Колку вештачката интелигенција реално ги загрозува работните места на вработените во ИТ секторот? Дали сме сите заменливи или имаме вештини што автоматиката не може да ги преземе? Што можеме да понудиме за да изградиме и одржиме здрав еко систем во ИТ-индустријата? Ова се некои од прашањата за кои, меѓу другото, се дискутираше на вториот ден од WITCON 2025, третото издание на конференцијата што на годишно ниво ја организира заедницата Women In Tech Macedonia, конференција посветена на техниката, иновацијата и вештачката интелигенција (ВИ).
По кусото поздравно го обраќање од Моника Ризовска Трајковска (Women in Tech Macedonia) и претставниците од златните спонзори на настанот, Халкбанк, Deltarte, Титан, денот започна според зацртаната агенда.

Како утринско кафе беше понудена отрезнувачката анализа на Дамјан Дано (Aqtos.com) за состојбата во ИТ секторот, дека екоситем којшто е заснован на аутсорсинг т.е. давањто на услуга, сам за себе не е одржлив на долги патеки и дека ни е потребен оригинален сопствен производ што ќе го пласираме понатаму ако размислуваме за успех и долгорочен опстанок и развој на домашната ИТ индустрија. Во ова секако помогна паралелата со текстилната индустрија во Македонија, нејзиниот подем и пад.

Бранкица Толевска (A1 Makedonija) ни даде интересен пресек за начинот на којшто ВИ ја предводи бизнис трансформацијата и потребата за адаптација и следење на современите текови со цел да се задржи релевантноста за денес да се опстане во ИТ секторот, како на индивидуално така и на корпоративно ниво. Потребата од постојано учење, стекнување на нови вештини за вработените, реструктуирање на претпријатијата кои ако сакаат да опстанат мора да ја прифатат реалноста за инкорпорирање на ВИ во нивните бизнис процеси, е прифаќање на реалноста и неопходност во новиот свет придвижуван од технологијата.

За сите што на кој и да е начин користат или, уште побитно, сакаат да применат ВИ во нивниот работно опкружување и процес секако дека излагањето на Дејан Алексов (Law Firm ALME) беше 'must see and hear'. Алексов понуди прилично информации за законските рамки за употребата на ВИ во секојдневниот живот и нејзината примената гинеколог на производи, на што треба да се внимава при нејзино вклучување во производот што го нудиме и нејзината намена како дел од пакетот на услуги што тој го покрива. Инфо што секако е повеќе од потребно за стартап заедницата што се обидува да се пробие на домашниот, но уште побитно на европскиот и светскиот пазар.

Конкретната примена на ВИ како алатка за решавање на проблеми и поедноставување на процесите преку примена во автомобилската индустрија поточно во конфигурацијата на електричните возила и нивното полнење на соодветните места, постапка којашто како што дознавме е малку компликувана за корисниците. За ова говореше Тијана Тројнко софтверски инженер во Metergram.

Миодраг Цекиќ (Adopt Intelligence, Microsoft MVP Azure AI), кого го имавме и во вчерашно онлајн издание, говореше за начинот за работа со ВИ, односно потребата од стекнување на вештина од внесување на вистинските податоци за да се дојде до вистински резултати, како и потребата од прифаќање на пристапот на контекст инженеринг пред промпт инженеринг.

На ова природно се надоврза излагањето на Дарко Божиновски којшто го нагласи моментот дека ВИ е тука како алатка, а не замена за нашите спосоности и дека крајниот збор и конструкција треба да произлезе од нашиот ум и интелект а не од машината со којашто работиме, затоа што независно од тоа колку тој модел е ‘паметен’, ВИ неизбежно прави грешки што само човек може да ги детектира и корегира.


Вероника Андоновска и Цветанка Нечевска (Slice) дадоа пресек на она што се применува како стратегија во нивната компанија кога станува збор за примената на ВИ и трансформацијата на работната средина што тоа ја носи.
За еколошкиот проблем на ВИ и нејзиниот огроменапетит кога е во прашање енергијата ЕМИТЕР има пишувано во повеќе наврати. Маја Трајановска (Netcetera) даде совети што секој софтверски/развоен инженер може да направи за да го намали неговиот јаглероден отпечаток при нивниот креативен и производен процес и употребата на ВИ во него.


Стефан Митевски (Mercedes-Benz Mobility) збореше за потребите за од логичко следење на процесот на скалирање и проценување на зрелоста на производот пред пуштање.
Инспиративната приказна на Невена Јошковска (Deltatre) за нејзиното искиство во ИТ бизнисот и во компанијата во којашто таа работи секако е во насока за охрабрување на жените да ги следат своите соништа, дека некои работи се променети на подобро во работното опкружување кога станува збор за поддршката на жените при вработувањето во ИТ секторот, дека жената може да има успешна кариера во ИТ без потреба од правење на премногу компромиси.


Љубинка Илиоска и Николина Стаматовска Илулоска дадоа пресек за практичната употреба на ВИ во конкретен производствен процес – креирањето на цемент, материјал којшто сѐ уште ја претставува основата на современата инфраструктура, но и како овој материјал да се оплемени и направи еколошки попруфатлив за употреба со прифаќање и примена на нови еколошки стандарди и процеси.

