Во неделата наутро, тимот на Јапонската агенција за вселенски истражувања JAXA ја “подигна” капсулата од мисијата Хајабуса 2 од местото на слетување – во близина на малото гратче Вумера сместено во австралиската забит.
Само неколку часа претходно капсулата успешно се одвои од матичното летало, влезе во земјината атмосфера и исцрта светлосен лак на небото долж на нејзиниот пат кон површината на Земјата. Тимот на мисијата мошне брзо го лоцираше местото кадешто капсулата приземји во австралиската пустина.
Во капсулата се наоѓа материјалот што сондата го собра од астероидот Ријугу. Ова е втор случај на Земјата успешно да биде донесен материјал од површината на еден астероид, а за првпат во историјата да биде донесен и примерок од неговата внатрешност.
Успешното приземјување на капсулата е кулминација на едно долго патување – од лансирањето на Хајабуса 2 поминаа шест години и четири дена. Хајабуса 2 беше лансирана кон крајот на 2014 година и пристигна до Ријугу во јуни 2018 година, а земањето примероци започна на почетокот од следната година, по што се упати кон дома. ЕМИТЕР го следеше развојот на мисијата и во повеќе наврати пишувавме за нејзиниот тек па така повеќе за овие делови од мисијата може да прочитате во Јапонската сонда Хајабуса 2 се подготвува за слетување, Пристигнаа првите фотографии од површината на астероидот Ријугу, Хајабуса 2 започна да собира примероци од Ријугу, Хајабуса 2 се враќа дома.
Капсулата ќе биде отворена по пристигнувањето во Јапонија, каде треба да биде пренесена за најмногу 100 часа од слетувањето. Се проценува дека во капсулата има едвај еден грам материјал од астероидот. Но, иако оваа количина е навидум мала, таа е доволна за да понуди одговор за некои горливи научни прашања. Имено, спектроскопските скенови на површината од Ријугу веќе покажаа траги од минерали кои содржат вода, па се очекува примероците да дадат податоци во врска со создавањето и градбата на Сончевиот систем, на пример. Ова се должи на тоа што примероците се безбедно запечатени и незагадени од некакви други влијанија што не е случај со парчињата што минале низ атмосфетата и паднале на површината на Земјата како метеорити.
Според договорот помеѓу JAXA и NASA, американците ќе добијат 10% од материјалот за проучување, а за возврат јапонците ќе добијат ист процент од материјалот што сондата OSIRIS-REx треба да го донесе од астероидот Бену во 2023 година.
Ова не е крај за сондата Хајабуса 2. Леталото има доволно ксенонско гориво во за посета на уште два астероида, посети што треба да се реализираат во 2026 и 2031 година.