Како до некои параметри на звучниците и звучните кутии? (Емитер 6/2007)

Здраво.
Јас сум ваш редовен читател од Охрид. Би сакал господинот Емилијан Иљоски да ми одговори на следниве прашања:
- Како да го одредам SPL на звучникот (ако тоа не е назначено од производителот)?
- Како да ја одредам снагата на звучникот (ако тоа не е назначено од производителот)?
- Дали има одредени лимити колкава би требало да биде големината на кутијата наспрема големината на звучникот (басот) и ако има кои се тие?
- Како да ја одредам (пресметам) длабочината на звучната кутија?
Благодарам однапред.
Љупчо Петрески, преку e-mail

1) Одредувањето на кривата на звучниот притисок (SPL) во зависност од фреквенцијата не е така едноставна работа и бара неколку технички помагала, пред сè, квалитетен микрофон со позната крива на чувствителност. Потоа, системот треба да се калибрира и неминовно треба "глува" соба. Но, постојат и повеќе методи на мерење за да се избегне потребата од скапа "глува" соба. Еден од нив го користи и компјутерскиот мерен уред "Clio", со кој редакцијата ги врши мерењата на звучниците и за кој имаме пишувано во претходните броеви.
2) Не постои недеструктивен метод на мерење на максималната моќност на еден драјвер. Сепак, би можеле да стекнеме претстава колку некој драјвер е моќен ако ја измериме импедансата на драјверот на одредена фреквенција (1 KHz, на пример) со помош на методата опишана во 5. продолжение на серијата "Како до квалитетни звучни кутии?" (ЕМИТЕР бр. 5/07) и со помош на "True RMS" волтметар да го измериме напонот Umax при кој доаѓа до изобличувања кои јасно се слушаат. Тогаш и мембраната на драјверот почнува неконтролирано да се движи. Моќноста на звучникот се одредува по познатата равенка: P=Umax²/Z. Пазете да не ја претерате "работата" и да го уништите драјверот!
3) На повеќе наврати е напоменато дека големината на кутијата не зависи од големината на драјверот (драјверите), туку исклучиво од Thiele-Small параметрите! Не постои горен лимит на волуменот на кутијата во однос на параметрите на драјверот. Најмалиот волумен на кутијата е единствено лимитиран со големината на драјверот. Друга работа е што ќе постигнете со толку мала или голема кутија, а тоа ќе ви го каже некој програм за симулација каков што е WinISD за кој пишувавме во ЕМИТЕР број 4/07!
4) За пресметка на длабочината на кутијата причекајте го седмото продолжение на серијалот "Како до квалитетни звучни кутии?"
Емилијан Иљоски


Филтер за сабвуфер и Technicks засилувач (Емитер 6/2007)

Почитувано Редакцијо на Емитер. Имам едно прашање до вас. Имам засилувач техникс и сакам да изработам sub woofer засилувач. На техниксот има излезен сигнал за woofer, па сега сакам да изработам засилувач со STK4050 5. генерација и сакам да го искористам филтерот за sub woofer од ЕМИТЕР бр.7-8/2004. Моето прашање е дали може да го исклучам суматорот од R1 и R2 и на нивно место да го поврзам излезот за sub oд техниксот и дали филтерот ќе има доволно побудување за засилувачот со STK? Ако ова не е добро, понудете ми некое подобро решение.
Однапред благодарност.
Мики Пеливан

Ако се извадат отпорниците R1, R2 и R3 и се извади потенциометарот P1, тогаш влезниот сигнал може директно да се врзе на првиот кондензатор од филтерот, па натаму сè ќе биде во ред. Но, влезниот сигнал мора да биде моно, добиен со сумирање на левиот и десниот стереосигнал! Дали сте сигурни дека вашиот засилувач Technics има излез кој дава ваков сигнал? Дали воопшто станува збор за стереозасилувач кој има некаков излез за subwoofer? Или тоа е стандарден surround засилувач, кој има LFE излез? Ако е ова второво, тогаш воопшто не ви е потребен посебен филтер!
Проверете дали станува збор за surround засилувач, или за обичен стереозасилувач со моно излез (сумиран лев+десен канал). Ако е ова второво, проверете во упатството за засилувачот дали овој излез има некакво филтрирање, или не.
Владимир Филевски


