За што да употребам ласерска диода? (Емитер 10/2007)

Здраво ЕМИТЕР!!
Имам едно прашање до вас. Ја извадив ласер диодата од CD-ROM за PC. Има три изводи од кој еден директно е врзан на маса. Дали има шанси некако да го поврзам за да свети како стандарден ласер-покажувач и ако може дали ќе имам опасност оти на кутијата од CD-ROM пишува дека ласерскиот зрак е радиоактивен. Ако не може да се искористи како ласер-покажувач би ве замолил да ми дадете некоја идеја и шема како можам да го искористам.
Ви благодарам однапред,
Александар преку e-mail.

Ласерските диоди кои се користат во CD и CD-ROM читачите редовно емитуваат инфра-црвена светлина со бранова должина 780 nm, односно светлина која е надвор од видливиот спектар. Тоа се ласерски диоди со многу мали моќности (пар mW). Овие два факта ги прават истите неупотребливи како ласерски покажувачи (laser pointer).
Во однос на безбедноста, CD и CD-ROM читачите се специфицирани како ласерски производи од 1-ва класа (class 1 laser product), а тоа значи дека за корисниците претставуваат доста безбеден производ. За сервисерите, односно за оние кои би имале можност да дојдат во контакт со ласерскиот зрак, нормите за "1-вата класа" укажуваат дека истиот не може да ја сече (дупчи) човечката кожа но може да предизвика оштетување на окото доколку е применет директно и од мала далечина. Ласерскиот зрак не е радиоактивен, туку, како што напоменав, тој претставува монохроматска светлина со бранова должина од 780 nm. Обратно, силна радијација може да предизвика оштетување, како на чувствителната приемна ПИН фотодиода во CD (CD-ROM) читачот така и на чипот чувствителен на светлина што би довело до оштетување на сервомеханизмот за позиционирање на "pick up-от" доколку уредот е во погон. Затоа, а и поради други причини, компјутерите не смеат да поминуваат низ редовните контроли со рендгенски зраци (по аеродромите, на пример).
"Pick up-от" (популарно наречен "ласерска глава") е составен од ласерска диода, PIN фотодиода, систем од леќи, систем за фокусирање со калем, полупропусно огледало и призма, како и приемен чип чувствителен на светлина. PIN фотодиодата се употребува како повратна врска во системот за контрола на јачината на ласерскиот зрак, додека чипот чувствителен на светлина ги прима "корисните" податоци снимени на CD-то, како и податоците за фокусирање и позиционирање на целата "ласерска глава". Кај поновите системи целиот "pick-up" претставува една интегрирана компонента. Целата конфигурација претставува еден релативно сложен систем кој не може да се употреби за друга цел освен наменетата.
Меѓутоа, кај постарите CD-ROM читачи (двобрзински и четворобрзински) ласерската диода и PIN фотодиодата се вградени во едно исто куќиште и претставуваат една одвоива целина. Најверојатно кај вас се работи токму за оваа компонента која вие ја нарекувате "ласерска диода". Обично оваа компонента има 3 изводи, двете катоди (на ласерската диода и на PIN фотодиодата) се врзани кратко и тоа е еден извод обично врзан на маса, додека другите два извода ги претставуваат анодите на диодите. Оваа компонента, со соодветна електроника, може да се употреби во повеќе апликации каде "пуштаме" невидлив ласерски зрак, тој се одбива од некој предмет и преку соодветна оптика се враќа до PIN фотодиодата, давајќи информација за "присуство" на предметот. Значи, примената би била првенствено во алармни системи и системи за броење на предмети во индустријата, но може да се користи во системи кои регистрираат присуство на чад и други гасови, како и во секој друг систем кој би го користел рефлектираниот зрак на ласерската диода.
Емилијан Иљоски


Несинхронизираност на сликата и тонот (Емитер 10/2007)

Почитувана Редакцијо.
Со оглед на вашата стручност, мислам дека вие можете да ми помогнете. Имено, често пати се случува кога гледам кабелска телевизија на некои канали тонот и сликата да не се усогласени, односно сликата да доцни зад тонот некогаш дури и за 1-2 секунди. Се прашувам од каде тоа доаѓа. Реагирав во кабелската телевизија кај нас (во Кисела Вода), ама тие се вадат дека така го добивале сигналот од сателитот. Јас не им верувам, затоа што таква неусогласеност на тонот и сликата повремено се случува на неколку канали, но најчесто на хрватската Нова ТВ. Често пати и сликата се замрзнува, па после некое време вршат ресетирање (се гледа менито на екранот) и потоа некое време тонот и сликата се усогласени, но како поминува времето настанува сè поголема неусогласеност на тонот и сликата. Дали вие можете да кажете каде настанува овој проблем?
Само пофални зборови за ЕМИТЕР и однапред Ви благодарам.
Мирко Брзовски

