 денари, а за тие пари подобро е да се купи една PC-картичка која има video in и вади VGA out.
Петар Аврамовски
Почитувани,
Редовен читател сум на Емитер и многу сум задоволен од содржините. Сакам да го изработам 150W MOSFET засилувач од Емитер 7-8/2007, па имам прашање до авторите. Бидејќи имам напојување од +/-38Vdc (трафото ми е 2x28V), ве молам да ми кажете кои измени треба да ги направам за засилувачот да работи оптимално на тој напон. Мислам да го намалам R3 на 3k3 за да се задржи истата струја низ зенер диода, но дали треба да има корекција и на други елементи?
Поздрав од Мирко Трпески.
Според нашите калкулации, минималниот напон за напојување на засилувачот изнесува ±35Vdc. Вие сте многу блиску до тој напон, а вообичаената толеранција на номиналниот напон кај трансформаторите е ±10%. Но, ако вашиот трансформаторот е доволно моќен и има подобрени карактеристики, не би требало да имате проблем. На самиот засилувач не треба многу да се менува. Освен отпорникот R3 за кој веќе имате решение, треба уште да ја проверите струјата низ отпорникот R10. Таа треба да се движи околу 5,5mA, а ако не е толку тогаш треба да направите корекција и на вредноста на R10.
Георги Ефтимов
Здраво Емитер,
Деновиве кога ќе паднат цените планирам да купам клима-уред и сам да го монтирам, а само за вакумирањето да повикам стручно лице. Го прочитав текстот "Инсталација на клима-уреди" од ЕМИТЕР 7-8/09 и многу работи ми станаа појасни. Сепак, имам неколку прашања:
1. Дали надворешната единица секогаш МОРА да биде пониско поставена од внатрешната едница? Според сликата 1 излегува дека може и обратно?
2. Имам можност да ја монтирам надворешната едниница на два ѕида. Едниот е јужен, каде што надворешната единица главно ќе биде изложена на сонце, но врските со внатрешната ќе бидат пократки (1-1,5м), а вториот е источен каде што надворешната единица ќе биде под стреа (под горниот балкон), но цевките кон внатрешната едница ќе бидат подолги (околу 3-4м). Кое решение е подобро?
Се надевам дека ќе ми одговорите набргу.
Поздрав,
Благоја Јовановски
Ознаките за надворешната и внатрешната единица на слика 1 треба да бидат обратно, но во секој случај не е важно дали надворешната единица ќе биде поставена на повисоко ниво од внатрешната или на пониско. Во однос на изборот на ѕидот за монтажа на надворешната единица работите стојат вака. Ако планирате клима-уредот главно да го користите за ладење, подобро е да биде поставен на место каде што нема да биде изложен на директно сончево зрачење, а доколку планирате да го користите и за греење, поставете го на јужната страна од вашиот дом. Должината на цевките потрудете се да не изнесува повеќе од 6 до 8 метри.
Среќно, и ако имате проблеми јавете се повторно.
Миле Тасев
Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...
Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.
Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.