Проблеми со фреквенцметарот од Е4/98

Почитувана редакцијо,
Имам прашање за проектот "Дигитален фреквенцметар" (ЕМИТЕР 4/98)
1. Го изработив во двете мерни подрачја (40MHz и 1200MHz), без влезен сигнал LED дисплејот покажува бројка од .02500 односно .2500, а треба да покажува .00000 односно .0000...
2. Приклучив влезен сигнал од 10,55MHz на влезот A (40MHz) и со тример кондензаторот C6 го подесив да ја покаже точната фреквенција, а потоа приклучив влезен сигнал од 27,125 MHz при што дисплејот не ја покажуваше точната фреквенција, односно покажуваше 9,5 MHz. Потоа истиве влезни сигнали ги приклучив на влезот B (1200 MHz) и дисплејот покажуваше голема фреквенција.
Ве молам да ми ги кажете можните грешки и причини. Поздрав од мене и успех во работата.
Митрески Борче, с. Оровник

Од содржината на вашето писмо многу е тешко, ако не и невозможно, да се одреди причината за нефункционирањето на дигиталниот фреквенцметар. И покрај ова ќе се обидам да ви дадам неколку општи одредници со кои се надевам ќе ви помогнам самите да ја пронајдете и елиминирате грешката во изработениот уред.
Како прво, многу е важно да го разберете принципот на работа на целиот уред, да ги пронајдете функционалните целини (блокови) во уредот, да го препознаете нивното поврзување и да ја разберете улогата на поважните елементи во колото. За сето ова неопходно е добро и внимателно да го прочитате пропратниот текст на авторот на проектот ако е потребно и повеќе пати. Се разбира дека освен ова потребно е и соодветно познавање на областа која е третирана во конкретниот проект, како и одредено искуство стекнато преку изработка на проекти со слична тематика. Идејата за изградба на еден уред по обем и содржина како што е дигиталниот фреквенцметар без предходни познавања од дигиталната електроника е премногу амбициозна.
Откако добро ќе ја разберете работата на целиот уред, согласно со упатствата кои ги дава авторот во текстот проверете дали сите елементи се наоѓаат на своите места, дали секој од нив е правилно поставен и залемен и дали плочките со елементи се точно поврзани меѓу себе. Визуелно, а по потреба и со инструмент проверете ја исправноста на секоја од плочките со печатено коло. Ако сето ова е во ред можете да преминете кон испитување на уредот во режим на работа. За таа цел освен универзален иструмент ќе ви биде потребен осцилоскоп, еден дигитален бројач или фреквенцметар и генератор на сигнал.
Прво што треба да направите е да го проверите напонот со кој се напојува целото коло. Овој напон треба да изнесува 5,15V, а за негова контрола користиме универзален иструмент. Најдобро е овој напон да се провери на секое интегрирано коло на изводот предвиден за негово напојување. По ова со помош на генераторот за сигнал и фреквенцметарот треба да се провери функционирањето на двата делитела. Фреквенцијата на сигналот на излезот од делителите треба да биде 10 односно 100 пати помала од онаа на влезот. Следен чекор е проверката на меѓузасилувачот на мерниот сигнал. За негова контрола користиме генератор на сигнал кој е приклучен на неговиот влез и осцилоскоп поврзан на излезот. По ова следи тестирањето на главното бројачко коло кое е реализирано со ICM 7216D. За таа цел на влезот од ова коло треба да доведеме сигнал со позната фреквенција и амплитуда не поголема од 3,5Vpp. Со помош на осцилоскоп можеме да го провериме функционирањето на локалниот осцилатор, а со C6 да извршиме кореција на неговата фреквенција доколку е тоа потребно. Во случај фреквенцијата која се отчитува на дисплејот да не е точна треба да се проконтролира плочката со дисплеите како и нејзиното поврзување со плочката на главниот бројач.
На крајот би ве упатил и на текстот "ИНФОРМАЦИИ И УПАТСТВА ЗА ЕЛЕКТРОНИЧАРИТЕ" кој се објавува на страниците на ЕМИТЕР во секој број. Во него можете да пронајдете дополнителни корисни совети кои можат да ви помогнат околу отклонувањето на евентуалните грешки.
Ако и по сето ова не можете да ја пронајдете причината поради која вашиот уред не функционира правилно не ви преостанува ништо друго освен да побарате помош од некој кој има поголемо искуство од оваа област.
Дејан Трпески