Давајте ги цените на потребниот материјал (Емитер 7-8/2007)

Здраво,
Додека ја читав табелата за потребни материјали во написот за Соларни колектори во домашна изведба - 1. дел (ЕМИТЕР 6/07), забележав дека во неа ги имате дадено цените на потребните материјали за правење на соларните колектори, и си реков дека би било убаво да ги пишувате и цените на потребните материјали на сите електронски склопови, кои ги објавувате како проекти за самоградба. Мислам дека е добро да ги пишувате цените на електронските елементи и материјали потребни за изработка на некои електронски склопови од ЕМИТЕР, затоа што тогаш ние читателите ќе знаеме колку пари ќе ни требаат за тоа што ќе сакаме да го направиме. Веројатно цените на тие склопови треба да бидат оние што се во продавниците на вашите бизнис партнери како, на пример, ГАЦ електроника и др. (знам дека ЕМИТЕР не ги продава потребните елементи). Нели би ни било полесно за нас читателите на ЕМИТЕР ако во написите ги имате напишано цените на потребните материјали, отколку ние да се трудиме да ги бараме? И уште нешто. Сакам да знам дали е можно во ЕМИТЕР да објавите статија за тоа како да направиме радиоконтролиран модел на авион и тоа во самоградба, со елементи кои ни се достапни за тоа (знам дека барам многу).
Ви благодарам што одвоивте време за да го прочитате мојот e-mail, и навистина ќе ценам ако ја прифатите и мојата идеја.
Поздрав,
Небојша Наумчески од Гостивар.

Ова што го предлагате сме го размислувале уште од почетокот на ЕМИТЕР, но сме заклучиле дека не може да се реализира поради следниве причини:
Цените на електронските материјали се различни од продавница до продавница. Значи, ако информациите за цените ги земеме од една продавница, а читателот купува од друга тогаш вкупниот износ може многу да се разликува, па многумина од читателите ќе реагираат до нас дека сме ги "излажале". Од друга страна, не е можно (немаме време, ниту простор) да дадеме цени од сите продавници, а ако наведеме цени само од некои тогаш оние другите може да ни се налутат зошто и нивните цени не сме ги дале. Да резимирам: наведувањето на цените на потребниот материјал бара голем ангажман од нас, а за возврат сепак таа информација ќе биде непотполна поради што некои читатели и фирми ќе бидат незадоволни. Затоа уште одамна сме одлучиле да не ги објавуваме цените на елементите за објавените проекти, иако сме свесни дека такво нешто е корисно за читателите. Но, затоа, пак, во ЕМИТЕР ги има рекламите на повеќето продавници за електронски материјали, па секој заинтересиран читател пред да одлучи да изработува некој од нашите проекти може да се информира кај нив за цените на сите потребни елементи.
За самоградба на радиоуправуван модел на авион сме пишувале повеќе пати и во рубриката "Моделарство и макетарство" каде што била прикажана градбата на авионот, и во рубриката "електроника" каде што биле прикажани уредите за телекоманда. Ви испраќам еден документ со содржините на сите претходни броеви од кој можете да најдете во кои сè броеви на ЕМИТЕР имало написи за она што ве интересира.
Поздрав,
Слободан Таневски


PC напојување за 150W засилувач? (Емитер 7-8/2007)

Здраво Емитер!!!
Имам три прашања.
1. Дали може две напојувања за PC 300W ATX да ми послужат како напојување за засилувач од 150W кој ги бара наведениве напони +24V и -24V, со што ќе ги добијам со комбинација на сериска врска на напоните од +12V и -12V и како може и до колку вати можам да одам со двете напојувања?
2. Каде може да најдам почетна литература за програмирање на микроконтролери? Убаво би било во ЕМИТЕР да објавите серија написи "Почетничка школа за програмирање на микроконтролери".
3. Дали знаете некоја веб-страница на интернет каде може да најдам голема архива на free електрични шеми од која било област.
Однапред ви благодарам
Александар, преку e-mail.

