Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 15.2.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 15.02.2021 - 13:15

Во денешниот времеплов ги славиме родендените на италијанскиот ренесансен гениј, физичар и астроном – Галилео Галилеј, на творецот на програмскиот јазик PASCAL – Никлаус Вирт, и на американскиот астроном Вилијам Пикеринг. Покрај ова ја одбележуваме годишнината од метеорската експлозија над градот Челјабинск...

 

15.2.1564 – Роден е Галилео Галилеј

Галилео Галилеј (Galileo Galilei), италијански физичар и астроном, е првиот човек којшто насочил телескоп кон ноќното ѕвездено небо. Првите негови откритија биле во областа на физиката, а неговата дејност во астрономијата започнала кога тој самиот конструирал телескоп во 1609 год. Помеѓу неколку други откритија, неговото најважно откритие се 4-те најголеми Јупитерови сателити: Јо, Европа, Ганимед и Калисто. Имено, во фактот што тие орбитираат околу Јупитер, а не околу Земјата, тој видел индиректен доказ на Коперниковиот хелиоцентричен систем, па станал негов поддржувач. Поради тоа дошол во конфликт со католичката црква, која го обвинила за ерес (кривоверство), и за да ја избегне судбата на несреќниот Џордано Бруно, кого католичката црква жив го запалила на клада поради неговите напредни идеи, Галилеј бил принуден на понижувачки начин клечејќи на колена во покајничка кошула, да се откаже од своите научни сфаќања, но, сепак бил осуден на доживотен затвор, подоцна заменет со куќен притвор. Починал на 8.1.1642. (П. Л.)

 

15.2.1934 – Роден е Никлаус Вирт

Никлаус Вирт (Niklaus Emil Wirth) е творецот на програмскиот јазик PASCAL, кој на почетокот служеше во едукативни цели. Неговиот следен проект беше Оберон – комбинација на програмски јазик и оперативен систем за работните машини (workstations). CADtools, наменет за хардверски дизајн. Имаше за цел да го премости јазот меѓу софтверот и хардверот.

Роден е во Швајцарија. По завршувањето на факултетот магистрираше на Универзитетот Лавал во Канада во 1960, а докторираше на Универзитетот Беркли во Калифорнија, САД, во 1963 година.

Од 1963 до 1967 година предаваше на Универзитетот Стенфорд, а од 1967 до 1975 беше професор по компјутерски науки на Универзитетот во Цирих, Швајцарија. Од 1975 до 1999 година, Вирт беше професор по компјутерски науки на Федералниот институт за технологија, Цирих.

Добитник е на наградите ACM's A.M. Turing Award и на IEEE Computer Society's Computer Pioneer Award. (З. И.)

 

15.2.2013 – Експлозија на метеор над Челјабинск

Во 2013 година, жителите на Челјабинск, град со околу 1 милион жители сместен на 1500 километри источно од Москва, беа сведоци на најголемата експлозија на метеор по 1908 година (за ова пишувавме во ЕМИТЕР 2/2013Метеор експлодираше над Русија ).

За потсетување токму во 1908 година се случила познатата експлозија на метеор во ретко населената сибирска област Тунгуска (за ова сме пишувале во ЕМИТЕР 7-8/2003Енигмата на Тунгуската експлозија од 1908 година, ЕМИТЕР 9/2008100 години од тунгуската експлозија и Емитер 10/2013Енигмата на тунгуската експлозија разрешена?). Разликата е и тоа што како индиректна последица од експлозијата во Чeлjабинск беа пријавени околу 1500 повредени лица, претежно од искршено стакло и други секундарни случувања, што го прави настан од ваков тип со најмногу повредени лица.

Метеоритот со дијаметар од 20 метри и тежина од 12 000 тони, во Земјината атмосфера влегол околу 9:20 утрото, по локално време, движејќи се со брзина од околу 68 400 км/час. При експлозијата се ослободила енергија од 440 килотони, што било доволно да се оштетат над 7000 околни објекти, или, колку за илустрација, се ослободила енергија со јачина од 26 до 33 пати поголема од атомската експлозија во Хирошима.  (Г. П./Н.С.)

 

15.02.1858 – Роден е Вилијам Пикеринг

Роден е американскиот астроном Вилијам Пикеринг (William Henry Pickering), најпознат по откритието на Сатурновата месечина Феба, деветта по ред, која била прва месечина за која било откриено дека се движи ретроградно во однос на нејзината матична планета.

Покрај тоа откритие, Пикеринг е познат и по навистина деталното набљудување и истражување на планетата Марс. Слично како и Ловел пред него, во 1892 година тој тврдел дека пронашол промени на површината на Марс, со што ја поддржал теоријата за можност од живот на Марс. Тој дури отишол чекор подалеку во однос на претпоставките за вонземски живот, кога во 1903 година излегол со тврдење дека постои живот и на Месечината. Тој ова го заклучил проучувајќи ги цртежите на Месечината направени од Џовани Рикиоли во 1651 година. Пикеринг тврдел дека во тој момент можеле да се забележат промени во изгледот на површината на нашиот сателит, кои можеле да настанат при присуство на вегетација на Месечината. (Н.С.)

Клучни зборови:
Италијанскиот ренесансен гениј, физичар и астроном – Галилео Галилеј

Италијанскиот ренесансен гениј, физичар и астроном – Галилео Галилеј

Творецот на програмскиот јазик PASCAL, Никлаус Вирт

Творецот на програмскиот јазик PASCAL, Никлаус Вирт 

Творецот на програмскиот јазик PASCAL, Никлаус Вирт

Творецот на програмскиот јазик PASCAL, Никлаус Вирт 

Метеорската експлозија над Челјабинск

Метеорската експлозија над Челјабинск

Метеорската експлозија над Челјабинск

Метеорската експлозија над Челјабинск

Американскиот астроном Вилијам Пикеринг

Американскиот астроном Вилијам Пикеринг