Рубрика: Астрономија и астронаутика
Марс Хеликоптер Скаут – првиот хеликоптер подготвен за лет на друга планета
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 11.06.2019 - 09:30

Во JPL привршуваат со изведбата на хеликоптерот  што треба да биде првиот воздухоплов направен од човечка рака што ќе лета и ќе лебди над површината на Марс. Истражувачите и инженерите се подготвени за последните тестови на ова летало именувано едноставно како Марс Хеликоптер Скаут (МХС).

Хеликоптерот со маса од 1,8 килограми (тежина од 17,6 Њутни) ќе биде составен дел од мисијата на роверот Марс2020. Леталото е проектирано и развиено во Лабораторијата за млазен погон (Jet Propulsion Laboratory) на НАСА во Пасадена, Калифорнија, а дел од тестовите ќе се спроведуваат и во просториите на авиоиндустрискиот гигант Локид Мартин во Денвер.

Во јануари оваа година, тимот на ЈПЛ користеше атмосферска комора и "систем за симулација на гравитацијата" со којшто се тестираше способноста на сондата да лета под услови слични со оние на Марс. Имено, на Црвената планета гравитацијата изнесува 38% од гравитацијата на Земјата, додека атмосферата таму има приближно само 1% од густината на нашата атмосфера. Токму поради ова проектираниот хеликоптер е многу лесен и ефикасен – МХС на Земјата тежи само 17,6 N, што значи дека на Марс би тежел едвај 7,1 N.

По тој тест, МХС е препратен во просториите на Локид Мартин каде се  тестираше системот за испорака што ќе го врзува хеликоптерот за трупот од роверот Марс2020 сè до неговото пуштање во атмосферата. Конкретно, во Локид Мартин потврдија дека хеликоптерот ќе се вклопи во докинг рампата и дека нема да претрпи оштетувања од вибрациите за време на лансирањето или на слетувањето. Минатиот месец, МХС доби и нов соларен панел, а во ЈПЛ беа спроведени и дополнителни испитувања на елисата од роторот, сè со цел да се потврди беспрекорното функционирање на 1500-те делови изработени од јаглеродни влакна, алуминиум, силициум, бакар и аерогел.

Марс Хеликоптерот е опремен со коаксијален ротор со дијаметар од 120 cm, вградената батерија има маса од 273 g а се полни преку фотонапонските ќелии коишто даваат енергија за лет од 90 секунди за тој ден, по што мора да се полни.  Максималната височина што леталото може да ја постигне или т.н. “плафон на лет” изнесува 400 m, а најголемиот домет – 600 m. Опремен е со две камери.

МХС нема да биде опремен со научни инструменти, а негова примарна цел е да се утврди дали летала потешки од воздухот може да функционираат во условите на ретка атмосфера на Марс, но и да се демонстрира ефикасноста на далечинската контрола врз неговиот лет што ќе се одвива од Земјата. Но, леталото во себе ќе има вградена камера со висока резолуција, којашто, ако сè функционира како што треба, ќе ги достави првите слики на Марс направени од воздух. Ако мисијата биде успешна, сосема е извесно дека следните мисии на Марс ќе вклучуваат и роботски летала што ќе внесат нова димензија во истражувањето на Црвената планета. Ултралесните хеликоптери ќе можат да пристапат до стрмните карпи и брегови каде досегашните роботски мисии немаа пристап, а истовремено значително ќе биде зголемен и периметарот на реонот во којшто ќе се спроведуваат научните истражувања.

Клучни зборови: