Заблуда наречена перпетуум-мобиле (Емитер 2/2010)

Во ЕМИТЕР бр. 10/09 и бр.11/09, имавме можност помеѓу другите содржини да прочитаме и два написа на тема перпетуум-мобиле, со поента дека "според физичките закони, таков механизам реално не може да постои". На таквата констатација се спротивстави читателот г. Вани Николов во рубриката ПИСМА, но со сосема погрешни гледишта, кои може да ги заведат другите читатели на ЕМИТЕР, па тоа ме наведе да го напишам овој коментар.
Ќе започнам од поимот перпетуум-мобиле. На латински јазик тој израз значи "вечно движење", но на јазикот на физиката, тоа е општ назив за механизам кој би требало сам од себе да создава енергија без надворешен извор, и така да врши перманентна механичка работа.
Механичка работа во физиката значи совладување на отпор, кој мора да го врши некоја сила, за да одржува некое тело во перманентно движење, кое на телото му дава кинетичка енергија (закон за кинетичка енергија). Од тука произлегува дека за перманентна механичка работа нужна е перманентна обнова на кинетичката енергија во механизмот, а таа не може да се создава од ништо, туку од некој друг вид енергија! Тоа го налага законот за запазување на енергијата, кој гласи: "енергијата не може ниту да се создава, ниту да се уништува, туку само да се претвора од еден во друг вид (кинетичка, потенцијална, електрична, топлинска, хемиска, нуклеарна…).
Сега можеме да се вратиме на перпетуум-мобилето. Тој систем, веќе рековме, ниту произведува, ниту добива од надвор некој вид енергија, па според тоа не може да врши механичка работа!
Оваа констатација главно беше изнесена и во написите во ЕМИТЕР од Томе Скендеровски, но читателот г. Вани Николов очигледно не ја разбрал, и ја нарекол "догма" - цититрам: "Во прилогот Перпетуум-мобиле 2. дел бев непријатно изненаден од написот на г. Томе Скендеровски, кој претпоставувам, припаѓа на светот на науката, а ваму ни сервира една догма, односно догматско гледање на работите". Понатаму тој напишал: "Зачудува тоа што тоа свое тврдење го темели на магла, односно без ниту еден аргумент".
Па, ајде да расчистиме што е тоа догма? Според научните енциклопедии таа е начело во кое "мора да се верува без да се проверува"! Се разликува од научните принципи по тоа што "не мора да се докажува". Од тука поимот догматизам значи некритичко прифаќање на некое начело како вистина, која "не треба, или не смее, да се проверува" (случај кај религијата). Гледајќи од тој аспект, констатацијата дека перпетуум-мобилето не постои во реалноста, не може да биде догма, како што тоа го тврди г. Николов, туку таа е логички заклучок произлезен од физички закони, кои, исто така, не може да се "магла", туку елементарни физички начела. Ова е првата заблуда на г. Николов.
Но, еве ја и неговата втора заблуда, цитирам: "Па господа "технички писмени" сетете се, ако малку го следите историскиот развој на технолошкиот напредок, колку такви како вас го повторувале тој збор, а потоа останувале со отворена уста…во науката не постои збор не може, само што перпетуум мобилето бара многу повеќе размислување и работа и еден ден ќе биде решен и тој проблем".
Овде г. Николов ја протолкувал реализацијата на проекти, порано незамисливи, но денес реализирани благодарејќи на технолошкиот напредок, како божем тие да беа реализирани надвор од физичките закони!? Во тој контекст и многумина неупатени грешат земајќи го за пример романот на Жил Верн "Патување на Месечината", во свое време фантазија, а денес реалност. Точно е тоа дека технолошкиот напредок овозможил реализација на проекти, претходно незамисливи, но, исто така, апсолутно е точно дека при таа реализација ниеден проект не излегол надвор од некој физички закон! Според тоа, причината за нивната претходна стагнација не била во физичките закони, туку во недозреаност на технологијата. Конкретно, во случајот со Жил Верн, на пример, благодарејќи на физичките закони, уште во негово време беше позната нужната почетна брзина на леталото за да стаса до Месечината. Но, тогашната технологија не беше во состојба да ја досегне таа брзина, сè додека технолошкиот напредок не овозможил конструкција на ракетен мотор, кој функционира во склад со физичкиот закон за акција и реакција. Ете, нема ништо надвор од физичките закони!
Меѓутоа, што би се случило при евентуална реализација на нешто, што би било во спротивност со некој физички закон? Тој закон би бил соборен како неточен. Конкретно, перпетуум-мобилето би го соборило законот за запазување на енергијата и законот за кинетичка енергија. Но, нема никакви изгледи тоа некогаш да се случи, бидејќи физичките закони се инваријанта на просторот и времето, т.е. важат во секое време и во секој простор, независно од степенот на технолошкиот напредок!
Петар Лагудин


