Неодамнешната анализа на податоците од мисијата Касини на НАСА дополнително го консолидираше интересот за можноста дека некоја форма на живот можеби опстојува на сатурновата месечина Енкелад. Откритијата го потврдија присуството на цијанидна киселина, една од основните молекули во потеклото на животот, која беше детектирана во огромната прекривка од мраз и во водената пареа што се пробива низ ледената површина на оваа сатурнова месечина.
Овие нови откритија се само дополнителна побуда за претходните хипотези кои веќе ја разгледуваа можноста дека Енкелад поседува услови поволни за живот, онаков каков што го разбираме.
Но, дали е можно Енкелад да изнедри живот? Идејата не е нова. Всушност, во минатото се теоретизираше дека оваа месечина може да понуди животна средина погодна за развој на животот, а пред некоја година беше детектирано и присуството на органски молекули.
Покрај откривањето на цијановодород, неодамнешните истражувања откриле дека во океанот, скриен под ледената прекривка на Енкелад, има значителен извор на хемиска енергија, од различни органски соединенија. Според д-р Џона Питер, главен автор на студијата објавена неодамна во Nature Astronomy „Енкелад се чини дека ги нуди потребните услови и супстанции не само за создавање, туку и за одржување на животните форми преку метаболички реакции“.
Aнализата на податоците од Касини се чини дека даде нов импулс во потрагата по знаци за живот на Енкелад. Овие важни откритија, засновани на детални статистички анализи на податоците собрани од јонскиот и неутралниот масен спектрометар на мисијата Касини, претставуваат голем поттик за понатамошно истражување и нови лабораториски експерименти. Тоа ќе овозможи дополнително да го продлабочиме нашето знаење за потенцијалот на Енкелад за развој и за одржување на животот.
И покрај крајот на мисијата Касини која заврши со контролираното рушење врз површината на Ситурн во 2017 година (види Последната задача на орбитерот од мисијата Касини и Два дена до крајот на Касини), набљудувањата направени од ова летало продолжуваат да обезбедуваат нови податоци и идеи за проучување на Сатурн и неговите месечини. Возбудата околу можноста Енкелад да претставува место поволно за животот е сѐ уште голема, и се очекува таа и понатаму да поттикнува понатамошни истражувања и откритија во потрага по вонземски живот во нашиот Сончев систем.