По турбулентната седмица во којашто дознавме дека: 1 – Хуанг имал афера со кинеска шпионка, 2 – постои сериозна можност Хуанг да споделил деловни тајни, 3 – Хуанг се извини за своите постапки на неговото семејство и на вработиените во компанијата итн, само што пристигна вест дека Јенсен Хуанг поднесе оставка на неговите функции во компанијата. Денешната оставка на човекот кој ја претвори Нвидиа во технолошки столб на револуцијата на вештачката интелигенција отвора сериозни прашања за иднината на компанијата и за стабилноста на индустријата што во голема мера зависи од неа.
Џенсен Хуанг (Jensen Huang), коосновач и долгогодишен извршен директор на Нвидиа (Nvidia), поднесе оставка од сите свои функции во компанијата, вклучувајќи ги претседателската функција, позицијата извршен директор и членството во Управниот одбор. Одлуката стапува во сила веднаш, соопшти компанијата денес, 12 ноември 2026 година. Притоа за привремена извршна директорка е назначена досегашната финансиска директорка Колет Крес (Colette Kress), која ќе продолжи да ја извршува и финансиската функција до изборот на траен наследник. Во меѓувереме управниот одбор ќе разгледува кандидати од компанијата, но и надвор од неа. За нов претседател на одборот е назначен Харви Џонс, поранешен директор на компанијата за полуспроводнички дизајн, Синопсис (Synopsys).

Џенсен Хуанг фото: Нвидиа
Како што знаеме сите, освен оние што последнава недела не биле скриени под камен, ненадејната промена доаѓа по серијата скандали од приватниот живот на Хуанг, кои мошне бргу се претворија во сериозна корпоративна криза и безбедносен кошмар.
Случајот започна со објавувањето информации за неговата интимна врска со Алис Хуанг (Alice Huang), деловна жена која претходно имала висока функција во сингапурската компанија Мегаспид (Megaspeed), деловен партнер на Нвидиа.
Според американски разузнавачки извори, Алис наводно била регрутирана од кинеската разузнавачка служба за собирање на информации за Хуанг и за неговата компанија. Овие наводи се предмет на истрага, иако кинеската влада (очекувано) ги отфрла обвинувањата.
Дополнителен притисок врз директорот создадоа и дојавите дека тој имал уште една вонбрачна афера, овојпат со Кимберли Пауел (Kimberly Powell), потпретседателка на секторот за здравствени технологии во Нвидиа, која му била директно подредена, што отвори и прашања за можен судир на интереси и прекршување на корпоративните правила.
Во неделата (8 ноември) Хуанг испратил порака со јавно извинување до вработените. Во пораката тој призна дека бил неверен кон сопругата, се извини за своите постапки и вети целосна соработка со истрагата. Управниот одбор претходно соопшти дека нема докази оти биле компромитирани националната безбедност или деловните тајни на компанијата, но сепак започна независна истрага.
Хуанг ја основа Нвидиа во 1993 година, заедно со Крис Малаховски и Кертис Прием. Компанијата првично се фокусираше на графички процесори за персонални компјутери и видеоигри. Пресвртницата дојде во 2012 година, кога успехот на невронската мрежа AlexNet во препознавање слики покажа дека графичките процесори можат да бидат исклучително ефикасни и во обработката на огромни количества податоци потребни за погонување на вештачката интелигенција.

фото: Нвидиа
Хуанг навреме ја препозна оваа можност и ја насочи компанијата кон развој на хардвер и софтвер за машинско учење и вештачка интелигенција. Ова резултираше со доминација на Нвидиа на пазарот на графички процесори и позиционирање на нејзините чипови како основна инфраструктура за тренирање и извршување на современите модели на вештачка интелигенција, вклучувајќи ги ChatGPT и Claude. Софтверската платформа CUDA дополнително ја зацврсти нејзината позиција на пазарот. Во 2025 година Нвидиа стана прва компанија во историјата чијашто пазарна вредност надмина четири трилиони долари.
Заминувањето на Хуанг претставува сериозен тест за компанијата. Предизвикот нема да биде само пронаоѓање на нов извршен директор, туку и зачувување на стратегиската насока и деловните партнерства што Хуанг ги градеше со години, да не каќеме и со децении. Тој беше многу повеќе од менаџер, лично учествуваше во клучните технолошки одлуки, ги обликуваше инвестициите, партнерствата и деловните стратегии со кои Нвидиа стана централна фигура во глобалната ВИ-индустрија.
Денешната вест за заминување на Хуанг од кормилото, ги потресе финансиските пазари. Инвеститорите реагираа нервозно и акциите на Нвидиа забележаа двоцифрен пад (се спомнуваат дури 25%). Пазарната вредност на компанијата одеднаш се намали за стотици милијарди долари. Се шушка дури и за конечно пукање на ВИ-балонот, па работите треба будно да се следат.
Додека не се дознае кој дефинитивно ќе го наследи Хуанг, останува неизвесно дали Нвидиа ќе може задржи својата позиција. За компанијата што практично го симболизира подемот на ВИ, овој шок ќе биде тест за нејзината способност да продолжи да доминира во индустријата и без човекот кој повеќе од три децении беше нејзиниот главен визионер. Компанијата има силна технолошка и финансиска основа, но заминувањето на Хуанг ја откри огромната зависност од работата на еден човек.