Почитувани,
Кај Теслиниот трансформатор од Е4/06 пишува дека должината на цевката за примарната намотка на слика 6 изнесува 280mm, а кај списокот на потребен материјал дека изнесува 200 mm? Да не се мисли 180 mm, бидејќи должината на цевката на слика 7 од око ми изгледа толкава?
Мац преку e-mail.
Должината на цевката за примарот е небитна, важна е само должината на примарната намотката и височината на која таа е намотана, а тоа прецизно е покажано на сликата 6. Непрецизноста, на која укажувате, настанала како резултат од експериментирање за утврдување на бројот на навивки за примарот, почнувајќи од 40 навивки, намотани на цевка долга 280 mm. Но, кога го утврдивме точниот број навивки на 26, оптимални за резонанција на системот, непотребниот дел од цевката неколку пати го кратевме поради естетика, така што крајната вредност беше 200mm, како што е наведено во списокот на потребен материјал. Сепак, цевката од горната страна може да биде и подолга, со што би се подобрила изолацијата помеѓу примарот и секундарот и би се оневозможило искрење меѓу нив.
Петар Лагудин
Здраво!
Јас сум Мишко. Ученик сум во IV година електро-струка и редовно го читам ЕМИТЕР и сакам да ве прашам нешто. Сакам да поврзам еден хард диск преку USB со мојот компјутер.
Дали може DATA кабелот којшто влегува во тврдиот диск да има USB излез? Поточно, на едната страна (влезот) да биде стандарден, а излезот да биде со USB? Дали постои некоја шема за вакво поврзување и дали би можеле да ми ја пратите по мејл.
Ви благодарам однапред,
Мишко Михајлов, од Охрид.
Колку што Ве разбрав, Вие сакате некој хард диск да можете да го шетате ваму-таму, притоа поврзувајќи го преку USB.:-) Решение постои. За ова ќе Ви биде потребна една Хард Диск кутија (не сум сигурен како и беше трговското име, HD RACK или слично), која на излез има USB-приклучок. Поврзувањето со PC се изведува без некои дополнителни софтверски инсталации. Само го приклучувате на USB и веднаш машината го регистрира како Removable Disk. Полесно - здравје, исто како да приклучувате флеш-меморија. Имајте предвид дека за Rack-от ќе Ви биде потребно дополнително напојување. Не надевајте се дека HD ќе работи на самиот USB-напон :-) Вакво нешто можете да најдете во некоја од локалните PC-продавници. Цената се движи околу 1500 (±200) ден. Пред купувањето земете предвид каков HD имате, ATA или SATA?!
Петар Димоски
Здраво ЕМИТЕР!
Веднаш ќе ве прашам. Зошто во проектот "PIC програматор" мора за напојување да се користи 17V? Нели може, на пример, да се приклучи на 12V и ако не зошто? Ако веќе мора 17V, кажете како изворот (еднонасочен од 12V) што го имам најлесно да го претворам во 17V? Исто така, сакам да прашам дали во тој проект диодата D1 (1N4001) може да се замени со 1N4007?
Многу ви благодарам.
Зоран Т., преку e-mail.
Напонот за напојување од 17V е потребен поради две причини. Најпрво, на влезот во колото постои диода којашто напонот ќе го намали за 0,6V. Значи, веќе по диодата (ако е сè во ред) ќе постои напон од околу 16,4V. Од друга страна, влезот на стабилизаторот 7812 треба да биде повисок за најмалку 3V од неговиот излез. Поради двете диоди поврзани на неговиот заеднички извод, овој стабилизатор на излезот наместо 12V дава стабилен напон од 13,2V, па затоа потребен му е напон на влезот од минимум 16,2V. Поради сето ова напонот за напојување не смее да биде помал од 17V, но без проблеми може да биде поголем за неколку волти.
Изворот за напојување од 12V кој го имате може да се преправи да дава 17V, така што би се зголемил бројот на навивките на секундарната страна на трансформаторот, но таа постапка не е лесна и во случајов не е оправдана. Имено, поради малата потрошувачка на PIC програматорот поедноставно е и поевтино е да направите нов насочувач со излезен напон помеѓу 17 и 24V, со помош на мал мрежен трансформатор од 5VA и секундарен напон од 15 до 18V, грецов спој за 0,5-1A и филтерски кондензатор од 470 до 1000 µF/25V.
