Чуден дефект во ТВ-приемник Самсунг (Емитер 5/2006)

Здраво.
Имам еден проблем кој наизглед е нерешлив. Поседувам ТВ Samsung, најверојатно не е оригинал и проблемот е што често, на неколку месеци, се репрограмира епромот 24C16. За да биде проблемот поинтересен и соседот има ист ТВ-приемник и истото се случува и со неговиот. Сервисните куќи велат тоа е чест проблем и кај други и оригинални ТВ-приемници. Процесорот е од ST фамилијата и истиот го има и во други ТВ-приемници, но кај нив не прави некој проблем. Интересно е и тоа што како да се бришат само одредени адреси, т.е. сликата се раширува и не работи TXT.
Од која причина може да се брише 24C08 епром, кој е мосфет со пливачки емитер. Дали се работи за:
- варничење во катодна цевка;
- нагли прекини на напојувањето;
- прекини на кристалот;
- или може така да е дефектен процесорот (што е многу чудно) да се погоди точно податок, адреса, наредба низ SDA SCL I2bus за да брише?
И дали е можно некој погрешен дигитален код од една наша ТВ-куќа која зрачи TXT да се погоди да брише делови и дали магистралата на TXT процесорот е поврзана со управувачкиот ТВ-процесор тоа да го врши, бидејќи репрограмирањето најчесто се врши кога се гледа токму таа ТВ-програма. Ова е налик на некаков ТВ-вирус (преку TXT) кој ги расипува приемниците кои користат одредени адреси во 24C16.
Однапред ви се заблагодарувам.
Поздрав,
Коле, преку e-mail

Прашањата што ги поставувате во врска со проблемот на геометријата на сликата на вашиот ТВ-приемник нè упатуваат на зголемен интерес за темата "Сервисен мод" кај ТВ-приемниците. Се надеваме дека во блиска иднина ќе бидеме во можност да зборуваме пошироко на оваа тема во една мини-серија, посветена на овие прашања.
Во врска со вашиот проблем, во вашето прашање недостасуваат некои детали, како што се: типот и шасијата на приемникот (спомнувате дека најверојатно не е оригинал), времетраење на состојбата, којашто вие ја означивте како "репрограмирање на EPROM – от 24C16" (дали се јавува на неколку месеци или трае неколку месеци), како се враќа во нормална состојба и дали дојдовте до сознание или имате само претпоставка дека се бришат само одредени адреси.
Како одговор на прашањата, пред сè, ве упатувам на книгата "ТВ-техника и нејзино сервисирање" во издание на ЕМИТЕР, глава 3.18 и поглавје 6.4.3. Јас во мојата долга практика не сум имал таков проблем и не би можел да дадам конкретен одговор. Според нецелосниот опис, мојот став е дека проблемот треба да се бара на друга страна, во хоризонталниот излезен степен или во отклонскиот калем. Постои можност и за фабричка грешка во овие делови, а и во уредот за далечинско управување.
Во поглавјето 6.4.3 од наведената книга ќе најдете како се влегува во сервисниот мод на ТВ-приемникот SAMSUNG со шасија S15A. Обидете се на таков начин да ги добиете параметрите, дадени во табелата во книгата и да ги споредите пред и по појавената грешка на вашиот приемник. На тој начин ќе дознаете дали вашата претпоставка е точна.
На интернет постојат сајтови кои се специјализирани за сервисирање на ТВ-приемници. Можеби таму постои некој совет кој ќе ви помогне да го решите проблемот. www.highandelectrix.fsnet.co.uk е само еден пример. Со Google можат да се пронајдат и други слични сајтови.
Зоран Тасиќ


Подобрување на вокал-елиминаторот од Е 2/04 (Емитер 5/2006)

Уште од поодамна имав намера да го изработам вокал-елиминаторот од ЕМИТЕР 2/04 и го изработив. Притоа сакав да биде со одлична функционалност, па затоа порачав ППК од вашиот ППК сервис. По изработката, го тестирав и истиот не ги даваше очекуваните резултати. Не ми беше јасно зошто не функционира како што е опишано, па затоа преминав на анализа на шемата. По повеќе пресметки го заклучив следново:
Да претпоставиме дека на микрофонскиот влез потенциометарот е ставен на 0 (почетна положба), тогаш неинвертираниот сигнал од R-влезот доаѓа на делител на напон формиран од R7 и R12, а бидејќи тие се со иста вредност, сигналот доаѓа со половина амплитуда на суматорот на напони, додека инвертираниот сигнал од L-влезот доаѓа на делител на напон формиран од R10 и R12, а бидејќи R10 е околу 2 пати поголем од R12, инвертираниот сигнал доаѓа со околу 1/3 од амплитудата кон суматорот на напони, односно 1/2-1/3=3/6-2/6=1/6, што значи дека штом разликата на амплитудите на вокалот не е еднаква на 0, тогаш тој не е потполно елиминиран. Ова може да се промени со промена на вредноста на отпорниците R8 и R10 (бидејќи се два идентични канала) од 100 на 47 кило оми.
Другата забелешка се однесува на интензитетот на сигналот на излез од вокал-елиминаторот (кој е со двапати помала амплитуда од влезниот) и мислам дека нема да биде лошо ако на излез се "дуплира" амплитудата на сигналот, а тоа може да се изведе како што е покажано на сликата.
Се надевам дека ќе ги уочите овие забелешки и ќе го поправите тоа во некој нареден број на ЕМИТЕР.
Илија Зафиров.

