Рубрика: Медицина
5 години подоцна: Најсеопфатната анализа на науката за ковид третманите
Автор: Марјан Божиновски
Објавено на 22.05.2025 - 12:00

Во првите месеци од пандемијата владееше страв и неизвесност поради вирусот кој глобално се ширеше и немилосрдно ги убиваше најранливите. Официјално, ефективни третмани не постоеја, иако вистината е поинаква. Уште во април 2020 имаше високо ефективна терапија, но таа главно беше игнорирана и се тргна во развој на нови лекови и вакцини. Сега, 5 години подоцна, благодарение на истражувачите од веб страницата c19early.org, имаме многу јасна слика кои третмани за ковид се ефективни, а кои се неефективни па дури и опасни. Генералниот заклучок е дека најефективните третмани се најевтини, најнеефективните третмани се најскапи, а голем дел од скапите третмани не само што се неефективни, туку и го зголемуваат ризикот. Но, да одиме по ред.

Можеби во последните 5 години сте наишле на веб страницата c19early.org. За првпат започнува со работа во јуни 2020 презентирајќи статистички анализи на научни трудови за третмани против ковид. Во првите месеци од пандемијата владееше страв и неизвесност поради вирусот кој глобално се ширеше и немилосрдно ги убиваше најранливите. Официјално, ефективни третмани не постоеја, иако вистината е поинаква. Уште во април 2020 имаше високо ефективна терапија, но тоа е друга приказна. На половина планета во сила беа локдауни, луѓето не смееја да излезат од дома, а кога мораа да излезат, носеа маски и на отворено и на затворено. Децата следеа настава од дома. И покрај невозможните услови за нормален живот, надежта беше голема дека наскоро ќе дојдат вакцини и лекови кои ќе ни го вратат животот каков што го имавме пред ковид.

Огромен број клинички студии за потенцијални третмани се спроведуваа насекаде низ светот, а резултатите често се објавуваа и на пре-принт сервери, без претходна рецензија од колеги (анг. peer-reviewed). Како што ги генерираа новите анализи, така луѓето од c19early.org ги објавуваа и на нивниот профил на тогашниот Твитер. Но, кои се тие луѓе?

Нивните идентитети и после 5 години сѐ уште се непознати, а самите уште од почетокот се опишуваат како “истражувачи со докторати, научници, луѓе кои се надеваат дека ќе дадат придонес, дури и ако е само мал.” Понатаму, велат “можете да ги најдете нашите истражувања во списанија како Science и Nature. Малку сме заинтересирани да ги прошируваме нашите листи на публикации, да бидеме во вестите или да бидеме на телевизија (ги правевме овие работи и претходно, но сметаме дека сега има поважни работи во животот).

 

Првите мета-анализи во декември 2020

Кога се насобраа повеќе студии за ист третман, на пример за витамин Д, ги генерираа првите мета-анализи. Кратко објаснување за оние кои не се запознаени со овој поим. Мета-анализа е статистички метод кој комбинира резултати од повеќе независни студии со контролни групи за да се добие посигурна и прецизна проценка на проучуваниот ефект. На пример, ако 10 студии ја испитуваат ефикасноста на лек за ковид, мета-анализата ќе ги собере нивните резултати за да утврди дали лекот генерално функционира и со каква сигурност.

Така, уште во декември 2020 се појавија првите real-time мета-анализи на ивермектин, хидроксихлорокин и витамин Д. Сите три укажуваа на висока ефективност против ковид. Тоа беше клучниот историски момент кога здравствените регулаторни агенции од целиот свет официјално ги одобрија, масовно ги промовираа и ги дистрибуираа овие третмани до целата светска популација. Вирусот беше искоренет, а пандемијата сузбиена до средината на 2021. За жал, само во некоја алтернативна историја и вселена.

 

Брутална цензура

Да се вратиме на приказната. Само што ги прикажаа мета-анализите на овие ефективни ковид третмани, одеднаш и без никаква најава и објаснување, твитер профилот на оваа група беше перманентно баниран. Ги немаше на твитер цели 2 и пол години, а ги одблокираа дури во јуни 2023, откако Илон Маск ја презема социјалната мрежа. Тоа беа времиња на сурова цензура на фејсбук, твитер, јутјуб и други социјални медиуми.

