Почитуван господине Филевски!
Не знам дали писмово ќе стигне право кај вас, па затоа сакам прво да ја поздравам целата редакција, посебно уредникот. Списанието ви е одлично, како што видов од последните два-три броја, бидејќи не го следам од почеток. Мислам дека фалеше едно вакво списание кај нас, особено откако ги "снема" оние екс-YU списанија. Доста е богато со информации и сега за сега ги задоволува читателите, што не значи дека треба да се застане тука. Секоја чест и само напред!
Причина за ова писмо што го пратив токму до вас се секако звучниците. Би ви поставил неколку прашања...
1.) ...Списанието не го (следам) од самиот почеток, па затоа би сакал, се разбира доколку може, да добијам копии од текстовите за звучници што веќе биле објавени...
2.) Сакам сам да изработам бас звучна кутија со звучник од 12", евентуално 15". Кој да биде материјалот за изработка - иверка, медијапан или нешто трето? Дали тоа да биде компресиона, бас-рефлекс или како што јас би сакал... (цртеж). Би сакал да ми предложите некои идеи за изгледот, а по можност и димензии на кутијата. Бидејќи сеуште немам купено бас-звучник, каков да земам и што може да се најде овде во Скопје?...
3.) ...Спомнувате некакви Thiele-Small параметри. Ме интересира што се тие?...
4.) ...Дали е точно дека постои некоја си поделба на Хи-Фи и на професионални звучници? Дали Hi-Fi звучници се оние кои имаат гумена спојка на мембраната со металното куќиште, а кај професионалните спојката е од истиот материјал како и мембраната? Како е подобро да биде?...
5.) ...Помислив да купам од МАКПЕТРОЛ авто басови PIONEER од 12", за да ги вградам во кутија. Меѓутоа, често ми укажуваа дека тоа не е добра идеја, но никој не знаеше да ми каже зошто? Која е причината? Дали постои посебна изработка на бас-звучник за автомобил и бас-звучник за во кутија (просторија)?...
Петрушевски Горан од Скопје
(Писмото го пренесуваме делумно скратено)
Ви се заблагодарувам (и уредникот исто така) на пофалбите и на Вашето интересирање за моите текстови. Нема потреба да жалите за екс-YU списанијата, бидејќи од нив немаше да научите ама баш ништо за звучниците. Просторот е ограничен, па веднаш ќе прејдам на одговорите:
1.) Се разбира дека не можам да Ви ги испратам тие копии. Ако нема доволно читатели кои ќе го купуваат ЕМИТЕР, списанието ќе згасне, а тоа не сакате да се случи, нели? Целта на излегувањето на ЕМИТЕР не е да се збогатат уредникот и соработниците (на брз и лесен начин), туку да се популаризира електрониката и аудио, видео и компјутерската техника.
Ако не можете да ги купите сите досегашни броеви со моите текстови, тогаш би Ви сугерирал барем да го нарачате ЕМИТЕР 5/95, по цена од 100 денари. Во овој број, во текстот "Компресиони звучни кутии" го објаснив начинот на пресметка и конструкција на звучните кутии. Тој текст злато вреди, а камо ли само 100 денари.
2.) Иако во писмото не сте напишале за што и за каде Ви требаат такви кутии, претпоставувам дека со нив сакате да озвучите голема просторија (диско?). Најважно е да се знае намената, па дури после се одлучува за изборот на звучникот и звучната кутија.
Еден од најдобрите материјали за кутии за домашна употреба е медијапанот, но тој е од два до три пати поскап од иверката. Сепак и иверката е сосема добар материјал. Кутиите кои што често треба да се пренесуваат од едно до друго место (т.е. професионалните) најдобро е да се направат од водоотпорна повеќеслојна шперплоча (20 mm). Tаа шперплоча е три пати поскапа од иверката.
Тоа што сте го нацртале е кутија од типот на експоненцијална хорна. Повеќе на таа тема можете да прочитате во ЕМИТЕР 10/96, во текстот "Звучни кутии - сите видови на светот". Експоненцијалните хорни имаат покомплицирана конструкција и затоа не се препорачуваат на аматерите за градба. За почеток, би Ви препорачал да направите компресиона или бас-рефлекс кутија. Бидејќи досега не сум ги објавил формулите за пресметка на бас-рефлекс кутиите, за таа услуга ќе мора да побарате помош во малите огласи во ЕМИТЕР. Се разбира, пресметката се наплаќа.
Кога ќе го прочитате текстот "Компресиони звучни кутии" во ЕМИТЕР 5/95, ќе Ви стане јасно дека е сосема погрешно прво да се прави кутија, а потоа да се бара звучник за неа. Една од ретките исклучоци од тоа правило е експоненцијалната хорна. Меѓутоа, во неа не може да се стави било кој звучник, туку само звучници чии Тхиеле-Смалл параметри се наоѓаат во одреден опсег за кои е пресметана таа кутија. Ако се стават неадекватни звучници, ефикасноста драстично ќе се намали и амплитудно-фреквентната карактеристика ќе стане нерамна.
Во Скопје кај Електро Ваце (тел. 413-000) можете да купите евтини бас-звучници Симсоник од корејско производство, но тие се без гаранција, а и Thiele-Small параметрите во проспектите не се дадени (можат да се измерат - видете во малите огласи). Повремено се увезуваат (шверцуваат) многу квалитетни американски басови Еминенце и квалитетни руски басови, но и за нив увозниците (шверцерите) не даваат гаранција. Од претставникот "АТ Технологија" (тел 331-335) можете да купите многу квалитетни италијански звучници РЦФ. Цената на РЦФ бас-звучниците од 12" се движи од 233 до 407 германски марки, во зависност од моделот, а
гаранцијата е една година.
3.) Ова прашање требаше прво да го поставите. Thiele-Small параметри се измерените специфични карактеристики на некој бас-звучник. Само со нивна помош може да се пресмета и конструира коректна звучна кутија (било кој тип). Друг начин не постои. Во ЕМИТЕР 5/95 детално ги објаснив Thiele-Small параметрите и формулите за пресметување на компресионите звучните кутии.
4.) Поделбата на професионални и Hi-Fi звучници навистина постои. Професионалните имаат многу повисока ефикасност и поголема моќност. Конструкцијата им е така направена, да нивниот нормален работен режим е при голем звучен потисок. Хи-Фи звучниците се направени така, да даваат минимални изобличувања при мали поместувања на мембраната, т.е. при релативно тивка репродукција. Правилно сте забележале дека Хи-Фи звучниците имаат гумена (или сунѓереста) спојка - ролна. Гумата дава најмали изобличувања. Професионалните звучници најчесто имаат спојка изработена од пластифицирана (еластомер) хартија или платно, бидејќи звучниот потисок е многу голем, па спојката треба да даде дополнителна потпора и центрирање на мембраната.
5.) Има многу "стручњаци" кои ништо не знаат, а делат совети. Со звучниците PIONEER TSW 302 F и TSW 302 C можат да се направат многу добри компресиони кутии, а со TSW 302 C може да се направи и бас-рефлекс кутија. Меѓутоа Макпетрол не дава гаранција за звучниците.
Звучниците конструирани за вградување во автомобил навистина имаат некои особености. Мембраната, спојката, внатрешниот еластичен центратор и подвижната намотка се изработуваат од материјали кои треба да ги издржат екстремните температурни промени кои се јавуваат во автомобилот, а исто така и големите промени на влажноста на воздухот. Во општ случај авто звучниците од 12" обично имаат Thiele-Small параметри погодни за компресиона кутија. Помалите звучници скоро секогаш имаат многу висок Qts параметар, бидејќи не се ни наменети за вградување во кутија (free air woofer). Импедансата на авто звучниците секогаш е 4 оми. Нивната ефикасност никогаш не е толку висока како кај професионалните звучници, но заради ниската импеданса може да се добијат уште 2 dB. Не заборавете дека не смеете паралелно да поврзете два звучника од 4 оми!
Владимир Филевски