1. Ако имате сериозна намера да изработите квалитетен излезен засилувач, тогаш би ви препорачал да ја заборавите идејата за користење на напојување од некој персонален компјутер. Не знам точно со какво напојување располагате, но извесно е дека негативниот напон (-12V) не може да се оптовари со струја поголема од 0,5A. Ова значи дека моќноста на излезниот засилувач не би смеела да биде поголема од 5W. Дури и во случај кога напојувањето би дозволувало поголемо струјно оптоварување, ваквата идеја може да се смета само како експеримент, а не како добро решение. Напојувањето за персонален компјутер е проектирано со точно одредена намена и не можеме да го користиме како "универзално" напојување. Неговата пренамена не е едноставна задача, особено не кога се работи за напојување на излезен засилувач.
2. Минатата година во ова време во редакцијата подготвивме план за објавување на 2 брошури со наслов "Микроконтролери за почетници 1 и 2", кои би биле добра почетна литература за оваа проблематика. Меѓутоа, соработникот кој требаше да ги подготви целиот овој период е презафатен на своето работно место, па до сега не стигна да ја заврши ниту првата брошура. Да се надеваме дека ќе успееме во скоро време да ги подготвиме и објавиме. Како единствена друга литература на македонски јазик на тема микроконтролери би ви ги препорачал скриптите и учебниците од Електро-техничкиот факултет во Скопје. Исто така, би ви ја препорачал и српската книгата "PIC микроконтролери" која може да се набави во Логинг електроникс.
3. Не постои веб-страница (барем мене не ми е позната) на која можат да се најдат голем број електрични шеми од сите области на електрониката. Овој тип на веб-страници најчесто се од школски карактер во кои се обработени елементарни примери. Ако ве интересира некоја област поконкретно, тогаш најдобро е да ги искористите можностите што ги нудат интернет-пребарувачите. Со внесување на само неколку клучни зборови ќе ги добиете линковите на интернет-страниците кои нудат презентација на електрични шеми од таа област. Доколку, пак, не знаете што да барате, обидете се да ги внесете следните клучни зборови: "electronic circuit" или "electronic schematic" и ќе ги добиете линковите кои содржат архиви со помалку или повеќе корисни електрични шеми од речиси сите области на електрониката.
Дејан Трпески


Уште за ладилниците (Емитер 7-8/2007)

Почитувани,
Двата дела од статијата "Ладилници" објавени во последните два броја ви се вистински погодок. Од нив дознав многу работи и "трикови" во врска со ладилниците. Сепак, сметам дека две работи недостасуваат:
1. Како да се одреди Rth на некој конкретен ладилник? Имено, често пати се случува во продавниците за електроника продавачите да немаат податок за Rth параметарот на ладилниците кои ги продаваат. Истиот проблем се јавува и кога сакаме да искористиме некој стар ладилник. Затоа би било добро да објасните како може да се одреди вредноста на Rth врз основа на димензиите на ладилникот или со некое мерење.
2. Со оглед на сиромашната понуда на ладилници во нашите продавници, би било добро да се даде и постапка за пресметка и самоградба на ладилник од алуминиумски лим. Значи, како да ги одредам димензиите на лимот за да добијам ладилник со одредена вредност на Rth?
Се надевам дека за овие работи ќе ми дадете некаков одговор или ќе ме упатите на некоја соодветна литература, а би било добро и да ги објавите во нов напис.
Со почит,
Крсте Ристовски

