Многу интересен преглед на развојот на автомобилските пневматици од аспект на екстерен дизајн е прикажан на фотографијата подолу. Промените во дизајнот веднаш се воочуваат. Но, претходно неколку напомени за да може правилно да се протолкува фотографијата.
Ширината на пневматикот воопшто не влијае на остварување на големината на погонската или кочната сила на пневматикот со подлогата, т.е. асфалтот. Имено, погонската или влечната сила или кочната сила или силата на кочење исклучиво зависат само од нормалната сила на тркалото врз подлогата и коефициентот на триење, т.е. таа е производ на вие две големини. Ова е парадокс на силата на триење и за него ќе пишуваме повеќе во некоја друга прилика. Втор момент кој треба да се има предвид за да се разбере фотографијата е статистичкиот податок дека автомобилот во 95-98% од времето во возење го поминува во остварување на влечна сила, а само неколку проценти отпаѓа во кочење.
Сега можеме да преминеме во толкување на фотографијава. На неа јасно се гледа дека првите пневматици биле тенки. Едноставно, тогаш немало потреба од широки пневматици со оглед дека возилата имале мала моќност на моторот и мали брзини. Пневматиците, заради фактот што поминувале мала километража временски биле доволно трајни, т.е. сѐ додека природниот циклус на материјалот од кој се направени не започнувал да се деградира.
Но, што се случува одејќи со годините нанапред на оваа фотографија? Силината на погонскиот мотор се зголемувала, брзините на автомобилот исто така, а со самото тоа расте и ширината на пневматикот. Зошто? Едноставно – при големи брзини ползењето на гумата во допир со асфалтот во кривина е големо, па пневматикот поинтензивно и перманентно се троши, а исто така и ползењето на пневматикот од погонската сила (возење нанапред и по права делница) е траен и голем како вредност и тоа влијае на интензивното трошење на пневматикот. Значи, ако пневматикот има мала ширина – тој брзо би се истрошил.
Уште еднаш да напоменам: ширината на пневматикот нема влијание на безбедноста на возење, т.е. остварување на силата на триење со подлогата. За да го одложиме брзото абење на пневматикот мора да додадеме материјал за подолго да трае. Материјалот на газниот слој може да се додаде во дебелина на газниот слој и во ширина на газниот слој. Подобро е да се додаде во ширина или да се оди во ширина и затоа со напредокот на конструкцијата на автомобилите и пневматиците стануваат се пошироки и пошироки. Ова е особено изразено кај спортските автомобили.
Но, има и една друга причина за да се оди во ширина, а тоа е комотно да се преминат малите дупки без тркалото да пропадне во дупката на патот што директно влијае на комоцијата и удобноста на патувањето. Може да се забележи дека во последните години од овој преглед кога силите на моторот и брзината на движење на автомобилот се исклучително големи во однос на 20-тите години од минатиот век, газниот слој на пневматикот е многу широк.
Заклучок: моќен мотор + големи брзини = широки пневматици
Остана уште да се прокоментираат шарките на самиот газен слој, но тоа во некоја следна прилика.
Повеќе за автомобилските пневматици може да прочитате во:
• Пневматици - сé за и околу нив (1. дел)
• Пневматици - сè за и околу нив (2. дел)
• Збор-два за автомобилските пневматици
• Трошење на гумите
• Интересни факти за пневматиците
• Нови ЕУ – налепници за автомобилски пневматици