Здраво Емитер!
Сакам да Ве прашам дали е можно да го поврзам лаптопот со телевизор Горење, стар 23 години, за да можам да гледам филмови од лаптопот на ТВ-екранот. Лаптопот има ATI Radeon HD 3470 512 MB RAM графичка картичка, DVI и VGA out порти, додека ТВ има SCART влез.
Однапред ви благодарам за помошта.
Слободан Паризоски.
Доколку и успеете да најдете соодветен адаптер, не е сигурно дека ќе можете да видите слика на ТВ. Проблемот е во тоа што повеќето стари телевизори не се компатибилни со видеосигналот од графичките картички. Зависи од модел до модел. Јас имам еден стар SAMSUNG (моментално фаќа прашина кај моите), произведен 1988, на кој никако не можам да пуштам слика од компјутер.
Пробајте, само ако адаптерот чини многу, може да биде промашена инвестиција – да нема слика, а може и да се добие слика, ама со слаб квалитет. Значи - ЛОТАРИЈА.
Совет – купете си нов телевизор или барем ДВД-плеер со SCART излез. Плеерите ги има веќе од 1800 денари па нагоре.
Зоран Ивановски
МОЖЕ, само не сум сигурен колку ќе биде квалитетна сликата. Јас го поврзав S-VIDEO излезот од PC на SCART на ТВ. На SCART ќе се поврзе и аудиоизлезот од PC за да може да се слуша и звукот. Јас користам кабел како на сликата на линкот http://images.maplin.co.uk/full/l26aj.jpg, додека за вас ќе треба ист таков кабел само место за S-VIDEO треба да одберете за VGA излез. На следниов линк http://www.plugpctotv.com може да селектирате кои излези ги има на компјутерот а кои влезови на телевизорот, па ќе добиете резултати на производи кои се користат за такво поврзување.
Поздрав,
Благоја Пулчески
За да гледате филмови на тв-екранот поребно е да го поврзете видеоизлезот од лаптопот со видеовлезот од ТВ-приемникот и аудиоизлезот од лаптопот со аудиовлезот од ТВ-приемникот. Како што можам да видам од податоците за графичката картичка што ја поседувате, нема соодветен излез од неа што одговара на влезот во ТВ-приемникот!! Со други зборови, тоа би значело дека решението е во набавка на нов ТВ-приемник кој што ќе има ПЦ-влез.
Влатко Костадиновски
Почитувани,
Во план сум да изработам домашен CO2 апарат за заварување, но единствен проблем ми претставува трансформаторот. За такво заварување е потребен напон од приближно 35V, и струја до 150A. Колку што знам речиси сите трансформатори за оваа намена се за константна струја, а мене ми треба константен напон. Доколку би имале некое решение за мојот проблем проблем, би бил многу благодарен. Исто така, потребен е DC-напон, па дали би знаеле каде може да се најдат диоди од 400A.
Поздрав од мене и од брат ми,
Бојан Јаневски
Сите трансформатори за заварување имаат карактеристика која повеќе одговара на струен генератор отколку на напонски генератор на наизменична електрична енергија. Класичните трансформатори имаат рамна хоризонтална U-I карактеристика или карактеристика која ја има типичен напонски генератор. Значи, вам ви треба класичен трансформатор. Е сега каков и колкав?
При воспоставен лак CO2 апаратот има напон на лак од околу 18V. Некои трансформатори во празен од имаат напон од 35V, но под оптоварување тие даваат 18V, затоа што овој напон е одреден со електричниот лак на челична жица во CO2 атмосфера. Кога трансформаторот би бил многу моќен нема потреба од толку висок напон на празен од. Освен тоа високиот напон на празен од ја расипува рамната карактеристика на трансформаторот. Значи, може да употребите моќен трансформатор со не толку висок напон на празен од. 24V напон на празен од би бил сосема доволен во повеќе случаи.
