Во овој текст на читателите на ЕМИТЕР ќе им ја откријам вистината за некои длабоко вкоренети заблуди во врска со звукот кој го даваат Hi-Fi уредите. Сите податоци кои ќе ги изнесам се научно докажани факти, а понекаде има и некои мои размислувања (кои слободно можете да ги прифатите како научни факти). Популарните Hi-Fi списанија се преполни со тестови на разни Hi-Fi (се чита Хај-Фај) уреди, кабли, стативи за звучници, масички за уреди и слично. Се разбира, во тестовите сите тие уреди различно звучат; се прават топ листи на најдобрите уреди и се избираат победниците. Нема ништо чудно во тоа, бидејќи целта на постоењето на Hi-Fi списанијата е да ја најдат разликата и таму каде ја нема, за да може да продадат што повеќе примероци од нивното "многу критички настроено" списание. Искрено одговорете - дали воопшто би купувале некое Hi-Fi списание ако таму пишува дека исто звучат 95% од сите тестирани засилувачи? Што е најинтересно, овој податок е научно, статистички и практично докажан - на општ ужас на сите излажани купувачи.