И покрај тоа што вашата анализа на колото не е до крај прецизна, сепак крајниот заклучок е точен. Но, да почнеме по ред.
Ако претпоставиме дека микрофонскиот влез од вокал елиминаторот е врзан на маса (лизгачот од потенциометарот е во крајна лева положба), тогаш учеството на сигналот од десниот канал на излезот "R-L Out" нема да биде 1/2 од оригиналниот, туку нешто помало, затоа што отпорникот R12 е врзан паралелно со отпорникот R10 (пинот 7 од IC1 виртуелно е врзан на маса за сигналот од "R In"). Со слична анализа, може да се покаже дека учеството на инвертираниот сигнал од влезот "L In" на истиот излез (R-L Out) е приближно 1/5 од оригиналниот, затоа што во овој случај отпорникот R12 е врзан паралелно со отпорникот R7. Од ова е јасно дека со овие вредности на елементите во колото не е возможно целосно елиминирање на вокалот, дури и во случај кога вокалот е присутен подеднакво и во двата канала.
Со изедначување на вредностите на отпорниците R10 и R8 со вредностите на R7 и R9 (47k) се добива целосно балансирање на колото и комплетно елиминирање на вокалот во идеални услови.
Што се однесува до втората забелешка, зголемување на јачината на излезниот сигнал може да се добие со едноставно "одвртување" на потенциометарот за гласност на излезниот засилувач, но ако тоа не ви се допаѓа, слободно редизајнирајте го колото како што сте замислиле - на излезните бафери (IC1-C и IC1-D) во повратната врска додадете им по два исти отпорника (на пример, 10 килооми).
Дејан Трпески


Сменете го дизајнот на ЕМИТЕР! (Емитер 5/2006)

Здраво ЕМИТЕР.
Решив да ви пишам една критика која се надевам ќе ја прифатите како позитивна. Јас сум ваш редовен читател и сум задоволен од вашата досегашна работа. Ми се допаѓа и новата концепција која опфаќа повеќе научни и технички гранки. Меѓутоа, воопшто не ми се допаѓа изгледот на списанието. Премногу е шарен и на прв поглед остава впечаток на детско забавно списание. Можеби и затоа многу често во киосците се наоѓа меѓу забавните магазини (ТЕА, КОТЕЛЕЦ...), а не меѓу техничките списанија, каде што му е и местото. Затоа ви предлагам да го смените изгледот и ви гарантирам дека ќе привлечете повеќе купувачи кои бараат списание од ваков вид, а во изгледот на ЕМИТЕР не го препознаваат тоа што го бараат. Друго, кога ги пишувате темите на насловната страна НЕ ИМ СТАВАЈТЕ РАМКА И СЕНКА на буквите. Тоа уште повеќе го прави детско. Еве ви праќам еден предлог за изгледот на насловната страница, а ако сакате ќе ви го пратам и како PSD документ во многу поголема резолуција.
Поздрав,
Благој Минчев, преку e-mail

Ви благодарам за вашиот предлог, но сега-засега не планираме поголеми промени на дизајнот на ЕМИТЕР. Прво, затоа што дали некому му се допаѓа некој дизајн или не, е работа на личен вкус. На пример, тоа што вам не ви се допаѓа, им се допаѓа на повеќето наши читатели, како што можете да видите во резултатите од анкетата објавени во бројот 4/06. Второ, дизајнот на научно-техничко списание е од споредна важност во тиражноста и успехот или неуспехот на списанието. Имено, на читателите на такви списанија далеку им е поважна нивната содржина отколку дизајнот и печатот (за кои е доволно да бидат на пристојно ниво). Дека ова е така можете да се уверите и самите ако купите некое странско научно-техничко списание. На пример, некои од странските списанија за електроника (од В. Британија и САД) кои јас ги купувам се печатат на лоша новинска хартија и имаат далеку полош дизајн од ЕМИТЕР. Заради сето ова ние сме одбрале да се занимаваме повеќе со содржините на ЕМИТЕР отколку со неговиот дизајн. И покрај ова, во повеќето трафики ЕМИТЕР е сместен токму меѓу другите научно-технички списанија, а не меѓу забавните како што тврдите вие.
Слободан Таневски


150W транзисторски засилувач како 200W гитарски засилувач (Емитер 5/2006)