Наместо диодата 1N4001 слободно може да ставите 1N4007, бидејќи вторава има исти карактеристики, но издржува многу поголем напон.
Добре Блажевски-Доц
Здраво Редакцијо ! Имам едно прашање во врска со 200 W DC/AC претворувачот од Е 10/98. Не ми се јасни карактеристиките на трансформаторот, каде што пишува дека примарот треба да биде 2x9 V со изводи кај 2x8, слично и за секундарот 240 V со изводи кај 220 V. Што значи ова? Дали треба примарот да има изводи за 9 V кои нема да се користат, и изводи за 8 V на кои се приклучува уредот? Во тој случај зошто се оние изводи за 9 V? Истото прашање и за секундарот. И уште нешто - дали може со претворувачов да напојувам индуктивен товар, поточно се работи за пумпа за централно греење? Голем поздрав до вас.
Мартин Јанковски
Спомнатите дополнителни изводи на трансформаторот се планирани за евентуално нагодување на вредноста на излезниот напон . Во основа тие не се неопходни па затоа за овој претворувач доволен ви е стандарден мрежен трансформатор за 230V со секундар од 2x9V, со тоа што улогата на примар и секундар во овој случај е заменета. Примарната намотка за 230V се користи како секундар, а секундарните навивки од 2x9V како примар.
Напојувањето на индуктивни товари со овој претворувач не би требало да претставува поголем проблем ако се користи доволно моќен трансформатор и доволно голем ладилник за излезните транзистори. Во вашиот случај поголем проблем претставува доверливоста на уредот. Овој уред е многу едноставен и првенствено е наменет за примена на места каде каде што не се бара висок степен на доверливост. Затоа неговата примена е ограничена, на пример, за напојување на светилки. Уредите со слична намена кои имаат висок степен на доверливост се далеку посложени и пософистицирани. Како алтернатива на споменатиот претворувач би ви препорачал да го погледнете решението кое е објавено во ЕМИТЕР 7-8/05. Тој претворувач е поквалитетен и подоверлив, а сепак не е многу посложен и поскап во споредба со проектот од ЕМИТЕР 10/98.
Дејан Трпески
Почитувана редакцијо,
Како и секој конструктор така и јас имам проблеми, па барам ваша помош за да го отстранам дефектот. Мојот проблем е со засилувачот STK 4191 што го имам изработено. Ми се јавува шумење на звучниците и мислев дека е од влезниот сигнал, но не е. Проблемот е што на еден штекер за 220V имам поврзано 2-3 работи со разделник и кога е така поврзано има шум, а кога е само засилувачот сам приклучен на штекерот, си работи беспрекорно - нема ниту шум ниту изобличување. Имам торусно трафо и 2x10 000 микрофаради кондензатори а како предзасилувач го користам предзасилувачот со бас, баланс и високи од ЕМИТЕР 5-6/96 год., само имам ставено наместо TL072 NE5532. Би ви бил многу благодарен ако можете да ми помогнете да го отстранам овој дефект.
Поздрав и продолжете со вашата творечка работа.
Мики Пеливан
Иако борбата за намалување на брумот кај уредите е сложена и мачна, кај вас решението е едноставно! Вашиот случај не е осамен. Напротив, тоа е редовна појава кај уреди составени од градители аматери кои не се грижат за ожичувањето и кога ќе им се посочи на потребата од квалитетни водови, тие редовно одговараат со реченицата: "Абе ајде! Што може да направи една жичка!?!"
Според искажаното вие немате применето ниту еден основен принцип за борба против брумот! Внимателно прочитајте ја серијата написи: "200 W RMS засилувач од врвна класа", особено првото и шестото продолжение објавени во ова списание (12/05 и 6/06 соодветно) и многу лесно ќе видите што му недостасува на вашиот засилувач. Особено треба да обрнете внимание каде во уредот сте го приклучиле заземјувањето од градската мрежа, дали и каков мрежен фитер сте употребиле (види слика 1 и 2 во написот во Емитер 12/05), дали и какви "филтерски" кондензатори паралелно сте приклучиле на "вашите" "2х10 000 микрофаради" (од C21 до C24 во сл. 4 – ЕМИТЕР 12/05). За конкретната реализација јас предлагам да употребите по еден МКТ кондензатор од 3,3µF/63V и еден керамички кондензатор од 100nF/63V паралелно со секој електролитски од 10000 µF.
