Рубрика: Аудио и видеотехника
Камера за набљудување на светот низ очите на животините, во реално време
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 24.01.2024 - 13:45

Повеќето животни го гледаат светот поинаку од нас, луѓето. Некои од нив низ призмата на потесен а некои низ поширок опсег на бои. Научниците сега создадоа камера што во реално време ги реплицира боите онака како што ги гледаат различни животни. Системот користи две камери и софтвер кој може да произведе видеа во кои една иста сцена се прикажува како таа изгледа набљудувана од различни видови.

За детекција на бојата главна улога имаат клетките наречени чепчиња во мрежницата на животното. Луѓето поседуваат 3 вида чепчиња што овозмоќуваат за прием на брановите должини од светлината кои се црвени, зелени и сини. Комбинациите на овие бранови должини создаваат плејада од прекрасни нијанси во кои можеме да уживаме. Иако не сите луѓе имаат целосно функционални чепчиња, па така тие патат од недостаток на вид во боја или далтонизам.

Некои животни гледаат помалку бои од луѓето. Кучињата, на пример, многу подобро гледаат сини и жолти, отколку виолетови, зелени, црвени и портокалови нијанси. Мачките имаат два вида чепчиња за детекција на боите, што им овозможува “прием” на сино-виолетови и жолто-зелени бранови должини од светлината, но не и на црвено-портокаловата.

Ние небото го гледаме сино. Но, за птиците кои гледаат и во ултравиолетовото браново подрачје тоа мошне веројатно изгледа UV-сино

Некои животни, пак, можат да гледаат и надвор од „видливиот спектар“ на човечкиот опсег на бои. Колибрите и пчелите, на пример, можат да видат во ултравиолетовиот дел од спектарот што им помага да најдат нектар. Бидејќи луѓето не можат да ја видат УВ светлина, ние буквално не можеме ниту да ги замислиме сите бои што овие животни можат да ги видат. (Повеќе за системот за вид може да прочитате во Еволутивниот пат на системот за вид)

Како другите видови го гледаат светот дознаваме со испитување на нивниот систем за вид, а особено на чепчињата во мрежницата на животното. Но, сосема друга работа е да можеме светот да го видиме со нивни очи. Новата камера, опишана во трудот во PLOS Biology, има за цел да го направи токму тоа.

Различните премази за заштита од сонце кои за нас на крај се безбојни, видени низ очите на пчела имаат жолта боја. Имено заштитните масла и креми ја впиваат ултравиолетовата светлина, па така тие не се бели или безбојни за животните кои го гледаат овој дел од светлосниот спектар

„Златниот стандард“ за овој вид на истражување е хиперспектралната слика, техника која може да фати еднакви бранови должини на светлина надвор од видливиот и ултравиолетовиот спектар. Но, таквата опрема чини повеќе од 20 000 американски долари. Новиот камера систем може да чини само неколку илјади долари, што би овозможило негова поширока употреба за снимање живописни животински прикази во движење. Истражувачите користеле две комерцијални камери сместени во 3Д-печатено куќиште за да снимаат видеа и во опсегот на видливата и во оној на ултравиолетовата светлина. Имено, камерата снима во 4 различни канали во боја: сина, зелена, црвена и УВ.  Снимката потоа се пушта низ софтверска обработка, и врз основа на постоечкото знаење за фоторецепторите во очите на дадено животно софтверски се процесира кои бранови должини на светлината специфични животни ги гледаат со голи очи. Програмата ги обработува видеокадрите за да ја одрази перспективата и на овој начин се добива прилично точна претстава за видот на животното.

Резултатите вклучуваат шарени видеа кои прикажуваат како пчела би видела гасеница која открива скриен дел од телото и крупен кадар од пајак во скок. Системот функционира најдобро на растојанија од 2 метри со животни кои не се движат пребрзо за фокусот на камерата.

Во споредба со традиционалните спектрофотометриски методи, тимот открил дека нивните снимби направени во реално време биле со прецизност од 92%.

Се очекува овој видео систем и придружниот софтверски пакет да им овозможат на еколозите во истражување на тоа како животните ги користат боите во динамични бихејвиорални прикази, начините на кои природното осветлување ги менува воочените бои и други загатки што останале нерешени поради недостаток на соодветни алатки.

И секако, оваа алатка на научниците и филмаџиите им нуди нов, емпириски втемелен пристап за прикажување на перцептивните светови на другите, нечовечки видови.

Клучни зборови:
Ние небото го гледаме сино. Но, за птиците кои гледаат и во ултравиолетовото браново подрачје тоа се чини ултравиолетово-сино

Ние небото го гледаме сино. Но, за птиците кои гледаат и во ултравиолетовото браново подрачје тоа мошне веројатно изгледа ултравиолетово-сино

Различните премази за заштита од сонце кои за нас на крај се безбојни, видени низ очите на пчела имаат жолта боја

Различните премази за заштита од сонце кои за нас на крај се безбојни, видени низ очите на пчела имаат жолта боја. Имено заштитните масла и креми ја впиваат ултравиолетовата светлина, па така тие не се бели или безбојни за животните кои го гледаат овој дел од светлосниот спектар