Дебелина и струја (Емитер 2/2007)

Здраво ЕМИТЕР!!!
Имам едно прашање за свртницата од звучникот Hi-Fi 120W. Знам дека дебелината на жицата се пресметува како корен од половина од струјата, но како да ја најдам струјата што ќе тече низ тој калем и низ другите калеми? Нетрпеливо чекам одговор.
Милан Коцевски

Формулата d = √(I/2) е само приближна и воопшто не одговара на потребите во нашиов случај - конструирање на калем за свртница. Во ваков случај единствено правилно е дебелината на жицата да се пресметува според два потполно независни критериуми - отпорноста на калемот и оптималната густина на струјата во жицата. Откако ќе ја пресметаме дебелината на жицата независно и по двата критерума, ја одбираме поголемата дебелина на жицата од пресметаните две. Најчесто, најважна е отпорноста на калемот, која не би требало да биде поголема од 0,8 оми за 8-омски звучник, односно 0,4 оми за 4-омски звучник.
Преметката за дебелината на жицата според густината на струјата се базира на термичкиот еквилибриум (рамнотежна состојба) при загревањето на жицата (калемот) заради протокот на струјата и природното ладење. За да не загазиме непотребно во големи пресметки, можеме да го искористиме податокот дека сите светски познати производители на калеми употребуваат жица дебела 1,2 mm за моќности до 300 W, точно 1 mm за моќности до 150 W и 0,85 mm за моќности до 100 W. При ова, мора да се гледа отпорноста на калемот, бидејќи калеми со многу голема индуктивност имаат и голема отпорност! Во такви случаи се користи феритно јадро или јадро од трафо-лимови.
Значи, во нашиот случај (120 W) доволно е да се користи жица дебела 1 mm, но при тоа отпорноста на калемот не смее да надмине 0,8 оми за 8-омски звучник, односно 0,4 оми за 4-омски звучник. Ако ја надминува оваа вредност, тогаш мора да се земе подебела жица.
Јачината на струјата која тече низ калемот за бас-звучникот се пресметува според формулата I = √(P/Z), каде P е моќноста во вати, а Z е номиналната импеданса на звучникот. За нашиов случај се добива максимална струја од 3,9 A за 8-омски звучник, односно 5,5 A за 4-омски звучник. Како што гледате, формулата d = √(I/2) дава преголема дебелина на жицата - дури 1,4 mm за 8-омски звучник, односно 1,7 mm за 4-омски звучник!
Сето претходно кажано за дебелините на жиците се однесуваат само за калеми за бас-звучници. Низ калемите за среднотонците тече приближно двојно помала струја (точната вредност зависи од вкрстувачката фреквенција), додека кај калемите за високотонците тече приближно десет пати помала струја (повторно зависи од фреквенцијата). Тоа значи дека единствен критериум за дебелина на жицата за калемите за среднотонците и високотонците е отпорноста на калемот - и ништо друго! Затоа калемите за високотонците се мотаат со тенка жица.
Владимир Филевски


Некаков звучник од 12 инча (Емитер 1/2007)

Здраво!
Јас сум ваш редовен читател и особено задоволство ми прави самоградбата на електронски уреди. Сакам да изработам звучни кутии со 12-инчен звучник од околу 200 W моќност, па ме интересира дали можете да ми испратите некој проект (нацрт) за нивна самоградба. Поточно, ме интересираат димензиите на кутијата, местото за бас-рефлекс цевката и нејзините димензии, местото за високотонецот, дебелината на материјалот за изработка, дали внатрешноста на кутијата треба да се пополни со нешто. Дали постои голема разлика меѓу обичните звучници и оние кои ги нарекуваат музичарски?
Однапред благодарам на одговорот,
Саше Николовски