Новата батерија не "држи" (Емитер 2/2010)

Би сакал да ве прашам дали има спас од ова. Пред некоја недела купив нов мобилен телефон и ми рекоа дека батеријата треба да се полни 12 часа откога ќе се испразни. Но, мене ми требаше телефонот и морав да го исклучам од полнење. Кога стаса за наредно полнење, мене телефонот пак ми притреба и сега батеријата "држи" само еден ден. Дали има некое решение да се поправи тоа за батеријата да држи повеќе.
Христијан Златаноски, преку е-маил

Батеријата покажува симптоми дека некогаш била испразнета до крај. Дали тоа сте го направиле вие или така сте ја добиле, останува непознато. Во начело, во телефонот е вградена автоматика која оневозможува празнење на акумулаторската батерија до ниво од кое нема "враќање". Но, не смееме да се обложиме на тоа! Имено, настојчивоста може да направи чуда, така што во исклучителни случаи возможно е да се испразни батеријата до граница од која нема враќање, особено ако упорно настојуваме да ставиме во погон мобилен телефон со празна батерија.
Постои и веројатност да не е само до батеријата. Некои полначи (или адаптери) кои одат со мобилните телефони навистина се "очајни". Дури има случаи каде со нов телефон оди полнач кој не е оригинален. Затоа предлагам, за да утврдите дали навистина се работи за неисправност на батеријата, да купите нова батерија! Резервна батерија секогаш се наоѓа "при рака", а не е ни скапа. Ако е некоја "кинеска", таа нема да чини повеќе од 400 денари, но сигурно ќе држи 2 - 3 пати подолго од сегашната. При купувањето, внимавајте на моделот, но и на капацитетот (колку mAh) – некои модели се испорачуваат со различни капацитети! Не е препорачливо да купите батерија со различен капацитет, бидејќи автоматиката во мобилниот телефон е токму приспособена за тој капацитет, а не за некој друг! Понатаму, ви препорачувам батеријата да ја купите од некоја од продавниците за галантерија за мобилни телефони. Никако по зелените пазари каде што ем ќе ви наплатат повеќе ем ќе добиете примерок кој ги "испробал" сите можни ветришта, но и сите можни несносни горештини!
Емилијан Иљоски


Поголема моќност од мостниот засилувач со TDA7294 (Емитер 2/2010)

Најверојатно претходно не го прецизирав добро прашањето, па добив неочекуван одговор. Имено, јас го имам направено мостниот засилувач со TDA7294 (од Емитер 10/03), а го напојувам со извор за напојување кој е предимензиониран – трафо со моќност од околу 400W, со излезни напони 2x28 Vac, односно 2x40 Vdc после насочувачот. За да не дојде до протекување на големи струи низ интегрираните кола, сега користам два 8-омски сериски поврзани звучници. Бидејќи веќе имам доволно моќен извор за напојување идејата ми е кај овој мостен засилувач да ја зголемам максимално дозволената струја по углед на решението кај 400W засилувач (од Емитер 7-8/09). Сметам дека со додавање на соодветни излезни транзистори во мостниот засилувач, слично како кај 400W засилувач, би го искористил максимално напојувањето кое го поседувам, на начинот кој го споменавте, со паралелно поврзување на истите звучници ќе добијам импеданса од 4 ома, а излезните транзистори би ја поддржале таа струја.
Дали мојата идеја е во ред и дали треба да направам и некои измени кај повратната врска и кај диодите за одредување на мирната струја?
Поздрав,
Горан Илиевски

