Со актуелизацијата на Чебрен во септември 2023 година за првпат ја истакнавме важноста на реверзибилните хидроелектрани (РХЕ) како најдобар начин за складирање на енергијата од обновливите извори на енергија (ОИЕ) во идниот електроенергетски систем (ЕЕС) на државата. Од друга страна, бизнис-лобито, гледајќи тука шанса за брз профит од трговија, ја пропагираше приказната дека батериските системи за складирање се всушност она што ни треба, иако 99% од складирањето во светот се врши со РХЕ. Техниката на ОИЕ и складирањето на енергијата во меѓувреме брзо се развиваше, па со најновите сознанија и врз основа на факти ќе видиме дека двете предложени решенија за Чебрен и 100%-ната примена на батериите треба да се отфрлат, бидејќи постојат пооптимални решенија.