Очигледно дека Вие сте наш редовен читател од неодамна, бидејќи одговори на сите ваши прашања веќе се дадени во постарите броеви на ЕМИТЕР. За звучниците имаме напишано многу текстови во ЕМИТЕР, а особено ги препорачувам: "Компресиони звучни кутии" (ЕМИТЕР 5/95) и "Бас-рефлекс звучни кутии" (Е 1/98, 2/98, 4/98 и 6/98). Овие броеви можете да ги нарачате од редакцијата на ЕМИТЕР. Во овие броеви е објаснета постапката за пресметка, конструирање и изработка на компресиона и бас-рефлекс звучна кутија за кој било звучник, па и за 12-инчен со 200 W моќност. (Пресметката за звучната кутија зависи од Thiele-Smal параметрите на звучникот - не е доволно да се каже дека ќе се употреби звучник од 12-инчи!) Исто така, погледнете ги и проектите за звучни кутии објавени во ЕМИТЕР, а особено внимателно прочитајте ги оние неколку продолженија од рубриката "Операциона сала".
Сепак, пред да се зафатите за пресметки и изработка, прво мора да ви биде кристално јасно: каков звучник ви е потребен (за каква намена), со кои перформанси (карактеристики) и до која цена? Токму овие информации недостигаат во вашето писмо, така што не можам подетално да ви помогнам. Податокот дека тоа треба да биде 12-инчен звучник од 200 W е сосема недоволен за какви било дискусии - тоа е еквивалентно на следнава ситуација: До некое списание за автомобили испраќате писмо со барање да ви дадат информации за купување на автомобил од 4 метри, со 100 коњски сили (75 kW). И, што очекувате дека ќе ви одговорат?
Тука недостасуваат многу поважни информации, на пример, за каква намена е тој автомобил? Дали тоа треба да биде брз спортски двосед, моќно теренско возило (џип) со погон на сите 4 тркала, или комфорна лимузина? Сите овие три возила се долги 4 метри и имаат иста моќност на моторот! Исто така, овие три возила можете да ги најдете по цена од 10.000 евра, па се до 1.000.000 евра! Навистина, каков автомобил ви е потребен, и за која цена, а при тоа да биде долг 4 метри и да има моќност од 100 КС (75 kW)?
Мислам дека по овој пример ви стана јасно дека вашето барање за проект (нацрт) за звучна кутија за 12-инчен звучник е невозможно да се исполни, заради недостаток од неопходни информации. Пишете ни за каква намена ви се потребни тие звучни кутии - дали за мирна домашна hi-fi употреба, за гласни журки во домашна атмосфера, или за гласно озвучување на поголеми локали и сали (концерти)? Исто така, многу важна информација е - колку пари мислите да потрошите? Дури откако ќе ни ги испратите овие информации, ќе можам да ви предложам избор на 12-инчен звучник и на високотонец, а вие самите ќе може да ја конструирате звучната кутија (освен свртницата), служејќи се со статиите објавени во ЕМИТЕР, кои ви ги препорачав.
Што се однесува до разликата меѓу "обичните" и "музичарските" звучници, прашањето не ви е јасно. Дали под "музичарски" звучници подразбирате звучници кои се наменети за гласно озвучување на диско-клубови и концерти (таканаречени професионални или PA - Public Address), или мислите на звучници кои музичарите ги користат за електрични гитари? Понатаму, што подразбирате под "обични" звучници? Дали се тоа звучници за hi-fi домашна употреба, или нешто друго?
Владимир Филевски


Самоградба на магнети (Емитер 1/2007)

Здраво ЕМИТЕР !
Сакам да ве прашам дали знаете каде можам да купам магнети за сам да си направам генератор за струја. Исто сакам да ве прашам дали роторот од мотор од перална можам да го магнетизирам и да го направам постојан магнет и ако може како да го направам тоа? И последно. Кој метал се магнетизира и како и што треба да направам за да го магнетизирам?
Однапред ви благодарам.
Поздрав!!!