Штотуку го изработив транзисторскиот засилувач од 150 W од ЕМИТЕР 10/2005 и тој успешно работи. Имате напишано дека со додавање на уште еден излезен пар на транзистори снагата на засилувачот може да достигне и до 200 W за 4 оми. Како треба да го поврзам вториот пар излезни транзистори?
Понатаму, сакам да го изработам гитарскиот засилувач EGA16 (од Е3-4/96), но наместо стандардниот 16 W излезен засилувач имате кажано дека може да се надоврзе друг засилувач на гранката после P5 за volume. Дали можам да го надоврзам транзисторскиот засилувач од 150 W?
Бев кај "Електро ВАЦЕ" и барав гитарски звучник, но таму има само од 500 W музичка и 300 W синусна моќност. Ако на 200 W гитарски засилувач ставам 500 W звучник, ќе има ли некој проблем? Сакам да го земам тој звучник, бидејќи цената прилично ми одговара.
Би ве замолил да ми пратите некоја шема или напис за мониторинг студиски звучници, бидејќи би сакал да изработам едно стереомониторинг системче за во моето сопствено аматерско студио, или да објавите проект во некој од следните броеви!
Фала ви однапред за помошта!
Влатко Попоски, преку e-mail

Вашиот 150-ватен засилувач можете да го поврзете на предзасилувачкиот дел од EGA 16, после P5. Звучник од 500 W без проблеми ќе работи со засилувач од 200 W. Но, препорачувам вистински гитарски звучник, на пример, гитарски звучник од фирмите: Celestion, Eminence, Jensen, ... Иако се поскапи, единствено овие звучници вреди да се купат, бидејќи само тие го даваат оној вистински звук на гитара. Повеќето од овие гитарски звучници имаат импеданса од 8 ома, така што нема потреба од дополнителни излезни транзистори во засилувачот. Единствено ако сакате да приклучувате звучници од 4 oma за некоја друга намена, тогаш може да се стави уште еден пар излезни транзистори. Но, ако сте сакале да добиете 200 W само за да добиете погласен звук, треба да знаете дека разликата во јачината на звукот меѓу засилувач од 200 W и засилувач од 150 W е само 1,25 dB, што практично е незабележливо. Освен тоа, вистинските гитарски звучници имаат моќност до најмногу 100 W (исклучок се оние за бас-гитара, кои можат да имаат и поголема моќност), така што засилувачот од 150 W е сосема доволен.
Во ЕМИТЕР досега сум објавил 3 проекти за (пасивни) мониторинг звучници: King 6 (ЕМИТЕР 12/1999), Focal B 400 VF (ЕМИТЕР 3/2002) и High-End Monitor SEAS 17 (ЕМИТЕР 4/2005). Компонентите за King 6 и Focal B 400 VF веќе не се произведуваат, па затоа останува само проектот SEAS 17, кој е супернеутрален, чист, прецизен и пријатен за слушање (единствено малку му фалат најдлабоките басови). Ако преферирате активни звучници, од поевтините можам да ги препорачам моделите на Behringer ("Мими", тел. 3232-355, ) и на KRK ("Артист системс", тел. 3216-640).
Владимир Филевски

Излезната моќност на овој засилувач е сосема доволна ако го користите како гитарски засилувач, но ако сакате да експериментирате, одговорот за поврзување на уште еден пар излезни транзистори ќе го најдете на слика 1. Дополнителните излезни транзистори треба да ги поврзете паралелно (под услов да се спарени). Вредноста на кондензаторот C3 зголемете ја на 100pF.
Славко Стојковски


Моторче за ракетни модели (Емитер 5/2006)

Јас не можам да се пофалам со тоа дека сум ваш редовен читател. За вас слушнав неодамна од еден пријател. И двајцата сме од Неготино, но за разлика од мене, тој е ваш страствен читател. Да преминеме на главното. Од неодамна ми се роди желба за ракетно моделарство. Симнав планови од интернет, изработив два-три модела, но недостасуваше клучниот сегмент - погон. Никако не можам да најдам моторче за ракетни модели. Можете ли да ме упатите каде да најдам едно вакво или ако веќе нема, ќе можам ли сам да го изработам?
Со почит вашиот иден читател,
Ангел Арсов.

Градбата на ракетен мотор не доаѓа предвид од безбедносни причини. За ракетен мотор обратете се во Воздухопловниот ракетен клуб во Кавадарци кај наставникот по ракетно моделарство Атанас Тасовски или во ракетно-воздухопловниот клуб во Штип кај моделарите Ѓорѓи Ѓорѓиев и Станиша Петровиќ. Инаку, квалитетни мотори изработуваат браќата Чипчиќ од Република Србија и Црна Гора, кои се редовни гости на Светскиот ракетен куп во Штип во месец мај или јуни. Многу корисни работи за вашето хоби можете да најдете во претходните, но и во следните броеви на ЕМИТЕР, затоа читајте го редовно :-)))
Перица Поповски


Венера надвор од фокусот (Емитер 6/2006)