Проблемите на несинхронизираност помеѓу сликата и тонот беа присутни и кај аналогните преноси, а, за жал, стануваат честа појава и кај дигиталните системи за обработка и пренос на ТВ-сигнали. Причина за неговата појава (кај дигиталните системи) е потребата од поголемо видеопроцесирање на сликата во однос на тонот. Во тој случај при кодирањето или декодирањето на целосниот ТВ-сигнал (аудиото и видеото) на некои кодери и/или декодери им е потребно повеќе време за обработката на сликата во однос на тонот, па затоа знаат да предизвикаат појава на несинхронизираност. Ваквите кодери/декодери се обично тие од пониската класа или, пак, причина за појавата на несихронизираност може да биде и нивна не добра нагоденост, т.е. луѓето кои ги ракуваат ги немаат добро нагодено параметрите, во однос на перформансите на уредот и преносниот канал.
Луѓето од кабелската телевизија до некаде имаат право, бидејќи една од причините за појавата на несинхронизираност може да биде лошо спакуваниот канал на ТВ Нова пред да се испрати на сателит (вакви проблеми забележливо е дека се појавуваат и кај други ТВ-програми). Но, во конкретниов случај поголема е веројатноста дека сателитскиот приемник во приемната станица на кабелската телевизија затаил, бидејќи како што рековте и сами по ресетирање на сателитскиот приемник синхронизираноста е во ред.
Значи, конкретниот одговорот на вашето прашање е: лошото декодирање на сателитскиот сигнал при прием. Освен слабиот квалитет на сателитскиот приемник (неквалитетно коло за декодирање), причините за лошото декодирање може да бидат предизвикани и поради слабиот приемен сигнал што го добива рисиверот. Ова се одразува на губење на делови од аудио или видеоделот од преносниот сигнал и доаѓа до појава на повремено замрзнување на сликата или губење на тонот на моменти. Ова најчесто е предвесник за појавата на "бегањето" на синхронизацијата.
Без разлика која е причината за појавата на несинхронизираност, сепак, кабелскиот оператор е должен од време на време да ги следи своите програми и кога ќе забележи ваков проблем веднаш да реагира (или да го ресетира/смени сателитскиот приемник, или, пак, во крајна линија да реагира до ТВ-куќата од која го презема сигналот).
Вакви проблеми се појавуваат и кај домашните терестријални ТВ-станици, но во овој случај проблемот не е кај кабелските оператори туку кај самите ТВ-станици, поради употреба на лошите (нискобуџетни) уреди за кодирање/декодирање на програмата. Ова често може да се забележи кај прилозите во вестите кои ги пуштаат од компјутер, а претходно биле снимени со аналогна камера, па дигитализирани ("кепчани" - capture) и снимени во компјутер, од каде што и се пуштаат во програма.
За надминување на ваквите проблеми постојат уреди за аудиосинхронизација (со кола за доцнење на аудиоделот), но и тие имаат поголеми побарувања за работа, и има логика да се употребуваат само во случаи кога временската разлика помеѓу сликата и тонот е постојана (во случај кога видеосигналот поминува постојано низ одредено коло за обработка, коешто внесува константно време на доцнење). Кај дигиталните системи несинхронизираноста не се јавува со точно одредена вредност, а исто така има тенденција, ако не се прекине, со текот на времето да се зголемува.
Дарко Мајстороски


Магнети со голема моќност (Емитер 10/2007)

Почитувана Редакцијо.
Деновиве ми се "мотаат" некои идеи во главата кои (сè уште) нема да ви ги откријам, но ми треба мала помош од ваша страна како поупатени во проблемите од овој вид. Ве молам да ме посочите до компанија (или што било од таков вид) каде што можам да купам перманентни магнети. Сум слушнал за неодимиумски магнети со поголема моќ од конвенционалните употребувани во разни брави итн. Ме интересираат оние со помали димензии и правилни форми (задолжително). Некаде, да речеме, квадар со димензии 1x1x1,5cm или нешто слично на тоа. Предвид доаѓаат и коцка и цилиндар. Ако не можат да се купат, исто од голема полза би ми било да ме упатите од што можам да ги извадам истите.
Навистина ми требаат и би бил многу благодарен на каква било помош.
Петар Стефанов преку e-mail.

Магнети со голема моќност и мали димензии редовно се изработуваат од неодимиум-железо-бор (Nd2Fe14B). Бидејќи неодимиумот (атомски број 60, атомска тежина 144,24) спаѓа во ретки минерали од групата на тривалентни лантаниди, изработените магнети не се воошто евтини. Овие магнети ги изработуваат речиси сите големи производители на електронски компоненти: Siemens, Philips, ST и други. Словенечката фирма "Искра" исто така произведува "неодимиумски" магнети.
Основен проблем е тоа што ваквите магнети се сметаат како "репроматеријал". Со нив се изработуваат звучници, прецизни мотори и друго, па истите можете да ги најдете во сервомоторите на компјутерските дискови, мотори за видеоглави, мотори за позиционирање на ласерската глава кај ЦД-читачите, потоа кај покренувачи на возила, пумпи за хидраулика во автомобилската индустрија, системи за кочење и друго.
Затоа, магнети со голема моќност и мали димензии ретко се наоѓаат како такви во малопродажба. Во ЕиП Електроника, на пример, можете да најдете пар видови "минијатурни" магнети, но истите се направени од феритен материјал (обично од стандардниот и најраспространетиот феритен материјал - N22). Такви или слични можете да најдете и во ТВ-приемниците во отклонскиот систем, но тие не се карактеризираат со големо магнетно поле.
За експериментални цели, ви препорачувам да ги "ископате" потребните магнети од некој расходуван уред. Копањето по стари расходувани уреди може да претставува макотрпна и на прв поглед "јалова" работа, меѓутоа тоа претставува извонреден начин да се научат конструкторските "финти" кои нема да ги апсолвирате дури ни при детално разгледување на техничките цртежи. После неколкусезонско "ископување" ќе увидите дека речиси сите "елегантни" решенија се исцрпени, па ќе ви остане само "утешната награда" - ќе бидете во состојба да примените некое од нив!
Емилијан Иљоски


"Сонцобран" околу Земјата (Емитер 10/2007)

Здраво ЕМИТЕР!
Имам една идеја, па Ви пишувам за да ми кажете дали оваа идеја некогаш може да биде реалност, т. е. дали ова е можно:
Пред неколку дена додека ја следев временската прогноза, т. е. податокот за УВ-индексот, видов дека тој е многу висок, па се присетив на статиите од ЕМИТЕР: Системи од прстени (3/07) и Нанотехнологија (7-8/07), и ми "светна" една идеја, со која би можело ултравиолетовото зрачење од Сонцето на Земјата да се елиминира. Ова би се постигнало ако на Земјата се "направат" вештачки прстени (слични како оние на Сатурн, но овие на Земјава би биле потенки и пошироки, за да заштитуваат поголема површина на Земјата), така што тие би биле "изградени" од честички кои би биле многу мали за да ја рефлектираат видливата светлина, така што би ја рефлектирале само ултравиолетовата светлина (ЕМИТЕР 7-8/07, Нанотехнологија). За да се обезбеди заштита од УВ-зраците на Земјата потребни се повеќе прстени, па веројатно тие би требало да бидат на различна висина.
Во "Системи од прстени" од Е3/07 прочитав зошто не е можно планетите кои се поблиску до Сонцето да имаат природни прстени, но не е невозможно на Земјата да има вештачки прстени. Денес технологијата е на многу високо ниво, така што ништо не е невозможно, ако се обезбедат потребните финансии и ако некој сака да го направи тоа. Со заштитата од УВ-зраците на Земјата, луѓето ќе можат слободно да излегуваат надвор во попладневните часови без никаква заштита од Сонцето, ќе се намали глобалното затоплување, многу пустини би можеле да станат шуми, со што би се намалило количеството на CO<sub>2</sub> во воздухот...
Дали оваа моја идеја би била возможна, доколку би се обезбедиле потребните финансиски средства (веројатно повеќе од 50 милијарди долари)?
Поздрав,
Небојша Наумчески, Гостивар

