По серијата ризични маневри, вселенското летало Хајабуса 2 (Hayabusa 2) се враќа дома од својата мисија на астероидот Ријугу.
Сондата на Јапонската вселенска агенција JAXA ги вклучи помошните мотори на 13 ноември во 10:05 часот по јапонско стандардно време, оддалечувајќи се од астероидот со брзина помала од 10 сантиметри во секунда. На 10 декември се очекува сондата да почне да ги користи своите јонски мотори и да го започне своето патување назад кон Земјата, каде што се очекува да пристигне кон крајот на следната година. По нејзиното пристигнување во орбита на Земјата, Хајабуса 2 ќе го испорача драгоцениот товар со примероци од површината на Ријугу со помош на капсулата дизајнирана да ги издржи предизвиците на спуштањето низ Земјината атмосфера.
Како што веќе пишувавме, мисијата Хајабуса 2 беше лансирана кон крајот на 2014 година, а на целта – астероидот Ријугу – пристигна некаде кон средината на минатата година (види тука и тука). Се работи за прва мисија којашто успеа да издвои доволно примероци од површината на еден астероид (во 2010 година Хајабуса 1 донесе на Земјата само минимална количина микроскопско мали честички од астероидот Итокава (Itokawa), заради дефект на уредот за собирање примероци). Како што известивме, дел од материјалот беше обезбеден и со бомбардирање на површината со цел да се создаде кратер, по што беа собрани првите потповршински примероци од астероидот.
Ријугу е широк само еден километар и неговото тело наликува на детската играчка вртимушка. Астероидот има невообичаено темно тело, што веројатно се должи на присуството на високи концентрации од јаглерод.
При досегашните испитувања на Хајабуса 2 е откриено дека астероидот има изненадувачки мала густина, што укажува дека се работи за група од помали карпи/ астероиди. Можеби токму поради ова површината на Ријугу е неверојатно нерамна, со огромен број карпи расфрлани по површината на астероидот. Ова можеше да се забележи и од фотографиите испорачани од Хајабуса 2. Првичните истражувања засновани врз податоците доставени од сондата укажуваат дека Ријугу се формирал од парчињата што останале по судирот на две поголеми тела од Сончевиот систем.