Почитувана Редакцијо,
На фотографијата што ви ја испраќам е најверојатно Венера во утринските часови кога ја забележав како огромен светлосен објект што досега го немам забележено на небото. Во првиот момент си помислив можно ли е јас да видам НЛО, но по неколку секунди сфатив дека објектот што го гледам е доволно ниско на хоризонтот така што Земјината атмосфера создава оптичка илузија (моја претпоставка), а и беше прилично статичен. Веднаш го зедов фотоапаратот, го поставив на статив и почнав да фотографирам. Како што поминуваше времето така и објектот постепено и незабележливо (бавно) се поместуваше погоре, тогаш и се намали во димензии за половина од претходните. Полека почна да се разденува па веќе слабо се забележуваше, но позицијата многу малку се промени. Сето ова траеше повеќе од 40 минути, кога при крајот се сетив и го отворив февруарскиот број на Емитер и прочитав во делот 'Небото над Македонија' дека веројатно тој објект е Венера која јас ја видов преку игра на природата.
Фотографијата е направена на 17.2.2006 во 6 часот наутро во правец југоисток, со помош на дигитален фотоапарат Fuji FinePix S5200 со 10x оптички зум + 5,7x дигитален зум = 57x зум, поставен на статив. Фотографирано со 5M пиксели на максимален квалитет во Jpeg формат, со мануелни поставки: ISO 64, мерење во точка (на светлината), брзина 125, бленда 3,2 , автофокус во центар, баланс на бела Авто. Фотографијата е дополнително обработена во Photoshop за да ја намалам во големина погодна за праќање по e-mail.
Единствена голема грешка е тоа што имам употребено дигитален зум, но без него сепак кога ќе се гледа фотографијата ако е сликана само со оптички зум ве тера да го зголемите објектот до овие димензии, а со тоа квалитетот повторно се деградира. Ова го заклучив бидејќи ја имам направено истата фотографија само со оптичкиот зум, каде е со многу помали димензии.
На фотографијата може да се забележат одвоени прстени со темни кружни ленти. Ова не можам да претпоставам од што би можело да се јави , можеби ако Венера е фотографирана во тој момент и на тој начин би добиле ваков изглед. Инаку, небото беше чисто без облаци.
Ваш редовен читател од Скопје,
Христијан Гроздановски

Особено ни е мило тоа што информациите што сте ги нашле во рубриката "Небото над Македонија" во ЕМИТЕР ви ги разрешиле сите дилеми дали тоа што сте го виделе е НЛО или обична астрономска појава. Да беше некој друг наместо вас и да не се сетеше да отвори ЕМИТЕР, следниот ден ќе имавме сензационалистички написи на насловните страници од дневните весници со бомбастични наслови од типот на "Летачка чинија над Скопје!". За среќа, вие со рационално размислување и барање на информации на вистинско место (ЕМИТЕР), правилно сте заклучиле дека станува збор за Венера. Но, за жал, сте направиле повеќе грешки во обидот да ја фотографирате Венера - што во крајна линија и не е чудно, бидејќи астрофотографијата е особено тешка дисциплина која бара големи познавања од таа област која не ја имаат дури и голем дел од астрономите аматери, а камо ли обичните луѓе.
Да започнам прво со вашиот фотоапарат - тоа е квалитетен апарат, но не е наменет за астрофотографија, барем не директно. Иако има 10x оптички зум, тоа е еквивалентно на само 380 mm фокусна далечина во класичен формат на 35-милиметарски филм. Со 380 mm телеобјектив тешко дека ќе можете да снимите некакви детали од Венера (фазата, на пример) и ќе добиете само една точка, дури и при идеални услови. Дури и да ја зголемите некако таа точка, ќе добиете само едно зголемено нејасно крукче. Исто така, квалитетот на оптиката на објектив од фотоапарат, колку и да е добар, не може да се споредува со квалитетот на оптиката на вистински телескоп.
Втората грешка, која и сами сте ја уочиле, е употребата на дигитален зум, што дава полоша слика отколку истото зголемување на сликата добиена со максимален оптички зум и подоцнежно зголемување во Photoshop. (Да имам некоја власт, јас би го забранил дигиталниот зум!)
Третата грешка што сте ја направиле е тоа што сте ја избрале опцијата автофокус (AF) и со тоа сте добиле недоволно фокусирана слика. За снимање далечни објекти во природата задолжително треба да се одбере опцијата infinity (или мануелно да го наместите на infinity), со што го принудувате фотоапаратот правилно да фокусира на многу далечен објект. Оваа препорака сигурно ја имате во упатството за употреба на фотоапаратот!
Четвртата грешка се однесува на времето на експозиција - таа мора да се одреди експериментално, со снимање при неколку различни времиња на експозиција. Светломерот вграден во фотоапаратот е бескорисен при одредување на време на експозиција на единечен објект во форма на светла точка (каква што е Венера). Правилно сте ја избрале најшироката бленда 3,2 (која всушност станува 3,5 при 10x зум), но ми изгледа дека времето на експозиција што сте го употребиле е премногу кусо.
Како резултат на претходново, сте добиле само нејасно крукче, наместо мал срп на Венера со 25% на фаза - колку што изнесувала тоа утро. Темните и светлите концентрични кругови се Њутнови дифракциони прстени, добиени од претерано зголемување на нефокусираната светла точка.
Овие грешки не треба да ве обесхрабрат, туку да ве поттикнат на почесто фотографирање на небеските објекти. Препорачувам најпрво да започнете со фотографирање на Месечината (но не кога е полна!). Снимајте ја само кога е високо издигната над небото, бидејќи сликите на сите небески објекти кои се ниско над хоризонтот ќе бидат замачкани и нејасни (заради влијание на атмосферата). Користете статив, наместете на 10x зум, мануелно фокусирање на далечина (infinity), бленда 3,2 и експериментирајте со повеќе вредности на експозицијата и на осетливоста (меѓу ISO 64 и ISO 100). Кога ќе го најдете вистинското време на експозиција, снимете брзо неколку десетина фотографии последователно, па спојте ги во една слика со софтверот RegiStax (тоа е freeware програм кој можете да го симнете од registax.astronomy.net), со што ќе добиете уште појасна фотографија, со повеќе детали. Најдобрите фотографии испратете ни ги во ЕМИТЕР, да ги објавиме. Откако ќе се испраксирате со сликање на Месечината, обидете се со сликање на Венера. Ви пожелувам многу интересни часови со астрофотографијата!
Владимир Филевски


Повторно објавување на стари написи (Емитер 7-8/2006)

Здраво ЕМИТЕР.
Имам неколку прашања и молби до вас:
1. Го изработив радиолокаторот од ЕМИТЕР бр.4/04, но не функционира. Распоредот на компонентите и нивната исправност ги проверив минимум 15-тина пати. Дали може да ми кажете зошто е тоа така?
2. Мерачот на индуктивност од истиот број на намотка од 74 микрохенри ми покажуваше 51 микрохенри при крајно десна положба на тримерот. Ова е секако на LO range, а на HI range намотката од 2,1 милихенри ми покажуваше нула. Дали може да ми кажете зошто е тоа така (да не имам направено некоја грешка и која би можела да биде)?
3. Мислам дека би било добро некои од постарите написи да ги објавувате повторно. Како што не им минува популарноста на ладните лемови, мислам дека прв напис кој би требало да го објавите повторно е "Детекторот за откривање на ладни лемови" објавен во ЕМИТЕР број 5-6 од 1996 година. Мислам дека вие ќе најдете уште некои квалитетни написи кои би биле многу корисни за читателите. Не сум сигурен дали ќе ви е достапен овој напис, па затоа во наредната порака ќе ви го испратам (малку модифициран од моја страна).
4. Во вашите написи, па дури и да се работи со некои "прости" шеми и едноставни за градба, да има подетално објаснување за компонентите кои се вклучени во истата, ако може и за секој поединечно со каталошки податоци (ако се работи за транзистори и интегрални кола). Ова е поради недоволно посветеното внимание на анализата на едноставните склопови кои се лесни за градба. За пример да го земам СИНО НОЌНО СВЕТЛО од декемврискиот број на ЕМИТЕР 2005 година. Колото е едноставно за изградба, но понеискусните електроничари се чудат: Зошто е тоа така? Зошто функционира така? итн. Еден мој школски другар дури немаше поим кој е електрет а кој динамички микрофон (мислеше дека електрет микрофонот е динамички ).
Се надевам дека ќе ја забележите мојава порака!
Поздрав,
Илија Зафиров.

Еве одговор на вашите прашања и предлози:
1. Доколку распоредот на компонентите е во ред, останува да се проверат компонентите сами по себе. Имено, дали има осцилации, дали постои модулација, дали воопшто локаторот емитира некој сигнал и слично. Значи, почнете постепено. Најпрво проверете го осцилаторот (IC) дали генерира осцилации согласно описот во текстот. Доколку е тоа во ред, употребете ВФ-сонда или некоја друга слична алатка за да проверите дали има генерирање на осцилации на ВФ-страната. Ваквиот пристап може да ви помогне да откриете кој степен од локаторот не работи и согласно на тоа да пристапите кон откривањето на дефектната компонента.
Добре Блажевски

2. Ако сите елементи се исправни и се со наведените вредности и ако нема грешка при лемењето или на самата плочка, не би требало да имате никаков проблем. Нагодување на уредот се врши само еднаш и на начин како што е објаснет во текстот. Уредот е аматерски и нормално е да има извесно отстапување од вистинската вредност, но не толкава како што наведувате. Според моите мерења грешката се движи најмногу до 5%.
Влатко Костадинов

