Рубрика: Телекомуникации
Објавена книгата Small Station – Big Operator: Low-Profile Amateur Radio
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 09.11.2026 - 19:15

Од печат излезе книгата „Small Station – Big Operator: Low-Profile Amateur Radio“ („Мала радиостаница – голем оператор: нископрофилно радиоаматерство“) од Владимир Ковачески, Z35M, македонски радиоаматер, долгогодишен соработник на ЕМИТЕР и автор на повеќе книги од областа на радиоаматерството.

Книгата се темели на повеќедецениското лично радиоаматерско искуство на авторот и обработува еден поинаков пристап кон ова хоби, во кој знаењето, вештините, искуството, правилната проценка и личната иницијатива на радиооператорот имаат поголемо значење од големината и цената на радиоаматерската станица.

Еден од мотивите за пишување на оваа книга е и фактот што во радиоаматерската литература доминираат теми од техничкиот аспект на хобито – радиоконструкција, опрема, антени и електронски склопови, додека мошне помалку внимание се посветува на тоа како стекнатото техничко знаење практично да се примени во радиоаматерската работа во етерот. Токму на оваа димензија, односно на радиооператорските способности и начинот на искористување на расположливите технички можности, книгата посветува посебно внимание.

Преку примери од секојдневната работа на кратки бранови, работата со мала моќност, активностите на отворено и натпреварувањето од нископрофилна станица, авторот ги преиспитува вообичаените сфаќања за тоа каква опрема е неопходна за постигнување на добри резултати. Притоа, книгата не е критика на моќните радиостаници, скапата опрема или технолошкиот напредок, туку поттик за радиоаматерите да ги препознаат можностите што веќе ги имаат на располагање и да извлечат максимум од нив.

Основната порака е дека најважниот ресурс на секоја радиоаматерска станица е самиот радиооператор. Наместо постојано да се размислува за она што недостасува во опремата, треба да се вложува во сопственото знаење, да се стекнува искуство и да се развиваат радиооператорските способности. Затоа и пораката на книгата е едноставна: пред да ја надградиш радиостаницата, надгради го радиооператорот.

Книгата е наменета за радиоаматери од различни генерации и со различно ниво на искуство, особено за оние што сакаат да ги унапредат своите радиооператорски способности и да откријат нови можности во радиоаматерството, независно од расположливата опрема.

Книгата е достапна на Amazon(тука), а може да се набави и директно од авторот Владимир Ковачески, Z35M.

Ковачески е долгогодишен соработник на списанието ЕМИТЕР и автор на книгите „Радиоаматерство“, „Герила портабл – радиоаматерски активности на отворено“, „Guerrilla Portable – a guide to ultralight outdoor amateur radio“, „Златна јоносфера – радиоаматерство на кратки бранови“, „Радиоаматерството во Македонија – развој, криза, нов почеток“ и „Amateur radio under communism and after – a personal experience from Macedonia“, од кои поголем дел се достапни во е-продавницата на списанието (тука).

Клучни зборови: