Здраво Емитер,
Потребен ми е уред или склоп кој врши правилен распоред на фазите (RST) независно од тоа каков е распоредот на влез од уредот (STR, TRS,...). Уредот ми е потребен заради сигурност дека одреден електричен мотор секогаш ќе врти во правилна насока. Не сум сигурен дали во списанието имате објавено напис за оваа или за слична тематика и доколку имате, би ве замолил да ми кажете во кои броеви. Искрен поздрав,
Томе Ивановски, Битола
Во јунскиот број на ЕМИТЕР од 2008 г. е објавен проект со наслов "Одредување редослед на фази". Тој уред можете да го искористите за да го одредите редоследот на фазите пред да го поврзете моторот. Ако потоа, веќе поврзаниот мотор сакате да го заштитите од последици при евентуална промена на распоредот на фазите, во колото на моторот треба да додадете релеј за одредување на редоследот и присуството на фазите. Таквите релеи се продаваат како готови склопови. Не можам да ви кажам која е нивната цена ниту, пак, каде точно се продаваат, но знам дека ги има и во нашата трговска мрежа. Консултирајте се со некој електричар. Сосема поинаква е состојбата ако барате склоп кој автоматски ќе ги подреди фазите на својот излез, без разлика каков е нивниот распоред на влезот. За таков склоп досега немам слушнато и ако ви е неопходен баш таков, треба да се дизајнира и да се изработи.
Георги Ефтимов
Драги Емитерџии,
Имам конкретен проблем за кој ми треба ваша стручна помош. Имено, имам самостојно изработено уред за греење ("тајфун") со моќност од 12 KW. Се состои од три грејачи кои се поврзани во триаголник и нивното управување го правам со CN-склопка (16 A), која, пак, е управувана од собен термостат. Уредот функционира добро, но има една маана која ме вади од такт, а тоа е: кога ќе повлече електромагнетот на склопката прави толкав удар, што ако сте задремале ќе ве извади од памет. Дали можете да ми предложите некое решение за прекинувањето на фазите, т.е. да ја заменам склопката со некој електронски уред кој има тријаци, за да добијам тивка и елегантна верзија. Има можност проблемот да се реши со склопка која е тивка, т.е. која на намотката има уред кој прави котвата да влече полека, постепено, со што се губи звукот на штракање. "Тајфунот" е мој уникатен производ и искрено би ме радувало ако го надоградам со уште еден уред од самоградба.
Поздрав,
Мики Крстевски
Моја прва препорака е да се обидете со CN-склопка од друг производител! CN склопките знаат да бидат бучни, ама не толку колку што кажувате! Исто, заради моќноста на грејачите (3x4kW), добро би било да си земете појака CN склопка (3x25A) бидејќи оние 16A се максимална струја за која производителот гарантира дека склопката нема да се оштети. Кај грејачите, почетната струја при стартување знае да биде поголема за повеќе од 2 пати од номиналната (освен ако не се работи за грејно тело од константан, на пример)! Поголема склопка во начело би значело и поголема бучава при преклопувањето! Но сè тоа зависи од квалитетот на истата! На пример, пред некоја година вградив една таква склопка од Siemens (CNW40 серија) која беше зачудувачки тивка за 40-амперска во однос на Искрините за 16A, а да не зборуваме за сè што се продава по пазарите!
Инаку, бавно преклопување кај склопките – тоа нема. Склопката треба механички колку што е можно побргу да преклопи – со тоа се намалуваат транзиентните појави, односно искричења! Одлично решение би било да се примени некоја од таканаречените "Solid State" склопки, односно полуспроводничка склопка (со тријаци, на пример). И такви трифазни склопки има на пазарот, но не се баш евтини.
