Проблеми со телекомандата (Емитер 9/2003)

Ја направив телекомандата за гаражна врата од ЕМИТЕР 02/2003, но не ми работи како што треба. Најнапред кога ќе притиснам на пилотчето (предавателот) во истиот момент се вклучува, исклучува и пак вклучува сијаличката на декодерот. Нешто не е како што треба. Повеќемина ученици ја имавме направено, па комбиниравме предавател со приемник и декодер, но не ни успеа ништо. Дали може да ви го пратам уредот по пошта, да го погледнете и да ми кажете што да направам или вие тоа да го направите и да ми кажете колку ќе ме чини.
Благодарам.
Иван Ивановски, преку e-mail

ЕМИТЕР не се занимава со изработка по нарачка и со поправка на уредите изработени од читателите, па затоа ќе треба сами, или со помош на некој поискусен електроничар да го решите проблемот и да го доведете во исправна состојба уредот за телекоманда. Него го изработуваа на часовите и моите ученици и со малку труд повеќето од нив успеваа да го направат како што треба.
Ако сите лемења ви се направени како што треба (а на тоа сугерира повременото палење на ЛЕД диодата) тогаш претпоставувам дека имате само проблем со нагодувањето што може да е поизразен ако имате вградено тример-кондензатор со поголема вредност од наведената (повеќе за ова видете во рубриката "Писма" во бројот 7-8/03).
Како и да е, нагодувањето треба да го правите трпеливо, со мали поместувања на тримерот, бидејќи во спротивно промените на фреквенцијата се големи и нема да успеете да ги усогласите предавателот и приемникот. Нагодувањето најдобро е да се прави со специјална алатка за нагодување на ВФ кола – таа е во форма на шрафцигер, но неговото тело е пластично, а само на врвот има мал метален дел, кој кај поквалитетните е керамички. Потребата за ваква алатка произлегува од тоа што класичниот шрафцигер со своето големо метално тело внесува дополнителна паразитна капацитивност во колото (кога ќе го приближиме до тримерот) поради која во тој момент се добива некоја друга фреквенција на предавателот/приемникот. Затоа, во таков случај, ако успееме да ги нагодиме предавателот и приемникот (LED диодата да светне) кога ќе го тргнеме штрафцигерот тие пак нема да бидат нагодени бидејќи предавателот сега ќе има друга фреквенција. Ваков проблем не се јавува ако наместо обичен штрафцигер ја користиме спомнатата алатка за ВФ нагодувања.
Претпоставувам дека неа ја немате, но можете да ја импровизирате со некое парче тенка, а тврда пластика. Вториот начин е да користите обичен шрафцигер со кој само малку ќе го мрднете тримерот, ќе го оддалечите шрафцигерот, па ќе го стиснете тастерот на предавателот за да пробате дали има совпаѓање со приемникот (дали LED диодата ќе светне), па ако нема совпаѓање, пак малку поместете го тримерот и направете пак проба и сè така додека не успеете.
Да повторам дека сето ова треба да го правите трпеливо, без брзање, а неопходен предуслов е претходно уште еднаш да проверите дали сите елементи се добро залемени, дали се со вистинската вредност и на вистинското место, дали има некои прекини или кратки споеви на плочката и слично. Потоа следете ги дадените упатства (овие и тие во написот), бидете трпеливи и внимателни и успехот нема да изостане.
Слободан Таневски


Сабвуфер (Емитер 9/2003)

Многу поздрав и најдобри желби до редакцијата на списанието! Јас сум заинтересиран за сабвуферите, поточно, заинтересиран сум за изработката – како се пресметува волуменот на кутијата (врз база на што?), потоа материјалот за изработка на кутиите, потоа, дали да биде отворена (bass reflex) или затворена (sealed) кутија, како и за тоа на кои параметри треба да се внимава кога се купува звучник за таа намена, поточно - како да се препознае "добар" или "лош" звучник? Доколку веќе имате објавено нешто во врска со сабуферите (освен сабуферот Aquarium од ЕМИТЕР 9/2002) би сакал да ми кажете кој број на ЕМИТЕР да го набавам.
Дали можете да ми предложите некое место (продавница или сл.) кадешто можат да се набават бас звучници наменети за сабвуфер, со исклучок на "Електро Ваце" - поради слабиот квалитет (моја претпоставка, бидејќи моделот ТСС не постои никаде на Интернет, што јасно индицира дека потеклото и квалитетот не се познати) и "Зец електроникс" - поради МНОГУ високи цени за поквалитетните звучници.
Многу поздрави од
Боби Стефановски од Скопје

