Првите ровери што ја истражуваат површината на астероид на 21 септември слетаа на површината на Ријугу по што почнаа да фотографираат. Со сигурност се знае дека барем еден од двата ровера почнал да скока наоколу.
Како што пишавме и претходно, по тригодишно патување, леталото Хајабуса 2 на 27 јуни пристигна на својата цел. Леталото гo испушти контејнерот MINERVA-II1 од височина од 60 метри, по што од контејнерот излегоа два цилиндрични ровери со пречник од 18 сантиметри. Со оглед на тоа што гравитацијата на астероидот Ријугу е мошне слаба, роверите можат да скокаат наоколу со употреба на ротирачки мотори. Моторите генерираат ротационен потисок што овозможува роверите да летаат околу 15-тина минути.
На 22 септември Јапонската вселенска агенција JAXA ги објави првите матни фотографии добиени од роверите, а една од фотографиите се чини дека е направена на сред скок.
Ровер од типот MINERVA за првпат беше испратен уште при првата мисија Хајабуса за истражување на астероидот Итокава во 2005 година. Но, веднаш по неговото лансирање од леталото, роверот го промаши астероидот и заврши загубен во вселенскиот простор.
Во леталото Хајабуса 2 се наоѓа и германско-францускиот ровер MASCOT што треба да се упати кон површината на Ријугу на 4. октомври и ќе им се придружи на роверите MINERVA-II1 за мерења на составот на астероидот, температурата и магнетните својства. Третиот ровер од типот MINERVA II треба да слета на астероидот некаде во 2019 година.
Некаде кон крајот на месец октомври е планирано леталото Хајабуса 2 да слета на површината на избраната локација во близина на екваторот на астероидот. Леталото треба да собере примероци од прав пред да се врати назад во орбита. Во зависност од тоа како ќе се одвива собирањето примероци, леталото можеби ќе слета уште на две локации за да собере примероци од различни места на астероидот. Ако успее, леталото ќе ги донесе примероците прав на Земјата некаде во 2020 година.