Во вашето прво писмо не беше ништо кажано за напонот на напојувањето и за импендансата на звучникот, па затоа направив претпоставка дека го имате изработено мостниот засилувач со TDA7294 според оригиналниот проект објавен во ЕМИТЕР 10/03. Во овој проект е предвидено напојувањето да биде со напон од ±24V, а како потрошувач да се користи звучник со импеданса од 8 оми. Бидејќи напојувањето со кое располагате е со напон од ±40V и моќност од 400W, со вградување на излезни транзистори (слично како кај 400W засилувач објавен во ЕМИТЕР 7-8/09) може да се добие засилувач со поголема излезна моќност, под услов да се намали импедансата на звучникот од 16 оми на 8 оми или во краен случај на 4 оми. Со други зборови, ова би значело дека наместо сериска комбинација од два звучника со 8 оми, на излезот треба да приклучите само еден звучник со импеданса од 8 оми или двата звучника од 8 оми да ги поврзете паралелно за да добиете еквивалентна импеданса од 4 оми.
Ако се одлучите за првата варијанта (на излезот да приклучите само еден звучник од 8 оми), тогаш треба да се очекува максималната излезна струја да биде под 10A, што би значело потреба од вградување на два пара излезни транзистори на едно интегрирано коло или вкупно 8 транзистори по канал. Во овој случај, излезната моќност на засилувачот би била околу 300W (RMS), а напојувањето со кое располагате би било доволно за напојување на само еден канал (моноверзија).
Доколку се одлучите за втората варијанта (на излезот да приклучите два звучника од 8 оми врзани паралелно), тогаш треба да се очекува излезната струја да биде под 20A, па во овој случај бројот на излезните транзистори ќе треба да се зголеми на 4 пара за едно интегрирано коло или вкупно 16 транзистори за еден канал. Во овој случај излезната моќност би била поголема од 500W (RMS), што значи дека постојното напојување не би било доволно за напојување на овој засилувач. Моќноста на изворот за напојување на овој засилувач би требало да биде најмалку 800W за еден канал.
За да нема нови недоумици (и прашања) околу тоа како да се изведат сите врски во прилог е комплетната електрична шема за реализација на мостен засилувач со две ИК TDA7294 и 16 излезни транзистори, кој со соодветно напојување би требало да дава излезна снага од најмалку 500W на 4 оми! За сите други детали околу градбата на овој засилувач погледнете во погоре спомнатите проекти.
Дејан Трпески


Инвертор за напојување на пумпа за парно греење (Емитер 1/2010)

Во врска со проектот "Едноставен моќен инвертор од 12Vdc на 230Vac" од летниот двоброј 2005, ме интересира дали овој инвертор може да се употреби како резервно напојување за пумпа приклучена на систем за парно греење. Инаку во моменти кога нема мрежно напојување треба шпоретот (котелот) да се изгаси. Ова го прашувам, бидејќи во написот се вели дека напонот кој се добива на излез од инверторот не е синусен туку правоаголен. Дали несинусниот облик ќе прави проблем на работењето на пумпата? Моќноста на пумпата е 46/67/93 W, во зависност од преклопникот.
Поздрав,
Душко Савески

Пумпата ќе работи со инвертор кој дава правоаголен напон наместо синусен, но ќе има повеќе џулови (топлотни) загуби во намотките. Тоа би значело дека намотките повеќе би загревале, но со оглед на тоа дека пумпата за парно се лади со самата течност која ја потиснува низ инсталацијата (цевките и радијаторите) а тоа е доста ефикасно ладење со оглед на тоа дека течноста за ладење (најчесто вода) не може да има температура над 70 степени, нема да има проблем. Работната температура на електричните машини најчесто е 75 степени, дури и за најниската класа на изолација. Значи, пумпата ќе работи со овој едноставен инвертор, но тој треба да има барем за 30% поголема номинална моќност од номиналната моќност на пумпата.
Кирил Крстевски


Убунту на интернет (Емитер 1/2010)

Почитувани,
Гледам дека во последно време пишувате и за Ubuntu. Еве едно конкретно прашање кое мислам дека многумина ќе ги интересира.
Ако го поврзам лаптопот директно на рутерот на работа, имам интернет на Ubuntu. Но, дома имам интернет на Оннет на кој се поврзувам со username и password. Како Ubuntu да го нагодам за да имам интернет и од дома?
Кире Крстоски

Да, тоа е многу чест проблем, но, за среќа, со многу лесно решение. Кога го вклучувате лаптопот на рутерот, рутерот автоматски му дава ИП адреса преку DHCP протоколот, така што конфигурирање на лаптопот не е потребно.
Кога сакате да се конектирате на Он.Нет интернет, кој е, всушност, DSL интернет, треба да направите DSL конекција на Ubuntu. Истата се прави на следен начин:
Се поткренува System > Preferences > Network connections.
Во DSL табот се оди на "ADD" копчето каде што се внесуваат соодветно корисничкото име и лозинката и се чекира "Connect Automatically".
Со ова понатаму автоматски истата ќе се конектира при стартување на Ubuntu.
Александар Лазаров