Сè што ве интересира за проектирањето, пресметките и изработката на звучните кутии (па и сабвуферите) веќе е објавено во ЕМИТЕР. Добро проучете ги текстовите "Компресиони звучни кутии" во ЕМИТЕР 5/1995, и "Бас-рефлекс звучни кутии" во ЕМИТЕР 1, 2, 4 и 6/1998, каде детално се објаснети Thiele-Small параметрите, со чија помош ќе ги распознате "добрите" од "лошите" звучници. Овие броеви на ЕМИТЕР одамна се распродадени, но од редакцијата можете да нарачате нивни фотокопии.
Во hi-fi техниката важи законот "Колку пари – толку музика". Навистина добар звучник за subwoofer можете да добиете само за многу пари. За жал, во Македонија едноставно никаде не се продава добар 8-омски звучник за subwoofer за домашна употреба. Но, затоа можете да најдете одлични (и скапи) 4-омски звучници за subwoofer (Ground Zero, Pioneer, Infinity, Velocity, JBL, Kenwood, DLS, итн.), а такви можете да купите во повеќето продавници кои продаваат звучници за автомобили, или пак во продавниците за електроника. Во проектот subwoofer Aquarium е употребен релативно евтин 4-омски звучник но со добри карактеристики, а во овој број на ЕМИТЕР има проект за многу евтин subwoofer, со 8-омски звучник TSS (од кај Електро Ваце). Звучниците TSS имаат кинеско потекло, а нивниот квалитет не е лош. Интернет страница не е гаранција ниту за квалитет, ниту за потекло - СЕКОЈ може да има Интернет страница, без никакви последици за тоа што напишал и прикажал таму!
Владимир Филевски


Двоен извор на напон (Емитер 9/2003)

Почитувана редакцијо.
Веќе многу години списанието ЕМИТЕР го читам со голема радост и сум фасциниран од содржините од областа на науката и електрониката.
Одамна имам направено "Транзисторски стабилизиран извор" (Е10/99) и многу сум задоволен од неговата употреба при градење на уреди од списанието. Сакам да направам уште еден извор па би сакал да знам дали можам да ги користам во: независен режим на работа, симетричен режим на работа и паралелен режим на работа
Однапред ви благодарам и ви пожелувам понатамошни успеси во работа.
Ќенан Сакипи, Скопје

Доколку сакате да изработите два стабилизирани извори и да ги поставите во една кутија, најдобро е да употребите трансформатор со две независни секундарни намотки. При тоа треба да имате предвид дека номиналната моќност на трансформаторот треба да биде толкава, колку што е вкупната максимална моќност на двата стабилизатори. На овој начин ќе добиете два независни стабилизирани извори, со што ќе ги задоволите основните и понапредни потреби за голем број уреди кои ќе ги изработите. За двата стабилизатори да работат во симетричен режим потребно е кратко да ги споите "минусот" од "првиот" и плусот од другиот стабилизатор, при што оваа спојна точка ја претставува масата од двата напони. Тогаш "плус" клемата која е слободна од првиот стабилизатор ќе биде позитивниот напон, а слободната "минус" клема од другиот извор ќе биде негативниот потенцијал од вака добиените напони. Треба да се има предвид дека оваа врска е можна само доколку се употреби трансформатор со раздвоени секундарни намотки за напојување на уредите, или се употребат два независни трансформатори. Независниот режим на работа може да се искористи само доколку уредот кој сакате да го напојувате има потреба од два различни напони (се подразбира да има два независни влезови за напојување). При тоа не смее да се поврзат паралелно двата напонски уреди (плус со плус и минус со минус), туку може кратко да се спојат само минус клемите. Ова доаѓа од таму што е исклучително тешко, речиси невозможно да се нагодат излезните напони на двата уреди да бидат со ист напон. Ако постои мала разлика, макар тоа да е од ред на неколку миливолти, може да настане хаварија во едниот или двата напонски извори.
Благој Ќупев