Перманентен или постојан магнет може да се направи од таканаречените тврди магнетни материјали. Тоа се матаријали кои откако ќе се постават во магнетно поле, на пример во некоја навивка низ која тече еднонасочна струја, по престанување на течење на струјата "остануваат" да бидат магнети. Не толку "јаки" како кога низ навивката течеше струја, но сепак, магнети. Меките магнетни материјали кога ќе се постават во навивка низ која тече струја и самите стануваат силни магнети, но по престанувањето на струјата низ навивката потполно се размагнетизираат. Од меки магнетни материјали се изработуваат магнетните кола на електричните машини и трансформаторите. Во таа смисла, од роторот на мотор за машина за перење не може да се изработи постојан магнет токму поради таа причина.
Постојани магнети се изработуваат од тврдите магнетни материјали. Челикот со големо количество на јаглерод во својата структура е тврд магнентен материјал. Од таа причина некои шрафцигери кои биле во допир со постојан магнет и самите се намагнетизирале. Од ваков челик биле изработувани магнетите кај постарите звучници. Овие постојани магнети се "слаби" во однос на постојаните магнети добиени од специјалните легури и смеси. Значи правењето на силен постојан магнет во домашни услови не доаѓа во предвид. Правењето силен постојан магнет е проблем дури и за фабриките кои произведуваат генератори. Тие наместо употреба на постојан магнет се решаваат за користење на електромагнет. Имено дел од енергијата што ја генерира самиот генератор се користи за самовозбудување на генераторот и создавање на силен електромагнет.
Што се однесува до правењето на генератор во домашни услови, најдобро е да искористите некој генератор од автомобил кој би бил поврзан на некој неелектричен двигател (на пример, мал бензински мотор). А може и електричен. Во тој случај би добиле квалитетен AC/DC претворувач 230V/12V насочувач со моќност од околу 500W.
Кирил Крстевски


Поврзување на ласерскиот аларм (Емитер 1/2007)

Здраво ЕМИТЕР!
Во врска со написот ,,Ласерски аларм" од ЕМИТЕР бр. 6/04 сакам да ве прашам каков релеј е потребен во колото, и како се поврзуваат изводите 1, 2 и 3 од J1 со уредот за сигнализација и колкава е цената на релејот.
Поздрав,
Блашко Горгиев

Точната ознака на релејот кој е употребен е: RAS-1215. За цената на релејот ќе мора да се информирате во некоја од продавниците за електронски компоненти (погледнете ги огласите во ЕМИТЕР). Управуваниот уред се поврзува на следниов начин:
1. Ако сакате уредот за сигнализација да се вклучи со осветлување на T1, потребно е истиот да го поврзете во серија со неговото напојување преку изводите 2 и 3 од J1.
2. Ако сакате уредот за сигнализација да се вклучи со затемнување на T1, потребно е истиот да го поврзете во серија со неговото напојување преку изводите 1 и 2 од J1.
Благој Ќупев


Критики (Емитер 1/2007)

Сакам само неколку зборови да кажам за вашето списание ЕМИТЕР! Го читам ЕМИТЕР од првиот број, т.е. од август 1995 година, но мислам дека како што поминуваа годините ова списание го загуби својот квалитет. На пример:
1. Во старите броеви или поточно во броевите до 2000-та година се даваа нацртите на водовите на плочките со печатено коло и тие можевме самите да ги направиме, но од броевите од 2001 па навака тие нацрти веќе не се даваат.
2. Имате еден натпис во кој пишува "Ние го објавуваме она што другите љубоморно го кријат", а половина од шемите што ги давате во списанието се КРАДЕНИ од англиското списание ELEKTOR!!!
Иван Тодоровски, преку е-маил

