Колкумина од вас би сакале да можат да комуницираат со саканата личност која починала? Веројатно добар дел од вас што го читате ова. Технологијата нуди начин за остварување на ваков сон, но многумина се предомислуваат. Според учесниците во едно истражување спроведено во Соединетите Американски Држави чии резултати се објавени неодамна во Asian Journal of Law and Economics, всушност, многу работи не се како што треба со таканареченото „дигитално воскреснување“ (или „дигитално клонирање“), особено ако тоа е направено без согласност на директно инволвираниот, т.е. починатиот. Пред да навлеземе во резултатите од истражувањето, да објасниме за што точно се работи.
Методот за кој станува збор се состои во можност за електронско допишување со чет-бот, кој работи на ист начин како и најпознатите генеративни вештачки интелигенции (ChatGPT, Bard, Bing), но со една клучна разлика – ваштачката интелигенција не се обучува со веб-содржни туки со сето она што починатото лице го создало во дигитална форма во текот на целиот свој живот: четови, текстуални пораки, гласовни пораки, е-пошта итн. На овој начин, софтверот може да го моделира својот стил на пишување според оној на починатиот и да одговара на пораките на сличен начин како што тој правел додека бил жив, користејќи ги истите емотикони, правејќи ги истите граматички грешки, па дури и повторувајќи ги неговите карактеристични одлики во поглед на смисла за хумор, чувствителност и вкусови. Накратко, ќе имате впечаток како да разговарате со таа личност, како да е сѐ уште жива.
Колкумина од вас би биле подготвени за разговор со дигитално 'воскресната' личност?
Со денешната современа технологија, „воскреснувањето“ на личноста е мошне лесно да се реализира, детска игра или “мачешка кашлица” што би рекле. И тука на сцена стапува истражувањето на Масаки Ивасаки, професор на Националниот универзитет во Сеул.
Во истражувањето учествувале 222 возрасни Американци на различни возрасти, со различни нивоа на образование и социоекономско потекло. На учесниците им беше претставено хипотетичко сценарио во кое 20-годишна жена загинала во сообраќајна несреќа, а нејзините пријатели и родители размислувале да користат вештачка интелигенција за да ја рекреираат како дигитален андроид. На половина од учесниците им било кажано дека додека била жива девојката не изразила согласност за таква можност, додека на другата половина им било кажано спротивното. 97% од интервјуираните во првата група верувале дека би било несоодветно таа да се реанимира дигитално, додека 58% од втората група биле убедени дека е правилно да се направи тоа, доколку постои писмена согласност.
Но, кога предлогот се префрлил на лична основа, значителен број од учесниците изразиле неволност за идејата. 59% од вкупниот број изјавиле дека, во нивниот случај, не би дале согласност да бидат „реанимирани“ во вид на четбот, додека 40% сметаат дека тоа е општествено неприфатливо во секој случај, наведувајќи етички, религиозни и психолошки причини и истакнувајќи ја важноста на процесот на тагување.
Општите чувства на луѓето, дека желбите на мртвите треба да се почитуваат, всушност не се заштитени во повеќето земји. Дигитално создадениот Џон Ленон во филмот Форест Гамп, или анимираниот холограм на Ејми Вајнхаус, откриваат дека „правата“ на мртвите лесно се отфрлаат од оние во земјата на живите.
Дали Ејми Вајнхаус би го одобрила користењето на нејзиното дигитално наследство за холографската реинкарнација што денес држи концерти?
Дали при пушување на тестаментвашата треба да го имате предвид и евентуалното дигитално воскресение? Веројатно треба, но во моментов нема јасни законски регулативи на оваа тема, така што дали вашата последна желба ќе биде испочитувана е неизвесно.
Во светот веќе постојат многу генеративни услуги, како Replika („ВИ придружник со чувства “) и Project December („Симулирајте ги мртвите“), што со помош на вештачка интелигенција овозможуваат разговори со чет-ботови кои реплицираат личности на вистински луѓе. Услугата You, Only Virtual (YOV) (Вие, само виртуелно) им овозможува на корисниците да прикачат нечии текстуални пораки, е-пошта и гласовни записи од разговори со цел создавање на чет-бот „версона“. И, да не заборавиме, во 2020 година Мајкрософт доби патент за создавање чет-ботови од податоци со текст, глас и слика за живи луѓе, како и за историски личности и измислени ликови, со можност за прикажување во 2D или во 3D.
Според Ивасаки, светот можеби сѐ уште не е подготвен за ваква практика, дел и поради раширените предрасуди во врска со оваа нова технологија. Но, во моментов е мошне важно да не се исклучи можноста за дигитално клонирање на оние кои изразуваат силна желба во оваа смисла, и да се разговара многу на оваа тема со цел да се заштитат правата и на живите и на мртвите.