3. Не гледам некоја потреба во ЕМИТЕР повторно да ги објавуваме старите написи. Тоа сигурно нема да им се допадне на читателите со подолг стаж. Сепак, некои од поинтересните написи (проекти за електронски кола) од постарите броеви (кои се веќе распродадени) планираме да ги објавиме во една книга заедно со некои нови проекти, специјално подготвени за таа книга. Така, во таа книга корисни работи ќе најдат сите читатели-електроничари, и поновите и оние што нè следат подолго време. Во секој случај, нема никаква потреба да ни испраќате своја верзија на некој наш напис.
4. Колку широко и длабоко ќе оди текстот за некое електронско коло зависи од многу фактори, а, пред сè, од сложеноста на колото и за тоа кому е наменет проектот (дали за поискусните или помалку искусните читатели). Премногу текст за едноставно коло не е соодветен, а исто така не е добро и да се има предолг текст ако тој е наменет за почетници (многуте информации повеќе ќе збунуваат отколку што ќе помогнат). Убеден сум дека обемот на нашите написи главно е оптимален во согласност со претходно кажаното. Впрочем, нив ги подготвуваат искусни електроничари, инженери и професори. Читателите кои ќе наидат на нешто нејасно во некој напис, тоа треба да си го разјаснат со помош на други написи од претходните броеви на ЕМИТЕР, со помош на некои други списанија и книги, со помош на некој поискусен електроничар или, пак, со помош на професорот (ако читателот е ученик). Не може да очекувате во еден напис да биде кажано сè што некому можеби нема да му е јасно и за оваа проблематика повеќе можете да прочитате во одговорот на едно писмо објавено во ЕМИТЕР бр. 3/06.
Слободан Таневски


Уште прашања за теслиниот трансформатор (Емитер 7-8/2006)

Здраво ЕМИТЕР.
Повторно имам прашања во врска со Теслиниот трансформатор.
1. Дали може да објавите формули за пресметка на резонантните кола на примарот и секундарот и меѓусебната резонанса?
2. Ќе има ли проблем за нагодување ако секундарот е намотан со жица од 0,23mm, бидејќи таква најдов и со таква го намотав секундарот, а намотката ми излезе долга 460mm?
3. Би сакал да објавите проект за Теслин трансформатор со поголема снага, се разбира, и габаритно поголем?
4. Дали високонапонските кондензатори можат да се изработат со алуминиумска фолија и прешпан или со пластични чаши, бидејќи и како такви ги имам среќавано?
5. Знам дека по формула индуцираниот напон на секундарот зависи правопропорционално од фреквенцијата, па дали со нагодување на намотките за поголема резонантна фреквенција ќе се постигне повисок напон на секундарот?
Однапред ви благодарам за кој било одговор и се надевам дека и во иднина ќе има уште многу вакви интересни содржини во ЕМИТЕР.
Заре Костадиновски,

Добро е што се интересирате во детали за Теслиниот трансформатор, но работите околу пресметка на неговите параметри се посложени отколку што на многумина им изгледа, па пред да ви одговориме на вашите прашања ќе појасниме некои работи околу принципот на кој тој работи.
Теслиниот трансформатор не работи на принцип на класична трансформација на синусоидна форма на струја, туку тој е осцилатор, кој се напојува со енергија од периодични секавични празнења на примарниот кондензатор Cp, низ индуктивитетот Lp од примарот (види слика 1, ЕМИТЕР 4/06: "Електронски Теслин трансформатор"). Кај "електронската" верзија Cp се набива од струјни импулси со квадратна форма со речиси вертикални бочни страни (голема стрмина). За таква струјна форма капацитетот Cp е речиси "куса" врска, па струјата тече исклучиво низ него и го полни со енергија. Но, кога ќе го наполни, Cp не е повеќе куса врска, па струјата сега се "преселува" во искричарот, каде што продуцира волтин лак. Сега волтиниот лак ја презема улогата на "куса" врска во колото, и секавично го празни Cp низ Lp на примарот, кој пак индуцира висок напон во секундарот. Процесот се повторува при секој нареден импулс. Слично е и кај "механичката" верзија на генераторот, само што овде Cp се полни со енергија кога контактот на механичкиот преклопник е отворен, а се празни низ Lp кога истиот контакт е затворен (види слика 1, ЕМИТЕР 3/06: "Теслин трансформатор"). Овој процес на полнење и празнење на Cp периодично се повторува со зачестеност помеѓу 50 и 1100 Hz кај "електронската" верзија, односно околу 300 Hz кај "механичката" верзија. Оваа зачестеност е оптимална од аспект на нужното време за максимално полнење на Cp (акумулирање максимум на енергија), па зголемувањето на таа зачестеност повлекува скратување на времето за полнење со намалување на акумулираната енергија. Иако празнењата на Cp се само периодични импулси со ниска зачестеност, нивната енергија е доволна да го побуди трансформаторот континуирано да осцилира со синусоидни осцилации на сопствена, релативно висока, резонантна фреквенција f<SUB>0</SUB> во подрачјето на долги радиобранови, ако на таа резонантна фреквенција се нагодени примарниот и секундарниот дел на трафото пресметано по формулата (1).