Втора многу битна работа која влијае врз брумот е начинот и квалитетот на изведбата на "помошното напојување" – напојувањето за двојниот операциски засилувач NE5532. Самото интегрирано коло не е проблем во однос на брумот, бидејќи е проектирано да работи во квалитетни Hi-Fi предзасилувачки степени. Јас предлагам да изработите напојување со посебен трансформатор за да ги добиете потребните ±15V (види дел од слика 15 – стр. 42 – Емитер 3/06). Ако не сакате или немате физички можности да сместите уште еден трансформатор во кутијата, можете да ги добиете посакуваните ±15V од напојувањето за STK4191 (вообичаено ±35V) со соодветни предрегулатори и стандардните стабилизатори 7815 и 7915. Предрегулатори се потребни, бидејќи напонот на напојување на STK-то често го надминува максимално дозволениот 37V за стабилизаторите од 78xx серијата. Предрегулатор лесно се изработува со еден транзистор, една зенер диода и и еден отпорник и тој треба да го намали напонот на некои 24V.
Трета, многу битна работа е самото ожичување, тука ви предлагам да го проучите и да го примените принципот детално обработен во шестото продолжение на "200W RMS засилувач од врвна класа" (Емитер 6/06), Е, ова може да биде болно! Најверојатно ќе треба да го размонтирате целото ожичување и повторно да го монтирате според дадените упатства.
Ако сè ова не ви успее, обратете се повторно за помош.
Емилијан Иљоски
Јас сум ваш редовен читател и ученик сум во ДЕТУ Михајло Пупин од Скопје. Го правам проектот од ЕМИТЕР 11/04"Адаптер за неонка на 12 V" и сакам да ви поставам неколку прашања. Ако се земе првата или втората изведба на трансформаторот која ватажа би ја добил, односно колкава ватажа на неонка ќе можам да поврзам. Дали тоа поврзување е со стартер или само на краевите на неонката и дали ќе можам транзисторот BD 933 да го заменам со дарлингтонова врска на 2N 1711 и 2N 3055, со што добивам поголемо засилување. Однапред ви благодарам и нетрпеливо го чекам вашиот одговор.
Поздрав
Милан Коцевски.
Замена со посочените транзистори е можна. Само од снагата на трансформаторот (пресекот на јадрото и дебелината на жицата во примарот и секундарот) зависи колкава неонка може да приклучите. Секако дека со неонка од поголема ватажа ќе течат поголеми струи во примарот и секундарот на трансформаторот, а со тоа и низ транзисторот. Ако транзисторот ја поднесува јачината на струјата низ примарот, може да се стави и појака неонка. Стартер не е потребен, како ни исправна неонка, т.е. неонка со непрекинато грејно влакно.
Петар Аврамовски
Здраво,
Јас би сакал да ми пратите по e-mail шема за FM предавател со домет од 5 до10 km и да напишете каде можат да се набават делови за него и по која цена.
Однапред благодарам,
Иван Бучев, преку e-mail
Поединечни шеми не испраќаме бидејќи тоа е во спротивност со нашата основна дејност – правење на списанието ЕМИТЕР. Саканите шеми ќе ги добиете ако го нарачате бројот на ЕМИТЕР во кој таа шема е објавена. На тој начин за истите пари ќе добиете и детален опис и упатства за самоградба на саканиот уред како и уште 80 страници со други интересни написи. За да дознаете во кој број на ЕМИТЕР е она што ве интересира погледнете во рубриката "Претходни броеви" и во рубриката "ППК Сервис". Плочка со печатено коло за прикажаните електронски конструкции може да нарачате од ЕМИТЕР (видете на страницата "ППК сервис"), а комплет делови од скопската фирма КАМ-ЕЛ електроника чија реклама ја има во секој број на ЕМИТЕР од новата серија. За набавка на електронски елементи обратете се до фирмите кои тргуваат со таква стока – погледнете ги нивните реклами во ЕМИТЕР.
