Рубрика: Биологија
Допаминот овозможува да ја бараме (или заборавиме) личноста која ја сакаме
Објавено на 24.01.2024 - 11:45

Допаминот го преплавува мозокот на вљубените кога го бараат партнерот или кога се наоѓаат во нивно присуство; но се спушта на минимални нивоа по раскинување на врската,... за да нѐ заштити.

Ако животот ви изгледа розов додека по сообраќајниот метеж возите со автомобилот до вашиот партнер, тоа е затоа што вашиот мозок е преплавен со истиот невротрансмитер што го наведува мозокот да бара слатки, никотин или кокаин – допаминот. Оваа супстанција е хемискиот мелем кој ги снабдува центрите за награди во мозокот и го одржува пламенот на желбата. Нејзината улога е позната веќе подолго време, но сега научниците го набљудуваа допаминот во акција, во живо, и среде романтичната жештина на врската, и по разидувањето на двајца животни партнери.

За волја на вистината, студијата што деновиве конечно е објавена во Cell Current Biology не опфаќа луѓе, туку прериски волухари (Microtus ochrogaster), мали глодари кои честопати се земаат како субјекти при проучувањето на врски во парови. Ова се должи на тоа што повеќето забележани случаи овие североамерикански прериски глувци формираат моногамни врски, споделувајќи го дувлото со партнерот и грижата за младенчињата. Невронаучниците од Универзитетот во Болдер Колорадо (САД) со многу тенки сензори со оптички влакна следеле што се случува, од милисекунда во милисекунда, во мозоците на глодарите непосредно пред повторното соединување со својата сакана или средбата со слични примероци што никогаш претходно не ги виделе.

Конкретно, тие го проучувале мозочниот регион nucleus accumbens, кој ги мотивира луѓето да бараат форми на награда, на пример храна кога се гладни. За овој регион се знае и дека се активира кога ја држиме саканата личност за рака. Секогаш кога сензорот поставен во вид на мала нараквица забележувал ослободување на допамин, тој светел. Кога волухарите успеале да стигнат до партнерот поминувајќи мал тест (како притискање на рачка за да се отвори врата или да се помине некоја бариера), сензорот светел со голем интензитет, а истото се случувало и додека повторно обединетите “љубовници” се гушкале. Сјајот бил значително помалку видлив кога зад вратата или ѕидот се наоѓало непознато глувче.

Изобилството на допамин е од суштинско значење за да нѐ мотивира во потрагата по партнер кога сме заљубени и е добар показател за хармонијата на парот. Но, студијата, исто така, фрли светлина и за тоа како оваа хемиска активност се менува откако врската на парот ќе заврши. Во вториот дел од експериментот, научниците ги држеле заљубените волухари разделени 4 недели, кратко време за оние кои се навикнати на врски на далечина, но цела вечност во поглед на краткиот живот на овие глодари (волухарите живеат максимум 1 до 2 години). 

Кога некогашните партнери повторно се сретнале обете животинчиња се сетиле еден на друг, но напливот на допамин во нивните мозоци практично отсуствувал. Хемискиот отпечаток на желбата веќе се изгубил. Авторите претпоставуваат дека ова можеби претставува своевиден заштитен механизам на мозокот, кој на овој начин спречува губење на животот во потрага по невозвратена љубов и овозможува ресетирање на теренот за единката да се подготви за нова врска.

Секако, потребно е многу време за да разбереме дали она што е забележано кај волухарите важи и за сложениот човечки мозок. Но, проучувањето на она што се случува на неврохемиско ниво во здравите емоционални врски може да им помогне на луѓето кои патолошки се борат да влезат во врска или на оние кои, дури и по долго време, не можат да се опорават од крајот на врската.

Клучни зборови: