Некои луѓе успеваат да ја избегнат деменцијата и покрај тоа што носат гени кои значително го зголемуваат ризикот од нејзина појава. Научниците сега ги истражуваат нивните геноми за да ги откријат природните механизми кои би можеле да отворат нови патишта за лекување на оваа состојба.
Додека најголем дел од истражувањата за Алцхајмеровата болест се насочени кон откривање на генетските фактори што го зголемуваат ризикот за развој, една група научници тргнала во спротивна насока. Наместо да ги проучуваат луѓето кај кои болеста се појавува, тие ги истражуваат оние кои и покрај високата генетска предиспозиција и напредната возраст успеваат да ја избегнат деменцијата. Овие луѓе, понекогаш нарекувани "суперстарци" (super-agers), би можеле да кријат важни генетски тајни за заштитата на мозокот од невродегенерација.
Една од истражувачките пионерки во оваа област е генетичарката Хене Холстеге од Медицинскиот центар при Универзитетот во Амстердам. Нејзиниот проект започнал во 2013 година, по пет години неуспешни обиди да обезбеди финансиска поддршка за реализација. Оттогаш до денес нејзиниот тим, заедно со други истражувачи, успеле да идентификуваат повеќе ретки генетски варијанти кои изгледа дека обезбедуваат одреден степен на заштита од Алцхајмеровата болест. Во оваа насока особено внимание привлекол генот ApoE, кој го кодира протеинот аполипопротеин Е (ApoE). Овој протеин има важна улога во транспортот на масти меѓу клетките, но истовремено влијае и врз таложењето на амилоидни наслаги во мозокот.

Споредба помеѓу мозок без амилоидни наслаги и мозок со изразено присуство на амилоидни плаки Слика: ЕМИТЕР / ВИ
Постојат три главни варијанти на овој ген: ApoE2, ApoE3 и ApoE4. Најчестата, ApoE3, се смета за основна варијанта, додека APOE4 значително го зголемува ризикот од Алцхајмерова болест. Од друга страна, APOE2 го намалува ризикот, а луѓето со две негови копии можат да ја одложат појавата на болеста и до десет години. Но, вистинско изненадување било откритието на исклучително ретки варијанти кои се чини дека го неутрализираат дури и неповолното дејство на ApoE4.
Еден таков пример е варијантата Крајстчрч (Christchurch), именувана според новозеландскиот град каде што таа била откриена. Кај една жена со две копии од оваа варијанта, и покрај силната генетска предиспозиција и присуството на големи количества амилоидни наслаги во мозокот, когнитивното здравје се задржало околу три децении подолго од очекуваното. Друга интересна варијанта, наречена Џексонвил (Jacksonville), влијае врз начинот на којшто протеинот ApoE се врзува за мастите. Експериментите со лабораториски глувци покажале дека таа е поврзана со помало создавање на амилоидни наслаги и помало оштетување на нервните клетки.

Протеин којшто се чини дека нуди заштита од деменција Слика: Нејчр / T. Канекјо и др Neuron (2014); Х.-Ј Мун и др. Frontiers of Molecular Neuroscience (2024).
А истражувањата откриваат и други можни механизми на заштита. Во 2024 година, научниците идентификувале ретки варијанти на генот за фибронектин 1, протеин кој обезбедува структурна поддршка на клетките и на крвните садови. Кај луѓето со две копии од ApoE4, овие варијанти можеби ја ограничуваат прекумерната акумулација на фибронектин околу мозочните крвни садови, со што се намалува нарушувањето на крвно-мозочната бариера.
Научниците сметаат дека овие откритија би можеле да ја променат насоката за идниот развој на лекови. Наместо да се обидуваат само да ги отстранат амилоидните наслаги и протеинските заплеткувања од мозокот, идните третмани би можеле да ги користат природните механизми што кај одредени луѓе спречуваат напредок на болеста.
Сепак, патот од истражување до готова терапија е сѐ уште долг. Претстои уште многу работа. Истражувачите треба да утврдат како заштитните генетски варијанти функционираат и дали нивното дејство може безбедно да се имитира со лекови.
Можеби највозбудливиот дел од ова истражување е сознанието дека природата веќе има ги испробано некои од можните решенија. Сега останува на научниците да откријат како овие решенија да ги преточат во терапии достапни за сите.