Сега ќе одговориме на вашите прашања.
1. Дизајнирањето на трафото тргнува од условот фреквенцијата на импулсите да е во синхронизација со f<SUB>0</SUB>, а тоа значи нивниот однос да биде цел број. Оптимален однос на овие две фреквенции изнесува 500, што значи, за зачестеност 300 Hz на импулсите, f<SUB>0</SUB> = 150 kHz. Поголем однос (повисока резонантна фреквенција) прави "дупки" во амплитудата на осцилациите помеѓу импулсите. Секундарното коло се дизајнира на f<SUB>0</SUB>, така што ќе се постигне максимална "острина" на резонантната крива (максимален Q фактор), а тоа значи колку е можно помала вредност на Cs, па затоа место кондензатор овде се користи паразитниот капацитет помеѓу навивките на индуктивитетот. Но овој паразитен капацитет не е познат, па за димензионирање на Ls користевме податоци за Теслин трансформатор, објавени во стручната литература.
На примарната страна е поинаку; овде кондензаторот Cp треба да има релативно голем капацитет (голема акумулација на енергија), а тоа повлекува релативно мал индуктивитет за Lp. Тука ни се појави проблем со напонот на пробивање на Cp. Овој напон кај "електронската" верзија изнесува 10 kV, и може да се постигне само со комбинација на повеќе кондензатори во серија. Ние тоа го постигнавме со сериско поврзување на 5 кондензатори од по 22nF/2kV, од каде што произлезе Cp = 4,4nF/10kV. Натаму, бројот на навивките за Lp го утврдивме експериментално, барајќи максимум ефект помеѓу 10 и 40 навивки. Останува уште нагодување на синхронизацијата на фреквенцијата на импулсите за возбуда, со резонантната фреквенција на трафото f<SUB>0</SUB>. Кај "електронската" верзија тоа се врши со потенциометар, а кај "механичката" со нагодување на фреквенцијата на вибрирање на еластичното перце.
Очигледно, дизајнирањето на параметрите на Теслиниот трансформатор е сложен процес, па затоа ви советуваме за почеток да се испраксирате со градба на еден од предложените модели на Теслин трансформатор, користејќи ги нашите податоци за градба на истиот.
2. Ако секундарот го намотате со жица со пресек 0,23 mm, не би требало да има проблем за нагодување на трафото, за секој случај намотката од примарот подигнете ја повисоко за 3 cm.
3. И ние размислуваме за градба на Теслин трансформатор кој ќе осцилира со значително поголеми амплитуди. Патот кон таа цел води само преку зголемување на енергијата на импулсите од празнење на Cp, кои периодично го побудуваат трафото да осцилира, а тоа значи градба на генератор со поголема моќност, искричар со систем за ладење (заради зголемената топлинска дисипација), поголеми габарити на намотките за примар и секундар и др. Но, не можеме да прецизираме кога тоа ќе го објавиме.
4. Високонапонскиот кондензатор може да се направи од десетина паралелни пертинакс плочки со бакарна фолија со димензии 10 x 16 cm, кои служат за изработка на ППК (ние тоа го направивме на почетокот). Но, зошто да се комплицира работата кога проблемот елегантно се решава со серија од 5 "бустер" кондензатори кои ги има во продавниците за електронски материјали?
5. Одговорот е содржан во уводното објаснување и во одговорот даден под точка 3.
Се разбира, и во иднина, како и до сега, во ЕМИТЕР ќе има вакви и слични теми. Објавените содржини се секогаш интересни и корисни, само прашање на момент е кога некому нешто од тоа ќе му стане интересно или потребно :-).
Петар Лагудин


VISUAL C++ за микроконтролери? (Емитер 7-8/2006)

Почитувани,
Ќе бидам краток: Дали е можно да се користи Visual C++ програмот за програмирање на микроконтролери?
Ваш редовен читател ,
Драган Симовски од Тетово

Одговорот, на кратко, е
НЕ МОЖЕ.
Образложение:
Секој програмски јазик може да се користи како алатка за добивање на програма за работа на микроконтролерот. Но... Мора да постои и соодветен компајлер (преведувач) со кој таа програма ќе се преведе на машински јазик разбирлив за микроконтролерот. Компајлерот е специјално дизајниран за соодветен микроконтролер. Така постојат посебни компајлери за PIC-микроконтролери, посебни за ATMEL итн., итн. Еве пример. Развојната алатка MPLAB за PIC-микроконтролерите има вградена поддршка за програмски јазик C и Basic. За да се произведе соодветниот машински код, потребно е соодветниот компајлер (на пример, HI-TECH C, PicBasic PRO) да се поврзе со MPLAB (преку опцијата "install language tool" од менито на MPLAB. За секој од овие компајлери точно се знае кои микроконтролери ги поддржуваат.
Се надевам дека се разбираме.
Златко Николовски


Замена за тиристорот во генераторот на висок напон од Е 2/06 (Емитер 9/2006)

Здраво,
Се јавувам во врска со вашиот проект "Генератор на висок напон" објавен во Емитер бр. 2/2006. Интересен проект што ме предизвика да го направам - ги купив деловите, со тоа што од Логин електроник место тиристорот BRX46 ми дадоа замена P 0102 кој мислам дека не е соодветен, затоа што уредот воопшто не проработи. Ме интересира каде може да се набави BRX 46 или некоја адекватна замена, т.е. од каде вие го набавивте, затоа што јас низ цел град го барав но нема таков тиристор, па не би сакал оваа, иако не скапа инвестиција, да ми остане недовршена.
Однапред благодарам на одговорот.
Зоран Трајковски, преку e-mail.