Сервисни шеми (Емитер 9/2003)

Поздрав до сите во редакцијата на ЕМИТЕР!
Многу ми се допаѓа тоа што во секој број на ЕМИТЕР можат да се најдат сервисни шеми и упатства. Имам неколку прашања токму во врска со нив. Во шемата на засилувачот од активниот subwoofer Jamo SW 400E дали потенциометарот P2 е еден стерео потенциометар или се два моно? Кои се фреквенциите на оваа свртница?
Во врска со засилувачот Jamo A300: дали L1 е намотан на телото на R49? Секундарниот напон на трансформаторот е 2X50 V, но колку е другиот напон што оди на T 500 mA – дали е 12 V? Дали овој напон од 12 V се приклучува на R60?
За Jamo A300 пишува дека е потребен 400 VA трансформатор. Ако употребам 800 VA трансформатор, кондензатори од 47.000 µF и ако додадам уште излезни транзистори, ќе добијам ли поголема излезна моќност? Дали тогаш треба да се направат измени во лимитерот и на некое друго место и колкава треба да биде мирната струја?
Благодарам,
Јовица Данилоски од Ресен

Погрешно сте ја сфатиле намената на сервисните шеми во ЕМИТЕР. Тие шеми се наменети за сервисирање на конкретните уреди, а НЕ за изработка на пиратски копии на тие уреди! Дури и да направите "точна" копија на уредот, тој никогаш нема да звучи толку добро како оригиналниот фабрички уред (а и нема да има толку добри измерени карактеристики, се разбира). Причината е едноставна – производителите на тие уреди многу често употребуваат селектирани компоненти (на пример, идентични излезни транзистори), кои никогаш нема да можете да ги купите во продавница – особено не кај нас. Освен тоа, влијание на звукот има и печатената плочка – формата и траекторијата на патеките од бакарната фолија, распоредот на елементите на неа, итн. Некои уреди (на пример, засилувачот Densen) користат SMD компоненти, кои тешко дека ќе можете рачно да ги залемите (ако воопшто успеете да ги најдете некаде), а со стандардните компоненти сигурно ќе се добијат полоши карактеристики. Ако сакате сами да направите некој уред со проверени карактеристики, користете ги проектите објавени во ЕМИТЕР, за кои се објавени сите детали за нивната градба, а за евентуалните нејасни работи или проблеми на располагање секогаш стои авторот на уредот и редакцијата на ЕМИТЕР. Од друга страна, објавените сервисни шеми можат да послужат и да се научат некои "финти" од конструкторите на тие уреди :– погледнете ги шемите на засилувачите NAD и Densen. Се разбира, за да се сфатат тие "финти" потребно е многу знаење и искуство.
Прашањата кои ги поставувате излегуваат надвор од рамките на она што списанијата во светот го прават за своите читатели. Едноставно речено, вие не само што барате да направиме анализа на работа на комерцијален уред, туку барате и да направиме негова модификација! Ниту едно списание во светот нема да го направи тоа! Поточно кажано, можеби и ќе го направи, но само ако му платите 10.000 евра, или повеќе. Толку е цената за ангажирање на инженер, експерт за аудио електроника, кој ќе направи детална анализа, ќе ги направи потребните модификации, ќе изработи прототип и ќе го тестира и провери во практиката. Но, повторно ќе докажеме дека ЕМИТЕР е уникатно списание, и тоа во светски рамки – еве ги одговорите на повеќето ваши прашања.
Кога некој ќе ви го донесе Jamo SW 400E на сервисирање, визуелно лесно ќе откриете дека потенциометарот P2 е еден стерео потенциометар. Тоа истото може да се дознае и од анализа на делот од шемата каде се наоѓа P2 – тоа е најобичен филтер од втор ред. Граничната фреквенција на филтерот може да се менува од 84 Hz до 187 Hz.
Кога некој ќе ви го донесе Jamo A300 на сервисирање, визуелно лесно ќе откриете дали калемот L1 е намотан на телото на отпорникот R49, или не. Од сервисната шема се гледа дека наизменичниот напон кој доаѓа на осигурувачот T 500 mA понатаму оди на грецот D202, се филтрира и постанува еднонасочен од 12 V, што значи дека наизменичниот напон на секундарот треба да биде приближно 9-10 V. Според сервисната шема, добиениот еднонасочен напон од 12 V оди на R60, на R48 и на релејот RL1.
Ако во засилувачот Jamo A 300 ставите трансформатор од 800 VA и додадете уште излезни транзистори, нема да добиете поголема излезна моќност!!! За да се добие поголема излезна моќност, трансформаторот мора да има и повисок напон на секундарот! Се разбира дека мора да се направи измена на лимитерот, а и на многубројни други места! Кои се тие измени, колкава треба да биде мирната струја и што сè треба да направите за да добиете помоќен засилувач од Jamo A300, можете да дознаете ако на жиро сметката на редакцијата на ЕМИТЕР уплатите 10.000 евра :-).
Владимир Филевски


Модификации на полначите (Емитер 9/2003)

Поздрав до вашата редакција.
Заинтересиран сум за градба на проектите од ЕМИТЕР 5/02 ("Полнач на Ni-Cd батерии"), и ЕМИТЕР 7-8/03 ("Полнач на литијум-јон батерии") и би сакал да извршам некои модификации со овие проекти, па би сакал да ми одговорите на следниве прашања:
1) Дали постоечкиот проект за полнење на Ni-Cd батерии можам да го употребам за полнење на Ni-Mh и оловни акумулатори и ако може, да ми кажете кои измени да направам во врска со отпорниците и излезниот транзистор во тој проект. Во овој проект кажавте дека напонот на полнење на батериите го одредува зенер диода D2, меѓутоа ако полнам само една или две Ni-Cd батерии дали да употребам една или две силициумски диоди кои ќе бидат директно поларизирани? И уште едно прашање за овој проект: ако полнам батерии кои барат струи поголеми од 1A, кој излезен трансистор да го употребам?
2) Во најновиот број на ЕМИТЕР 7-8/03 ("Полнач на литиум-јон батерии") кажавте дека отпорникот и транзисторот ја лимитира струјата на 650 mA. Дали можете да ми кажете кои измени треба да ги направам ако полнам литиум-јон батерии со струи поголеми од 2A.
3) При полнење на Ni-Cd, Ni-Mh и оловни акумулатори, кои струи на полнење да ги изберам во зависност од капацитетот на батеријата.
4) А сега, едно прашање од областа од физиката. До каде стигнавме со истражување во врска со фузиониот реактор и дали ќе го совладаме овој проблем во блиска иднина?
Анте од Куманово

Секој полнач си има своја намена, ако е наменет за одреден тип на батерии, и таков останува. Модификации не се дозволени! Подобро е да се проектира полнач за соодветниот тип на батерии отколку да се прават модификации. Зошто не изградите нешто како што е објавено, туку барате некакви модификации?
Добро би било во иднина малку да ги селектирате прашањата кои ги поставувате. Со други зборови, не прашувајте очигледни работи, на пример кој транзистор колку струја поднесува - тоа го има во секој каталог. Треба ли за тоа да се прашува? Набавете го оној тип транзистор кој е препорачан во проектот и толку!. Зошто сакате да модифицирате испробани шеми и проекти во кој е вложен голем труд, знаење и искуство од конструкторот?
Со Li-Ion полнач, да се полнат оловни акумулатори?! Зошто, кога за тоа има посебни полначи за таа намена, а неколку одлични решенија имаше во претходните броеви на ЕМИТЕР?
Поставувате прашање "која е оптималната струја на полнење?", а одговорот е во текстот – само треба внимателно да го прочитате текстот и ќе најдете дека таа е една десетина од капацитетот на батеријата.
За полнење на Li-Ion батерии со струи поголеми од 2A, потребни се посебни полначи со специјални заштити, полнењето е импулсно а се скратува и векот на батеријата доколку таа е со помал капацитет од 7200mAh. А каде се користи таква батерија и од каде ќе ја набавите???
За најновите достигнивања во истражувањето на фузијата ќе посветиме посебен напис во некој следен број на ЕМИТЕР.
Петар Аврамовски


Релеј и напојување на заштитата за звучници (Емитер 10/2003)