Алтернатива би била изработка на таква склопка. Како појдовна основа би можел да послужи проектот објавен во Емитер бр. 5/11: https://emiter.com.mk/napis/10441. Ова би можело добро да се вклопи, BTA40/700 е моќен 40A тријак што одлично би ја свршил работата! Применетите опто-тријаци се исто така одлични бидејќи овозможуваат преклопување при проаѓање низ нула на напонот, што го "штеди" грејното тело. Нормално, тука треба да се вградат 3 такви тријаци и истите треба да се ладат (секој од нив би дисипирал некои 20 W, што не е воопшто мала бројка). Останува ова решение да се "фузионира" со постоечката електрична шема.
Емилијан Иљоски
Здраво Емитер,
Го имам изработено автомобилскиот аудиозасилувач од 70W (од Емитер 9/04) во стереоверзија. Решив да го поврзам во Застава 128 и го приклучив на CD плеер Pioneer. Сè додека колата е изгасната засилувачот работи супер но кога ќе се запали колата, се појавуваат шумови кои се зголемуваат со зголемување на вртежите. Се обидов, го исклучив CD плеерот од влезот и засилувачот го приклучив на мобилниот, и шумовите се изгубија, што значи дека не е до напонот, туку до аудиосигналот. Сакам да го искористам интегралецот LM1894 за овој проблем, па мала помош од Вас ако може.
Благодарам однапред.
Никола Танов
Нормално е дека од мобилниот телефон нема да има зуење бидејќи не се напојува од исто напојување со аудиозасилувачот. Во вашиот случај ЦД плеерот и аудиозасилувачот имаат исто напојување, односно иста маса. Но поради должината на жиците и, претпоставувам, употреба на обични жици за аудиосигналот, наместо коаксијален аудиокабел, меѓу масата на аудиозасилувачот и ЦД плеерот постои потенцијана разлика. Проблемот можете да го решите на 2 начина:
1. Употреба на филтер во напојувањето на аудиозасилувачот и ЦД плеерот.
2. Директно поврзување на напојувањето и масата од аудиозасилувачот и ЦД плеерот, а дури потоа поврзување со напојувањето и масата со остатокот од автомобилот (ЦД плеерот треба да биде изолиран од масата (металните делови на автомобилот) и со што пократка дебела жица да биде поврзан со масата на аудиозасилувачот – истото важи и за напојувањето).
Во секој случај, за поврзување на двата уреда треба да се употреби аудиосигнален кабел со добар квалитет.
Денис Галовски
Кај Вас проблемот не е во засилувачот, ни во ЦД плеерот. Проблемот Ви е во автомобилот!
Имено, сите понови типови автомобили имаат вградено како стандардна опрема соодветна "блокажа" која во голема мера ги елиминира електромагнетните пречки создадени од системот за палење и регулацијата на напонот на алтернаторот. Во Застава 128 таква блокажа не е вградена, па затоа имате проблеми! На пазарот (сè уште) постојат комплети за "блокажа" со помош на кои можете, зависно од моделот, помалку или повеќе ефикасно да ги елиминирате овие пречки. Тие вообичаено се состојат од филтер на 12-волтното напојување, сочинет од пар кондензатори и индуктивности, специјално дизајнирани и оклопени приклучни кабли и капи за свеќиците и додатен кондензатор на платините.
Покрај овие системи за "блокажа", препорачливо е исто така со засебни кабли од акумулаторот да се донесат и (+) плусот и (-) минусот до аудиоуредите! Тоа се прави со соодветни прописно монтирани "силиконски" кабли со попречен пресек од најмалку 2,5mm2! Притоа, особено внимавајте на квалитетната и прописна монтажа на "блокажата" и/или на засебните кабли за напојување – со тоа ќе ја намалите веројатноста од пожар во Вашиот автомобил.