Колкав трансформатор? Ако трансформаторот треба да работи непрекинато (100% од времето) со струја од 55A (како некој стандард), тогаш тој би требало да има привидна моќност од 55Ax18V = 990W значи потребен ни е трансформатор со привидна моќност од еден киловат. Овој трансформатор ќе обезбеди и поголеми струи од 55A, но тогаш не ќе може да работи 100% од времето. Да речеме тој би можел да работи со струја од 80A но во 60% од времето. Значи, од 10 минути 6 минути да работи апаратот, а 4 минути да се одмара (да се лади трансформаторот).
Колку е оптоварувањето што сакаме да го постигнеме поголемо (поголеми струи на заварување) м:, толку напонот на празен од треба да биде поголем. Ако не планирате апаратот да го користите за конструкции од метални профили (за што според мене апаратот со електрода е незаменлив), тогаш наместо трафо со напон на празен од од 35V можете да употребите трансформатор со номинален напон од 24V. Значи, моја препорака е употреба на класичен трансформатор со номинален напон од 24V и привидна моќност од еден киловат. Вакви трансформатори се користеа порано во фабриките за погонување на електричен алат кој работи на 24V како напон побезбеден за работникот па може да се најдат на старо. Ова дотолку повеќе доколку се користи кондензатор на излез како филтер. Апаратите кои се продаваат кај нас повеќето се без овој кондензатор од причина што е многу скап а мајсторите многу многу не ја разбираат оваа работа па се решаваат на апарати со убави кутии и скромни карактеристики. На излез од трансформаторот секако треба да има исправувач. Сите CO2 апарати имаат насочувач. Денеска само TIG апаратите за заварување на алуминиум користат AC-излез, а сите останати користат DC-излез.
Диоди за 400A можете да купите на старо како што впрочем и јас направив своевремено на автопазар. Друга варијанта е да ги купите од продавниците за електроника. Трета варијанта е да отидете на "пластичарската" улица и да го побарате мајсторот кој прави трансформатори, полначи и апарати за заварување. Тој има добра понуда на половни диоди и тиристори, а има и простор за ценкање.
Кирил Крстевски
Ви благодарам за опширниот одговор. Дома имаме REL апарат за заварување. Мерев колкав напон има при празен од (45V) и за време за заварување (~20V ±4V) при струја од 80A. Дали би можело да се искористи тој апарат како еден дел (за напојување), а другите елементи (грец, механизам за буткање на жицата итн.) како втор дел од целиот уред.
Бојан Јаневски
Не. Тој трансформатор има опаѓачка струјно напонска карактеристика. Тоа е трансформатор намотуван така што тенденцијата е да има поголемо растурање на флуксот наспроти класичните трансформатори каде што тенденцијата е да има што помало растурање на примарниот флукс и посилна магнетска спрега помеѓу примарот и секундарот. Кај REL трансформаторите прво намотките се мотаат одделно а не една преку друга, а ако и тоа не е доволно (а најчесто е доволно) во јадрото се вметнуваат и магнетни шентови за да се добие опаѓачка U-I карактеристика.
Кирил Крстевски
Здраво ЕМИТЕР.
Го имам направено универзалниот далечински управувач од ЕМИТЕР бр. 2/07. Кога ќе го префрлам во мод за програмирање, иц-приемникот не ги чита командите и лед диодата не сака да светне.
Наместо TSOP 1836 јас го најдов TSOP 1736 и тој го ставив. Дали може колото да работи со TSOP 1736 или да побарам TSOP1836 и да го залемам тој ИЦ-приемник?
Поздрав, Мартин Гелев.
Согласно со каталошките податоци, споменатите компоненти се компатибилни, но имаат различен распоред на изводите. Гледано од напред, кај TSOP1736 од лево кон десно изводите се GND, Us и OUT, додека, пак, кај TSOP1836 изводите се OUT, GND, Us. Согласно со ова поставете ги правилно изводите на плочката и нема да имате проблеми.
Добра работа,
Добре Блажевски
Имам еден релеј кој има 4 контакти. На релејот пишува 5 A. Ме интересира дали сите 4 контакти заедно издржуваат струја од 5 A или секој од контактите посебно може да издржи струја од 5 A. Ако е секој посебно, дали би било соодветно ако ги поврзам контактите во паралела за да можам да го оптоварам со поголема струја (некаде околу 12-14 A). На релејот има ознака RXN 41G11B7.
