Рубрика: Астрономија и астронаутика
Хајабуса 2 започна да собира примероци од Ријугу
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 26.02.2019 - 11:00

Сенката на малечката сонда врз површината на астероидот Ријугу

Во првиот од трите планирани обиди да зграби прав од астероидот, леталото Хајабуса 2 ја допре површината на Рјугу. Анализите на собраните примероци би дале увид во процесот на формирање на планетите, но исто така би можеле да донесат одговори за можноста за развој на живот на друго место во Сончевиот систем.

Но, колку вкупно прашина Хајабуса 2 ќе успее да зграби, научниците нема да знаат со сигурност сè до 2020 година, кога леталото треба да се врати на Земјата.

Кога Хајабуса 2 пристигна до Ријугу во јуни минатата година (види тука), научниците беа изненадени од тоа што површината на астероидот е прекриена со камења. Овој нерамен терен го отежна процесот за пронаоѓање на добро место за слетување на овој ромбоиден астероид широк 1 km.

Во декември, тимот на Земјата изврши низа експерименти со цел да осигураат дека зацртаната техника за собирање на примероци ќе функционира и на таква карпеста површина. Тестовите покажаа дека стратегијата, со испукување на куршум од тантал во површината, ќе подигне доволно астероидна прашина којашто потоа сондата ќе ја собере со помош на инструментот во вид на рог.

Научниците од JAXA во контролната соба на мисијата во Сагамихара на 21 февруари ја примија трансмисијата на податоци од Хајабуса 2 којашто потврди дека сондата безбедно го допрела Ријугу.

Веднаш потоа, тимот потврди дека вселенското летало успешно го испукало куршумот, што значи дека веројатно собрало и примерок од површината. Сондата потоа се издигнала над површината и се повлекла на безбедно растојание од Ријугу.

Хајабуса 2 располага со уште два куршума за другите два дополнителни обиди за собирање примероци што треба да се реализираат во текот на оваа година. При собирањето на еден од примероците, тимот планира да употреби поголем проектил со цел да се направи подлабок кратер во астероидот и да се обезбеди материјал од под површината.

Кога вселенското летало ќе се врати на Земјата, научниците ќе ги испитаат примероците, барајќи знаци за присуство на органски материи. Евентуалното откритие на овие материи би помогнало да се објасни појавата на живот во Сончевиот систем.

Клучни зборови:
Сенката на малечката сонда врз површината на астероидот Ријугу

Сенката на малечката сонда врз површината на астероидот Ријугу