Перпетуум мобиле не е невозможно! (Емитер 1/2010)

Почитувана редакцијо.
Ги прочитав прилозите во вашето и наше списание бр. 11/09 и како и обично бев задоволен од нив. Но!
Во прилогот "ПЕРПЕТУУМ МОБИЛЕ" 2 дел бев непријатно изненаден од написот на господинот Томе Скендеровски, кој претпоставувам, припаѓа на светот на науката, а ваму ни сервира една догма, односно догматско гледање на работите. Вели: "Тоа е утопија кула од карти и секогаш завршува со разочарување". Зачудува тоа што тоа свое тврдење го темели на магла, односно без ниту еден аргумент притоа. Едноставно не може и точка. Зошто? Затоа што јас така велам.
Па господа "технички писмени" сетете се, ако малку од малку го пратите историскиот развој на технолошкиот напредок, колку такви како вас го повторувале тој збор, а потоа останувале со отворена уста. Се надевам тоа не ќе му се случи и на авторот на тој напис. Во неговиот напис наведува некои примери кои се толку застарени и докажани. Па зарем само тие примери постојат во светот. Зарем не може да претпостави дека во светот армија иноватори, пронаоѓачи, инженери и научници ослободени од догми работат на проблемот, и кога и да е истиот ќе се реши. Во науката не постои збор не може, само што перпетуум мобилето бара многу повеќе размислување и работа и еден ден ќе биде решен и тој проблем. Зборот не може и точка, веројатно го прочитал некаде со оглед дека не изнесол никаков аргумент во прилог на тоа тврдење, а науката тврди само со докажани аргументи.
Денес во дваесет и првиот век и покрај сите достигнувања, човекот има откриено едвај неколку проценти од сето она што треба да биде откриено допрва. Сè уште има многу за откривање, меѓу другото и тоа фамозно "ПЕРПЕТУУМ МОБИЛЕ", кое и јас искрено не би го нарекол така туку "МОНОМОБИЛЕ", односно самодвижечко наместо постојано движечко, кое бара постојан материјал, а знаеме дека секој материјал се троши.
Добро би било, господинот Скендеровки и сите како него, во своето тврдење "не може" да изнесат барем еден аргумент зошто не може, тогаш и јас ќе им се придружам во хорот догматичари и заедно ќе викаме и повторуваме насекаде дека не може и за Перпетуум мобиле и за други, засега, невозможни, поточно "Невозможни", откритија.
Со почит,
Вани Николов, Скопје

