Сабвуфер со SIMSONIK SW 1030

Поздрав до редакцијата и сите околу неа. Гледам дека сè уште добро се држите во овие денес економско неисплатливи води, терани од голем ентузијазам. Уште повеќе ми е драго кога го видов вашето списание кај една пријателка на која не и е блиска ни електрониката, ни техниката, а сепак го нашла тоа што ја интересира кај вас.
Имам една молба, доколку сте во можност да ми одговорите. Почнав еден проект за активен subwoofer користејќи го како драјвер Simsonik SW 1030 polycarbon 250W, 10", 8 Ohm, 30 Oz, и тоа се сите ознаки кои ги има звучникот. Се отепав барајќи по Интернет, но нема никаква информација за останатите параметри (Qts, Vas, Fs..), па доколку имате било какво сознание за неговите параметри би ви бил многу благодарен, а доколку успеам да го истуркам до крај би сакал да ви го приложам резултатот.
Голем поздрав и желби за двојно поголем тираж,
Томи, од Скопје.

Ви благодариме на убавите желби. Што се однесува до Вашето прашање, на Интернет нема да најдете Thiele-Small параметри ниту за Simsonik, ниту за кој било друг евтин звучник. Единствен начин да ги дознаете неговите Thiele-Small параметри е тие да се измерат. Но, и без мерење сигурен сум дека Qts параметарот на Simsonik SW 1030 ќе биде многу висок. Најдобро е да го продадете SW 1030 и да купите некој подобар (и поскап) бас-звучник од 12 инчи, на пример US Blaster USB 2930, или USB 2830. Фирмата US Blaster во проспектите ги дава Thiele-Small параметрите на своите бас-звучници, но тие декларирани параметри немаат баш некои допирни точки со она што јас го измерив. На пример, измерениот Qts фактор од USB 2830 е скоро двојно поголем од декларираниот! Како и да е, во однос на цената, моделите USB 2830 и USB 2930 се многу добри. Дури, поевтиниот звучник USB 2930 има понизок Qts фактор од поскапиот USB 2830, иако во проспектот е обратно! Ви предложувам да направите бас-рефлекс кутија со внатрешен волумен од 94 литри (видете го проектот Subwoofer Aquarium во ЕМИТЕР 9/2002) и ставете една бас-рефлекс цевка со внатрешен дијаметар 106 mm, со вкупна должина 228 mm (тоа е стандардна пластична цевка за канализација, со надворешно φ=110 mm). Можете да го употребите и поевтиниот бас-звучник USB 2930.
Владимир Филевски