Многу поздрави до редакцијата и до главниот уредник на списанието! Во еден од поодминатите броеви (2/99) наидов на проект - заштита за звучници. Бидејќи изградив еден subwoofer засилувач со поголема моќност (300W на 4 ома), се решив да изградам и соодветна заштита за него. Морам да признаам дека овој проект ми се допадна, бидејќи во исто време овозможува заштита и за звучникот и за засилувачот, но сепак има неколку работи кои сè уште ми го "матат умот". Како прво – таму јасно е кажано дека минималниот напон на напојување е 15V DC, но не го пишува максималниот, па според операцискиот засилувач претпоставувам дека не би бил повеќе од 30V DC, а ако не грешам дали (и како) би можело да се модифицира колото да работи на напон од 55V (засилувачот што го користам се напојува со напон од +/-56V DC, 5A). Ако е можна таква модификација тогаш претпоставувам дека ќе треба да се промени и релејот и која би била најоптималната вредност за него (инаку досега немам работено со релеи, па и не знам што е најважно при одбирање на соодветен релеј). Ако покрај сè грешам во мојата констатација дали тогаш може (со помош на зенер диода) да се искористи релеј од 12V, бидејќи 15V релеј многу тешко се наоѓа. Се надевам дека ова писмо нема да ви одземе многу време и дека ќе добијам соодветен одговор на него.
Бобан Стефановски од Скопје

Се разбира дека може да се постави релеј со помал напон од 15V. Во тој случај добро би било да се постави отпорник (ориентационо од 33 до 100 ома) во серија со намотката на релето. Напојувањето на уредот најдобро е да остане 15V. За да може овој уред да го напојувате со напонот кој вие го имате треба да направите напонски стабилизатор за намалување и стабилизирање на напонот. Ова може да се изведе на повеќе начини, а наједноставен е со поставување на сериски напонски стабилизатор изведен со еден NPN транзистор (на пример BD139) на кој од базата кон масата на уредот се поставува зенер диода и еден отпорник
меѓу колекторот и базата на транзисторот. Зенер диодата треба да биде со вредност од 16V за на излез од стабилизаторот (емитерот на транзисторот) да добиеме напон од околу 15V.
Благој Ќупев


Евтин засилувач од 300W (Емитер 10/2003)

Најнапред многу поздрав до редакцијата и сите околу неа. Малку намаливте со електрониката во однос на поранешните броеви (не би пречеле уште по неколку мали шемички во списаниево зошто сепак наменето е првично за електроника). Јас би сакал само да ве замолам да дадете некоја шема за засилувач (за сабвуфер или не) со што е можно попристапни (важно!) и поевтини (уште поважно!) делови и со јачина од околу 100-300 вати. Нека има големи изобличувања и слично, но ве молам да е што попроста шемата. Би сакал и да ми кажете каде би можело да се набави кит комплет за истиот (ако има). Се надевам дека ќе одвоите малку од вашето скапоцено време и ќе ми помогнете.
Дени Мени, преку e-mail

Засилувач од 300 W, ама со евтини делови? Такво нешто не постои! Исто така, не постои ни евтин засилувач од 200 W. Значаен дел од цената на еден засилувач оди на трансформаторот и на кондензаторите во исправувачката секција, а нивните цени никогаш не биле и никогаш нема да бидат ниски.
Дали сте сигурни дека Ви е потребен толку моќен засилувач? Засилувач од 200 W е само за 3 dB погласен од засилувач од 100 W, а тоа е занемарливо мала разлика во јачината на звукот (но затоа разликата во цената е голема). За домашна употреба сосема доволен е засилувач од 25 W по канал, кој може да се направи со навистина евтини делови, и тоа без никакви компромиси со квалитетот на звукот (изобличувањата). Ако баш инсистирате на моќен засилувач, Ви предложувам MOSFET засилувач од 100 W направен со само едно интегрирано коло TDA 7294 – шемата е максимално едноставна, TDA 7294 е многу евтин, а изобличувањата му се многу мали. За градба може да послужи и плочката со печатеното коло од проектот "80 W MOSFET засилувач со TDA 7295" објавен во двобројот ЕМИТЕР 7-8/2002, бидејќи шемата и сите останати делови се исти освен што трансформаторот треба да има моќност од 150VA и напон 2x24Vac или 2x30Vac. Исто така, погледнете го проектот за засилувач со TDA 7294 објавен во ЕМИТЕР 10/1997. Во овој проект, покрај одредени подобрувања, употребено е многу подобро решение за функцијата MUTE, кое можете да го прилагодите на плочката од проектот во ЕМИТЕР 7-8/2002. Во ЕМИТЕР 9/2003 е објавен проект за 100 W засилувач за сабвуфер со интегриран филтер, повторно врз база на TDA 7294, а во овој број 150W засилувач со две ИК TDA7294 во мостна врска. Кит комплети од проектите од ЕМИТЕР продава "КАМ-ЕЛ", тел. (02)-2463-325.
Владимир Филевски