И јас сум размислувал за овие два проблема, но не сакав да импровизирам во текстовите и дополнително да ги оптоварувам тие две статии, кои веќе беа прилично обемни.
Одредувањето на Rth за ладилник не е едноставна работа која можеме дома да ја изведеме. За да се одреди Rth на ладилник потребна е контролирана атмосфера (амбиент), термометар кој ја мери температурата на амбиентот, термометар кој е во добра термичка спрега со ладилникот и ја мери неговата температура и елемент кој ќе го загрева ладилникот. Со отчитување на термометрите може да се пресмета термичката отпорност на ладилникот. Rth = (Ts-Ta)/q каде Ts е температурата на ладилникот, Ta е температурата на амбиентот, а q е топлотната моќност која се предава на елементот. За q може да земеме дека е тоа електричната моќност со која се загрева елементот. Проблемот тука е во тешкото набавување и високата цена на термометарот кој ја мери температурата на ладилникот. Тоа е термометар за температура до 100°C или повисока. Друг проблем е и термичката спрега на ладилникот со термометарот.
Ако веќе имате некој ладилник и ако сакате да оцените дали одговара или не за некоја намена, тогаш може да се постапи на следниот начин: На ладилникот, наместо оригиналниот елемент поставете транзистор со ист тип на куќиште. Потоа, предизвикајте на транзисторот-жртва трошење на исто толкава моќност како и кај оригиналниот елемент. За тоа ќе ви треба надворешно коло. Измерете ја температурата на ладилникот при тие услови. Термометарот треба да биде поставен на статив, нежно да го допира ладилникот а спојот помеѓу нив да се пополни со силиконска паста. Ладилникот задоволува ако неговата температура не надмине 75°C. Ако немате ваков термометар, тогаш едноставно со допир на ладилникот ќе ја оцените температурата. Ако ладилникот сè уште може да се држи температурата е околу 70°C и ладилникот одговара за соодветната намена. Ако ладилникот многу се загрее и не може да се држи со рака, тогаш најверојатно и транзисторот ќе се оштети и така ќе заклучиме дека ладилникот не може да се користи во нашиот случај. Се разбира, транзисторот може и да се спаси ако навреме забележиме дека температурата брзо расте и го исклучиме од колото. Ова е можно ако користиме термометар.
2) Користењето на рамни лимови како ладилници повеќе се јавува како згоден начин да се искористи металната кутија во која е сместен уредот како ладилник, а не како универзално решение кое ќе ги замени ладилниците. Постојат некои емпириски начини да се пресметаат вакви ладилници, но се добиваат големи површини. Понатаму, се јавува проблем на сместувањето на овие ладилници во кутијата на уредот. Затоа колку и да ни се чини практична употребата на рамни површини како ладилници, тоа не е така. Сепак, можеби во некоја прилика кога повторно ќе говориме за ладилниците, ќе дадеме пресметки за лимови во улога на ладилници. Ако сте нетрпеливи, тогаш нешто на ова тема можете да најдете во ЕМИТЕР бр. 11/96.
Кирил Крстевски


Проблеми со EASY PIC 3 (Емитер 7-8/2007)

Јас го имам Easy Pic 3 програматорот за кој пишувавте во ЕМИТЕР 7-8/06. Можам да му внесам само hex file и тоа преку USB конекцијата со помош на pic flash софтверот. Но, со останатите програми, како што се mbasic: mc, mpascal и mp lab не можам. Поточно, самите програми имаат можност за конекција преку RS232 конекцијата (серискиот порт) и испраќање на програмата во форма на ASCII, HEX и decimal формат. Според литературата, конекцијата се врши преку USART Терминалот и кога ќе го испратиш file-от треба да пишува received ok. Кај мене не пишува дека испраќањето е завршено. Ова е битно за мене, бидејќи програма напишана во basic, c и pascal не можам да ја користам. Не помагаат ниту програмите за обработување во hex file, бидејќи pic-от не работи иако преработената програма ја има прифатено без грешка.
Ве молам помогнете ми.
Поздрав од вашиот редовен читател од Тетово
Драган Симовски.

