Како што и беше најавено, третиот WITCON започна со првото онлајн издание на оваа конференција, внесувајќи нов начин во изразот и обезбедувајќи виртуелно присуство на говорниците и гостите кои независно дали поради густината на нивните ангажмани или поради работните обврски што ги имаат во други делови од светот, не беа во можност на друг начин да се координираат и организираат.
Во фокусот WITCON 2025 оваа година е вештачката интелигенција и, се разбира иновацијата, а лајнапот од овој прв ден беше мошне интересен и, секако сосема, различен од она што нè очекува на вториот од конференцијата. Она што останува како норма е секако поздравното обраќање од организаторот Woman In Tech, односно најнапред од директорката на македонскиот огранок на оваа организација – Моника Ризовска Таневска, од кое може да се потврди дека конференцијата освен на организационо ниво е во подем и во поглед на бројот на посегители (преку 900), говорници (59), панелисти.

По ова следеше обраќање од Ајуми Мур Ајоки (Ayumi Moore Aioki), основач и CEO на Woman In Tech Global, која се наврати на принципите поради која е основана организацијата, врските што оваа организација ги има со Македонија речиси од самото основање. Имено, таа потсети дека Елена Колевска била меѓу првите што се одговориле на повикот на Ајуми за основање на организација која би ги застаапувала интересите на жените во техниката, Дина Андоновиќ во првиот боот камп за работа на WiT... 6 години подоцна, како што ќе истакне Ајоки, мисијата на поддршка на жените во техниката не е променета, а движењето вече има влијание на половина милион луѓе.
Интересен избор е што по ова поздравно обраќање конференцијата започна со инспиративна животна приказна. Можеби и токму ова ни беше потребно како вовед и мотивација, Енксаикан Вики Нјамсурен, директор на огранокот на Жени во техниката во Монголија и основач на Емпасофт Техничкиот инститот во Монголија, ни ја раскажа нејзината приказна и патот што таа го изодела од село до технолошки лидер на својата земја. Така дознавме за историјата на образовниот систем, руското влијание во образованието во Монголија, културните шокови при преселувањето од село во град, а и во друга културолошка средина, во Кина којашто имала огромна улога во нејзината мотивација. “Станав едно од тие деца што сакаат да научат работи и да ја променат својата земја”, ќе каже таа за времето помината во школските клупи во Кина, за да потоа по низа години школување кое продолжило во Јапонија и САД, таа се врати назад во родната Монголија и да го оствари овој сон.
По ова тонот на конференцијата се движеже во доменот на практиката. Мирјана Иловска Златановски и Миодраг Цекиќ (основач на Adopt Intelligence; Microsoft MVP Azure AI) со Како АИ да го декодира нашето тело и да помогне во превентива не одведоа до примената на АИ во медицината, поконкретно во медицинската дијагностика. Надежите се дека со анализа на микробиомот од стомакот, спроведена со ВИ, на примерок обезбеден со неинвазивна метода, некои од болести како ракот или паркинсоновата болест, ќе можат да се “уловат” уште при првите сигнали, односно уште пред манифестација на каков и да е симптом на болеста што би оставило доволен временски простор за превентивно делување и намалување на можносстите за развој на најопасната форма на болеста.
Еди Мур Бајран од Мајкрософт Гараж говореше за потребата на усвојување на ВИ агенти во секојдневната бизнис практика, нивната полезност и предностите што тие ги имаат пред чет-ботовите при контактот со клиентите.
Од Јана Клопчевска дознавме и дека ВИ може да има интересна примена во молекуларната гастрономија.
Презентацијата на Линда Череда (VP Marketing Data, Nike), донесе корисни совети за користењето на ВИ во маркетингот, во поглед на автоматизација на работата, односно за предвидување на тоа што би се променило а што би останало исто со воведувањето на ВИ во пребарувачите, кои делови од вашето онлајн присуство би биле клучни за ВИ да го препознае вашиот бизнис и да го препорача на клиентите.
Руј Коста (Data & Machine Learning Team Leader, IKEA) говореше за тоа што го чини лидерот но и за редефинирањето на улогата на лидерот што ја носи присутноста на вештачката интелигенција во работното опкружување.
На ова секако се надоврза излагањето на Димитар Силјановски (CEO, Intertec) коешто се фокусираше на тоа како да се зголеми релевантноста на инженерите во ерата на ВИ односно како да се адаптираме на новите побарување на пазарот на трудот за да нашите вештини останат релевантни за работодавачите, но и како да ја зголемиме нашата видливост за нив.
Франка Гаждани, специјалист за кибербезбедност, говореше за предностите од усвојувањето на блокчејн технологијата за заштита на податоците.
Примената на вештачката интелигенција во образованието беше во фокусот на првата онлајн панел дискусија на WITCON 2025.
Денот го затвори обраќањето на Јасмин (Џеј) Алиќ кој говореше за своето коучинг искуство и можноста што социјалните платформи, конкретно Линкед Ин ја даваат за градење на личниот бренд на секој од нас, преку постови, начин на постови итн.