Навистина сме изненадени од Вашите критики, кои ги сметаме за потполно неосновани! Исто така, изненадени сме што Вие, како наш читател од првиот број, во претходните броеви не сте ги прочитале нашите одговори на сличните критики од (вкупно само) два-тројца незадоволни читатели. Но еве, ќе го повториме нашите одговори:
1. Нацртите на плочките за печатено коло (ППК) веќе не ги објавуваме, од проста причина што ние продаваме професионално изработени ППК и тоа по цена приближно еднаква на празна плочка!!! Сигурно дека ќе се сложите дека нема никаква логика некој да се мачи да изработува плочка, кога таа ППК може веднаш да ја добие веќе изработена, речиси за истата цена како и празна, ненагризена плочка! Понатаму, со необјавувањето на нацртите на ППК се заштедува простор во списанието за нови проекти, што за една година се акумулира во толкав простор, доволен за уште два или три нови проекти! Сигурни сме дека ќе се сложите дека тоа е во интерес на повеќето читатели.
2. Ние сме претплатени на ELEKTOR и на уште десетина други научно-технички списанија, па затоа сме апсолутно сигурни дека половина од шемите (т.е. проектите) кои се објавени во ЕМИТЕР не се исти со оние во ELEKTOR! Можете ли да ги наброите тие електронски конструкции за кои мислите дека се украдени од ELEKTOR? Дали тој број навистина излегува дека е една половина од бројот на електронските конструкции објавени во ЕМИТЕР во текот на една година? Ние сме сигурни дека не е така! Тука морам да објаснам неколку работи кои Вие очигледно не ги земате предвид:
Во светот постојат многу списанија за наука и техника, чија задача е на своите читатели да им ги претстават новите достигнувања во науката и техниката кои други ги направиле! Никој од читателите на тие списанија не очекува и не бара во тие списанија да бидат објавувани само оригинални откритија и конструкции од членовите на редакцијата и соработниците на тоа списание! Бидејки и ЕМИТЕР исто така е популарно списание за наука и техника, нормално е во него да се објавуваат, пред сè, познати работи (претходно објавени на некое друго место), но преработени и прилагодени на приликите во Македонија.
Како што повеќе пати досега сме нагласиле, нашата политика е во ЕМИТЕР да се објавуваат само авторски написи, а не целосни копии и преписи од странски списанија (како што, на пример, прават српските списанија "Инфо електроника" и "Аудио проекти"!). И покрај тоа што не сме во можност постојано да правиме "истрага" дали случајно некој од нашите соработници не ја почитувал оваа наша политика, сепак сме сигурни дека бројот на ваквите злоупотреби е минимален, ако воопшто постојат.
Од друга страна, ако сте забележале дека некој проект од ЕМИТЕР личи на некој објавен во ELEKTOR, тоа воопшто не значи дека тој е целосен препис, т.е. плагијат! Понекогаш некој од нашите соработници навистина ќе ја земе идејата (но само идејата!) од некој проект од некое странско списание (па и од ELEKTOR), но ќе ја преработи на свој начин и во согласност со условите што владеат во Македонија – некаде има промени во шемата, а речиси секогаш има промени во текстот и во дизајнот на ППК, а тоа воошто не е едноставна работа и токму заради тоа претставува оригинално дело, а не кражба. Тие проекти во ELEKTOR често пати се изработени на двослојни ППК и со surface mount компоненти, додека преработените проекти во ЕМИТЕР се направени за стандардни компоненти и еднослојна ППК! Иако нацртот за тие двослојни плочки е даден во ELEKTOR, ниту еден електроничар-аматер не може самостојно да ги изработи (дали Вие можете да изработите двослојна ППК со plate-through дупчиња?). Така, оние читатели на ELEKTOR кои сакаат да го изработат тој проект, принудени се да ги купат тие изработени двослојни ППК од ELEKTOR по отровно висока цена од 3 до 20 фунти, т.е. од 4,5 до 30 евра! Погледнете го ценовникот за ППК во ELEKTOR и уверете се!
Да напоменеме и тоа дека дури и ELEKTOR објавува проекти кои се многу слични на некои проекти претходно објавени во други списанија. Поентата е во тоа што постои само конечен број на варијанти на шеми на, да кажеме, аларм за светло во кола, или за осцилатор. Нормално дека таквите шеми од различни списанија ќе личат едни на други, иако најверојатно никој од никого не копирал.
Најпосле, не е фер да правите споредба на ЕМИТЕР со ELEKTOR, кога се знае дека во ELEKTOR покрај раководството и помошниот персонал, постојано се вработени уште десетина електроинженери, чија единствена задача е да смислуваат нови проекти и за тоа земаат соодветна плата (од неколку илјади евра), а згора на тоа имаат и голем број на повремени соработници од целиот свет! Од друга страна, во ЕМИТЕР единствено вработени се главниот уредник и техничко-административниот персонал, а сите други (авторите!) се само хонорарни соработници кои со голема љубов изработуваат проекти и подготвуваат написи, жртвувајќи значаен дел од своето слободно време за популаризација на електрониката и другите научни дисциплини.
Мислам дека цената од 130 денари, колку што плаќате за ЕМИТЕР, е повеќе од оправдана за она што го добивате - проекти и ППК преработени и прилагодени за овдешните прилики, заедно со други интересни текстови од многу други научни и технички области. Кога ќе го сфатите ова, сигурен сум дека ќе исчезнат Вашите критики за ЕМИТЕР и дека ќе продолжите да го читате со поголемо задоволство. Ако, сепак, сметате дека ЕМИТЕР не ја оправдува својата цена, тогаш ни преостанува само да Ви препорачаме редовно да го купувате ELEKTOR по цена од 630 денари (за колку се продава во Македонија).
Владимир Филевски
П.С.
Максимата "ЕМИТЕР ви го дава она што другите љубоморно го кријат" се однесува на широко распространетата појава одредени "стручњаци за електроника" во Македонија да не сакаат да го споделат своето (ограничено) знаење на останатите. Ние во ЕМИТЕР сметаме дека само оној кој има ограничени знаења, се плаши да го предаде тоа свое знаење на останатите, бидејќи тогаш и останатите ќе го имаат истото знаење како него (па тогаш тој по ништо не би отскокнувал од останатите). Од друга страна, оној кој многу знае, не се плаши да го предава своето знаење на останатите, бидејќи колку и многу да кажува од своите "тајни" тоа знаење никогаш нема да "пресуши". Како што можевте да забележите досега, токму во ЕМИТЕР ги дознавте оние "тајни" кои некои "стручњаци за електроника" во Македонија љубоморно ги чуваа само за себе.
Значи, максимата "Ние го објавуваме она што другите љубоморно го кријат" се однесува на сосема друго, а не на "уникатноста" на нашите проекти, иако некои од нашите проекти се навистина уникатни!.