За програмирање на микроконтролерите кои се наоѓаат на развојната плочка EASY PIC 3 се користи уредно поставениот USB интерфејс. За тоа постои софтвер за програмирање (PicFlash) кој се интегрира во сите програмски едитори на "Микроелектроника". Повикувањето на програматорот од менито на едиторот се врши со притискање на функциското копче F11 или со избор Tools => PicFlash Programmer. Со оваа акција, автоматски се презема компајлираниот фајл за напишаната програма во .HEX или во .BIN формат и се вчитува во микроконтролерот. Оваа опција ја имаат сите програмски едитори на Микроелектроника mikroC, microPascal и microBasic.
Доколку сакате да вчитате некоја друга искомпајлирана програма во неведените формати, тогаш само повикајте го PicFlash, (при инсталација креира shortcut на десктопот на компјутерот), вчитајте го во него и преку Write опцијата преснимете ја програмата во PIC-от.
Сериската порта која се наоѓа на развојната плочка се користи за RS232 комуникација. Истата не се користи за програмирање, затоа што колото МAX232 не е поврзано на пиновите за програмирање на микроконтролерот, туку тие се веќе искористени за програмирање преку USB интерфејсот.
Златко Николовски
"Логинг Електроникс"


Како се испитува автомобилска бобина? (Емитер 7-8/2007)

Почитувани,
Ме интересира како може да се испита исправноста на автомобилска бомбина со унимер или посебен испитувач. Би ви бил премногу благодарен ако објавите шема на испитувач на бомбини и да не заборавам: среќно во новите простории.
Поздрав,
Диме Мрмески

Бомбината не е евтин дел и затоа се исплатува самоградба на уред за испитување на бомбини. Сличен уред, кој е наменет за испитување на високонапонските трансформатори кај ТВ-приемниците и мониторите е опишан во ЕМИТЕР бр. 5/03. Ова нè наведе на помислата дека истиот уред би можел да се искористи и за проверка на исправноста на бомбините. Бомбината е исто така високонапонски трансформатор, но значително се разликува од високонапонскиот трансформатор кај ТВ-приемниците. Прво во работната фреквенција. Кај VN-трансформаторот таа изнесува 15625Hz (фреквенцијата на хоризонталниот осцилатор), додека кај бомбината таа се пресметува според формулата f=n•C/(T•B•30), каде што n е бројот на вртежи на моторот во една минута, T е бројот на тактови на моторот, C е бројот на цилиндри на моторот, B е бројот на бомбини на моторот. На пример, бомбината кај еден четирицилиндричен, четиритактен мотор кој работи со 7000 вртежи во минута работи со 230Hz (67 пати помала од VN-трансформаторот). Трансформаторите за овие фреквенции се изработуваат на јадро од магнетни лимови и имаат значително поголема индуктивност на примарниот и секундарниот крај. Но, разликата во фреквенциите не би требало да претставува проблем, затоа што уредот го испитува трансформаторот со импулси со траење од 2ms кои се повторуваат на секои 100ms, значи со фреквенција од 10Hz. Уредот може да прикаже неисправна бомбина доколку бомбината има делумно краткоспоена примарна намотка или пак делумно краткоспоена секундарна намотка. Намотка во прекин (примарна или секундарна) може да се открие со обичен унимер.
Бидејќи тестерот на VN-трансформатори ние не го тестиравме со бомбина, пред да се решите да го изградите и користите овој уред треба да се провери постапката со веќе изграден. Тука, можеби ќе ви помогне некој од нашите читатели кои веќе го имаат изработено уредот. Причина повеќе за неопходноста од тестирање на овој уред со бомбина пред да го изработите е што побудните импулси со кои се испитува трансформаторот се многу мали, многу помали од оние со кои работи бомбината. Но како и да е, со вашето прашање побудивте кај нас интерес и можеби во некои од следните броеви ќе прикажеме уред наменет исклучиво за испитување на бомбини.
Кирил Крстевски


Ефикасност на сончевите колектори од Емитер и еколошката куќа во Кадино (Емитер 9/2007)

Здраво Емитер.
Ги прочитав трите статии за самоградба на сончеви колектори и систем за греење на вода, па тоа ме поттикна да изградам таков систем за мојот дом. Затоа ме интересира какви резултати има добиено авторот при користење на неговиот систем и ако може тоа да се спореди со податоци од некој фабрички модел.
Исто така, ме интересираат резултатите од еколошката куќа во Кадино за која пишувавте во минатата година. Тогаш најавивте дека наскоро ќе дадете комплетен извештај за енергетската ефикасност на таа куќа, но до сега таков напис не објавивте.
Се надевам дека не барам премногу и дека наскоро ќе прочитам нешто повеќе за работиве што ги спомнав.
Однапред ви благодарам.
Гоце Поповски.