Веб сајтот не можеа да им го цензурираат и тие продолжија неуморно да работат и да го информираат целиот свет во реално време за сите ефективни и неефективни третмани за ковид. Нивниот 5 годишен труд сумиран во неколку реченици:

c19early анализираше над 5.700 студии за 145 третмани – над 17 милиони часови истражување. Американските власти веруваат дека само три високопрофитни третмани го намалуваат ризикот (ремдесивир, паксловид, молнупиравир). Всушност, многу третмани го намалуваат ризикот, а 25 третмани со ниска цена се одобрени во 163 земји. Само 0,6% од над 9.000 предложени третмани покажуваат намален ризик.

 

Зошто би им верувале на овие тврдења? Можеби се лажни.

Па, не треба им веруваме. Во тоа е поентата на критичкиот ум. Да не прифаќа здраво за готово сѐ што му се сервира од страна на авторитетите, туку скептично да набљудува и да проверува. На пример, да ислуша ТВ интервју на Ентони Фаучи, најпознатиот американски авторитет во областа на инфективните болести (според мејнстрим медицината еден вид на полубог) и потоа да ги провери тврдењата на Фаучи. Истото важи и за информациите презентирани на c19early.org. Сите нивни извори се јавни и проверливи. За мета-анализите, сите податоци потребни за репродукција на анализата се содржани во додатокот, со директни линкови до оригиналните изворни трудови. Кој сака и знае, може да ги репродуцира.

 

Што можеме да научиме од нивните мета-анализи?

Генералниот заклучок е дека најефективните третмани се најевтини, најнеефективните третмани се најскапи, а голем дел од скапите третмани не само што се неефективни, туку и го зголемуваат ризикот. Но, да одиме по ред.

 

Третман на носот и устата

Можете ли да го прифатите ова едноставно сознание, сега после 5 години од почетокот на пандемијата и после толку силни докази? Дека при првите симптоми, третирањето на примарниот извор на почетната инфекција (носот, устата и грлото), драматично ги намалува ризикот од влошување на состојбата и ризикот од пренос на вирусот кон други луѓе. Наједноставен и најефикасен начин да го сузбиете вирусот, да се спасите и себеси и другите. Погледнете го овој збирен дијаграм од мета-анализите на повидон-јод (бетадине). Патем, уште во септември 2020 Емитер објави статија за првите ветувачки студии за повидон-јод.

Поддршка на имунитетот

Витамините А, Ц, Д и цинкот го намалуваат ризикот од повеќе несакани исходи, слично како и кај другите вируси. Најважен од овие е витаминот Д, за којшто една мета-анализа од 2021 утврди дека доколку концентрацијата на серумскиот 25(OH)D3 ви е над 50 ng/mL, ризикот ковид да ве убие е практично НУЛА. Знаејќи го ова, зошто здравствените власти, оние на САД и ЕУ, не препорачуваа(т) суплементација со витамин Д?

Системски медикаменти

Многу системски медикаменти го намалуваат ризикот и може да бидат потребни кога инфекцијата напредува подлабоко од горниот респираторен тракт.

На чело на оваа листа е прерано “дисквалификуваниот” хидроксихлорокин за којшто има силни докази дека е ефективен за профилакса и ран третман. Ако се користи како болнички третман како што беше одобрен за употреба при итни ситуации од FDA во март 2020, тогаш нема да видите фајде од него. Намерно ли го правеа тоа или од незнаење? Па, уште и ако на хоспитализираните од ковид им давате токсично високи дози, во тој случај може да биде и опасен. Токму тоа го правеа во големото клиничко испитување во 2020 под назив RECOVERY спроведено од тим на Универзитетот во Оксфорд. Намерно или од незнаење?

