Телефонска дојава за мобилен телефон

Здраво Емитер,
Имам две прашања за проектот "Телефонски повикувач за активиран аларм" од бројот 6/11 (ППК1120):
1. Дали е можно, кога ќе се активира алармот, уредот да бира број од мобилен кон друг телефон?
2. Каде, освен кај ГАЦ електроник, можам да го најдам reed релејот RS32000b?
Благодарам,
Лони Крстев – Струмица

Телефонскиот повикувач за активиран аларм е наменет исклучиво за дојава од мрежата на жичаната телефонија, и тоа само ако таа сè уште поддржува импулсен начин на бирање на телефонските претплатници. Активираниот аларм преку PIC микроконтролерот и релејот кој е поврзан со телефонската линија, со брзи краткотрајни прекинувања генерира импулси кои се препознаваат во телефонската централа како избирани броеви.
Бирањето на телефонски претплатник од мобилен телефон со помош на овој проект за телефонско повикување, не е возможно од едноставна причина што не постои начин повикувачот да се поврзе со мобилниот телефонски апарат. А и да најдете начин за поврзување сепак, бирањето не би успеало затоа што мобилните телефонски апарати бираат со тон-фреквентен начин на бирање, а не со импулсен (декаден), каков што поддржува опишаниот повикувач од Емитер 6/2011.
Постојат специјализирани уреди за дојавување на активиран аларм кои можат да бираат некој претплатнички број, било да е тоа од мрежата на "земската" или "воздушната" телефонија. Ваквите уреди се препорачуваат и се користат во оддалечени и непристапни места за обезбедување. Мобилен телефон со SIM картичка и непрекинато напојување преку полначот за телефон, поврзан е со системот за дојава, се активира и бира еден или повеќе меморирани телефонски броеви на местата каде што треба да биде извршена дојавата. Системот за дојава најчесто користи микроконтролер, а комуницира со мобилниот телефон преку надворешен конектор. Проекти за самоградба на уреди со ваква намена (јавување на мобилен телефон при активирање на аларм) имаме објавено во броевите 6/2002 (https://emiter.com.mk/napis/15285) и 10/2003 (https://emiter.com.mk/napis/9139).
На крај, би резимирал: ако внимателно се прочита и се проучи текстот и објаснувањето во него за начинот и работата на уредот, многу работи, па и оваа, ќе станат појасни.
Околу прашањето за рид-релејот: присуство на ППК на токму тој модел не е императив, освен во однос на неговите мали димензии и нечујноста при работата. Кој било релеј, со соодветен напон на возбуда и струја на привлекување на контактите до 100 mA, може во целост да го замени.
Петар Аврамовски