1. Соларните колектори за загревање санитарна вода, прикажани во ЕМИТЕР како проект за самоградба, тешко дека ќе можат да се споредат со некој фабрички модел, од проста причина што немам фабрички модели за споредба, а и од досегашното искуство можам да кажам дека речиси сите фабрички податоци се "пренадуени". Споредба со фабрички колектори "кај комшиите" не можам да направам, но ви ги давам податоците кои нешто покажуваат во првото тромесечје од нивното користење, па проценете сами.
Во табелата се дадени вкупниот број на киловати електрична енергија потрошени поединечно во секој од трите месеци, што само по себе и не е некој показател затоа што потрошувачката е релативна во однос на различното користење електрична енергија од различни апарати, но морам да напоменам барем три работи кои одат во прилог на заштеда на електрична енергија со користењето сончеви колектори во мојот случај.
Користење на климатизер во 2006/2007 год. во споредбените месеци, но во 2007 год. климатизерот работеше навистина ТУРБО. Ако во 2006 год. загревањето санитарна вода беше во кодекс на заштеда и со еден бојлер од 80 литри се тушираше четиричлено семејство само по потреба, оваа година единствен проблем беше како да се навикнеме на секојдневно туширање барем три до четири пати дневно. Напоменувам дека некаде во месец јуни беше поврзан уште еден бојлер од 80 литри на истиот систем колектори, а се наоѓаше кат подолу. Потрошената електрична енергија е заедничка за двата ката, а разликата е евидентна кога и двата бојлери се загреваат од колекторите.
Ако ги прочитете старите броеви на ЕМИТЕР во кои се опишуваат соларните колектори во три продолженија, ќе забележите разлика во препорачаната површина на колектори за потребите на едно четиричлено семејство и површината на колекторите кои се прикажани како самоградба во последниве броеви на ЕМИТЕР и која изнесува само 1,92 метри квадратни вкупна површина, а се загреваат вкупно 160 литри вода, за потребите на 4+2 члено семејство, што би требало да кажува за ефикасноста на ваквите колектори.
Споредете ги овие податоци со некој ваш познат кој има вградено фабрички колектори, па одлучете се за готови колектори или самоградба по теркот на овие објавени во ЕМИТЕР, но не заборавете, никој не може да го спореди задоволството за нешто што произлегло од вашите раце, секако со помош на Вашиот ЕМИТЕР.
Драган Јовановски

2. Првата еко-куќа во Македонија во целост ги исполни очекувањата, предвидени уште при нејзиното проектирање. Во текот на 12 месеци непрекината работа, системите за производство на енергија од сонце и ветер (фотонапонски панели, ветерна турбина и колекторски систем) произведоа 16 600 KWh електрична и топлинска енергија.
Загревањето на куќата, пред и по главната грејна сезона, целосно се потпираше на топлата вода добиена од сончевите колектори и струјата од ветерната турбина. Во зимскиот период оваа топла вода, предгреана од сонцето и ветерот, се догреваше со камин на дрва со топловоден изменувач. За целата грејна сезона беа потрошени околу 4 кубни метри дрва, а беше загреван простор од 150 метри квадратни , со што се покажа дека добрата термичка изолација на објектот, во комбинација со нискотемпературно подно греење, е вистинска добитна комбинација.
Ова е само накратко. Системот за загревање на куќата, како што ветивме, подробно ќе биде објаснет во некој од наредните броеви на ЕМИТЕР.
Звонко Марковски


Антени и антенски кабли (Емитер 9/2007)