Идејата за планетарен "сонцобран" уште многу одамна е обработена од повеќемина писатели на научно-фантастични приказни и романи (на пример, "Прстен" од Лари Нивен). Сепак, вашата идеја има оригинални елементи. Иако, во принцип, оваа идеја може да се изведе, таа нема да чини 50 милијарди долари, туку 50.000.000.000.000.000.000 милијарди долари. Многу поевтино решение е секој човек годишно да добива по 50 kg крем за сончање, заштитен фактор 30. Патем, УВ-зрачењето (само по себе) не влијае на глобалното затоплување, ниту на намалувањето на површините под шуми.
Инаку, убеден сум дека целата оваа хистерија со уплавот од УВ-зрачењето е потполно неоснована! Цели 30 000 години на луѓето не им пречело УВ-зрачењето, а сега наеднаш тоа ти било опасно! Поточно кажано, тоа УВ-зрачење било исто толку опасно пред 30 000 години, колку и сега! И што со тоа? Што им фалело на сите оние генерации на луѓе во последниве 30 000 години? Да не испоумреле сите од рак на кожата?! Точно е тоа дека во последниве триесетина години е зголемено УВ-зрачењето заради намалувањето на озонскиот слој, но кој знае какво било УВ-зрачењето (и озонскиот слој) пред 3.000 или пред 30.000 години?
Сепак, добро е што размислувате за еколошките проблеми. Можеби би било добро вашата идеја да ја разработите и да ја изложите во нашата нова рубрика ЕУРЕКА.
Владимир Филевски


Термостат за вентилатори во засилувач (Емитер 11/2007)

Здраво, јас сум Александар. Го имам изработено склопот за приклучување и исклучување на вентилаторите од проектот 250W V-мосфет засилувач но приклучен на засилувачот од проектот "комплетен стереозасилувач" со LM3886T. Има еден проблем, вентилаторот не се вклучува веднаш туку кога ке загрее ладилникот релејот почнува да приклучува/исклучува со некоја фреквенција од 10-тина херци. Прописно е изработен и стабилизаторот кој после кондензаторите има 19V. Напонот помеѓу базата на T1 и T2 го нагодив на 565 mV и така вентилаторот врти и кога ладилникот е сосема незагреан (што значи никогаш не исклучува). При изработката користена е и термоспроводна паста. Сакам да знам дали е нормално релејот така да се однесува или треба на прва да вклучи...
Чао и чекам ваш одговор.
Александар Саркоски,
преку e-mail.

Што се однесува за осцилирањето на релејот кај така едноставен склоп како што е колото за автоматско вклучување на вентилаторите, може да се каже дека тоа се случува поради бавната промена на напонот со којшто треба да се префрли прагот на вклучување на релејот. Напонот помеѓу базата и емитерот на транзисторот BD139 типично изнесува околу 625 mV на собна температура од 20°C. Бидејќи промената на овој напон при зголемувањето на температурата за секој степен изнесува –2mV, за следните 30°C, односно до постигнување на температурата на ладилникот од 50°C напонот ќе изнесува 565mV и ако е точно нагодено ќе се вклучат вентилаторите. За да се намали осцилирањето на релејот околу точката при која треба да префрли, може да се додаде кондензатор од 100nF помеѓу емитер/колектор на само едниот од двата транзистора и тоа на кој било.
Во врска со другиот дел од прашањето, кога велите дека при нагодено коло вентилаторите се вклучуваат на ладен ладилник можам само да кажам дека се изработени повеќе такви склопови и никогаш немало проблем. Проверете ги уште еднаш вредностите на отпорниците и нивните места особено на оние во серија со тримерот како и правилната ориентација на транзисторите кои се користат како сензори.
Драган Јовановски


Хакерски "финти" (Емитер 11/2007)

Здраво Емитер.
Јас сум ваш долгогодишен читател и ги сакам вашите рубрики со компјутерска техника и информатика. Имам едно прашање: пред некое време пребарувајќи низ страниците на македонски јазик, наидов на македонски блог за хакери. Бев заинтересиран за тоа што го пишува таму и го прочитав. Пребарував и за други слични, но не најдов, што значи ова е првиот со таква содржина. Ме интересира дали сево ова што е напишано е точно и дали може нешто такво да се оствари?
Благодарам однапред,
Боби Цветковски