Слободан Таневски
Почитувани,
Еве ги моите решенија на мајските задачи:
....(следат решенијата на задачите 46 и 47)...
Задача 48. Помеѓу броевите 100 и 1.000 има точно 320 непарни броеви со различни цифри. Не знам дали ова е доволно како решение за оваа задача, или треба да Ви ги напишам сите броеви, или како што Вие милувате да кажете "Најдобар шематски приказ ни испрати ... едикојси и тој го наградуваме...".
Во минатиот број поради немање логика да Ви испратам решение кое и не е некое решение бидејќи ги има безброј, јас не бев спомнат како решавач кој точно ја решил задачата со "делфинот". Јас Ви напишав дека имам безброј варијанти каде останува по едно неискористено поле. И што требаше јас да Ви напишам??? Шеесетина варијанти со неточен одговор? Јас едноставно Ви одговорив на Вашето прашање дека "делфинот" не е можно да се врати на појдовното поле. И што е тука за Вас неточно???
Еве ги броевите за задача бр. 48 (поради најдобро шематско решение???):
103, 105, 107, 109, ... (наша забелешка: тука господинот Трајкоски ги испишува сите 320 броја!) ... 981, 983, 985, 987 = 320 броја.
Се двоумев дали вреди да Ви го испратам писмово со решенијата. Не дозволувајте ова писмо да биде и последното кое го примате од мене.
Имам забелешка и на задачата број 45. Би Ве молел да го најдете моето претходно писмо и повторно да го прочитате, па да се уверите дека и таа задача ми е точно решена, но не знам од која причина не ми е призната како точна. Најверојатно не е внимателно прочитана.
Поради Вашиот ваков однос кон нас решавачите (да не речам Вистинските математичари романтичари) не би знаел да кажам колку е вредно понатамошното наше дружење. Преиспитајте го Вашиот однос кон нас – Вашите потрошувачи.
Со почит,
Гоце Трајкоски од Прилеп
Почитуван господине Трајкоски,
Нашата Редакција секогаш се труди решенијата на задачите што ги праќаат нашите читатели да ги оцени најправилно што може и праведно да го одбере најдобриот. Ние во секој следен број ги даваме решенијата на задачите, па секој може да си ги провери своите решенија и да види дали биле точни и каде имало грешка. Меѓутоа, со оглед на тоа што веќе третпат неоправдано реагирате за наводни Ваши точни решенија кои ние не сме ги признале, очигледно е дека Вие не ги читате внимателно ниту задачите ниту, пак, објавените решенија за нив. Еве поконкретно:
Во задачата 45 се бараше да се каже каде е направена грешката при сметањето. Наместо да ни одговорите каде е грешката (кратењето на коренот и на квадратот), Вие само сте ја пререшиле задачата од почеток до крај – нормално, без грешка. Бидејќи не ни одговоривте на прашањето каде е грешката, не можевме да прифатиме дека исправно сте одговориле на барањето од задачата.
Во задачата 43 прашањето беше: дали "делфинот" може да ги пројде само по еднаш сите шаховски полиња и потоа да се врати на почетното поле. Иако не е буквално кажано, јасно е дека не е доволно во одговорот да се напише само "може" или "не може", туку тоа треба математички да се докаже (како што и е направено во ЕМИТЕР). Сигурно знаете дека истиов принцип важи уште од прво одделение основно школо, за оценување на тестовите по Математика. Во Вашето претходно писмо со одговори за задачите, Вие напишавте само: "не може", без некој конкретен доказ – освен дека сте направиле многу неуспешни обиди. Бидејќи не ни понудивте доказ, сметаме дека не сте ја решиле задачата, туку сте "погодувале на среќа" – со оглед на тоа што задачата има само две можни решенија. Исто така, погрешно Ви е тврдењето (од ова писмо) дека оваа задача има безброј "неуспешни" решенија. Лесно може да се докаже дека има само конечен број варијанти "делфинот" да ги пројде сите полиња, но не и да се врати на почетното поле.