Јане Мијале, преку e-mail
Правило е да се наведува максималната струја на секој од контактите, т.е. на секој прекинувач/преклопник од релејот. Ако релејот има два пара контакти (два прекинувачи) и секој од нив издржува по 5A, тогаш со паралелна врска се добива еден прекинувач со издржливост до 10A.
Слободан Таневски
Почитувана Редакцијо!
Пред некое време, додека се расправав со брат ми да го исклучува засилувачот кога го гаси компјутерот, ми дојде идеја да направам уред за автоматско гасење кога ќе се исклучи компјутерот со релеј приклучен на еден од УСБ конекторите. И затоа барам помош од вас како да ставам таков релеј или ќе ми предложите некое електронско решение за таков уред.
Однапред ви благодарам,
Драган Илиевски преку е-маил
Проект за самоградба на таков уред имаме објавено во ЕМИТЕР 1/03, со тоа што тој за побуда го користи GAME-портот на звучната картичка кој е наменет за приклучување на палка за играње (Joystick). Истиот уред наместо од GAME-портот може да се побудува и од некоја од УСБ портите. Во спомнатиот напис ќе ги најдете сите детали за градба и употреба.
Слободан Таневски
За уредите кои се приклучуваат на УСБ има строги правила колку струја може да трошат во кој момент и какви пречки може да предизвикаат на системот. Иницијално кога се приклучува некој уред на УСБ портата, уредот смее да "повлече" максимално 100mA, што за овој случај е веројатно доволно, но сепак треба да се провери колку струја повлекува намотката на релејот. Исто така, при исклучување треба да се заштити УСБ портата од пренапонот кој може да се појави. Наједноставно решение е со поставување на инверзно поларизирана диода или пренапонска заштитна диода (transient voltage supressor како, на пример, SMB5).
Многу поелегантно решение е со употреба на оптотријак којшто е управуван со напонот од УСБ портата (види слика 1).
Благој Ќупев
Уред кој ќе ги изгаси уредите кога компјутерот е исклучен можете многу лесно да изработите според приложената шема (слика 2). Ако го користиме присуството на 5-волтен напон на УСБ приклучокот кога компјутерот е вклучен, тоа е многу едноставен уред и содржи само 3 елементи: релеј кој треба да е со работен напон од 5V и неговите контакти треба да бидат димензионирани да го издржат оптоварувањето на приклучените компоненти. Обично, некој релеј со 5 или 10-амперски контакти ќе задоволи во поголем број на случаи. Во екстремни случаи можете да употребите и релеј со 20 или 30-амперски контакти.
Диодата служи да ги елиминира пренапоните предизвикани од енегијата акумулирана во шуплината на релејот кои, при губење на напонот од 5 V на УСБ приклучокот може да ја уништат електрониката на истиот. Тлеалката служи како индикатор на напон.
Сите три елементи можат да бидат сместени во кутијата со приклучоци на некој продолжен кабел и така да вклучувате повеќе уреди при вклучување на компјутерот. При изработка на ваков уред треба да имате на ум дека некои од УСБ приклучоците не ги "губат" 5-те волти кога ќе го исклучиме компјутерот. Тоа се прави за да се овозможи вклучување на компјутерот под дејство на некој периферен уред. Значи, треба да најдете кои УСБ приклучоци ги "губат" тие 5 волти при исклучување. Тоа многу лесно можете да го утврдите со помош на стандарден мултиметар. Нормално, уредот ќе го приклучите на таков УСБ приклучок. Втора работа на која треба да обрнете внимание е исправниот поларитет на напонот на УСБ приклучокот. Цртата, која ја означува катодата на диодата, треба да биде приклучена кон +5 V. Ако ги замените приклучоците, можете да ја оштетите електрониката на УСБ приклучокот.
Инаку, во годините на "пионерство" во компјутерската техника, пред десетина години кога немаше УСБ приклучоци, јас овој проблем го имав решено со тоа што сите периферни уреди на компјутерот ги имав приклучено на еден продолжен кабел со прекинувач. Па, кога ќе го исклучев компјутерот, ќе го исклучев и овој прекинувач. Веднаш по појавата на УСБ приклучоците, прекинувачот го заменив со релеј управуван од напонот присутен на УСБ-то.
Емилијан Иљоски
Здраво,
Денеска го купив новиот број на списанието Емитер и прочитав дека сум добитник на третата награда во рубриката ФотоЕмитер што ме прави посебно радосен.
Вашето списание ми е познато од поодамна, но никогаш не бев доволно заинтересиран само за електроника. Последните неколку броја навистина ми се допаѓаат, затоа што областите кои ги обработувате се проширени во доменот на мојот интерес. Почнав да го следам курсот за PHP и MySQL (иако би сакал малку поопширно да биде), одлични се советите за фотографија (би било уште поинтересно ако паралелно оди и содржински концепиран курс слично како оној за web програмирањето). Брошурата за микроконтролери е корисна "алатка", фино и едноставно објаснето, навистина побуди желба во мене да почнам да експериментирам. Продолжете со добрата работа.
Поздрав,
Атанас Бајлозов
Ви благодарам за пофалните зборови и ви упатувам честитки за освоената награда. Во склоп на рубриката "Фототехника" веќе подолго време планираме да започнеме серија написи од типот на "Школа за фотографија", во сличен стил како постоечката серија "Школа за електроника". Како што можете да забележите нашата "Школа за фотографија" започнува токму во овој број.
Слободан Таневски
Здраво ЕМИТЕР,
Вчера конечно се прибрав дома во Штип и седнав да ја читам новата брошура од ЕМИТЕР за Микроконтролерите. Ваква брошура одамна очекував да издадете. Мене лично микроконтролерите (MCU) особено ме интересираат и во слободно време се "рекреирам" читајќи туторијали на интернет за нив. Од MCU единствено имам познавање и "некакво" искуство со Интеловиот 8051. Велам "некакво", затоа што моето знаење се базира на пишување програми и тестирање на симулатор, без притоа да го почувствувам вистинскиот "ќеиф" кога ќе го "наполниш" MCU со програмче и го гледаш како самостојно работи ☺. Сега оваа брошура ми дојде како "нарачана" за мене, тамам да го проширам моето знаење и во областа на PIC-овите и да го надградам со практични искуства.
Се надевам дека ќе продолжите со издавање на повеќе делови од оваа брошура. Голем поздрав до соработникот Добре Блажевски за добро извршената работа и само нека продолжи така.
Дали знаете каде може да се купи готова развојна алатка (плочка + софтвер) за програмирање на PIC микроконтролерите? Во брошурата има шема за изградба на програматор, дали имате на залиха готова ППК и колку чини?
Инаку меѓу другото во брошурата прочитав една информација што многу ме израдува, а тоа е дека во изработка е веб-сајт на списанието. Драго ми е што конечно ова ќе се реализира, затоа што вакво евергрин списание заслужува барем еден просечен веб-сајт. Кога можат некои бош-списанија да имаат веб-страна, греота би било Емитер да нема ☺.
Петар Димоски,
преку e-mail
Ви благодарам за пофалбите, а оваа пригода ќе ја искористам да се заблагодарам и на многуте други читатели кои ни упатија честитки и пофалби за оваа брошура преку е-маил, телефон и лично во Редакцијата. Навистина ни е драго што оваа брошура наидува на одличен прием и тоа е вистински стимул за подготовка на втората брошура од оваа едиција која, како што најавив во уводникот од претходниот број, планираме да ја објавиме наесен.
Голем избор на развојни системи има во Логинг електроника, а во скоп на втората брошура ќе има и наш развоен систем кој ќе има солидни можности и ниска цена. Плочките за објавените проекти во брошурата ги имаме - за цените и условите за нарачка/набавка погледнете ја рубриката "ППК сервис".
А што се однесува до нашиот веб-сајт, на него планираме да се посветиме во текот на летово и се надевам дека наесен ќе биде готова првичната верзија. Тоа што порано не сме направиле сајт не е затоа што не сме сакале или сме сметале дека е непотребно, туку затоа што сме биле (и сѐ уште сме) преоптоварени со работа, па за таа работа никогаш не останало време. Навистина, како што самите кажувате, "греота е ЕМИТЕР да нема свој веб-сајт", особено кога првичните планови за наш веб-сајт ги имавме пред точно 10 години. Затоа во наредниот период ќе ги запнеме сите сили за конечно да профункционира веб-сајтот на ЕМИТЕР, со што читателите ќе добијат уште еден простор за дружба со науката и техниката. Се надевам дека нема повторно да нѐ спречат во тоа некои непредвидени проблеми.