Големи дисплеи и релеи за FG-95 (Емитер 10/2003)

Како прво да ве поздравам и да ви посакам многу успешна работа. Мислам дека вашето списание ЕМИТЕР преминува во едно техничко и научно списание, во кое има за секого по нешто (така беше порано хрватскиот САМ СВОЈ МАЈСТОР). Немојте да сфатите дека ве критикувам за копирање на САМ бедејќи сепак содржински се разликува од САМ, па доколку го продолжите овој курс на работа се гледа блескава иднина. За крај имам едно прашање и една критика:
Дали постои шема на дигитален часовник со LED-дисплеи со висина 15cm, а ширина 12cm.
Критиката се однесува на следното: го изработувам сигнал генераторот на функции FG-95, но имам проблем со релеите, бидејќи каде што побарав, ми велат дека такви нема. Затоа, во иднина, дали може кога ќе правите некој уред, тој да биде со делови што може лесно да се најдат?
Многу поздрав и успешна работа
Гоце Андоновски, преку e-mail

Во принцип дисплеите на кој било дигитален часовник можете по желба да ги одберете. Нивната големината односно потрошувачка не зависи од самиот бројачки модул туку од моќноста на баферот за побуда. Според тоа, одберете го интегрираното коло кое ги задоволува вашите барања, и на изводите наменети за побуда на дисплеите додајте соодветни бафери (транзистори). Во трговската мрежа досега не сум сретнал дисплеј со големина 15x12cm изработен од лед диоди. Најверојатно сами ќе треба да го изработите. Но, затоа имам забележано седумсегментен дисплеј со големина од десетина сантиметри.
Вашата желба (не критика – туку желба) отвора простор за дискусија по прашањето: што е постаро - јајцето или кокошката? Не значи дека немаме разбирање за потешкотиите што нашите читатели ги имаат при набавката на потребниот материјал. Само се прашувам дали ЕМИТЕР треба да води сметка што продаваат трговците или трговците треба да го обезбедат она што го бараат купувачите? Инаку, релеите употребени во прикажаниот сигнал генератор на функции ги произведува Искра. Истите релеи ги произведуваат и некои други фирми. На пример Balluf ги произведува со истата ознака како и Искра (PR 16 и TRM 30), а Siemens ги произведува со ознака V23154-D, односно V23037-A.
Георги Ефтимов


Звучници (Емитер 10/2003)

Поздрав до сите во редакцијата на Емитер!
Прво да ги пофалам сите напори на господинот Владимир Филевски за тестовите на звучници. За тие тестови ми се поврзани и моите барања. Прво за звучникот Ei V601, за кого во списанието имаше објавено "само" фреквентна карактеристика и Q параметри, па прашањето ми е, дали ке може да ми пратите график со изобличувања и по можност Waterfall карактеристика (бидејќи беше назначено во текстот дека се изведени тие тестови). Патем имам и некои други прашања поврзани за оваа тема: дали имате некакви информации за високотонецот RCF TW 725 кој го има во Алфа Аудио за 40 евра, и дали ќе може да одговара како замена за Focal TC90TD5 (поради неможност за набавка на странски продукти се посветив на "македонските").
Дали и колку ке се зголеми осетливоста на системот (на среднотонци, во случајов Ei 601) ако го повисам на 4 по една кутија, и дали ке се расипе поларната карактетистика ако ги ставам во некоја двојна D'Appolito конфигурација (MMTMM).
Фала ви однапред, макар и едно прашање да ми одговорите.
Цаневски Александар