Претпоставувам дека не сте го прочитале првиот дел од темата за Перпетуум-мобиле (во ЕМИТЕР 10/2009), бидејќи тогаш сигурно не ќе напишавте дека моето тврдење "го темелам на магла". Кога внимателно ќе го прочитате првиот дел од темата во која накратко се осврнувам за некои општи разгледи на перпетуум-мобилето, ќе забележите дека имам јасно нагласено каде и како ќе го најдете одговорот за неможноста на мисијата наречена перпетуум-мобиле, т.е. ќе ги најдете аргументите на кој го темелам моето размислување. На кратко: тоа се физичките закони, кои досега се докажани неброено многу пати, а се последица токму од начинот на кој функционираат нештата во Природата, поточно движењето. Затоа сите машини во светов, во оваа смисла, совршено добро функционираат (бидејќи тие машини се темелат токму на тие физички закони!), сите автомобили се движат и сите авиони летаат. Бидејќи Вие, претпоставувам, безгрижно се возите со автомобил, самите сте се увериле во исправноста на физичките закони, како што се најопштите закони за зачувување на енергијата, законите за термодинамика, итн – токму тие закони што овозможуваат автомобилот да се движи истовремено докажуваат дека перпетуум-мобилето е невозможно да се направи! Со други зборови: перпетуум-мобилето не е работа која постои ама науката сè уште не ја открила, туку науката веќе открила и докажала дека перпетуум-мобиле не постои и не може да постои.
И воопшто, "кројката" на Природата е таква да е овозможено ("загарантирано") движењето во неа, поточно: токму движењето ја направило Природата онаква каква е денеска и како ние ја гледаме. А движењето постои затоа што постојат и отпорите кон тоа движење затоа што токму тие отпори тоа го овозможуваат (дијалектичка спротивност! – консултирајте: Георг Вилхем Фридрих Хегел: "Феноменологија на духот" и "Наука за логиката"). Едноставно, за перпетуум-мобиле во Природата нема место затоа што тогаш, наспроти сите очекувања, сè ќе застане.
Секако, може да се изведе и индиректен (ако сакате и директен) математички доказ за неможноста за постоење на перпетуум-мобиле. Тоа би изгледало како што следува: за да постои перпетуум-мобиле потребна е апсолутна крутост на деловите кои меѓусебно налегаат, за притоа отпорите (од тркалање) да се елиминираат (анулираат). Во тој случај површинскиот притисок би бил бесконечен што е невозможно. Потоа, во тој случај фактички би немало налегнување на едното врз другото тело, па би немало ни допир, нити би се создал коефициент на триење (што е карактеристика на допирот), а следствено на тоа не би имало нити сила на триење (пример: тркало на подлога или на друго тркало) што би бил услов за движење. Значи, тркалата никако не можат да се завртат иако на едното од нив е приложен момент. Секако, ова е еден од безбројните примери на кој јасно се гледа "хаваријата" во размислувањето за некакво перпетуум-мобиле. Затоа констатацијата дека перпетуум-мобилето е утопија и кула од карти е точна, па колку таа констатација да не Ви се допаѓа.
Немам намера непотребно да се повторувам со моите размислувања на оваа тема па затоа би Ве упатил на првиот дел од мојот напис објавен во ЕМИТЕР 10/2009 со наслов "Перпетуум-мобиле: Дали, во денешно време, е навистина вечна инспирација?" и литературата која ја посочив погоре во овој одговор.
Томе Скендеровски


Полнач за литиум-јонска батерија (Емитер 1/2010)

Здраво Емитер!
Јас вечито патам за исправувачи. Имам многу електронски уреди и за разни намени, но вој пат се работи за Li-Ion батерија за дигитален фото-апарат Canon од 4Mpix која има три изводи, напон од 3,7V и капацитет од 800mAh. Фабричкиот исправувач е неисправен и е многу сложен за сервис. Моето прашање до Емитер гласи: "Дали може оваа батерија да се полни со полнач за мобилни или некој друг вид на едноставен исправувач?" Не би сакал апаратот да биде вон употреба само поради полначот на батеријата.
Поздрав,
Перица Поповски

Најнапред да Ви се заблагодариме што помошта за проблемот кој Ви се укажал, ја побаравте токму во Емитер. На вашето прашање ќе Ви одговориме веднаш: Полнење на литијум-јон батерија со полнач на мобилни или друг вид на полначи е невозможно, недозволиво и штетно!
Електрониката која е одговорна за полнењето на LiIon батериите од мобилните телефони, најчесто се наоѓа во внатрешноста на мобилниот телефон или во самата батерија која се полни, а надворешниот плонач е едноставен нестабилизиран DC насочувач (ако е со трансформатор) или AC/DC насочувач во прекинувачки (switch) мод на работа. Полнење не е препорачливо ниту можно, исто така со полначи за NiMH или NiCd батерии, поради разликите во напонот на прекинување на полнењето.
Номинален напон на литиум-јонските батерии е 3,7V. Не смее да се дозволи испразнување на батеријата под 2,7V ниту преполнување над 4,25V, тоа неповратно ќе ја оштети батеријата.
Главна карактеристика на полначите за LiIon батериите е разликата во начинот на полнење: почетна фаза на полнење е со извор на константна струја од 0,2 до 0,7C (0,625C X 0,8Ah = 500mA за вашиот случај) додека терминалната фаза на полнењето, при достигнување на напон од 4,2V продоложува како извор на константен напон. Полнењето треба да се прекине кога струјата на полнење ќе опадне или напонот на батеријата ќе достигне вредност од 4,25V. Повеќе за начинот на полнењето литиумските батерии е пишувано во Емитер бр. 7-8/2003, а за општите, хемиските и посебните карактеристики на овај вид батерии повеќе е пишувано во Емитер бр. 5/2003 и 4/2009.
На сликата е прикажан полнач на LiIon батерии кој во целост ќе одговори на вашите барања: полнење на батеријата со константна струја од 500mA, автоматско прекинување на полнењето без опасност за нејзино оштетување, светлосна индикација на престанокот на полнењето, исклучителна стабилност на крајниот напон на исклучување и едноставност на полначот. Поради едноставност и лесна набавка на компонентите, одлучив за варијанта со лесно достапни транзистори, а не со специјализирани интегрирани кола наменети само за полнење на литиум-јон батерии.
Тримерот P1 служи за да се нагоди излезниот напон на вредност од 4,2V без приклучена батерија, а потоа се приклучува батеријата за полнење.
Полначот ќе го приклучите на двата приклучоци на батеријата (најчесто крајните), на кои претходно сте измериле максимален напон. Напонот на третиот приклучок кон маса (или кон плус) е секогаш помал. Третиот приклучок најчесто претставува извод од внатрешно вградениот сензор за топлина во батеријата кој има улога да даде информација за нејзиното евентуално прегревање со што ќе биде исклучен полначот. Овој тип на полнач ја нема таа можност.
Полначот е изграден на експериментална плочка и успешно наполни неколку батерии. Поради ажурност кон поставеното прашање од читателот, одговорот е даден само како електрична шема на полначот и краткиот опис на полнењето на литиум-јон батериите, а покасно, во некој од наредните броеви на Емитер, ќе биде прикажана изработката со детални напатствија и опис на принципот на работа.
Петар Аврамовски