Грее отпорникот R22 во функцискиот генератор FG-95 (Емитер 1/2007)

Почитувана Редакцијо,
Го изработив функцискиот генератор FG-95 од ЕМИТЕР 1/03 и неколку минути по вклучувањето забележав дека отпорникот R22 е загреан. Исто така измерив слаб сигнал на излез од транзисторскиот засилувач додека на влезот е ОК. Дали можете да ми дадете некој совет за овие проблеми?
Петар Шинделар

Помалку или повеќе отпорникот R22 секогаш грее. При најнеповолни работни услови неговата дисипацијата се движи околу 0,49W. И покрај тоа нема потреба да го менувате со отпорник со поголема моќност на дисипација. Со истиот отпорник, мојот генератор без проблем функционира повеќе од пет години.
Бидејќи немам претстава што го руши сигналот на излез на вашиот генератор, направив неколку мерења на мојот. Ги измерив напоните на базите на сите транзистори во однос на нулата од напојувањето. Под претпоставка дека сите елементи се во ред и вие би требало да измерите приближно исти вредности. Мерењето го направив при следните услови: синусоидален сигнал со фреквенција од 50Hz, без товар на излезот, без офсет (P15 во централна положба) и без слабеење (S4 во положба x1). Во табелата се дадени измерените вредности.
Ознаките dc односно ac означуваат дека за време на мерењето мултиметарот бил на DC односно AC подрачје редоследно. Инаку, ако при истите услови се користи слабеење (S4 во положба x0,1), тогаш кога потенциометарот P13 е во положба за максимален излезен сигнал ефективната вредност на напонот на излез на генераторот изнесува околу 800mV.
Георги Ефтимов


