Декорирана слонова коска, обработена за да се носи со ремен – врвка или животинска жила, е најстариот украсен предмет изработен од Хомо Сапиенс а пронајден на просторот на Евроазија. Приврзокот, којшто датира од пред 41 500 години, е пронајден во пештера во Полска. Откритието, опишано во Scientific Reports, долго чекаше на верификација од италијански, германски и полски научници (од Универзитетот во Болоња, од Институтот Макс Планк и од Универзитетот во Вроцлав во Полска) за да се идентификува видот на хоминидот што го создал украсниот предмет – дали се работи за дело на хомо сапиенс или на неандерталец? Научната заедница се произнесе дури деновиве.