400-ватен засилувач, мистерии на водата и звучник со повеќе намотки (Емитер 1/2010)

Почитувана редакцијо,
1. Го разгледував проектот од летниот двобој за 400W засилувач, изработен со TDA7293, а бидејќи го имам изработено мостниот засилувач со TDA7294, ме интересира дали може да се додадат соодветен пар (по можност два пара по ИК) излезни транзистори, со цел да се зголеми излезната моќ на засилувачот?
2. Малку околу водата би сакал да разменам мислење со вас, бидејќи ми се допадна темата "Мистерии на водата". Бидејќи водата е оксид на водород, односно е веќе изгорен водород, па нема што повеќе да гори, а се наоѓа во течна агрегатна состојба (претежно) е доста згодна за гасење на огон. Истото би можело да се каже и за јаглерод диоксидот, кој, исто така, служи за гасење огон, а е и поефикасен иако се состои од хемиски елемент кој гори, и го поддржува горењето.
3. Разгледувајќи повеќе видови на звучници, ми се сврте идеја, па се одлучив да побарам ваше мислење, околу тоа што, како. Повеќето звучници се состојат од намотка, магнетно поле и мембрана, како и придружни компоненти како конструкција, амортизери конектори и сл. Доколку на една мембрана се постават повеќе намотки, со ист центар како и мембраната (радијални на стандардните) и ексцентрични намотки, секако, сите со соодветно магнетно поле ќе се сменат карактеристиките на звучникот (драјверот), но конкретното прашање ми е дали на подобро или на полошо?
Однапред благодарам,
Горан Илиевски - Кичево

1. Доколку го задржите истото напојување и истиот потрошувач (звучник), самото додавање на излезни транзистори нема да ја зголеми излезната моќност на засилувачот, туку напротив ќе ја намали. За да ја зголемите излезната моќност, прво ќе треба да го зголемите напонот за напојување (максимално до +/-40V) и/или да ја намалите импедансата на потрошувачот/звучникот (на пр., со додавање на уште еден звучник паралелно). Се разбира, моќноста на новиот извор за напојување треба да биде димензионирана согласно со новите вредности на излезниот напонот и импедансата на звучникот.
Дејан Трпески

1. Може, но само ако се стават 4 пара транзистори по интегралец и сето тоа се приклучи на 4-омски звучник (еквивалентанта импеданса ќе биде 2 ома). Притоа, трансформаторот мора да има двојно поголема моќност, а треба да се додадат и двојно повеќе кондензатори во исправувачот. Не сум сигурен дали воопшто се исплати оваа модификација.
2. Работите не се така едноставни. Водата ако се фрли во оган со многу висока температура, настанува страшна експлозија, бидејќи водата под дејство на многу висока температура се разложува на своите составни компоненти - водород и кислород, а тоа е многу експлозивна смеша! Ова им е познато на пожарникарите, па затоа многу внимаваат при гасењето со вода.
3. На полошо. Стандардниот систем со една намотка е оптимален. Од друга страна, направени се звучници со 16 различни намотки на исто тело, кои служат за директно погонување со дигитален сигнал, но резултатите се лоши.
Владимир Филевски