Посочениот сајт е интересен и корисен за учење. Најверојатно ве интересира оној дел од сајтот каде што има дадено инструкции како да се навлезе во сајтот (од дадениот пример).
Објаснувањето за командните инструкции е ок. Дали навистина ќе успеете на тој начин да се "закачите" преку ftp (file transfer protocol) и да добиете пристап до податоците.... тоа не знам, не сум пробал ниту, пак, сакам да пробувам. Истото топло ви го препорачувам и вам (посебно не на таков сајт каков што е во примерот). Тоа е исто како да бркате во туѓ џеб. Ова е казниво и недозволено, како според закон, така и морално! Искористете го сајтот за да научите разни технички информации, но во никој случај нека не ве фасцинира "пробивањето" во туѓите системи, бришењето податоци или, со други зборови, правењето штета!
Многу е полесно да се направи штета, отколку да се направи нешто продуктивно и корисно! За да ве уверам во ова еве ви еден "софтверски" доказ:
- за да се "упропасти" еден Windows базиран оперативен систем доволно е само една командна линија како: del some_system_file
- за да се креира оперативниот систем потребен е код од илјадници-илјадници програмски линии!
Мој совет ви е одете на www.books.google.com и пребарувајте и читајте некои книги! Јас би ви го препорачал авторот Таненбаум и неговите ИТ-книги.
Поздрав,
Петар Димоски


Како да направам ЈУГО турбо? (Емитер 11/2007)

Го прочитав написот за турбокомпресори од ЕМИТЕР 7-8/06, па ме интересира дали може да се вгради таков на ЈУГО 55 или, ако не може, да ми кажете некој друг начин за добивање повеќе снага од стандардниот мотор.
Благодарам однапред,
Митко Митковски

Кога моторот би се развивал од почеток (како конструкција), можно е да се направи мотор од YUGO 55 со турбокомпресор, што во оваа фаза би претставувало навистина елегантно решение за зголемување на силината на моторот во рамките на истиот проектиран волумен од 1100 ccm (за разлика од оној без турбокомпресор). Во тој случај, со оглед дека притисоците при согорувањето во компресиониот простор би биле околу 100% повисоки отколку кај истиот мотор без турбокомпресор (т.е. моторот од YUGO–то кое веќе го имате), тоа би повлекло ново јакостно димензионирање на клипната група (клип, клипњача, коленесто вратило како и нивните меѓусебни споеви) согласно на новите, значително повисоки, сили на кои ќе биде изложена истата. Со оглед на фактот дека вашиот мотор е веќе јакостно димензиониран како обичен атмосферски мотор (без турбополнач) не доаѓа предвид вградување на турбокомпресор, затоа што клипната група не ќе може да ги издржи зголемените сили на кои ќе биде изложена.
За да ја зголемите силината на вашиот мотор единствено ви останува можноста да го зголемите најголемиот (максималниот) број на вртежи на коленестото вратило. Ова е извонредно сложен и скап зафат кој опфаќа повеќе меѓусебно комплементарни сегменти. Во груби црти и без навлегување во детали, размислувањето е следно: познато е дека, идеално гледано, бројот на вртежи на бензинскиот мотор нема ограничување, т.е. тој може да биде бесконечен. Реално тој е конечен и причина за тоа е нарушеното струење на воздухот (повлекува намалено полнење) во него при високи броеви на вртежи. Причина за ова е несоодветната разместеност на бреговите од брегастото вратило, како и висината на брегот и обликот на профилот на брегот при високите броеви на вртежи, што повлекува недоволно полнење на моторот и опаѓање на силината поради неможноста да се постигнат повисоки вртежи. Значи, прво што мораме да преземеме е да го промениме брегастото вратило со ново (наменето за спортски мотор) со што ќе овозможиме поголеми (значително поголеми) брзини на струење на свежото полнење (ова е клучот за зголемувањето на силината на моторот). При ова, значително ќе се зголеми максималниот број на вртежи на моторот, со тоа што свесно се откажуваме од ниските вртежи, т.е. моторот веќе не би можел да работи на "лер" гас на 700 – 800 вртежи во минута, туку овој број би бил значително повисок. При ова мораме да го зголемиме и аголот на претпалење, како и да извршиме соодветни преправки на карбураторот. Следно што треба да се преземе е да се намалат отпорите при струењето на воздухот (смесата) во шмукачкиот и издувниот вод. Генерално, ова се прави со полирање на каналите и избегнување на појавата на "заб", т.е. скоковит премин на спојот на две цевки низ кој струи флуидот (воздухот). Се прави и максимално кратење на издувната цевка (ауспухот), со тоа што мора да се избере резонантна должина на новиот скратен издувен систем кој мора да има и поголем пречник. Се става спортски филтер за воздух (или најдобро, тој се отстранува). Со оглед дека сега моторот е подготвен да работи на значително повисок број на вртежи, тоа повлекува и зголемување на инерцијалните сили на деловите од моторот кои вршат наизменично променливо движење и клипната група не ќе може да ги издржи. Тие делови се: клипот, клипницата и сите подвижни делови од вентилите. Сите овие делови потребно е да се заменат со нови кои се карактеризираат со намалена маса и подобар квалитет на материјалите од кои се направени, а за пружините од вентилите е битно тие да имаат и значително поголема крутост за да не се одвојат од брегот во повратниот од. Исто така, за дополнително да се намали времето за одѕив на моторот потребно е да се намали масата на замаецот и потоа тој перфектно да се урамнотежи.
На крајот, треба да се направат и соодветни зафати за зголемување на моментот на моторот, кое се состои од зголемување на пречникот на цилиндарот (се буши цилиндарот на нова, поголема мерка) и се намалува компресиониот простор (се намалува висината на главата на моторот со брусење на нејзината долна површина). При ова мора да се внимава да не дојде до детонација на моторот при неговата работа и затоа за овие зафати мора да се направи пресметка како и да се има искуство, т.е. повратни информации од веќе изведените конструкции или да се оди со проверени во пракса пречници на цилиндрите и за колку се скратува главата на моторот.
Постојат и други "мал милион" важни ситници кои ја дополнуваат оваа прикаска и кои не можат да бидат опфатени во овој одговор. Како и да е, проблемот е комплексен и мора фронтално да се решава. За овој зафат е потребен високостручен кадар кој може компетентно и квалитетно да го заврши овој, по дефиниција, многу сложен зафат.
Генерално, ова е размислувањето кое треба да ве води во зголемувањето на силината на вашиот мотор. Доколку овие зафати не можете сами да ги изведете, најдобро е оваа работа да им ја доверите на професионалци кои ја третираат оваа проблематика затоа што навистина се работи за сложен зафат кој бара соодветно знаење и искуство. Имајте предвид дека вашиот нов YUGO-ов спортски мотор ни од далеку нема да го има проектираниот век на траење како за стандардниот (фабрички) мотор кој е околу 200 000 km.
Томе Скендеровски


