Извештајот од едно археолошко истражување, поставен на платформата со отворен пристап Wiley, во кој се тврди дека структура пронајдена во Индонезија е најстарата пирамида во светот, предизвика лавина од реакции и многу критики од некои од археолозите кои сега инсистираат на повеќе и недвосмислени докази за ова тврдење. Сензационалното истражување заклучува дека постои пирамида која се наоѓа под праисториската локација Гунунг Паданг во Западна Јава, Индонезија, која можеби била изградена пред 27 000 години. Ова би значело дека таа е многу постара од првата египетска пирамида, Џосеровата пирамида изградена пред 4600 години. Исто така, тоа би значело дека оваа градба настанала пред најстарата позната мегалитска локација Гебекли Тепе во Турција, која била изградена пред околу 11 000 години!