Емилијан Иљоски
Како можат да им веруваат на You tube лаги и смешни видеа? Кој ќе заштеди со HHO генератор, јас лично ќе му го платам рестото бензин, или дизел, или плин. Водената пареа или HHO, како што ја нарекувате, не прави ништо друго туку само намалување на компресискиот простор во зима, а во лето го згуснува малку воздухот, а притоа ако се дозира неконтролирано (а како поинаку), само може да ја скрши радилицата. Драги мои, за да произведеш водород во количина од 100 денари, треба да потрошиш најмалку 500 денари. Ако сакате да заштедите со вода, мој предлог е да возите велосипед – водата ќе ви биде неопходна за HHO погон на колената :-)
Марјан Николовски преку
е-пошта
Читателите што мислат дека HHO работи, ако не му веруваат на ЕМИТЕР, нека прочитаат на: http://wiki.answers.com/Q/How_does_a_HHO_generator_work_on_vehicles.
Јасно е објаснето дека HHO генераторот не работи, а во последната реченица од текстот се кажува дека има награда од 1 милион долари за оној што ќе докаже дека работи.
Владица Сарк преку е-пошта
Го прочитав писмото од Тото во последниот број во врска со HHO генераторот и ви порачувам да не се вознемирувате од такви кои абер немаат од техника. За жал, сè додека има такви, некои шарлатански фирми ќе се богатат. Но и тоа е бизнис. Како и да е, продолжете понатаму, одлични сте засега.
Поздрав
Горан – Бубу преку е-пошта
Ви благодариме што ги споделивте Вашите размислувања за HHO генераторот со останатите читатели на ЕМИТЕР и што ни дадовте поддршка. Инаку, читателот со псевдоним Тото ни испрати уште 3 писма во кои не понуди никакви аргументи во полза на HHO генераторот, но затоа ги повтори навредите за сорабтниците на Емитер и за самото списание. Затоа нема никаква смисла да ги објавиме неговите писанија.
Слободан Таневски
Здраво Емитер,
Имам две прашања за проектот "Телефонски повикувач за активиран аларм" од бројот 6/11 (ППК1120):
1. Дали е можно, кога ќе се активира алармот, уредот да бира број од мобилен кон друг телефон?
2. Каде, освен кај ГАЦ електроник, можам да го најдам reed релејот RS32000b?
Благодарам,
Лони Крстев – Струмица
Телефонскиот повикувач за активиран аларм е наменет исклучиво за дојава од мрежата на жичаната телефонија, и тоа само ако таа сè уште поддржува импулсен начин на бирање на телефонските претплатници. Активираниот аларм преку PIC микроконтролерот и релејот кој е поврзан со телефонската линија, со брзи краткотрајни прекинувања генерира импулси кои се препознаваат во телефонската централа како избирани броеви.
Бирањето на телефонски претплатник од мобилен телефон со помош на овој проект за телефонско повикување, не е возможно од едноставна причина што не постои начин повикувачот да се поврзе со мобилниот телефонски апарат. А и да најдете начин за поврзување сепак, бирањето не би успеало затоа што мобилните телефонски апарати бираат со тон-фреквентен начин на бирање, а не со импулсен (декаден), каков што поддржува опишаниот повикувач од Емитер 6/2011.
Постојат специјализирани уреди за дојавување на активиран аларм кои можат да бираат некој претплатнички број, било да е тоа од мрежата на "земската" или "воздушната" телефонија. Ваквите уреди се препорачуваат и се користат во оддалечени и непристапни места за обезбедување. Мобилен телефон со SIM картичка и непрекинато напојување преку полначот за телефон, поврзан е со системот за дојава, се активира и бира еден или повеќе меморирани телефонски броеви на местата каде што треба да биде извршена дојавата. Системот за дојава најчесто користи микроконтролер, а комуницира со мобилниот телефон преку надворешен конектор. Проекти за самоградба на уреди со ваква намена (јавување на мобилен телефон при активирање на аларм) имаме објавено во броевите 6/2002 (https://emiter.com.mk/napis/15285) и 10/2003 (https://emiter.com.mk/napis/9139).
На крај, би резимирал: ако внимателно се прочита и се проучи текстот и објаснувањето во него за начинот и работата на уредот, многу работи, па и оваа, ќе станат појасни.