Ми требаат многу Емитери (Емитер 5/2007)

Здраво ЕМИТЕР.
Со помош на списокот на содржини кој ми го испративте, избрав да купам околу 100 броеви, па сакам да ми кажете вкупна цена за нив. Исто така, ме интересира дали може да ми пратите само одредени содржини од списанијата (не целосен примерок) и ако може тогаш пишете ми за да ви набројам кои содржини од кој број.
Инаку, јас сум електричар и 3 години работам како монтер и сервисер за алармни уреди од "DSC", уреди за надзор и уреди за безжична комуникација од CISKO SYSTEMS, како и монтер на електрика во станбени згради во Струмица. Покрај ова, навистина сум заинтересиран и за електронски уреди, па може да се каже дека сум ваш колега :)
Токму затоа сакам да знам дали имате микробушилки за електронски бакарни плочки и да ми кажете со што е најубаво да се цртаат истите и со кои хемиски течности се нагризуваат и за колку време. Јас ги цртам со алкохолен маркер, а за нагризување купувам готова хемикалија, но не сум задоволен многу како излегуваат моите плочки.
Голем поздрав до вас и благодарам на соработката и вниманието.
Ѓорѓи Емљаков од Струмица

За пофалба е вашиот голем интерес за ЕМИТЕР, па затоа за толкава количина на стари броеви ќе ви одобриме попуст од 30%. Точната вкупна сума зависи од тоа кои броеви ги имате избрано.
Поединечни написи не испраќаме поради неколку причини:
- за да испратиме само еден напис треба да го искинеме примерокот и така да го уништиме;
- продавањето на поединечни написи е во спротивност со издавањето на списанието: ако дозволиме секој читател да си нарачува само одделни написи, тогаш ќе треба да престанеме со издавање на ЕМИТЕР, бидејќи тоа ќе стане неисплатливо;
- продавањето на одделни написи, иако навидум е во полза на читателите, тоа сепак не е така: често ќе се случува некој отпосле да има потреба и за друг напис од истиот број, па во таков случај ќе излезе за два написа да плати колку за цел број.
Иако во овој момент можеби ве интересираат само одделни написи од секој број, земете ги целите броеви, бидејќи сум убеден дека во нив ќе најдете барем уште неколку написи кои ќе ви бидат интересни и потреби, ако не во овој момент тогаш во некоја блиска иднина.
Цртањето и изработката на плочките со печатени кола (ППК) во аматерски услови може да се направи на различни начини: со алкохолен фломастер (опишано во ЕМИТЕР 7-8/97 и 4/06), со самолепливи ленти (Е 12/99), со фотопостапка (Е 4/98) и со пренос на тонер од ласерски печатач (Е 4/06). При тоа може да се користат различни киселини за нагризување, што исто така било објаснето во спомнатите написи. Дизајнот на шемата и ППК може да се направи рачно или со соодветна компјутерска програма: со Corel DRAW (види во Е 4/99 и 11/03), со Protel (ЕМИТЕР 1, 2 и 3/98), со Eagle (ЕМИТЕР 2, 3 , 4 и 5/06) или со некоја друга.
Плочките најдобро е да се дупчат со моделарски дупчалки кои имаат голем број на вртежи и се со моќност од 20 до 100 W. Такви дупчалки можете да набавите во продавниците за електронски материјали или во продавниците за електрични алати.
Со надеж дека ви помогнав, срдечно ве поздравувам.
Слободан Таневски