Свртница за 250W звучник (Емитер 12/2009)

Здравооо ... :)
Ако може да ми пратите шема за свртница за 250W звучник :)
Поздрав, благодарам однапред,
Оливер Коцев

Работите воопшто не се така едноставни... За правилно да се конструира свртница, прво мора да се знаат повеќе податоци - амплитудно-фреквенциската карактеристика на бас-звучникот и на високотонецот, нивната импеданса во зависност од фреквенцијата (не е доволно да се каже дека се 8-омски или 4-омски!), избличувањето во функција од фреквенцијата, итн. Повеќе за свртниците можете да прочитате во "Пасивни свртници за звучни кутии" објавени во ЕМИТЕР 1-2/1996 и 3-4/1996. Овие два броја на ЕМИТЕР можете да ги нарачате од редакцијата.
Да знаете - ако некој ви понуди шема за свртница за 250 W звучник, а без да праша за горните податоци, веднаш откачете го, бидејќи тој нема никакви познавања од аудиотехниката!
Поздрав,
Владимир Филевски


"Мистерии" поради мистерии! (Емитер 12/2009)

Во списанието ЕМИТЕР во тек е серијата "Мистериите на науката". Според досега објавените написи, евидентно е дека се повторува истиот приод како во претходната серија на ЕМИТЕР - "Мистерија наречена НЛО", имено, се води дебата помеѓу истите два актера: трагачот по "мистерии" Стојмир Симјановски и полемичарот Владимир Филевски. Првиот актер упорно набројува "енигми" кои наводно "сè уште не се објаснети од страна на науката", и се обидува да им даде мистична компонента со препознатлива интенција за нивно вонземно потекло.
Вториот актер, г. Филевски, спротивставува на таквите мистични толкувања рационални објаснувања во својот текст, кои првиот актер редовно ги отфрла во својот завршен збор.
Така неупатените читатели се во дилема кому да му поверуваат? Па, еве ќе им помогнам. Најдобар патоказ за излез од наведената дилема се содржините застапени во современата угледна светска научна литература: Discover, Scientific American, Science & Vie, National Geographic… Како долгогодишен соработник на ЕМИТЕР од областа на физиката, перманентно ги следам содржините во наведените угледни научни списанија од каде што црпам теми за моите написи за ЕМИТЕР. При тоа, во наведените списанија досега не сум забележал заинтересираност на науката за некоја од "мистериите", кои г. Симјановски ги наведува. Очигледно дека тие "енигми" за современата науката или не постојат, како што тврди полемичарот г. Филевски, или немаат никакво значење во разоткривање на темелните начела на кои науката почива, па затоа таа воопшто не им обрнува внимание.
Истовремено, истата таа научна литература е преполна со теми за енигми од разни други области, особено од областа на астрофизиката, околу кои научниците перманентно дебатираат подолго време! Впрочем, зарем е толку важно кога и кој ги направил кристалните черепи во споредба со, на пр., незавршената прикаска за потеклото на универзумот од Биг Бенг во која нема објаснувања за некои клучни енигми, како, на пр., на кој начин универзумот "препознал" кога е време тој да стартува, и потоа неговата чудно правилна конфигурација со точна нагоденост на фундаменталните големини и физички закони, така што тие поддржуваат живот? Или, во споредба со потеклото на темната енергија, како причина за акцелерациската експанзија на универзумот, или со чудните појави во квантниот свет, проблемот со некомпатибилноста помеѓу квантната теорија и Теоријата за релативитетот, со откривање на "Теоријата за сè", … и така можеме да набројуваме во недоглед!
Гледаме дека енигми во науката има на претек, и дека таа перманентно ги истражува, но таа не бара решенија во мистични толкувања, туку вели: "решението сè уште не го знаеме". Тоа научно значи дека тука мора да се најде правото објаснување, но не и дека секое објаснување е вистинско.
Се сложувам и со тоа дека, сепак, "сè уште постојат недоволно истражени подрачја од страна на науката и теми за кои има различни ставови и толкувања", но евидентно е дека современата наука е насочена кон решавање на оние научни енигми, кои имаат некое значење во разоткривање на основните начела на кои науката се темели.
Петар Лагудин


Pages

Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...

Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.

Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.