Ивермектин – “лекот за коњски глисти”

Го забележувате и ивермектин, втор на листата? Оној “лекот за коњски глисти” (the horse dewormer)? Да, да, тој што според американската FDA, светската СЗО и речиси сите регулаторни агенции во светот, е неефективен против ковид. Внимавајте сега, параметерот p е веројатност дека ефективноста на даден третман е резултат на случајност. Така, според мета анализата на ивермектин за ковид, збирната ефективност на ивермектин по сите исходи е 60%, смртноста во просек ја намалил за речиси 50% во 105 студии со вкупно 220 илјади пациенти, а p вредноста е помала од 1 во 10 милијарди. Значи, шансата ивермектин да е неефективен за ковид е помала од 1 во 10 милијарди.

Да потсетиме дека во Емитер, во времето на пандемијата, објавивме повеќе статии за сознанијата во врска со превенција и лекување на ковид со ивермектин, а првата беше уште во август 2020 г. Токму благодарение на нашите статии и притисокот од јавноста, во декември 2020 г. нашите здравствени власти одобрија употреба на ивермектин за лекување на ковид во Македонија. Интересно е што нашиот напис “Навистина ли постои безбеден, ефективен и евтин лек за ковид-19?” во комбинација со написот во кој станува збор за протоколите на примена на ивермектинот “Група видни доктори од САД со барање за итна примена на Ивермектин против ковид-19”, беа употребени за информативната брошура  којашто Лекарската комора на Македонија им ја испрати на медицинските лица за примена на овој лек. 

 

Сомнителни студии

Има неколку студии (на пр. PRINCIPLE, TOGETHER, ACTIV-6), кај кои освен што се идентификувани бројни проблеми со дизајнот и спроведувањето на испитувањата и тоа од критична природа, некои од авторите се луѓе со потенцијално сериозни судири на интереси. Овие рандомизирани клинички испитувања “најдоа” дека ивермектин е неефективен. Но, секогаш имајте на ум, токму затоа се прави мета-анализа на сите валидни студии - да се пресмета збирниот ефект. Валидни студии во моментов има 105, а не 6 или 7. И покрај тоа што овие неколку скапи, големи, но сериозно дефектни студии значајно ги контаминираа мета-анализите за ивермектин, сепак просечното намалување на ризикот од сите 105 студии е 60% со 95-процентен интервал на доверба [52%-67%]. Ова е толку робустен резултат што во најлош случај на анализата на чувствителност со исклучување дури 63 од 105 студии мора да бидат исклучени за да се избегне наоѓање статистички значајна ефикасност.

 

Профилактичните студии со ивермектин се апсолутно игнорирани

Фрапантен податок е дека здравствените регулаторни агенции како и мејнстрим медицинската заедница тотално ги игнорираа студиите за профилакса со ивермектин. Всушност, токму тие се најсилниот адут на ивермектин бидејќи покажуваат многу висока ефикасност за превенција на ковид инфекција, и тоа 81% според мета-анализата на 16 студии (со 14,000 субјекти) и 87% според мета-анализата на рандомизираните контролирани испитувања (со околу 2,200 субјекти). Зошто се игнорирани?

Системски медикаменти со висок профит

Постојат високопрофитни системски медикаменти кои се исто така ефикасни, но се помалку достапни и многу поскапи. На пример, паксловид, лекот на Фајзер за ран третман на ковид, од 81 студија со вкупно 168 илјади пациенти, има агрегатна ефективност од 13%, а смртноста ја намалил во просек за 22% (статистички значајни). Како што се гледа, доста помалку ефективен од ивермектин, но многу влади во светот потпишаа договори со Фајзер за набавки вредни милијарди долари. Од друга страна, за ивермектин, сите повторуваат во еден глас дека е неефективен. Бидејќи е без патент и евтин?

Ацетаминофен

Ацетаминофенот, кај нас познат како парацетамол, а во САД како тајленол, го зголемува ризикот од тешки исходи и смртност. Не знам дали се сеќавате, но факт е дека за време на 2020 и добар дел од 2021, западните здравствени власти меѓу кои САД и Австралија, им препорачуваа на болните од ковид да седат дома, да пијат парацетамол, а кога ќе останат без воздух и ќе помодрат поради хипоксија и сатурација под 93%, да се јават во болница. Според мета-анализата на парацетамол, во суштина, здравствените власти (ненамерно или намерно) им препорачувале на граѓаните терапија со која ги доближуваат поблиску до смртен исход. Погледнете ги мета-анализите на парацетамол. За 24% го зголемува ризикот од смртност. Статистички значаен резултат.