Околу прашањето за рид-релејот: присуство на ППК на токму тој модел не е императив, освен во однос на неговите мали димензии и нечујноста при работата. Кој било релеј, со соодветен напон на возбуда и струја на привлекување на контактите до 100 mA, може во целост да го замени.
Петар Аврамовски
Здраво,
Се јавувам во врска со проектот "Дигитален LC метар" од Емитер бр. 5/2007 и 6/2007. Проектот го изработив, но истиот не работи добро. Фреквенцијата f1 изнесува 564 KHz, f2 изнесува 418 KHz, C4 = 1 nF и L1 = 84 µH. По притискањето на TS1 во мод L, се појавува 0,00 µH, а ако се приклучи индуктивитет, покажува многу мала вредност, пример за L = 1,5 mH покажува 0,4 µH. Во мод C по притискањето на TS1 се појавува C = 0,00, а по една до две секунди почнува да се менуваат бројки без некој ред. Ако се приклучи некој кондензатор, се појавува "over range". Обликот на осцилограмите, според сликите 7 и 8, е добар, но амплитудата е двапати поголема од таа на сликите.
Програмата за програмирање на PIC16F84 ја презедов од веб-сајтот на Емитер. Молам за совет, каде може да биде проблемот?
Подрав,
Ѓорѓи Андов
Пред да започнам со одговорот, да дадам една напомена: најголемиот дел од неуспехот при изградбата на сите електронски уреди доаѓа од недоволното обрнување внимание на содржината на текстот во која авторот сериозно се намачил да даде детално објаснување за принципот на работа, за совети и мерки за изградбата на уредот и напатствија за неговото пуштање во работа.
Грешките при мерењето на вашиот LC метар произлегуваат од неправилната основна фреквенција која кај вас изнесува 564 KHz, а за правилна и прецизна работа на уредот е потребна фреквенција од 550 000 Hz (550 KHz). Потребата за голема точност на оваа фреквенција ја потенцирав во написот во Емитер 6/2007 – на страница 53, ред 6 под Contact vendor, пишува: "....но за декларираната точност на LC метарот од 1%, потребно е основната фреквенција да биде точно или многу блиску до 550 000 Hz". Ако продолжите со читање, во текстот ќе ја забележите и оваа реченица: "Напоменувам уште еднаш, доколку се набави точна вредност од 1000 pF за калибрациониот кондензатор" (0,5%)!!!, "како и точни вредности за индуктивитетот L1 и кондензаторот C4, непријатности и нервозите околу пуштањето на LC метарот во работа ‚ Ќе бидат избегнати".
Фреквенцијата f2 или фреквенцијата на калибрација, за која вие сте измериле 418 KHz, треба да изнесува точно 394 KHz, што е уште еден податок дека кондензаторот за калибрација ја нема точната вредност од 1000 pF.
Можеби ќе се запрашате како толку мали отстапувања на фреквенциите можат да предизвикаат толкави проблеми во функционирањето? Одговорот е во принципот на работа и во самата конструкција на инструментот. Имено, уредот работи на принцип на резонанција што значи дека ако не се погодени фреквенциите, нема резонанција, и напонот драстично (експоненцијално) паѓа. Токму затоа програмата за микроконтролерот е направена така што ја блокира работата ако фреквенциите не се точни. Инаку уредот би работел и би давал огромни грешки.
Да резимирам, Вашиот уред сепак е успешно изграден и добро програмиран, а неговата неправилна работа, се должи на неточните вредности на вградените компоненти: калибрацискиот кондензатор, кондензаторот C4 и индуктивитетот L1. Која е вредноста на кондензаторот за калибрација кај Вас, имате ли еден со точна вредност и толеранција од 0,5% (таков тешко се наоѓа) или тоа е некој блок-кондензатор со толеранција од 5 -10%? Не залудно, овој кондезатор јас го формирав со три паралелно поврзани кондензатори. Направете го и Вие истото ако не можете да најдете кондензатор од 1000pF со точност од 1% или 0,5% !
Петар Аврамовски