Слободан Таневски
Не еднаш сум сакал да дојдам до идеја како да излезам на крај со големата загатка наречена вистина. Понекогаш и самата вистина може да изгледа како измама. Всушност, што е измама? Дали кога му веруваш некому можеш да кажеш дека неговиот соперник е измамник? Дали имаат луѓето мотив да мамат дури и по цена да го уништат својот кредибилитет само за да се појават во некој весник и со тоа да ја потврдат теоријата за петминутна слава? Не еднаш ми одекнувале овие прашања низ ушите како камбани кои заглушувачки ме терале да си поставам уште многу прашања кои и сега си ги поставувам. Дали овој маѓепсан круг може да го направиме спирала и малку по малку да излеземе од него?
Моето лично мислење е многу едноставно. Дали сакаш да веруваш или не? Дали мислите дека ако поверувате ќе немате можност другите да ве сфатат сериозно? Кои се другите? Дали се тие тие што се во право? Шансите ви се 50:50. Или можеби 1:99. Е во тоа е целата работа. 1:99. Изгледаат многу мали, но тука настапува целата вистина. Впрочем, како фамозната Blue book, која се базира на истите шанси за постоење вонземни интелигенции на живот кои ја посетиле нашата не така единствена планета на разум. Тие 1% се сѐ што ни треба да ја докажеме нашата теорија. Најлесно ќе ја искажам со компарацијата на една трудница која е само 1% трудна. Значи, ако само еден случај се верифицира, тогаш вистината е само една.
Не сме сами, луѓе! Зар е тоа толку тешко да го признаете?! Зар повеќе нема да спиете мирно како што спиевте минатата ноќ? Од што се исплашивте? Доколку сакале вонземните пријатели да нѐ сотрат, не се секирајте. Тие тоа ќе го направеа и без ваше одобрување, само што ним тоа ништо не им значи. Зар би сакале вие да сотрете еден мравјалник што не ви стои на патот? Зар би згмечиле едно невино суштество кое не ви е достоен противник? Луѓето можеби би, но не и виш разум кој несомнено постои без да интервенира во еволуцијата на една цивилизација која може и сама да се уништи и без помош од одозгора.
Најмногу се фрустрирам кога ќе наидам на соговорник кој слепо се држи до скептичката теорија само од гледиште на популистичка теорија, која вели: ако не верувате, тогаш не можете да згрешите затоа што другите се фрикови кои немаат врска со стварноста. Но дали? Кои се Фрикови? Ние или вие? Ние кои размислуваме со наши глави или вие кои верувате на туѓи? Секако вие, зашто им се потчинувате на манипулативните влади на напредните држави во светот. Тоа е ваша доблест. Тие подобро знаат. Точно. Тие најдобро знаат, затоа и нѐ манипулираат за да дојдат до бенефит која само тие ќе можат да ја користат, а со тоа и подобро нас да нѐ контролираат. Тоа е целата вистина. А вистината во моментов е единствениот начин да нѐ насочат во погрешна насока.
Зашто целата работа не ја свртиме обратно? Ајде тие нека докажат дека вонземната цивилизација не постои! Нека ни дадат доказ дека не нѐ посетиле никогаш. Ајде од 1947 година ние сме полуделе. Сѐ е монтирано, но што правиме со артефактите кои постојат по пештерите низ цел свет почнувајќи од најстарата цивилизација од која имаме пишани записи - Сумерите. Тие знаеле дека ние сме трета планета во хелиосферичен систем на планети - нешто што модерната цивилизација го открила во петнаесеттиот и шеснаесеттиот век. Секако, Сумерите тоа сами не го виделе, или може и го виделе, но сепак имале нечија помош, очигледно. Што е со сите невидени артефакти кои постојат во речиси сите цивилизации? И тие ли се фабрикувани? Со која цел? Целта е само една. Единствената и права вистина. Вистина која никој нема да се осмели да ја изопачи. Вистина во која сите заедно ќе одговараме без некој да ни суфлира. Тој контакт би бил една од најбитните цивилизациски придобивки кои воопшто можат да и се случат на една планета како нашата. Значи, на кој не му одговара сето тоа? Секако не на обичниот човек околу кој сѐ се врти. Дајте малку смелост. Дајте малку напор да дојдеме до вистината околу која сите патиме.