Напишаното не е верно! (Емитер 5/2007)

Здраво до Редакцијата и уредникот.
Јас сум редовен читател на ЕМИТЕР и имам прашања во врска со универзалниот далечински управувач од ЕМИТЕР бр.02/07. Потребниот фајл ми го пративте, уредот е направен и сè е како што треба, се програмира како што треба, но приемникот работи кога и како сака тој. Од пишаното во шемата ништо не е верно. Дали има разлика од какво далечинско се управува, дали има некоја друга финта или нешто слично, но не работи ама никако, барем да работеше само еден канал како што треба и толку ќе бев задоволен. Прилично е доста голем влог за ваква неправилна шема или јас пак некаде грешам. Мислам дека немам никаква грешка, бидејќи се работи за hex-фајлот што ми го пративте, а плочката е изработена на највисоко ниво. Би ве замолил, ако може, да ми посочите каде е грешката или, пак, да ме поврзете со конструкторот на оваа шема.
Ви благодарам однапред,
Влатко Рујаноски

Сè што е напишано во написот за универзалниот далечински приемник е верно!!! Во текстот фино е напишана постапката за негово програмирање и доколку се придржувате до неа нема да имате никаков проблем. Друго, јас не го измислив тој проект, туку само практично го реализирав и притоа, а и во текот на тестирањето, не се соочив со никаков проблем. Користев универзален далечински управувач "SUPERTEL" кој за таа намена беше програмиран да работи како за ТВ-приемник SAMSUNG, а го имам испробано и со далечински управувач PHILIPS и GRUNDIG и сè беше во ред. За ова што сум пробал гарантирам, а за некои други далечински управувачи не можам да тврдам дека уредот правилно ќе работи, но би требало тој да работи правилно со кој било далечински управувач што работи според RC5 протоколот.
Влатко Костадиновски


Дизајн на еднослојна ППК во Eagle 4.1 (Емитер 6/2007)

Здраво ЕМИТЕР!!!
Имам еден проблем со програмата што ја презентиравте во вашето списание, па се надевам на ваша помош.
Станува збор за EAGLE 4.1. Оваа програма ја "симнав" од линковите што ги посочивте, но никако не можам да ги направам потребните нагодувања за добиената ППК да биде еднослојна. Откако ќе ја нацртам електричната шема, се префрлам во цртање на монтажната шема во: board, ќе ги преместам елементите во местото предвидено за ППК и одбирам tools - auto... - ok. Добиената ППК е двослојна! Пробав нешто да променам во: tools - Drc.. - во картичката Layer, но без успех. Ако може да се промени нешто за добиената монтажна шема да биде за еднослојна ППК, ве молам објаснете како.
Однапред ви благодарам
Александар.

За да можете да дизајнирате еднослослојна ППК треба преку прозорецот Tools->DRC да се нагоди употреба на два слоја: Top – кој ќе го користите за куси врски и Bottom – кој ќе го користите за водовите кои ќе ги поврзуваат изводите на компонентите.
За да се дизајнира еднослојна ППК воопшто не е препорачливо да се користи AutoRoute опцијата речиси за ниту еден програм за дизајн на ППК. Моето искуство "вели" дека секогаш ние самите ќе дизајнираме далеку подобра ППК од кој било програм кога станува збор за еднослојна ППК. Но, сепак, за проба, по претходното нагодување треба да се одбере конфигурацијата прикажана на сликата, по активирање на опцијата: Tools->Auto.
Благој Ќупев


Заборавена setup лозинка на Windows (Емитер 6/2007)