Василија Узунова Јованоска (Valtech) даде преглед на еволуцијата на Адоби и адаптацијата на нивниот работен систем и производ на новите текови и услови на пазарот, начините на кои ова може да го прилагодиме кон нашите потреби и како АИ агентите да ги вклучиме во работниот процес на Адоби.
Данчо Димков (Bizbee Solutions) даде поттик на малите и средни претпријатија да ги користат алатките што ги нуди вештачката интелигенција, со оглед на тоа што нејзината примена веќе од финансиски аспект станува достапна за огромен дел од нив, дигиталната трансформација е неопходност, а предностите што таа ги носи се огромни.

На ова природно се надоврза излагањето на Керстин Штир (Еngomo) за употребата на агентски апликации како дел од автоматизацијата на процесите, начините на кои тие треба да се организираат и да комуницираат и како сепак да го задржиме човечкиот фактор при нивната примена.

За тоа како ВИ да го внесеме во работниот процес за да ни помогне во промоцијата и растот на бизнисот говореше и Стефан Вукмановиќ (Starko). Притоа добивме увид и во решението што го нуди неговата компанија.

Илија Вучков (Емкице) говореше за можностите што ги нудат различните грантови за поттикнување на стартапите и етаблираните претпријатија за достигнување на нивните цели.

Употребата на ВИ во медицински цели е тренд последнава декада. Неа ја имаме и како дијагностичка алатка, но и како оперативно помагало и како средство за подобро функционирање на терапевтските медицински уреди и помагала. Добро е да знаеме дека во сегментот на примена на ВИ во медицински цели во Македонија имаме оддели од неколку компании кои работат на оваа проблематика. За ова дознаваме од Бојан Матовски (Pathkeeper) и Синиша Јовиќ (Proxiad), при што секој од нив во своите засебни излагања говореше за проблематиката што ја покриваат, решенијата што ги изработуваат, каде и како тие наоѓаат практична примена, но и какви се досегашните искуства од нив.



За примената на ВИ при процесите на вработување (ова секако ќе ги интересира во ‘кадрово’
) говореше Марина Таневска. Тука дознаваме како да ги користиме предностите на ВИ за да добиеме видливост на нашата апликација, но и како работодавачите полесно да го најдат најдобриот кандидат во ‘шумата’ од CV-а.

Панелот фокусиран на комуникациите и маркетингот во ерата на ВИ не понуди некои револуционерни откритија, но даде резервиран и практичен пресек на состојбата и предизвиците што со себе ги донесе ерата на дигитализација, на социјални медиуми и поткасти, и секако, на ВИ агенти. На темата дискутираа Ина Марковиќ (DINNA AI), Владимир Ристевски ( Piksel / Eventika) и Бојан Кордалов. Модератор на дискусијата беше Димитар Таневски.

За тоа како ВИ ја редефинира продуктивноста на компаниите но и секторот во којшто работат осигурителните компании, говореше Јована Кртолица (Allianz Technology/Women in Tech Macedonia).
За важноста на човечкиот фактор во процесите на дигитализацијата и ерата на примена на ВИ агенти слушнавме видување и анализа на Бенџамин Џафероски (CodeVix). Аналитичкиот пресек на сегментите што ВИ ги носи во работниот процес и оние во коишто човечкиот кадар е незаменлив, поточно сегменитите каде деловниот процес ја експлоатира емоционалната интелигенција.


За крај, по цел ден слушање за ВИ имавме отрезнувачко враќање во реалноста со дискусија за ОИ. Што е ОИ? – можеби ќе се запрашате. Како што не потсети Божидар Спировски, интелигенцијата што ние ја поседуваме – органската интелигенција – е она што секогаш ќе биде потребно и незаменливо кога се работи со ВИ. Тој не потсети дека треба континуирано да работиме на подобрувње на нашата ОИ, на развој на аналогните вештини кај следните генеерации за остварување на континуитет на ОИ, затоа што некој мора да знае да ги преземе работите во свои раце при евентуално затајување на автоматските процеси при некој тип на хаварија – пад на енергетските системи или природна катастрофа.

Наместо заклучок
Вештачката интелигенција е она за што се зборува најмалку последните 5 години. ВИ како иновација што носи нови иновации во начинот на којшто се работи во ИТ индустријата, во креативната индустрија, во маркетингот, во научните истражувања, медицината,... па во речиси сѐ. Дали станавме заменливи? За среќа, сѐ уште не.
Учењето на нови вештини е нешто кое отсекогаш било нужност, дури и за малечките и за мрзливите. Особено за нив. Прилагодувањето на новите услови значи барање нови начини како да ја завршиме работата полесно, а кога можеме = мораме тоа значи и да ја завршиме (многу) подобро. Ова значи изнаоѓање начини новите трендови да работат во наша корист, за оптимизација на деловниот модел и поттикнување на креативниот сегмент од нашата работа – прифаќање и редефинирање на современите алатки согласно нашите потреби.
На овој начин стануваме поотпорни кон можноста да станеме жртва на ‘новотариите’ и да бидеме брендирани како ‘неупотребливи диносауруси’. Прифаќањето на промената под наши услови претставува можност за реинвенција – лична и деловна, нешто што овозможува опстанок на долги патеки.