Рубрика: Астрономија и астронаутика
Роверот Упорност пристига на Марс (ВИДЕО)
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 18.02.2021 - 16:45

Меко спуштање за роверот Упорност - уметничка визија

Мисијата Марс2020 пристигна на Марс. Што понатаму? Првиот чекор е мекото спуштање на роверот Упорност (Perseverаnce) на тлото на планетата кое треба да се случи денес во 21 часот и 55 минути по наше време. Роверот е предвидено да се спушти во кратерот Језеро, на северната марсова хемисфера.

Мисијата на роверот Упорност се надоврзува на сите претходни мисии на НАСА преземени на Црвената планета. Се работи за досега најсофистициран ровер, опремен со опрема и инструменти кои треба да дадат податоци за понатамошните мисии со човечки екипаж. Покрај ова роверот е опремен и со мини хеликоптер наречен Генијалност (Ingenuity), кој ќе биде првото летало што ќе се вивне во атмосферата на друго небесно тело (види во Марс Хеликоптер Скаут – првиот хеликоптер подготвен за лет на друга планета). И како куриозитет, овој ровер со себе носи и досега најголем број камери, што ќе овозможи следење на секој негов ‘чекор’ на површината, речиси исто како да сте на Марс со него.


Една од главните цели на Упорност е барање на знаци на живот на Марс. Токму поради тоа е и избрана локацијата на неговото спуштање – 45 километри широкиот кратер Језеро. Се смета дека токму тука, пред околу 2,6 милијарди години имало езеро со големина од приближно 500 km2, во коешто се влевала голема река која на утоката формирала голема делта. Во НАСА веруваат дека во наслагите од речен нанос во делтата и на дното од некогашното езеро можеби останале зачувани органски молекули како и други потенцијални знаци на микробски живот. Ова е поттикнато од откритието на органски молекули од страна на роверот Љубопитност (Curiosity) направено во јуни 2013 година, а потврдено во јуни 2018 година (види Пронајдени органски молекули на Марс)

Роверот ќе прибира и важни податоци во врска со геологијата и климата на Марс. Научниците веќе одамна претпоставуваат дека на Марс имало изобилство од вода (види Воденото минато на Марс и Доказите за воденото минато на Марс) и многу погуста атмосфера. Разбирањето на климатските услови кои владееле во минатото и ‘читањето’ на геолошката историја впишана во карпите и почвата на Марс ќе им овозможи на научниците да добијат појасна претстава за тоа како изгледала оваа планета во минатото, а исто така ќе помогне и во решавањето на загатката зошто Земјата и Марс и покрај низа сличности во развојот сепак на крајот имале различна ‘судбина’.

Како што и претходно пишувавме спуштањето на Упорност на Марс е само еден дел од патувањето, затоа што за првпат е предвидено собирање на примероци од тлото и нивно испраќање на Земјата. За ова повеќе може да прочитате во Мисија за донесување примероци од Марс на Земјата Имено додека Упорност се движи низ кратерот Језеро трагајќи по биомаркери тој ќе собира карактеристични примероци од тлото, кои потоа ќе ги складира во и ќе ги остава на површината на кратерот. Примероците ќе треба да ги ‘собере’ роверот кој ќе биде лансиран 2026 година, а тој ќе ги лансира во орбитата на Марс, од каде ќе бидат преземени од летало кое ќе ги достави до Земјата.

Како што споменав, Упорност ќе испроба и технологии кои треба да помогнат во испраќањето на луѓе на црвената планета. Од овие технологии можеби најбитна е автопилотот Terrain-Relative Navigation, којшто треба да овозможи брзо и автоматско прилагодување на траекторијата на леталото при спуштање на површината на планетата.

Откако одблиску се запознавме со мисијата останува уште да држиме палци за успешно спуштање. Целиот настан НАСА ќе го пренесува во живо, а ќе може да го проследите на NASA TV (тука) како и на Фејсбук страната од настанот #CountdownToMars Landing — Perseverance Rover Virtual NASA Social.

И не заборавајте, ако го испративте Вашето име на Марс кога ве информиравме за оваа можност, како што тоа го направив јас (види слика подолу), денес и вие станувате дел од историјата на вселенски истражувања wink.

 

Видео во живо
Клучни зборови:
Меко спуштање за роверот Упорност - уметничка визија

Меко спуштање за роверот Упорност - уметничка визија (слика: NASA/JPL-Caltech)

Марс на дофат на мисијата Марс2020  - уметничка визија

Марс на дофат на мисијата Марс2020 - уметничка визија (слика: NASA/JPL-Caltech)

Меко спуштање за роверот Упорност - уметничка визија

Меко спуштање за роверот Упорност - уметничка визија (слика: NASA/JPL-Caltech)

Упорност и Генијалност во истражувачка мисија  - уметничка визија

Упорност и Генијалност во истражувачка мисија  - уметничка визија (слика: NASA/JPL-Caltech)

Како ќе се одвива спуштањето на роверот по етапи

Како ќе се одвива спуштањето на роверот по етапи (слика: NASA/JPL-Caltech)

Дали и вие го испративте вашето име на Марс?

Дали и вие го испративте вашето име на Марс?