Изобличувањата на Ei 601 се доволно мали, особено за таа цена. Вториот хармоник има "шпиц" од 1,7% на 2,5 kHz, но тој постои само во многу тесен опсег, така што може да се занемари. Watefall карактеристиката покажува продолжена резонанција на 1 kHz, но таа е со 14 dB пониска ниво од сигналот, така што нема да прави проблеми. Продолжените резонанции накај повисоките фреквенции се вообичаени кај звучници со хартиени мембрани.
Ниеден високотонец не може да биде замена за некој друг – секој си има свои специфичности. Ако Вашето прашање е дали RCF TW 725 има сличен квалитет со Focal TC 90 TD5, одговорот е: веројатно, да! Високотонецот Focal TC 90 TD5 не сум го мерел, но затоа сум го измерил RCF TW 725. Освен еден многу тесен, но голем "шпиц" од вториот хармоник на 6,5 kHz, сите останати карактеристики му се одлични. Осетливоста му е 92 dB/1m/2.83V.
Ако поврзете паралелно два среднотонца (MTM кофигурација), тогаш нивната вкупна осетливост ќе се зголеми за 6 dB. Но, тогаш ќе морате да најдете некој високотонец кој ќе има најмалку 94 dB осетливост! Со 4 среднотонци нема ништо да добиете – осетливоста ќе биде иста како кај MTM кофигурацијата (ако се користи сериско-паралелно поврзување), односно ќе биде иста како на еден среднотонец (сериско поврзување). Не смеете паралелно да поврзете 4 среднотонци (од 8 ома), бидејќи тогаш ќе се добие еквивалентна импеданса од само 2 ома! MMTMM конфигурацијата има полоша поларна карактеристика во однос на MTM.
Владимир Филевски


Пофалби за новиот ЕМИТЕР (Емитер 10/2003)

Поздрав до сите во редакцијата а посебно до главниот уредник Слободан Таневски
Се јавувам со цел да ја искажам мојата поддршка за вашето списание. Јас сум ваш редовен читател уште од првиот број. Што се однесува до новата концепција на списанието, мислам дека е многу добар и донекаде изнуден чекор, бидејќи според старата концепција на ЕМИТЕР како списание само за електроника веќе се исцрпија сите содржини и проекти кои овозможуваа поголема разновидност и квалитет на списанието за таа област (некои проекти почнаа дури и да се повторуваат). Со новата концепција и изглед добивме списание со кое може да се задоволат поширок круг на луѓе (не ги разбирам електроничарите кои го бараат старото списание, на крајот на краиштата ако до толку запнале само за електроника – нека си купат некое од странските списанија или од постарите броеви на ЕМИТЕР) и истовремено популаризација на Астрономијата, за која до некое време немаше никакви списанија во нашава земја. Што се однесува до цената – ГОЛЕМА ГРЕШКА! Таа треба да биде 150 денари или "западњачки" – 149.99 ден. И така и така ќе се најдеа луѓе за кои ќе беше висока цената за списание кое обработува квалитетно 6-7 области на квалитетна хартија со доста колор страници. За мене е ова супер списание, не сум видел нешто слично во нашата поблиска, а можеби и подалечна околина. Истовремено има големо влијание врз младината за популаризација на науката и техниката, и навистина е жално што државата не го помага, а голема срамота за тие функционери кои ги спонзорираат другите списанија. Не би сакал да продолжам со други критики кон институциите, но би ви предложил да побарате спонзорство од посилни фирми – како Макпетрол, Окта и сл. (верувам дека сте се обиделе).
Ви посакувам здравје и сè најдобро во вашата понатамошна работа.
Поздрав,
Дејан Попоски, преку e-mail

Ви благодариме на убавите желби. Вашите зборови на поддршка се вистински мелем на рана, после некои претходни неоправдани критики за новата концепција на ЕМИТЕР. Сепак, убедени сме дека содржините од електрониката ни оддалеку не се исцрпени. Верувам дека ќе има уште многу интересни проекти и теоретски написи од електрониката, но и од другите научно-технички области.
Слободан Таневски


Pages

Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...

Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.

Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.