Почитувани,
Ме интересира во кои броеви на ЕМИТЕР имате пишувано за самоградба на антени со кружно зрачење и за вертикални дипол антени. Исто така, ме интересира и колку треба да биде долг кабелот од ФМ-предавателот, од ЕМИТЕР бр.12/05, до антената?
Мислам дека до сега немате објавено проект на предавател со PLL-кодер, па ако може би сакал да објавите и таков проект.
Поздрав,
Даниел Јовановски

За антени со кружно зрачење е пишувано во повеќе броеви на ЕМИТЕР. Напис за дипол антена е објавен во Емитер 3/2000, додека пак во Емитер 5-6/2К и Емитер 7-8/2003 се објавени написи за ГП-антена.
Што се однесува до должината на антенскиот кабел, со зголемување на должината се зголемуваат и губитоците низ антенскиот кабел. Фреквенцијата на која се емитира и квалитетот, односно карактеристиките на антенскиот кабел за таа фреквенција исто така се клучни фактори што може да влијаат на употребената должина. Значи, поквалитетен кабел ќе ви овозможи поголеми должини. Опширен текст за антенските кабли со сите неопходни формули и графици можете да најдете во брошурата "Кабелска телевизија".
Како и да е, доколку употребите надворешна антена којашто ќе биде поставена на некој столб, секако дека до неа ќе мора да поставите подолг антенски кабел. Но, кога станува збор за предаватели, многу е битно импедансното приспособување, односно присутноста на т.н. стојни бранови во кабелот. Тоа многу влијае на снагата којашто ќе стигне до антената. Проектите "Вештачка антена" (Емитер 4/2К) и "SWR Метар" (Емитер 3/2К) можат да ви дадат повеќе информации за импедансното приспособување и стојните бранови.
Во прилог ви доставуваме список со објавени написи во сите досегашни броеви на ЕМИТЕР, кој ќе ви помогне да лоцирате повеќе написи од ваш интерес.
Во план ни е и подготовка на проект за ФМ-предавател со ПЛЛ синтетизатор на фреквенцијата.
Добре Блажевски


Нови звучници во стара кутија + мерење на моќност и импеданса на засилувач? (Емитер 9/2007)

Почитувана Редакцијо.
Ќе ве замолам да ми ги испратите Excel табелите за пресметките на калемите за свртниците за самоградба на звучници. Исто така, ќе ве молам да ми објасните како можам да дојдам до целиот серијал за самоградба на звучници.
Сакам да вградам во стари и оригинални кутии SONY (многу добро сочувани) 150 W бас-звучник и високотонец. Досега филтрирањето на фреквенциите одеше преку електролитски кондензатор. Сега сакам да вградам нови звучници и би сакал да си составам сопствена свртница.
Понатаму, ќе ве замолам да ми кажете каде или како можам да ја проверам импедансата, како и реалната музичка снага на излезот од засилувачот.
Со почит,
Иван Ѓорѓиевски, преку e-mail.

