Најнапред да ве поздравам и воедно заблагодарам, посебно за поранешните убави написи во ЕМИТЕР. Списанието го купувам од првиот број и мислам дека поранешните броеви со повеќе електроника и помалку "Галаксија" беа поинтересни за електроничарите. Имате многу способни соработници, особено за мојата омилена област – звучните кутии и засилувачите (посебно ме интересираат гитарските, бидејќи моето второ хоби е свирење гитара), но одамна немате објавено некој проект.
Имам едно прашање до вас. Поседувам "лампашки" гитарски засилувач Fender twin reverb. Бидејќи порано прегорел мрежниот трансформатор, премотан е и сега на секундар ги има следниве наизменични напони: 2x307 V, 36 V и 6,3 V за греење на лампите. Не знам дали напоните се соодветни на потребните, бидејќи не поседувам оригинална шема. Ме интересира колку треба да биде анодниот напон на излезните ел. цевки 6L6 и негативниот преднапон на решетките, кој се штелува со балансен потенциометар со четири изводи. Во која класа работи излезниот степен – AB или B? Дали може излезните ел. цевки 6L6 да се заменат со полесно достапните EL34 и дали треба да се прештелува преднапонот? Би ве молел во еден од наредните броеви на ЕМИТЕР да напишете нешто за проблемот на брумот кај засилувачите со осетлив влез и ако може, во еден од наредните броеви како прилог да објавите шема на овој легендарен гитарски засилувач, кој по својот тон е далеку посупериорен од најсовремените и најсофистицирани засилувачи.
Многу поздрав до Вас, со желба за многу успех во натамошната работа,
Роберт Кара од Битола

Нема потреба да жалите за "стариот" ЕМИТЕР, бидејќи во "новиот" има барем 90% од количината на содржините од "стариот" ЕМИТЕР, а квалитетот е повисок (ова не важи за моите текстови, бидејќи тие се константно квалитетни :-)). Освен тоа, убеден сум дека на повеќето електроничари исто така им се интересни и останатите "Галаксија" содржини. Според мене, електроничарите треба да се интелектуалци со широки познавања од сите научни и технички области.
Наизменичните напони кои сте ги измериле одговараат на работните карактеристики на излезните електронски цевки 6L 6GC. Проверете уште еднаш дали во Вашиот засилувач се вградени цевките 6L6 (како што сте напишале) – ако се тие, веднаш заменете ги со 6L6GC ! Електронските цевки 6L6 се послаби од 6L6GC и може да прегорат! Анодниот напон (всушност- напонот на средниот извод од примарот на излезниот трансформатор) треба да се движи од 410 V до 450 V (зависи кој модел Fender twin reverb го имате), а негативниот преднапон на влезот од балансниот потенциометар треба да биде –52 V. Моделот Fender twin rewerb од 135W бара нешто повисок напон. Излезниот степен работи во класа AB1. Никако не заменувајте ги цевките 6L6GC со EL34, бидејќи тогаш ќе добиете тон на Marshall, а не на Fender!!! Иако во принцип секоја електронска цевка, па и EL34, може да работи на тоа место (со промена на преднапонот и на анодниот напон, се разбира), бојата на звукот ќе биде сосема поинаква. Зошто сакате да добиете друг тон? Па токму Вие велите дека овој засилувач по својот тон е супериорен над останатите! (Корисно е да се напомене дека вљубениците во Marshall велат дека нивниот Marshall е супериорен, а го плукаат Fender!).
Електронските цевки 6L6GC можете да ги најдете во која било странска земја, а можете да ги нарачате и преку Интернет (само напишете 6L6GC price во пребарувачите Google или Yahoo и ќе се појават илјадници фирми).
Владимир Филевски


Почитувана редакцијо,
Имам прашање за проектот "Дигитален фреквенцметар" (ЕМИТЕР 4/98)
1. Го изработив во двете мерни подрачја (40MHz и 1200MHz), без влезен сигнал LED дисплејот покажува бројка од .02500 односно .2500, а треба да покажува .00000 односно .0000...
2. Приклучив влезен сигнал од 10,55MHz на влезот A (40MHz) и со тример кондензаторот C6 го подесив да ја покаже точната фреквенција, а потоа приклучив влезен сигнал од 27,125 MHz при што дисплејот не ја покажуваше точната фреквенција, односно покажуваше 9,5 MHz. Потоа истиве влезни сигнали ги приклучив на влезот B (1200 MHz) и дисплејот покажуваше голема фреквенција.
Ве молам да ми ги кажете можните грешки и причини. Поздрав од мене и успех во работата.
Митрески Борче, с. Оровник

