Рубрика: Информатика
Ин Мемориам Дејан Ристановиќ (1963 – 2025)
Објавено на 21.11.2025 - 16:45

Дејан Ристановиќ

На 10 ноември во Белград, по кратко и тешко боледување почина Дејан Ристановиќ, главeн и одговорен уредник, сопственик на PC Press, еден од пионерите што ги популаризираа компјутерите за домашна употреба на просторите на некогашна Југославија.

За постарите генерации Дејан Ристановиќ (роден 1963 година во Белград) ќе остане запаметен и како автор на специјалното издание на култниот магазин Галаксија – Računari u vašoj kući (1983), коешто инспирираше и охрабри илјадници ентузијасти да ги направат своите први чекори во компјутерската техника и наоружани со шематско упатство, леткум и стрпливост, да го склопат својот прв компјутер за домашна употреба Галаксија. Развиен од Војо Антониќ, компјутерот Галаксија, слично како и ZX Spectrum во светот, стана повеќе од компјутер, тој прерасна во своевидна легенда на компјутерската техника во регионот на поранешна Југославија. 

Дејан Ристановиќ

Од популарноста на овие специјални изданија подоцна ќе се изнедри едно од првите списанија за информатика во некогашна Југославија – Računari, на чиешто кормило како главен уредник долги години ќе биде токму Ристановиќ. Подоцна, по разидување со тимот во Рачунари, во 1995 година ќе го основа списанието PC Press, каде ќе остане како сопственик, уредник и автор до својата смрт.

Тој е неверојатно плоден автор, со повеќе од 20 книги од областа на компјутерската техника и софтверот, илјадници текстови за основите на програмирањето, прегледи на хардвер, софтвер (вклучувајќи игри) и сè што е поврзано со компјутерите, кои генерации читатели ги воделе низ процесот на дигиталната трансформација на светот околу нив. Ова го постигна со написи што на едноставен и пристапен начин ги објаснуваа сложените технолошки концепти на пошироката публика

Својот издавачки век Ристановиќ го заокружи со проектите ‘Компјутери во вашиот дом, 40 години“, компјутерот Галаксија 2, кој претставува уникатен самоизграден проект, и монографијата „Нашите 30 години – технологија, луѓе и визии“.

Oвој немирен дух не останa само во доменот на “книшкото”, со основањето на системите Sezam и SezamPro во Србија тој ќе остане запаметен и како пионер што им ги донесе првите големи BBS и интернет сервиси. Покрај ова, Ристановиќ организираше конференции, семинари и настани, меѓу кои се издвојуваат Топ50, Награда за интернет креативност, која се доделува од 1997 година, како и конференцијата BIZIT, која се одржува од 2014 година.

Последното испраќање на Дејан Ристановиќ во вечноста беше на 19 ноември 2025 година.

Клучни зборови:
Дејан Ристановиќ

Дејан Ристановиќ

Дејан Ристановиќ

Дејан Ристановиќ