Почитувана редакцијо на ЕМИТЕР!
Јас сум ваш редовен читател веќе 5 години и претплатник на вашето списание. Прилично сум млад и не сум многу навлезен во тајните на информатиката. Инаку, имам еден сериозен проблем: Мојот брат ставил Setup password на Windows-от од 12 цифри, но го заборавил и сега никако не можеме да влеземе. Распрашував во разни компјутерски продавници, но одговорот секаде беше ист - дека нема шанси без пишување на точниот password да влезам и нема начин да се пробие истиот, па единствено решение би било форматирање на компјутерот. Форматирање на дискот C не доаѓа предвид, бидејќи имам доста важни податоци и документи на него на кои претходно им немам направено backup. Моето прашање до вас е: Како да ја заобиколам процедурата на внесување на точниот password или да го пробијам, ако воопшто постои начин тоа да се направи?
До колку не ми одговорите директно, ве молам да ми препорачате литература за истото.
Однапред ви се заблагодарувам,
Гоце Тренчев од Радовиш

Има еден куп софтвери за "реставрација" на password-и, но наједноставно е дискот да се приклучи на друг систем, да се извадат податоците на друг медиум, а потоа да се интервенира на старата инсталација, па дури и ако тоа значи и преинсталација.
Гунтер Кубе, SET Computers Co.

Враќање" на лозинка што веќе сте ја напишале и сте ја заборавиле може да се случи единствено ако ви текне :) или ако најдете некои програмчиња за пронаоѓање на лозинката. По мое, најдобар начин, доколку не е ставена лозинка на Administrator, е да се влезе преку Safe Mode, да се направи backup на потребните документи или да се проба да се отвори нов user, од каде потоа би се добил пристап до сите податоци на компјутерот. И веќе, на крај, ако сте двајца корисници отворете два User-и на Windows-от за да се избегне истото што се случило сега.
Благоја Пулчески

Постојат повеќе начини за пробивање на лозинка, како и повеќе типови на лозинки.
Доколку е setup pass веднаш пред биосот треба да се ресетира плочата, а доколку има ставено некој pass при само подигање на системот, Windowss XP задолжително прашува дали сте ја заборавиле лозинката по што се оди на чекорите кои се за тоа.
Доколку нема такво нешто и не може да се реши проблемот, а истовремено има повеќе user-и кои се администратори на системот, може да се влезе во safemode и да се направи нов user како администратор и да се извадат податоците, па потоа да се форматира.
Доколку и тоа не е можно, единствено решение е да се извади HDD и да се стави на друга машина, да се направи backup, па потоа да се форматира и да се инсталира одново.
Дејан Ѓошевски, KABTEL Ltd

Има неколку алтернативи како можете да се логирате во својот систем или пак да ги спасите своите податоци.
- Првата алтернатива е доколку немате поставено администраторска лозинка при инсталација или пак по инсталација, проблемот е лесно решлив. Доколку сте во графички мод на логирање на системот, кога ќе дојде делот да ја напишете лозинката стиснете два пати CTRL + ALT + DELETE. Ќе се појави дијалог со вашето корисничко име и поле за лозинка. Во полето за корисничко име напишете администратор и притиснете ентер. Доколку успешно се логирате, едноставно одете во Control Panel -> User Accounts и променете ја лозинката на вашето корисничко име за кое сте ја заборавиле лозинката.
- Втората алтернатива е да повикате некој напреден корисник на Линукс оперативниот систем каде со помош на Live CD лесно би го решил проблемот, било да ја пронајде датотеката со лозинки или пак едноставно да ви направи еден backup на дискот. Но, сето ова под услов податочната табела на дискот да е форматирана како FAT32. За NTFS е малку посложено.
Од мое лично искуство овие две алтернативи речиси секогаш успеваат, ако не првата тогаш втората 95%.
И една моја искрена препорака: не одете по компјутерски продавници да прашувате за вакви проблеми. Таму во најголем број на случаи работат некомпетентни луѓе за вакви или слични проблеми. Компјутерските сервиси се подобро место каде можете да се обратите.
Драган Јованоски


Pages

Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...

Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.

Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.