Не ве бива и не ве купувам! (Емитер 11/2007)

Не ве бива и не ве купувам повеќе! Од технолошко списание уште што не почнавте да пишувате за гаќи и маици! Еве ви од мене една шема гратис. Во мојата изработка ја исфрлив лед диодата и R3 го сменив со 330k за зголемување на струјата за побуда, бидејќи користам триак BTA41.
Марјан Николовски, преку е-маил

Да се издава списание само за електроника на пазарен принцип во Македонија е невозможна работа. Главни причини за ова се што речиси и да нема електроничарски фирми кои би објавувале реклами во него, а читателите-електроничари кои би го купувале се бројат со ниска троцифрена бројка. За да може такво списание воопшто да излегува или ќе треба да има цена од преку 500 денари (но тогаш ќе ги изгуби и тие малку читатели-електроничари) или ќе треба државата или некоја голема компанија да ги покрива сите трошоци за негово издавање (што нема шанса да се случи, особено не на подолги патеки). Нешто повеќе за оваа тема прочитајте во уводникот од бројот 9/2003 (во атачмент).
Сега, ако сеуште сметате дека е подобро воопшто да нема македонско списание за електроника отколку во ЕМИТЕР да добиете 15-20 страници "чиста" електроника + 20-25 страници информатика/аудио/видео/фото/телекомуникации (што повторно е електроника, но на друг начин) и + 20-25 стр. од други научно-технички области, тогаш не можеме (ни јас ни кој било друг) ништо да сториме против таквата превртена логика.
П.С. Шеми не ни се потребни бидејќи ги имаме преку 50000. Потребни ни се љубители на електроникатата, и како читатели и како соработници.
Слободан Таневски


Карактеристики на непознат бас-звучник (Емитер 12/2007)

Имате ли некои Thiele-Small карактеристики за бас-драјверот NEW RETONE W250RS1 и доколку имате дали ќе може да ми ги кажете?
Поздрав,
Герче Костадинов,
преку е-маил.