Кој ќе биде виновен на крај, ако се потврди вистината дека не сме сами? Најбанално е тоа што горе-долу сите веруваат дека во нашиот универзум не сме сами, туку дека има милиони цивилизации. Дрејковата формула на веројатност тоа и го потврдува, но залудно. По сѐ изгледа дека уште долго време ќе се надвикуваме за една работа како што е теоријата на постоење на вонземна раса која нѐ посетила. Впрочем, моето скромно мислење е дека не се работи само за една раса која нѐ посетила. Нѐ посетиле повеке раси на вонземни цивилизации и тоа така ќе биде и во иднина. Тие типови на вонземни цивилизации се разликуваат помеѓу себе по степенот на развиеност и ние имаме контакт најчесто со најнискиот вид - рептилскиот, кој е и најраширен помеѓу артефактите до кои можеме да дојдеме до сега.
Како и да е, скептиците и понатаму ќе се трудат да нѐ исмеваат на различни начини, а ние следбениците на вистината ќе ги трпиме тие игнорантни чудни без'рбетни почитувачи на туѓи интереси со кои тие немаат ништо заедничко. Вербалната војна продолжува. Кој и да победи, едно е сигурно - светот никогаш нема да биде ист.
Следбеник без скрупули кој не се крие зад ничиј грб.
Влад К. Каевски
Ви благодариме за размислувањата кои ги споделивте со останатите читатели на фељтонот "Мистеријата наречена НЛО". Бидејќи јас сум директно засегнатиот скептик, чувствувам потреба да одговорам на некои теми од Вашето писмо.
Дефиницијата на зборот измамник е "човек кој намерно лаже (за некоја своја корист)", а тоа никако не може да се каже за секој соперник на оној кому му верувате. Со други зборови, јас не сум измамник, бидејќи сум убеден дека сите информации кои ги пишувам се вистинити. А сигурен сум дека истото важи и за г. Симјаноски. И за Вас, се разбира. Но, должност на соперникот е да укаже на нелогичните, (ненамерно) неточните наводи и слично. На пример, тоа во овој случај е непотребното прашање: "Дали кога му веруваш некому можеш да кажеш дека неговиот сопарник е измамник?", бидејќи одговорот е очигледен: "Не"!
Правилно сте забележале дека "Тие 1% се сѐ што ни треба да ја докажеме нашата теорија". Точно! И, каде се тие 1% докази? Ги нема! Да се послужам со истата компарација: нема доказ дека "трудницата" е само 1% (или 100 %, или 0,0001%) трудна, па според тоа таа е 0% трудна, односно - таа не е трудница! Во математиката само бројката 0 (нула) е нула, сѐ друго не е нула! Јас уште одамна тврдам дека постои веројатност (стриктно поголема од нула!) дека не сме сами во вселената, но дефинитивен доказ за тоа сѐ уште нема. Уште поважно, нема ни доказ дека некои вонземјани ја посетиле или ја посетуваат Земјата! Затоа, мирно спијам, без кошмари дека некоја огромна рептилска вонземна нога ќе го згазне мравјалникот Скопје. А сигурно сте биле сведок како некои луѓе згмечуваат невини суштества! Зошто би биле поинакви евентуалните вонземјани? Напредната технологија не мора секогаш да биде следена со напреден морал и етика.
Не знам зошто сте убедени дека Вие размислувате со своја глава, а јас верувам на туѓи? Вие, што беспоговорно ги прифаќате информациите на туѓите сензационалистички американски весници ("летачките чинии" на Кенет Арнолд од 1947 год. и слично)?! Јас се држам само до науката, а науката, по дефиниција, не може да биде "своја" или "туѓа"! Науката не може да биде изманипулирана или потчинета од никого, па ни од некоја туѓа земја (па ни од своја!).
