Гитарски засилувач Fender

Најнапред да ве поздравам и воедно заблагодарам, посебно за поранешните убави написи во ЕМИТЕР. Списанието го купувам од првиот број и мислам дека поранешните броеви со повеќе електроника и помалку "Галаксија" беа поинтересни за електроничарите. Имате многу способни соработници, особено за мојата омилена област – звучните кутии и засилувачите (посебно ме интересираат гитарските, бидејќи моето второ хоби е свирење гитара), но одамна немате објавено некој проект.
Имам едно прашање до вас. Поседувам "лампашки" гитарски засилувач Fender twin reverb. Бидејќи порано прегорел мрежниот трансформатор, премотан е и сега на секундар ги има следниве наизменични напони: 2x307 V, 36 V и 6,3 V за греење на лампите. Не знам дали напоните се соодветни на потребните, бидејќи не поседувам оригинална шема. Ме интересира колку треба да биде анодниот напон на излезните ел. цевки 6L6 и негативниот преднапон на решетките, кој се штелува со балансен потенциометар со четири изводи. Во која класа работи излезниот степен – AB или B? Дали може излезните ел. цевки 6L6 да се заменат со полесно достапните EL34 и дали треба да се прештелува преднапонот? Би ве молел во еден од наредните броеви на ЕМИТЕР да напишете нешто за проблемот на брумот кај засилувачите со осетлив влез и ако може, во еден од наредните броеви како прилог да објавите шема на овој легендарен гитарски засилувач, кој по својот тон е далеку посупериорен од најсовремените и најсофистицирани засилувачи.
Многу поздрав до Вас, со желба за многу успех во натамошната работа,
Роберт Кара од Битола

Нема потреба да жалите за "стариот" ЕМИТЕР, бидејќи во "новиот" има барем 90% од количината на содржините од "стариот" ЕМИТЕР, а квалитетот е повисок (ова не важи за моите текстови, бидејќи тие се константно квалитетни :-)). Освен тоа, убеден сум дека на повеќето електроничари исто така им се интересни и останатите "Галаксија" содржини. Според мене, електроничарите треба да се интелектуалци со широки познавања од сите научни и технички области.
Наизменичните напони кои сте ги измериле одговараат на работните карактеристики на излезните електронски цевки 6L 6GC. Проверете уште еднаш дали во Вашиот засилувач се вградени цевките 6L6 (како што сте напишале) – ако се тие, веднаш заменете ги со 6L6GC ! Електронските цевки 6L6 се послаби од 6L6GC и може да прегорат! Анодниот напон (всушност- напонот на средниот извод од примарот на излезниот трансформатор) треба да се движи од 410 V до 450 V (зависи кој модел Fender twin reverb го имате), а негативниот преднапон на влезот од балансниот потенциометар треба да биде –52 V. Моделот Fender twin rewerb од 135W бара нешто повисок напон. Излезниот степен работи во класа AB1. Никако не заменувајте ги цевките 6L6GC со EL34, бидејќи тогаш ќе добиете тон на Marshall, а не на Fender!!! Иако во принцип секоја електронска цевка, па и EL34, може да работи на тоа место (со промена на преднапонот и на анодниот напон, се разбира), бојата на звукот ќе биде сосема поинаква. Зошто сакате да добиете друг тон? Па токму Вие велите дека овој засилувач по својот тон е супериорен над останатите! (Корисно е да се напомене дека вљубениците во Marshall велат дека нивниот Marshall е супериорен, а го плукаат Fender!).
Електронските цевки 6L6GC можете да ги најдете во која било странска земја, а можете да ги нарачате и преку Интернет (само напишете 6L6GC price во пребарувачите Google или Yahoo и ќе се појават илјадници фирми).
Владимир Филевски