Здраво,
Се јавувам по втор и последен пат по e-mail откако претходно имав неколку телефонски јавувања до вашата редакција со надеж дека ќе ми биде одговорено на едно прашање, макар и со негативен одговор. Мислам дека сте сериозно списание и за тоа и ве купував, но изненаден сум од ваквиот однос, бидејќи кога веќе има информација за нешто, истата треба да биде поткрепена со факти за места каде можат да се купат елементите од некој проект во Македонија или Скопје.
Срдечен поздрав со надеж дека ќе ми биде одговорено барем на ова прашање,
Зоран Трајковски, преку e-mail.

Почитуван г-не Трајковски,
Одговорот на поставените прашања за генераторот на висок напон од ЕМИТЕР 2/06 сè уште не сте го добиле поради повеќе причини:
1. Авторот на проектот имаше многу обврски во фирмата каде што е вработен, а во последниов период е на повеќедневно службено патување.
2. Сите останати причини можете да ги дознаете во истиот број на ЕМИТЕР (2/06) во рубриката "Писма" на страниците 78-79.
А сега следи мојот одговор на дел од она што прашувате:
Тиристорот BRX46 е брз тиристор предвиден за напони до 100V, струја до 0,8A, Igt<0,2mA, Ih<5mA и време на спроведување 8 микро секунди. Според ова, можете да го замените со некој друг тиристор кој има слични карактеристики, на пример: BRX51....BRX56 или BRY55/100....BRY55/800. Сите овие податоци можевте да ги дознаете самите од некој каталог за електронски елементи, и без нас да нè прашувате. Ако таков каталог немате, тогаш сте можеле да погледнете во каталозите кои ги има во сите продавници за електронски материјали.
Што се однесува до тоа каде го има спомнатиот тиристор не би можел да ви кажам - соработникот не е тука да го прашам од каде тој го купил (а можеби и го извадил од некоја стара плочка?), а немаме ни време да се јавуваме и да прашуваме во сите продавници. Затоа побарајте го самите.
Општо земено, во написите не можеме да даваме податоци за тоа каде и по која цена ги има елементите употребени во проектот, бидејќи тоа, од една страна, би ни одзело многу време, а, од друга страна, е непотребно, бидејќи е можно, речиси веднаш по објавувањето на написот, тие податоци веќе да не бидат точни. Токму затоа во ЕМИТЕР постојат рекламите на продавниците за електронски материјали, заедно со нивните телефонски броеви - на дадениот телефонски број секој читател може да им се јави и да праша за достапноста и цената на елементите што му се потребни.
Резиме:
1. Како и сите други списанија во светот, и ние не сме во можност да одговориме на сите писма кои ги добиваме (и покрај нашата желба), па затоа не треба да се лутите - ако почнеме да ги одговараме сите писма, тогаш нема да стигнеме да го подготвиме новиот број на ЕМИТЕР, а тоа уште помалку би ви се допаднало, нели? :-)
2. Немојте да нè прашувате за банални работи: каде го има некој дел, по која цена, која му е замената и слично. Таквите информации побарајте ги во каталозите, во продавниците за електронски материјали, кај пријателите, во некои други написи во ЕМИТЕР итн.
Се надевам, сега ви е јасно дека непотребно се лутите на ЕМИТЕР и дека во иднина ќе поминете уште многу пријатни мигови со неговите содржини.
Слободан Таневски

Здраво,
Изразувам голема благодарност до уредникот за одговорот. Јас го поседувам каталогот на "VRT" и во истиот ги прочитав замените, но во сите продавници во градов ги нема истите. Единствено во Логинг ми дадоа замена (P0102), но со тој тиристор не функционира уредот.
Поздрав
Зоран Трајковски.

Замената којашто сте ја добиле е предвидена за максимална струја од 0,5A што во случајот е небитно, но не е доволно брз, бидејќи е наменет за работа околу мрежната фреквенција. Инаку, тиристорот кој е наведен во проектот BRX46 е брз тиристор за струја до 0,8A и напон до 100V и купен е во ТВ-сервис "БЛАЖЕ" во Ѓорче Петров. На негово место можат да се користат и BRX47, BRX48 и BRX49.
Посебно нешто на кое би требало да се обрне посебно внимание во овој проект нема, тој е едноставен. Единствено нешто што треба да го направите е правилниот пристап при градбата на кој било уред со сите оние совети кои се провлекуваат низ текстовите на ЕМИТЕР. Во проектот, само трафото не би требало да биде поголемо од наведеното поради евентуален помал отпор на навивките, сè останато трпи прилично голема толеранција.
Драган Јовановски


Pages

Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...

Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.

Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.