Рубрика: Астрономија и астронаутика
И на Сатурновата месечина Енцелад има комплексни органски молекули
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 28.06.2018 - 14:00

Гејзерите кои се извишуваат од површината на Енцелад

Оваа недела, во списанието Nature беше објавено откритието на комплексни органски молекули во длабочините на Сатурновата месечина Енцелад.

Енцелад, со дијаметар од едвај околу 505 километри, е шестата најголема месечина на Сатурн. Во 2005 година, вселенската сонда Касини откри гејзири од водена пареа и честички мраз како еруптираат од Енцелад, што беше знак за постоење на огромен скриен океан под замрзнатата површина. Водејќи се од начелото што важи на Земјата, дека каде што има вода има и живот, се чини дека откритието на течна вода на Енцелад може да значи и постоење на некоја форма на живот.

Претходно, научниците детектирале само едноставни органски соединенија, со големина од најмногу до пет јаглеродни атоми во гејзирите на Енцелад. Но, сега беа откриени молекули со најмалку 15 јаглеродни атоми и, како што тврди Френк Постберг, планетарен научник од Универзитетот Хајделберг во Германија, се работи за прво откритие на комплексни органски молекули надвор од Земјата.

Научниците ги анализирале податоците од Касини, добиени при неговиот прелет низ гејзирите на Енцелад, како и во моментите кога сондата поминувала низ Сатурновиот прстен Е, кој се состои од зрнца леден прав исфрлен од Енцелад. Истражувачите откриле зрнца од мраз кои изобилувале со комплексен органски материјал, како во гејзирите, така и во составот на прстенот E.

Се претпоставува дека овие органски материјали се создаваат во внатрешноста на топлото, карпесто и фрагментирано јадро на Енцелад, кое изобилува со вода.

Органските материјали потоа се вбризгуваат заедно со топлата вода во постудениот океан преку хидротермални отвори. Тука тие лесно можат да се упатат кон океанската површина преку ѕидовите од гасните меури што се издигаат во неа.

Потсбер забележува дека најголем дел од откриените органски молекули се наоѓаат во примероците од прстенот Е. Ова можеби е показател дека органските молекули не се создале на Енцелад, туку настанале под дејство на сончевите зраци во прстените, иако се забележува и дека присуството на органските молекули е поголемо во реоните од прстенот коишто се поблиску до Енцелад.

Научниците предупредуваат дека наоѓањето на органски молекули не значи и цврст доказ за постоење на живот. Следниот логичен чекор е понатамошно испитување на Сатурновата месечина Енцелад во потрага по вонземски живот. Новата мисија којашто е планирана да биде наскоро лансирана кон оваа дестинација би можела да открие што значи ова ново откритие за можноста да се развие живот во екстремните услови на ледените месечини како Енцелад.

ЕСА веќе има планирани мисии што треба да се упатат и кон Јупитер и неговите месечини Ганимед и Европа, кои исто така под површината кријат огромни океани. Мисиите Клипер (Europa Clipper) и ЈУИЦ се закажани за лансирање во 2022 година. Нивна цел е да проверат дали и на Јупитеровите месечини има услови за живот.

Клучни зборови:
Гејзерите кои се извишуваат од површината на Енцелад

Гејзерите кои се извишуваат од површината на Енцелад 

Сатурновата месечина Енцелад во прстенот Е

Сатурновата месечина Енцелад во прстенот Е