Засилувач за сабвуфер

Здраво!
Многу поздрав до редакцијата и желби за што поуспешна работа на списанието.
Планирам да изградам еден subwoofer засилувач (за домашна употреба) и ме интересира дали тој може да се искористи во автомобил (секако, со соодветен DC-DC конвертор), односно дали би требало да се направат некои дополнителни измени кај засилувачот? Јас не сум многу искусен во оваа област, па би ми користел и некој совет околу тоа каде треба најмногу да се обрне внимание при изградбата на овие засилувачи, или доколку имате објавено нешто повеќе за овие засилувачи би бил благодарен ако ме известите кој број да го набавам. Заедно со писмово ви ја испраќам и шемата од засилувачот кој што сакам да го направам. Би бил благодарен за секој ваш совет.
Однапред ви благодарам,
Зоран Блажевски,
преку e-mail

Засилувачот за subwoofer не се разликува нешто многу од кој било друг hi-fi засилувач, така што имате огромен избор на разни шеми за засилувачи. Всушност, засилувачот за subwoofer-от може да биде и полош од стандарден hi-fi засилувач, односно може да има поголеми изобличувања, мал фреквенциски опсег накај повисоките фреквенции, дозволена е чиста класа B на работа, и слично. Единствено важно е да има мала излезна импеданса, т.е висок дампинг фактор. Шемата на засилувачот што ни ја испраќате е најобичен засилувач во чиста класа B, но транзисторите кои се употребени веќе не се произведуваат и тешко дека ќе ги најдете некаде. Затоа, ви препорачувам да направите многу евтин, едноставен и многу добар засилувач, составен само од едно единствено интегрирано коло TDA 7294. Можете да ја искористите истата плочка ППК 724 од проектот "80 W DMOS аудиозасилувач со TDA 7295" од ЕМИТЕР 7-8/2002 и истите делови, само што ќе треба да употребите поголемо разладно тело и поголем трансформатор од 170 VA со секундар 2х24 Vac. Во некој од наредните броеви планираме да објавиме проект за засилувач за subwoofer направен токму со TDA 7294.
Владимир Филевски