Артефактите од старите цивилизации се проучени од науката, а науката (и нашата и туѓата ☺) вели дека нема ниту еден доказ за вонземјани. Не знам од каде Ви е податокот дека Сумерите знаеле дека "ние сме трета планета во хелиосферичен систем на планети" - од некоја туѓа книга, туѓо списание или туѓо писание на интернет? Или тоа го кажал наш човек, напишано во наша книга или наше списание? Во тој случај, дали тој наш човек го знае сумерскиот јазик (☺) и сам дошол до тие сознанија, или таа информација само ја препишал од туѓи сензационалистички извори? Поентата ми е: зошто Вие верувате на туѓи глави, иако декларативно тоа го осудувате?
Следбеник на скептичната наука, кој не се крие зад ничиј грб,
Владимир Филевски
Почитувана Редакцијо.
Имам еден проблем, па се мислев кому да се обратам ако не вам. Ми треба наједноставен програмиран микроконтролер (микрочип), ми треба и начинот на кој е испрограмиран (програмата во C или C++) употребен во некое наједноставно коло. Би сакал да ми понудите некој број од "Емитер" каде што има нешто поконкретно од ова.
Однапред благодарам,
Зоран Зафиров
Во ЕМИТЕР имаме објавено многу проекти во кои е употребен испрограмиран микроконтролер. На пример:
- Програматор за PIC16F84 (ЕМИТЕР 4/03)
- Рекламно светло (Е 7-8/03)
- СМС аларм (Е 10/03)
- Дигитален термостат (Е 12/03)
- Генератор на случајни броеви (Е 2/04)
- Далечински управувач за компјутер (Е3/04)
- Далечинска контрола за РУ модели (Е 7-8/04)
- Осумканален волтметар (Е 11/04)
- Рекламен движечки текст (Е 2 и 3/05)
- Дигитален часовник со термометар (Е5 /05)
- Контрола на уреди со ИЦ телекомандер (Е 9/05)
- Дигитално терморегулациско лемило (Е 11/05)
- Дигитална кодирана брава (Е5/06)
- Колор бар генератор (Е7-8/06)
- Автоматски телефонски повикувач (Е 12/06)
- Универзален далечински управувач (Е 2/07)
- Дигитален LC метар (Е 6/07)
- Компјутерски контролиран сателитски позиционер (Е 9/07)...
Ова се само дел од темите со микроконтролери кои биле обработувани во претходните броеви на ЕМИТЕР. За секој проект има детален опис на софтверот и хардверот (шема и ППК) заедно со детални упатства за самоградба.
Претходните броеви можете да ги набавите од Редакцијата или во "ГАЦ електроника" и "ЕиП електроника".
Поздрав,
Слободан Таневски
Го изработив електронското палење од ЕМИТЕР 10/07, со намера го вградам во пеглица 126p. Но кај 126p нема класичен разводник туку има само платина и од неа оди жица до бобината, а пак бобината има 2 излези! Дали е во тоа проблемот што бобината е со 2 излези?
Однапред благодарам,
Никола Николовски
Ова електронско палење досега не сум имал можност да го вградам во FIAT-126P (пегличка), и затоа не сум имал можност да се запознаам со начинот како е изведено нејзиното палење. Електронското палење кое го понудив во проектов, исклучиво е наменето за OTO-мотори со 4 цилиндри и со класично-конвенционално палење, како што е опишано во проектот. Тоа доаѓа од фактот што времето t2 на моностабилот е ограничено на t2=1,5ms. Ова време е точно пресметано за работа на ОТО-мотор со 4 цилиндри, а за други ОТО-мотори со повеќе или со помалку цилиндри ќе има друга вредност. Од тука произлегува дека треба да се направат некои измени во вредностите на компонентите C3 и R6.
За да не ви бидат вложувањата за ова палење фрлени во вода, со дополнителни вложувања од околу 50 денари и со искористување на некои компоненти од изработеното палење, обидете се да го изработите електронското палење прикажано на слика 1.
Славко Стојковски
Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...
Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.
Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.