Здраво,
Се јавувам во врска со проектот "Дигитален LC метар" од Емитер бр. 5/2007 и 6/2007. Проектот го изработив, но истиот не работи добро. Фреквенцијата f1 изнесува 564 KHz, f2 изнесува 418 KHz, C4 = 1 nF и L1 = 84 µH. По притискањето на TS1 во мод L, се појавува 0,00 µH, а ако се приклучи индуктивитет, покажува многу мала вредност, пример за L = 1,5 mH покажува 0,4 µH. Во мод C по притискањето на TS1 се појавува C = 0,00, а по една до две секунди почнува да се менуваат бројки без некој ред. Ако се приклучи некој кондензатор, се појавува "over range". Обликот на осцилограмите, според сликите 7 и 8, е добар, но амплитудата е двапати поголема од таа на сликите.
Програмата за програмирање на PIC16F84 ја презедов од веб-сајтот на Емитер. Молам за совет, каде може да биде проблемот?
Подрав,
Ѓорѓи Андов
Пред да започнам со одговорот, да дадам една напомена: најголемиот дел од неуспехот при изградбата на сите електронски уреди доаѓа од недоволното обрнување внимание на содржината на текстот во која авторот сериозно се намачил да даде детално објаснување за принципот на работа, за совети и мерки за изградбата на уредот и напатствија за неговото пуштање во работа.
Грешките при мерењето на вашиот LC метар произлегуваат од неправилната основна фреквенција која кај вас изнесува 564 KHz, а за правилна и прецизна работа на уредот е потребна фреквенција од 550 000 Hz (550 KHz). Потребата за голема точност на оваа фреквенција ја потенцирав во написот во Емитер 6/2007 – на страница 53, ред 6 под Contact vendor, пишува: "....но за декларираната точност на LC метарот од 1%, потребно е основната фреквенција да биде точно или многу блиску до 550 000 Hz". Ако продолжите со читање, во текстот ќе ја забележите и оваа реченица: "Напоменувам уште еднаш, доколку се набави точна вредност од 1000 pF за калибрациониот кондензатор" (0,5%)!!!, "како и точни вредности за индуктивитетот L1 и кондензаторот C4, непријатности и нервозите околу пуштањето на LC метарот во работа ‚ Ќе бидат избегнати".
Фреквенцијата f2 или фреквенцијата на калибрација, за која вие сте измериле 418 KHz, треба да изнесува точно 394 KHz, што е уште еден податок дека кондензаторот за калибрација ја нема точната вредност од 1000 pF.
Можеби ќе се запрашате како толку мали отстапувања на фреквенциите можат да предизвикаат толкави проблеми во функционирањето? Одговорот е во принципот на работа и во самата конструкција на инструментот. Имено, уредот работи на принцип на резонанција што значи дека ако не се погодени фреквенциите, нема резонанција, и напонот драстично (експоненцијално) паѓа. Токму затоа програмата за микроконтролерот е направена така што ја блокира работата ако фреквенциите не се точни. Инаку уредот би работел и би давал огромни грешки.
Да резимирам, Вашиот уред сепак е успешно изграден и добро програмиран, а неговата неправилна работа, се должи на неточните вредности на вградените компоненти: калибрацискиот кондензатор, кондензаторот C4 и индуктивитетот L1. Која е вредноста на кондензаторот за калибрација кај Вас, имате ли еден со точна вредност и толеранција од 0,5% (таков тешко се наоѓа) или тоа е некој блок-кондензатор со толеранција од 5 -10%? Не залудно, овој кондезатор јас го формирав со три паралелно поврзани кондензатори. Направете го и Вие истото ако не можете да најдете кондензатор од 1000pF со точност од 1% или 0,5% !
Петар Аврамовски