Здраво Емитер.
Имам некои проблеми околу конструирањето на проектот "Телекоманда за дворна врата" од ЕМИТЕР 2/03 .
Како прво, мојата намера е да го употребам за вклучување и исклучување на централната брава во колата. Ги набавив сите делови освен пригушниците од 10 µH и тример кондензаторите.
Најдов пригушници од 9 µH и тример кондензатори od 2-22 pF, па ако ги употребам мислам дека ќе имам потешкотии околу нагодувањето, па ве молам да ми кажете дали ќе успеам да го направам да функционира со тие делови.
Уште нешто за тример кондензаторот. Тој има 3 изводи, а на ППК има место само за две. Дали тоа значи едната да ја пресечам и која?
За релејот даден во шемата пишува Rin >200 . Дали тоа значи дека отпорноста на електромагнетот во релејот кој ја придвижува котвата е поголем од 200!? И ако е тоа точно како да набавам ваков релеј кога сите имаат само работен напон и струјата?
И за крај, бидејќи како што реков дека сакам да го употребам во колата дали тој ќе смета на другите електронски елементи во колата и дали ако работи постојано декодерот со вклучен
релеј ќе троши голема струја да го ослаби акумулаторот ако не се исклучи повеќе од 20 часа?
Со поздрав Зоран Сотилов, преку е-маил.
На вашите проблеми и размислувања редоследно ви одговараме. Во писмото не наведувате дали во автомобилот има вградена централна брава, или сакате да вградите нешто слично на тоа. Затоа најчесто се користат мали специјални електромотори со назабена летва која со слободниот крај се фиксира за челичните прачки кои се користат како лостови при отклучување и заклучување на вратите. Најчесто само предните врати имаат можност за централно заклучување на сите врати во автомобилот бидејќи користат електромотори со пет жици од кои две се погонски (со промена на поларитетот отклучуваат-заклучуваат), една од останатите три е маса, а другите две се од крајните микро прекинувачи кои се наоѓаат во самите електромотори. Задните врати користат електромотори со две жици и се командувани од централата која мора да ја има некаде во автомобилот. Оваа централа има влезови за отклучување и заклучување. И ако односниот влез остане трајно поларизиран на пример позитивно, таа дава импулс од 0,7 секунди за електромоторите (под услов да се користат електромотори, а не вакуум). Со соодветно поврзување на контактите на релејот на плусот или на масата, ќе добиете позитивен или негативен импулс во зависност што бара централата на влезовите.
Пругушниците се важен фактор, но не и пресуден за добро функционирање на уредот. Вредноста од 9µH која сте ја пронашле на пазарот ќе заврши работа, но истата можете да ја направите и ако земете стар меѓуфреквентен трансформатор од расипан радиоприемник, од внатре внимателно го извадите феритното јадро кое е во вид на макара и на него навиете триесеттина навивки со бакарна лакирана жица со пречник 0,10 mm, и ја фиксирате со капка восок.
Променливиот кондензатор е од пресудно значење. Дали има два или три извода не е важно, бидејќи оние две кои се дијаметрално спротивни се во куса врска што значи го претставуваат едниот пол од кондензаторот (проверете со инструмент). Најголемо значение има вредноста на кондензаторот. Доколку најдете користете кондензатор со вредност 2-5pF кај едноканалниот предавател, или евентуално 2-10pF со исфрлање на кондензаторот C4. Ваквиот паралелен кондензатор кај триканалниот предаватал го нема па може да се користи кондензатор со капацитивност од 2-10pF, никако повеќе.
Што се однесува за релејот на ППК од декодерот, Rin>200 оми значи дека отпорноста на калемот би требала да биде поголема од 200 оми за да не троши премногу струја, и да не го оптоварува транзисторот кој што го вклучува.
Пример: ако релејот е наменет за 12V, и му измерите отпор на калемот од 200 омитогаш според
I = U/R = 12V/200 оми=0,06A,
потрошувачката на релејот кога е активиран ќе биде 0,06A или 60mA. За вашите потреби тој може да биде активиран во време кога автомобилот е отклучен, што значи под претпоставка дека тоа време е пократко од кога ќе биде заклучен, додека декодерот и приемникот се нон-стоп под напон, но нивната потрошувачка е занемарлива, па во никој случај не можат да го испразнат акумулаторот.
Драган Јовановски