Од содржината на вашето писмо многу е тешко, ако не и невозможно, да се одреди причината за нефункционирањето на дигиталниот фреквенцметар. И покрај ова ќе се обидам да ви дадам неколку општи одредници со кои се надевам ќе ви помогнам самите да ја пронајдете и елиминирате грешката во изработениот уред.
Како прво, многу е важно да го разберете принципот на работа на целиот уред, да ги пронајдете функционалните целини (блокови) во уредот, да го препознаете нивното поврзување и да ја разберете улогата на поважните елементи во колото. За сето ова неопходно е добро и внимателно да го прочитате пропратниот текст на авторот на проектот ако е потребно и повеќе пати. Се разбира дека освен ова потребно е и соодветно познавање на областа која е третирана во конкретниот проект, како и одредено искуство стекнато преку изработка на проекти со слична тематика. Идејата за изградба на еден уред по обем и содржина како што е дигиталниот фреквенцметар без предходни познавања од дигиталната електроника е премногу амбициозна.
Откако добро ќе ја разберете работата на целиот уред, согласно со упатствата кои ги дава авторот во текстот проверете дали сите елементи се наоѓаат на своите места, дали секој од нив е правилно поставен и залемен и дали плочките со елементи се точно поврзани меѓу себе. Визуелно, а по потреба и со инструмент проверете ја исправноста на секоја од плочките со печатено коло. Ако сето ова е во ред можете да преминете кон испитување на уредот во режим на работа. За таа цел освен универзален иструмент ќе ви биде потребен осцилоскоп, еден дигитален бројач или фреквенцметар и генератор на сигнал.
Прво што треба да направите е да го проверите напонот со кој се напојува целото коло. Овој напон треба да изнесува 5,15V, а за негова контрола користиме универзален иструмент. Најдобро е овој напон да се провери на секое интегрирано коло на изводот предвиден за негово напојување. По ова со помош на генераторот за сигнал и фреквенцметарот треба да се провери функционирањето на двата делитела. Фреквенцијата на сигналот на излезот од делителите треба да биде 10 односно 100 пати помала од онаа на влезот. Следен чекор е проверката на меѓузасилувачот на мерниот сигнал. За негова контрола користиме генератор на сигнал кој е приклучен на неговиот влез и осцилоскоп поврзан на излезот. По ова следи тестирањето на главното бројачко коло кое е реализирано со ICM 7216D. За таа цел на влезот од ова коло треба да доведеме сигнал со позната фреквенција и амплитуда не поголема од 3,5Vpp. Со помош на осцилоскоп можеме да го провериме функционирањето на локалниот осцилатор, а со C6 да извршиме кореција на неговата фреквенција доколку е тоа потребно. Во случај фреквенцијата која се отчитува на дисплејот да не е точна треба да се проконтролира плочката со дисплеите како и нејзиното поврзување со плочката на главниот бројач.
На крајот би ве упатил и на текстот "ИНФОРМАЦИИ И УПАТСТВА ЗА ЕЛЕКТРОНИЧАРИТЕ" кој се објавува на страниците на ЕМИТЕР во секој број. Во него можете да пронајдете дополнителни корисни совети кои можат да ви помогнат околу отклонувањето на евентуалните грешки.
Ако и по сето ова не можете да ја пронајдете причината поради која вашиот уред не функционира правилно не ви преостанува ништо друго освен да побарате помош од некој кој има поголемо искуство од оваа област.
Дејан Трпески


Поздрав до редакцијата и сите околу неа. Гледам дека сè уште добро се држите во овие денес економско неисплатливи води, терани од голем ентузијазам. Уште повеќе ми е драго кога го видов вашето списание кај една пријателка на која не и е блиска ни електрониката, ни техниката, а сепак го нашла тоа што ја интересира кај вас.
Имам една молба, доколку сте во можност да ми одговорите. Почнав еден проект за активен subwoofer користејќи го како драјвер Simsonik SW 1030 polycarbon 250W, 10", 8 Ohm, 30 Oz, и тоа се сите ознаки кои ги има звучникот. Се отепав барајќи по Интернет, но нема никаква информација за останатите параметри (Qts, Vas, Fs..), па доколку имате било какво сознание за неговите параметри би ви бил многу благодарен, а доколку успеам да го истуркам до крај би сакал да ви го приложам резултатот.
Голем поздрав и желби за двојно поголем тираж,
Томи, од Скопје.