За овој звучник дури ни јас не сум чул (а тоа доволно зборува, нели? :-)). Препорачувам да ги измерите неговите параметри со методите објаснети во ЕМИТЕР 2/07. Доколку немате можност за тоа, тогаш би можел јас (за скромен надомест) да ги измерам со компјутерскииот мерен уред Clio.
Владимир Филевски

Прво, на интернет фирмата "NEW RETONE" воопшто не е позната. Потоа се заинатив, па пребарувајќи по стопанските комори на разни земји наидов на фактот дека фирма со такво име има во Shenzhen областа во Кина. Набрзо им пратив допис да ми дадат повеќе податоци за нивниот производ "W250RS1". Дури вчера добив одговор во кој велат дека во нивниот асортиман нема таков производ.
Инаку, Thiele –Small параметрите на повеќето познати драјвери можете да ги најдете на овој сајт:
http://www.thielesmall.com/database.asp.
Емилијан Иљоски


Напојување за автомобилски засилувач (Емитер 12/2007)

Голем поздрав до вас и пофалби за новиот број кој е супер, само како млад електроничар кој сега навлегува во водите на електрониката мислам дека треба да ги давате и нацртите за плочките, бидејќи ние можеме да ги изработуваме на часовите по пракса. Најдобро би било цртежите на ППК да се отпечатат на посебен А4 лист и да бидат како додаток во бројот.
Сега едно прашање за вас: на интернет-сајтот www.lehigh.edu/.../projects/jlsubs2/jlsubs2.html наидов на еден интересен проект со кој се овозможува аудиозасилувач од автомобил да работи дома. Имено, имам моќен засилувач за во кола, а моите не ми даваат да свири повеќе во неа и затоа би сакал да објавите сличен проект за напојување.
Знам дека имам уште многу да учам за електрониката, но мислам дека овој проект не е mission imposible.
Ненад Јакимовски
P.S. Јас ја сакам електрониката.

Цртежите на водовите на ППК не ги објавуваме заради заштеда на простор, но и затоа што ние произведуваме и продаваме готови ППК за прикажаните електронски конструкции. Со купонот готовата ППК од нашиот ППК сервис чини речиси исто колку и празна плочка, па нема некоја цел (освен едукативна) некој да ја прави сам, нели? Печатењето на плочките на посебен лист од паус хартија исто така нема некоја логика, бидејќи, од една страна, тоа чини многу, а од друга страна, тоа ќе им биде од полза само на малкумина читатели.
Постои можност засилувачот што го имате, предвиден за работа во автомобил, со напојување на 12V да работи надвор од автомобилот, т.е. во домашни услови. Иако не наведувате колкава е неговата моќност, за да може напојувањето да се димензионира, тоа лесно може да го проверите доколку ја прочитате вредноста на топливиот осигурувач на главниот вод на напојување. Во зависност од моќноста на засилувачот, неговата вредност може да се движи од 5 до 30 ампери, така што некогаш и ја надминува вредноста на топливите осигурувачи во самиот автомобил, на разводната табла со осигурувачи.
Значи, за засилувачот да работи во домашни услови, потребно е да се обезбеди напон од 12 V и струја од 20 до 30A, доколку засилувачот е со моќност од 200 до 350W. За да се утврди вредноста на струјата која треба да ја даде насочувачот, моќноста на засилувачот треба да се подели со 12V. Најчесто, произведувачите ја декларираат максималната моќност на засилувачот за напон на напојување од 14,2 V.
Значи, потребен е трансформатор 230/15V, целобранов насочувач со диоди или Грецов спој, електролитски кондензатори со вредност од 1000µF за секој ампер на струја и стабилизатор на напон со струјно ограничување. Ваквиот уред, со класичен трансформатор кој е тежок и скап, не е едноставно да се изгради. Ако засилувачот е со моќност до 50 до 100W, некако се исплати ваквата реализација, да се изгради извор на напојување со максимална струја од 4 до 8 ампери.
Имајќи го предвид вашето мало искуство за самоградба, наједноставно решение кое можеме да ви го предложиме е комерцијално напојување за персонален компјутер од 300W. Истото идејно решение е применето и на линкот кој го посочивте.
На предложениот линк ќе најдете информации како напојување за компјутер да претворите во насочувач кој може да напојува различни уреди. Истиот уред, освен за напојување на засилувачот, може да го користите како лабораториски извор на напојување во текот на експериментирањето:
http://web2.murraystate.edu/andy.batts/ps/POWERSUPPLY.HTM.
С. Таневски и П. Аврамовски


Pages

Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...

Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.

Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.