Рубрика: Историја и археологија
Варијациите во магнетното поле на Земјата ‘впишани’ во тули од Месопотамија
Објавено на 23.01.2024 - 13:00

Тула од печена глина од Вавилон, со печат на Набукодоносор II

Со анализа на теракотни тули направени во Месопотамија помеѓу третиот и првиот милениум пред новата ера, истражувачите прецизно ја следеле еволуцијата на локалното магнетно поле на Земјата во овој период.

Еден од трнливите проблеми на археологијата е апсолутното датирање, односно доделување прецизна временска референца на некој предмет или настан. За жал, податоците што се користат за ова апсолутно датирање понекогаш се непрецизни, особено за далечните периоди каде што историските текстови се ретки или непостоечки. Овие неточности ја објаснуваат, меѓу другото, и големата маргина на грешка (до 150 години) во хронологиите на владеењето на месопотамиските кралеви во третиот и вториот милениум п.н.е. Датирањето со јаглерод 14 тука не е од голема помош, бидејќи придружните методи имаат прецизност од 200 години во овој период и тие се однесуваат само на органската материја. Метју Хауланд (Matthew Howland) од Државниот универзитет на Вичита, САД, и неговите колеги, во нивниот труд објавен неодамна во PLOS предлагаат употреба на варијациите на магнетното поле на Земјата за усовршување на археолошкото датирање.

Натписот на оваа тула покажува дека таа датира од времето на владеењето на Набукодоносор II. Циглата била украдена од нејзината оригинална локација пред да биде пронајдена од музејот Слемани во Сулејманија, Ирак.  Фото: Музеј Слемани

Имено, при нивното формирање магматските карпи кои содржат феромагнетни минерали ја снимаат насоката и интензитетот на магнетното поле на Земјата во времето на нивното формирање, процес познат како „термореманентна магнетизација“. Ова се случива при кристализацијата на вулкански карпи но, што е мошне интересно, и при печењето на предметите од теракота! Теракотните тули се изработени од глинени материјали кои содржат железни оксиди, кои добиваат термоманентна магнетизација додека се ладат во печката откако биле испечени на температури од преку 600 °C. Овие градежни елементи биле користени во градовите во Месопотамија од 5-тиот милениум п.н.е., особено за градба на религиозни и елитни објекти, односно оние што треба да поотпорни на ерозија. Понекогаш при процесто на производство на тулите биле испишувани имињата на кралевите кои владееле во времето кога тие биле изработени, што честопати дозволува нивно приближно датирање.

Меѓу повеќе од стотина предмети од теракота, тимот на Метју Хауланд избрал 32 тули кои датираат од крајот на III до средината на I-виот милениум п.н.е., пронајдени на неколку ирачки археолошки локалитети. Од натписите (се однесуваат на дванаесет различни кралеви) и мерењата на магнетизацијата на тулите, тие ја специфицирале кривата на варијација на интензитетот на магнетното поле на Земјата во Месопотамија како функција на времето, со тоа што ја усогласувале со една од хронологиите на Месопотамските династии што се користат од археолозите. Бидејќи тулите ја менувале ориентацијата во текот на нивното постоење, било невозможно тие да се искористат за проучување на насоката на магнетното поле на Земјата.

Зачуван дел од храмот Еана во Урук. Набукодоносор бил првосвештеник на храмот Еана од 626/625 п.н.е. до 617 п.н.е. Фото: Marcus Cyron/Википедија

Благодарение на добиената крива, истражувачите потврдиле дека Месопотамија, како и другите региони во светот во исто време (Европа, Кина, итн.), доживеала период на висок геомагнетен интензитет помеѓу 1050 и 550 п.н.е., со мошне брзи промени (особено за време на владеењето на познатиот Набукодоносор II, помеѓу 604 и 562 п.н.е.): аномалија на Левант во железното време. Понатаму, резолуцијата на оваа крива, која допрва треба да се рафинира, заедно со периодот на владење би овозможиле во иднина поголема прецизност, од редот на една деценија, во датирањето на археолошките теракоти со мерење на интензитетот на нивната термоманентна магнетизација.

Клучни зборови:
Тула од печена глина од Вавилон, со печат на Набукодоносор II

Тула од печена глина од Вавилон, со печат во кој се вметнати името и титулите на Набукодоносор II Фото: Osama Shukir Muhammed Amin FRCP(Glasg) /Википедија

Натписот на оваа тула покажува дека таа датира од времето на владеењето на Набукодоносор II

Натписот на оваа тула покажува дека таа датира од времето на владеењето на Набукодоносор II. Циглата била украдена од нејзината оригинална локација пред да биде пронајдена од музејот Слемани во Сулејманија, Ирак. Фото: Музеј Слемани

Зачуван дел од храмот Еана во Урук.

Зачуван дел од храмот Еана во Урук. Набукодоносор бил првосвештеник на храмот Еана од 626/625 п.н.е. до 617 п.н.е. Фото: Marcus Cyron/Википедија

32-те печени тули кои ги поминаа критериумите за прифатливост и хронологија во оваа студија и резултатите од претходните студии од Месопотамија

32-те печени тули кои ги поминаа критериумите за прифатливост и хронологија во оваа студија и резултатите од претходните студии од Месопотамија (податоци од GEOMAGIA50. v3, 15), поставени наспроти LAC. Резултатите се илустрирани со продолжени ленти за грешка (ефективно 2σ) за вредностите на интензитетот (оската Y) и грешката што го прикажува опсегот на потенцијалната старост за секој објект, врз основа на толкувањето на натписот. Датумите за оваа студија се според Ниска хронологија