Ви благодариме на убавите желби. Што се однесува до Вашето прашање, на Интернет нема да најдете Thiele-Small параметри ниту за Simsonik, ниту за кој било друг евтин звучник. Единствен начин да ги дознаете неговите Thiele-Small параметри е тие да се измерат. Но, и без мерење сигурен сум дека Qts параметарот на Simsonik SW 1030 ќе биде многу висок. Најдобро е да го продадете SW 1030 и да купите некој подобар (и поскап) бас-звучник од 12 инчи, на пример US Blaster USB 2930, или USB 2830. Фирмата US Blaster во проспектите ги дава Thiele-Small параметрите на своите бас-звучници, но тие декларирани параметри немаат баш некои допирни точки со она што јас го измерив. На пример, измерениот Qts фактор од USB 2830 е скоро двојно поголем од декларираниот! Како и да е, во однос на цената, моделите USB 2830 и USB 2930 се многу добри. Дури, поевтиниот звучник USB 2930 има понизок Qts фактор од поскапиот USB 2830, иако во проспектот е обратно! Ви предложувам да направите бас-рефлекс кутија со внатрешен волумен од 94 литри (видете го проектот Subwoofer Aquarium во ЕМИТЕР 9/2002) и ставете една бас-рефлекс цевка со внатрешен дијаметар 106 mm, со вкупна должина 228 mm (тоа е стандардна пластична цевка за канализација, со надворешно φ=110 mm). Можете да го употребите и поевтиниот бас-звучник USB 2930.
Владимир Филевски


Здраво!
Многу поздрав до редакцијата и желби за што поуспешна работа на списанието.
Планирам да изградам еден subwoofer засилувач (за домашна употреба) и ме интересира дали тој може да се искористи во автомобил (секако, со соодветен DC-DC конвертор), односно дали би требало да се направат некои дополнителни измени кај засилувачот? Јас не сум многу искусен во оваа област, па би ми користел и некој совет околу тоа каде треба најмногу да се обрне внимание при изградбата на овие засилувачи, или доколку имате објавено нешто повеќе за овие засилувачи би бил благодарен ако ме известите кој број да го набавам. Заедно со писмово ви ја испраќам и шемата од засилувачот кој што сакам да го направам. Би бил благодарен за секој ваш совет.
Однапред ви благодарам,
Зоран Блажевски,
преку e-mail

Засилувачот за subwoofer не се разликува нешто многу од кој било друг hi-fi засилувач, така што имате огромен избор на разни шеми за засилувачи. Всушност, засилувачот за subwoofer-от може да биде и полош од стандарден hi-fi засилувач, односно може да има поголеми изобличувања, мал фреквенциски опсег накај повисоките фреквенции, дозволена е чиста класа B на работа, и слично. Единствено важно е да има мала излезна импеданса, т.е висок дампинг фактор. Шемата на засилувачот што ни ја испраќате е најобичен засилувач во чиста класа B, но транзисторите кои се употребени веќе не се произведуваат и тешко дека ќе ги најдете некаде. Затоа, ви препорачувам да направите многу евтин, едноставен и многу добар засилувач, составен само од едно единствено интегрирано коло TDA 7294. Можете да ја искористите истата плочка ППК 724 од проектот "80 W DMOS аудиозасилувач со TDA 7295" од ЕМИТЕР 7-8/2002 и истите делови, само што ќе треба да употребите поголемо разладно тело и поголем трансформатор од 170 VA со секундар 2х24 Vac. Во некој од наредните броеви планираме да објавиме проект за засилувач за subwoofer направен токму со TDA 7294.
Владимир Филевски


Почитувани,
Ја користам оваа можност преку вашиот e-mail да побарам информации за вашиот проект за звучници Beauty 5.5 објавен во ЕМИТЕР 11/96. Ме интересира дали сè уште може да се најдат во продажба басот и високотонецот Simsonik и каде? Ако имате објавено и други проекти ве молам да наведете во кои броеви се објавени и дали сè уште може да се набават. Ако може, би сакал да наведете некои интернет сајтови кај што може да се најдат звучнички проекти со драјвери кои што може да набават и кај нас. Се надевам дека ќе одвоите малку од вашето драгоцено време и ќе ми помогнете.
Поздрав и многу успех во натамошната работа!
Иван Унев, преку e-mail

Звучниците кои се користени во проектот Beauty 5.5 веќе не се произведуваат и не можат да се најдат во продавниците кај нас. Во ЕМИТЕР се објавени повеќе проекти за звучници, а особено можам да Ви ги препорачам проектите Focal B400 VF (проектот во ЕМИТЕР 3/2002) или Dynaudio TL (проектот во ЕМИТЕР 7-8/2002), односно сите оние кои се објавувани после 1998 година, т.е. откако го набавив професионалниот уред за аудиомерења CLIO. За жал, квалитетни звучнички компоненти (Focal и слични) не можат да се најдат во Македонија, туку само евтини компоненти – со квалитет кој се подразбира за таа цена. На Интернет нема да најдете ниту еден проект со звучници кои можат да се набават во Македонија (Simsonik, Tele и слични). Но, затоа тука е Вашиот ЕМИТЕР – во мајскиот број можевте да прочитате тест на 9 евтини бас/среднотонски звучници, а во јунскиот број има тест на 6 евтини високотонци. Овие тестирања ќе продолжат и понатаму, со цел да се изберат најдобрите звучници за самоградба на звучни кутии. Добар пример за ова е токму проектот TRANS 6.5 во овој број.
Владимир Филевски