Во одговорот што ни го испративте за задачата 48 повторно ја правите истата грешка: сте ги испишале сите 320 броја, без никакво образложение. Во Математиката се ценат оние решенија кои се кратки и кои се добиени со логично размислување (погледнете го решението во ЕМИТЕР) и со употреба на некоја постоечка или изведена формула. Во однос на ваквите решенија, решенијата добиени со просто набројување или погодување секогаш се рангираат подолу или воопшто не се земаат предвид.
Се надеваме дека сега Ви е јасно зошто Вашите решенија за спомнатите задачи не се земени предвид, но и дека сето ова не е причина да не продолжи нашето дружење со математиката, науката и техниката преку ЕМИТЕР.
Анета Илиевска и Владимир Филевски
Здраво ЕМИТЕР, однапред ви се заблагодарувам, супер сте продолжете така. Имам едно прашање до вас!!! Стробоскопот што го имате објавено го имам направено и работи добро, но не ми е доволна светлината и времето на трепкање многу е кратко 5-10 секунди. Знам дека е за домашна употреба и за тоа го користам. Дали ќе може некако да ја засилам светлината, затоа што не е како оригинална блиц ламба кога ќе почне да трепка, или пак да ми испратите некоја шема или да ја објавите во списанието, па да ме известите.
Креизе Креизе преку e-mail.
Што се однесува до силината на светлината, треба да употребите посилна блиц ламба со соодветно трафо, како што пишува во текстот. Електронското коло ќе ги поддржи сите видови на блиц ламби што се употребуваат за фотоапаратите, а за помоќни блиц ламби, ќе треба сами да проверите дали ќе можат да работат на ова коло. Што се однесува на времетраењето на трепкањето тоа сами треба да го лимитирате на околу десеттина секунди, бидејќи таквата светлина зашеметува. И во дискотеките за да се постигне ефектот во моментот на работење се гасат другите светлосни ефекти, а времетраењето не е долго колку што си замислувате вие.
За да се намали греењето, употребете делови со поголема моќност, вградете го уредот во кутија со отвори за вентилација. Со помоќни стробоскопски шеми моментално не располагаме, кога ќе дојдеме до нив ќе ги објавиме, а вие следете го ЕМИТЕР па ќе бидете во тек со настаните.
Драган Јовановски
Почитувана редакцијо!
Се сложувам со некои од работите од вашиот одговор на моето претходно писмо. Но, мислам дека бројот на написите од областа на електрониката треба да се зголемат. Ако тие се зголемат, воопшто не е проблем списанието да ја зголеми својата цена. А што се однесува до мене, јас продолжувам и натаму да го купувам ова списание, затоа што сум негов читател од првиот број. И ретко кој може да каже дека ги има сите ЕМИТЕРИ комплетно собрани и сочувани.
Иван Тодоровски преку е-маил
Особено нè радува Вашата желба и понатаму да го купувате и читате ЕМИТЕР! Ние секогаш внимаваме на предлозите и критиките на читателите, со цел да го направиме ЕМИТЕР уште подобар. Иако сакаме да ги задоволиме желбите за повеќе електроника (особено честа желба на старите "електроничарски" читатели на ЕМИТЕР), принудени сме да го задржиме сегашниот обем на текстови од областа на електрониката, заради ограничениот број на страници. Сепак, напоменуваме дека бројот на страници наменет за електроника, аудио/видеотехника, телекомуникации и информатика е приближно еднаков (некогаш повеќе, некогаш помалку) на "стариот" ЕМИТЕР од пред 2001 година, така што старите читатели ништо не изгубиле!
Исто така, и овој пат мораме да повториме дека "стариот" ЕМИТЕР згасна токму поради недоволен број на читатели-електроничари и огласувачи од електроничарските фирми, така што сите електроничари (и читатели и фирми) може само да бидат благодарни на тоа што најдовме начин како ЕМИТЕР да продолжи со излегување и при тоа во него значајно место да биде одвоено за електрониката. Сите овие работи детално се објаснети во уводникот во ЕМИТЕР 9/03, па Ве упатувам да го препрочитате.
Се надеваме дека и во следните броеви на ЕМИТЕР ќе бидете задоволни од квалитетот на проектите и ќе најдете интересни теми од електрониката и од сите други научни и технички области. Ви благодариме на интересирањето.
Владимир Филевски
Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...
Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.
Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.