Како прво, доколку ги немате, треба да ги набавите соодветните броеви на ЕМИТЕР каде е објавен серијалот "Како до квалитетни зучници" (ЕМИТЕР од 1/07 до 7-8/07). Истите можете да ги набавите преку Редакцијата на ЕМИТЕР или во ЕиП Електроника – кај МНТ. Во овие броеви има детални упаства како да ги измерите параметрите на драјверите кои сакате да ги вградите.
Потоа треба да го пресметате внатрешниот волумен на кутијата која сакате да ја употребите и, доколку звучната кутија е од типот "бас-рефлекс", треба да ги измерите габаритите (должина, пречник) на портот (портовите). Сите овие параметри внесете ги во програмот WinIsd. На овој начин ќе добиете симулација на однесувањето на "вашиот" драјвер во соодветната кутија. Постои веројатност "вашиот" драјвер воопшто да не е наменет за кутија каква што е вашата SONY. Тогаш ќе треба да ја менувате кутијата или да го менувате драјверот.
Дискутабилно е прашањето за употреба на "стара" кутија кога цената на изработка на нова не е висока, тука можете да побарате помош и од професионален столар, па цената на истата да не надмине 20 - 30 евра по примерок (за кутии од 20 до 30 литри). Друга работа е ако сакате да поминете евтино и да инвестирате само 20 - 30 евра за целиот проект. Тогаш не се измачувајте со мерења и пресметки! Едноставно "накалемете" пар "петпарашки" драјвери во постоечката кутија и свиркајте си! Како свират, така нека свират! Само едно треба да имате на ум, колку пари – толку музика! Друга работа е тоа што вашата кутија е најверојатно од седумдесеттите или осумдесеттите години од минатиот век, период кога индустријата многу малку се грижеше за основните принципи од акустиката, па изработуваше звучни кутии кои немаа добра заптивност, кутии кои не беа направени од аморфен материјал, принципот на компактност исто така не беше застапен! Потоа, не се водело грижа за поларната карактеристика, па се изработувале плитки но широки кутии, не се водело грижа за појавата на стојни бранови и други принципи на акустиката објаснети во 6. и 7. продолжение на серијалот. Доколку имате таква кутија и располагате со (или сте наумиле да набавите) пар квалитетни драјвери, ви препорачувам да изработите кутија според упатствата дадени во моите пишувања, бидејќи цената на кутијата ќе биде минорна во однос на цената на драјверите, а напредокот во квалитет ќе биде очигледен (увослушен).
Дури тогаш кога ќе го решите проблемот со драјверите и кутијата, можеме да пристапите кон пресметка на свртницата. Детални упатства за изборот и пресметка на свртницата можете да најдете во горенаведениот серијал. И тука нема да можете да искористите многу компоненти од старата свртница, најверојатно од истата ќе ви биде од полза само печатената плочка!?
Во однос на вториот дел од прашањето постои една дубиоза. Прво, иако излезната импеданса на засилувачот претставува битен показател за квалитетот на истиот, производителите многу ретко ја специфицираат истата. Излезната импеданса на засилувачите е многу мала и е од редот на наколку десетици милиома, овој податок како и фактот дека не постои "стандардна" процедура за мерење на истата, го прават практично невозможно нејзиното прецизно мерење во аматерски услови.
Сепак, јас сум на мнение дека вие не баравте процедура за мерење на излезната импеданса, туку баравте начин да проверите какви звучници (со колкава импеданса) може да погонува вашиот засилувач. Обично тој податок го назначуваат производителите и тоа во вид на предупредување (минимум 4 ома, минимум 8 ома итн.). Тоа предупредување треба да го прочитате на овој начин: "Поради можност од трајно оштетување на засилувачот, не е препорачливо да се приклучат звучници со помала импеданса од наведената". Сепак, можно е на излез од засилувач на кој пишува "минимум 8 ома" да приклучите 4-омски звучници, но во таков случај не смеете да го пуштате засилувачот "до даска", бидејќи тогаш ќе барате од него да даде поголема моќност од онаа која е во состојба да ја даде (P=U²/R, помала импеданса на звучниците значи поголема моќност при ист напон U). Имајте на ум, најбитни показатели за тоа колку еден засилувач е "блиску" до прегорување се: степенот на нелинеарни изобличувања и моменталната температура на излезните транзистори. За долг живот на засилувачот треба двата параметра да ги одржувате на што е можно пониско ниво.
На крај, има повеќе методи за мерење на моќноста на засилувачите и тоа не е едноставна процедура која би можела да се напише во неколку реда. Аудиофилите обично не ја мерат оваа големина, туку ја проценуваат според големината на мрежниот трансформатор, вредноста на филтерските електролити, големина на ладилните тела и според напонот на напојување на засилувачот. Ако, сепак, сакате да ја измерите излезната моќност (и некои други карактеристики) на својот засилувач, тогаш опис на соодветните мерни процедури за тоа ќе најдете во ЕМИТЕР 10/97.
Емилијан Иљоски


Pages

Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...

Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.

Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.