Здраво Емитер.
Имам некои проблеми околу конструирањето на проектот "Телекоманда за дворна врата" од ЕМИТЕР 2/03 .
Како прво, мојата намера е да го употребам за вклучување и исклучување на централната брава во колата. Ги набавив сите делови освен пригушниците од 10 µH и тример кондензаторите.
Најдов пригушници од 9 µH и тример кондензатори od 2-22 pF, па ако ги употребам мислам дека ќе имам потешкотии околу нагодувањето, па ве молам да ми кажете дали ќе успеам да го направам да функционира со тие делови.
Уште нешто за тример кондензаторот. Тој има 3 изводи, а на ППК има место само за две. Дали тоа значи едната да ја пресечам и која?
За релејот даден во шемата пишува Rin >200 . Дали тоа значи дека отпорноста на електромагнетот во релејот кој ја придвижува котвата е поголем од 200!? И ако е тоа точно како да набавам ваков релеј кога сите имаат само работен напон и струјата?
И за крај, бидејќи како што реков дека сакам да го употребам во колата дали тој ќе смета на другите електронски елементи во колата и дали ако работи постојано декодерот со вклучен
релеј ќе троши голема струја да го ослаби акумулаторот ако не се исклучи повеќе од 20 часа?
Со поздрав Зоран Сотилов, преку е-маил.

На вашите проблеми и размислувања редоследно ви одговараме. Во писмото не наведувате дали во автомобилот има вградена централна брава, или сакате да вградите нешто слично на тоа. Затоа најчесто се користат мали специјални електромотори со назабена летва која со слободниот крај се фиксира за челичните прачки кои се користат како лостови при отклучување и заклучување на вратите. Најчесто само предните врати имаат можност за централно заклучување на сите врати во автомобилот бидејќи користат електромотори со пет жици од кои две се погонски (со промена на поларитетот отклучуваат-заклучуваат), една од останатите три е маса, а другите две се од крајните микро прекинувачи кои се наоѓаат во самите електромотори. Задните врати користат електромотори со две жици и се командувани од централата која мора да ја има некаде во автомобилот. Оваа централа има влезови за отклучување и заклучување. И ако односниот влез остане трајно поларизиран на пример позитивно, таа дава импулс од 0,7 секунди за електромоторите (под услов да се користат електромотори, а не вакуум). Со соодветно поврзување на контактите на релејот на плусот или на масата, ќе добиете позитивен или негативен импулс во зависност што бара централата на влезовите.
Пругушниците се важен фактор, но не и пресуден за добро функционирање на уредот. Вредноста од 9µH која сте ја пронашле на пазарот ќе заврши работа, но истата можете да ја направите и ако земете стар меѓуфреквентен трансформатор од расипан радиоприемник, од внатре внимателно го извадите феритното јадро кое е во вид на макара и на него навиете триесеттина навивки со бакарна лакирана жица со пречник 0,10 mm, и ја фиксирате со капка восок.
Променливиот кондензатор е од пресудно значење. Дали има два или три извода не е важно, бидејќи оние две кои се дијаметрално спротивни се во куса врска што значи го претставуваат едниот пол од кондензаторот (проверете со инструмент). Најголемо значение има вредноста на кондензаторот. Доколку најдете користете кондензатор со вредност 2-5pF кај едноканалниот предавател, или евентуално 2-10pF со исфрлање на кондензаторот C4. Ваквиот паралелен кондензатор кај триканалниот предаватал го нема па може да се користи кондензатор со капацитивност од 2-10pF, никако повеќе.
Што се однесува за релејот на ППК од декодерот, Rin>200 оми значи дека отпорноста на калемот би требала да биде поголема од 200 оми за да не троши премногу струја, и да не го оптоварува транзисторот кој што го вклучува.
Пример: ако релејот е наменет за 12V, и му измерите отпор на калемот од 200 омитогаш според
I = U/R = 12V/200 оми=0,06A,
потрошувачката на релејот кога е активиран ќе биде 0,06A или 60mA. За вашите потреби тој може да биде активиран во време кога автомобилот е отклучен, што значи под претпоставка дека тоа време е пократко од кога ќе биде заклучен, додека декодерот и приемникот се нон-стоп под напон, но нивната потрошувачка е занемарлива, па во никој случај не можат да го испразнат акумулаторот.
Драган Јовановски