Ремдесивир

Ремдесивир беше (и верувале или не, сѐ уште е!) дел од болничкиот протокол за лекување на ковид во САД. Погледнете ги бројките во неговите мета-анализи. Краткорочната болничка смртност (до 45 дена) не ја намалува. Ако пак пациентите се следат подолг временски период по излегувањето од болница, од 2 до 3 месеца, смртноста ја зголемува до 20%. Тоа е резултат на фактот дека ремдесивир сериозно ги оштетува бубрезите и црниот дроб. Да се потсетиме дека овој “прекрасен” лек беше набавен и од македонските власти уште во ноември 2020 при што за 600 третмани се платија само 1,3 милиони евра, и тоа во време кога веќе имаше силни докази дека ремдесивир е неефективен, за што пишувавме во Емитер уште на 1 ноември 2020. Апсурдот да биде уште поголем, овој медикамент сѐ уште се препорачува од страна на NIH во болничкиот протокол за ковид. Неверојатно, но вистинито!?

 

Ефективност наспроти цена

Врз основа на мета-анализите на сите третмани и нивните цени на пазарот, луѓето од c19early.org креираа интересен дијаграм во којшто колку третманот е поефективен толку е повисоко на сликата. Исто така, оние со црвена боја се (многу) скапи третмани. Се забележува следниот образец (патерн):

  • Најефективните третмани се најевтини.
  • Најнеефективните третмани се најскапи.
  • Голем дел од скапите третмани не само што се неефективни, туку и го зголемуваат ризикот.

Ќе беше смешно да не беше трагично.

Јаготка на шлагот: мета-анализа на мета-анализи

За крај, еден исклучително важен, а истовремено и забавен факт. Верните следбеници на мејнстрим медицината, а со тоа индиректно и на големата фармацевтска индустрија, што нешто разбираат од статистика, во текот на целата ковид пандемија папагалски повторуваа дека најголемиот број студии за евтини третмани како ивермектин, хидроксихлорокин, витамин Д, мелатонин, цинк и други се опсервациски, т.е. нерандомизирани контролирани студии, па поради тоа имаат вграден дефект и затоа единствено можат да детектираат корелација (асоцијација), но не и каузалност. Со други зборови, немаат вредност во јавното здравје. На пример, ако ивермектин бил даден на една група пациенти затоа што самите пациенти го сакале, а друга група пациенти одбиле или не биле во можност да го примат, и ако ивермектинската група имала значително помала смртност, од тоа не можело да се заклучи дека ивермектин е тој што ја намалил смртноста затоа што групите не биле однапред креирани по случаен избор (рандомизирани).

Иако ова е валиден аргумент, сепак отфрлањето на опсервациските студии априори е, благо речено, неупатно. Кој е придонесот на c19early.org по ова прашање? Луѓето решија да ја тестираат хипотезата: дали збирните ефекти на рандомизираните студии се разликуваат статистички од збирните ефекти на нерандомизираните студии? Ако има статистички значајна разлика помеѓу нив, тогаш, во општ случај, тоа најверојатно се должи на невоедначените почетни карактеристики на третираната група и нетретираната група кај нерандомизираните студии.

Можете ли да погодите од прва каков резултат добиле? Ни мене не ми се веруваше кога го погледнав таканаречениот forest plot на мега мета-анализата на 102 мета-анализи. Резултатот со нивни зборови:

За 102-те третмани што ги опфаќаме, нема разлика во резултатите помеѓу рандомизирани контролирани студии (РКС) и опсервациски студии, RR 1,00 [0,92-1,08].

За подгрупата на високопрофитни третмани, постои статистички незначаен тренд кон поголема ефикасност во рандомизираните контролирани студии. Ова може да биде поврзано со финансиски судири на интерес.

Со едноставни зборови, овој резултат се толкува вака: опсервациските, нерандомизирани контролирани студии за ковид третмани имаа иста вредност како и рандомизираните студии при определувањето на причинско-последичните врски помеѓу третманите и клиничките исходи.

End of story.

Клучни зборови: