Здраво ЕМИТЕР!
Поздрави, желби и честитки нема да пишам, бидејќи имам пишано за тоа многу пати досега (го следам ЕМИТЕР одамна). Имам неколку прашања и желби:
1. За омекнувачот на вода од Е4/99 - како да се анализира третираната вода со цел да се согледаат промените што се случиле под дејство на уредот? Целта ми е да се третира водата за пиење. Општина Кавадарци има доста тврда вода за пиење, па имам идеја за практична примена на цел водоводен систем, со согласност на општина Кавадарци, секако.
2. Би сакал проект за конструкција на децибелметар за мерење на бучавата.
3. Проект за звучници за surround sound system, со цел да се направи функционална целина.
4. Имам два TDA7295. Може ли овие да се употребат на место TDA 7294 и какви промени се потребни во претходно објавените проекти?
5. Во Е1/99 кажавте дека Simsonic GF 620 S се доволно добри (за парите) звучници. Кои се неговите Thiele-Small параметри и да ми предложите некој соодветен високотонец? Или проект за звучна кутија со овој бас? Убаво би било и проект за звучна кутија со поквалитетните (и поскапи секако) U.S. Blaster драјвери.
Многу поздрави и само напред,
Александар Тефов,
од Кавадарци
1. При изработката на овој уред пред сè се водевме од емпириските искуства на нашите претходници. Теоријата за "омекнување" на водата со магнетно поле, не се базира на отстранување на варовникот, туку на менување на неговата "кристална решетка". Во основа се менува формата на молекулот со што се намалува таложењето на ѕидовите на цевките. Ова не може да се измери со инструмент, барем не со инструментите со кои ние располагаме, ама може емпириски да се провери после одреден број работни часови со и без уредот. Дејството, како што е објаснето и во текстот, зависи од фреквенцијата на магнетното поле и од јачината на магнетното поле. Двата параметри треба да се одредат емпириски за системот во кој што сакате да го користите. Се надевам дека одговорот барем малку ви ги разјаснува работите и ви даде слика за ефектите од употребата на уредот. Сепак се сомневам дека може да се направи таков уред кој би можел да ја "омекнува" водата во цел градски водовод. Списанието и понатаму го задржува правото да се огради од било каква одговорност во однос на ефектите од користењето на овој уред.
Коста Карпузовски
2. Проект за фонометар (мерач на звучен притисок) бил предмет на неколку редакциски состаноци. Се надевам дека таков проект наскоро ќе успееме да реализираме и објавиме.
3. Surround звучнички систем се состои од: централен звучник, еден пар предни звучници, еден пар задни (ефект) звучници и еден сабвуфер (subwoofer). Потребно е сите звучници (освен сабвуферот) да имаат сличен звук - не мора да се идентични меѓусебе, но сепак тоа најлесно се постигнува ако се идентични. Така, можете да користите два пара најобични hi-fi звучници за surround. Но, заради потребата централниот звучник да биде непосредно над или под екранот, тој обично е во хоризонтална положба. Заради близината до телевизорот, централниот звучник не смее да има големо истечно магнетно поле, т.е. мора и високотонецот и бас/среднотонецот да бидат со оклопен магнет или со втор магнет за компензација, залепен на задната плоча од звучникот. Досега не ми паднале во рака доволно квалитетни, а евтини вакви звучници. Но, ако налетам на такво нешто, сигурно ќе објавам еден таков проект во ЕМИТЕР.
4. Нема потреба од никакви промени, единствено треба да се внимава максималниот напон на напојувањето да биде помал од ±34 V за 8 ома, односно ±26 V за 4 ома звучник.
5. Еве ги Thiele-Small параметрите за Simsonik GF 620 S: fs=43,9 Hz; Qts=0,7; Vas=19,6 литри; Le=1,095 mH; Re=7,7 ома; SPL=85 dB/1m/1W. Може да се направи компресиона звучна кутија со 15-20 литри внатрешен волумен, целосно дампирана. Задолжителна е RC компензацијата на импедансата на бас-звучникот, за да може да се користат теоретските формули за пасивна свртница! За бас-звучникот препорачувам филтер од втор ред (12 dB/октава), со вкрстувачка фреквенција 3 kHz или 3,5 kHz ("Пасивни свртници за звучни кутии" од Е 1-2/96 и Е 3-4/96). Изборот на високотонци е многу слаб, а од оние кои ги измерив во последно време најдобар се покажа BOTS DT1040F кој можете да ги купите во "БТ Електроник". Се разбира, кај вака евтините високотонци често се појавуваат варијации во квалитетот на изработката, па можно е да налетате и на помалку квалитетни примероци од истиот високотонец. За да го избегнете тоа, препорачувам да направите филтер за високотонецот сличен на оној од проектот Midi TL (Е 7-8/2006), па тој филтер да го приклучите на засилувач и CD плеер, па да испробате неколку вакви високотонци на лице место во "БТ Електроник". Изберете ги оние два високотонца кои даваат на уво најчист звук.
Сигурно дека во некој следен број на ЕМИТЕР ќе има некој проект за звучнички систем со драјвери од US Blaster - следете нè!
Владимир Филевски
Здраво,
Го имам изработено засилувачот 80W DMOS со TDA7295. Засилувачот работи супер, но сега не знам што звучници да земам. Се двоумам помеѓу Simsonik и Mitsuma. Бев во Струмица во MegaSound и таму ми ја препорачаа Mitsuma. Па барам од вас ако може да ми помогнете околу дилемата, бидејќи не се разбирам многу во звучници.
Поздрав
Герче Костадинов
Не препорачувам да се зафатите со изработка на звучници без некој конкретен, претходно проверен проект, бидејќи и самите велите дека немате доволно познавања за оваа област. Затоа, најдобро би било да изработите звучници според некој готов проект за звучник од ЕМИТЕР, на пример, проектот Midi TL од ЕМИТЕР 7-8/2006, кој користи звучници BOTS.
Покрај BOTS, и фабриките Simsonik и Mitsuma произведуваат евтини звучници, со квалитет кој се подразбира за таа цена. Како и за сите на нив слични фабрики, дел од нивните производи се доволно добри, а дел не се. Токму затоа во ЕМИТЕР сме објавувале тестови на звучнички компоненти, за да може да се издвојат најдобрите. Препорачувам да ги прочитате тие тестовите во ЕМИТЕР (најголем број се токму за Simsonik компоненти), но морам однапред да ви кажам дека сум тестирал само еден звучник Mitsuma (коаксијален звучник за автомобил, кој можеби и не е најдобро решение за домашна употреба).
Заклучок: работете само со проверени проекти за звучници!
Владимир Филевски
Здраво ЕМИТЕР,
Со помош на поискусен инженер, сакам до го изработам проектот дигитална кодирана брава од ЕМИТЕР 5/06. Затоа, ве молам, ако може да ми објасните малку подетално како се програмира микроконтролерот PIC16F84 и да ми го испратите HEX фајлот (не дека ќе успеам да го испрограмирам, туку да се обидам, па ако не успеам, од вашиот сервис ќе купам веќе програмиран PIC).
Исто така, би ве замолил ако може да ми кажете од каде се снабдивте со елементите, бидејќи јас не сум од Скопје и не ги знам продавниците за елементи.
Однапред благодарам,
Никола Цветановски
Кога се зборува за програмирање на микроконтролерот со готов програм (HEX фајл) всушност станува збор за преснимување на таа програма (HEX фајл) од компјутерот во меморијата на микроконтролерот. За да го изведете ова ви е потребен соодветен софтвер (MP Lab, на пример) и дополнителен уред (наречен "програматор на микроконтролери") кој ќе биде поврзан со компјутерот преку некоја од неговите порти. Проект за програматор на PIC16F84 и сличните микроконтролери е објавен во ЕМИТЕР 4/03. Таму ќе ги најдете сите детали како да го изработите и како да го користите тој програматор.
Во прилог ви го испраќам бараниот HEX фајл и верувам дека со помош на спомнатиот напис успешно ќе го испрограмирате вашиот микроконтролер. Во секој случај, секогаш останува можноста од нашиот сервис да нарачате веќе испрограмиран микроконтролер чија цена со попустот од 50%, кој го одобруваме со купон од последниот број, е колку и на празен во продавниците. Во врска со набавка на електронски елементи обратете се до фирмите кои тргуваат со такви материјали - за контакт погледнете ги нивните реклами во ЕМИТЕР.
Слободан Таневски
Ме интересира како може 3W FM UKB предавателот, од ЕМИТЕР бр. 12/05, да се поврзе со PC за да може од него да се пушта музика!
Игор Каревски
Влезот на предавателот е веќе предвиден за линиски влез. Доколку на него доведете линиски сигнал од звучната картичка на компјутерот, вашиот проблем е решен.
Како и да е, денешните компјутерски матични плочи се со вградена звучна картичка и таа обично има влез за микрофон, линиски влез и излез за слушалки и мали звучници, на кој обично има посилен сигнал од потребниот. Во тој случај, наједноставно решение е на влезот на предавателот да поставите еден тример потенциометар од 10 килооми за регулација на нивото. Со помош на овој тример и контролите за гласност на компјутерот, ќе можете да го прилагодите нивото на звучниот сигнал.
Најдобро е да употребите микрофонски оклопен (со ширм) кабел за да ја поврзете звучната картичка со предавателот. Нормално, масата од звучната картичка спојте ја со масата на предавателот.
На крај морам да спомнам дека за предавателот ви е потребно добро напојување. Во спротивно, може да се добие бруење и непријатен звук на страната на приемникот.
Добре Блажевски - Доц
Почитувана редакцијо, јас сум голем љубител на аудиоелектрониката и на акустиката па би сакал вашиот соработник Владимир Филевски, ако може, да ми ги даде следните информации:
1. Како се пресметува и со кои формули RLC сериската врска поставена на влезот од свртницата, која служи за израмнување на импедансата и фазата (од ЕМИТЕР 4/05, проектот high-end monitor Seas 17) и кои параметри се потребни за тоа?
2. Ме интересира како се пресметува серискиот кондензатор на бас-звучникот (системот кај KEF) за одредена кутија?
3. Изгледа малку претерав со барањата, ама ова како последно барање од мене: пресметка на паралелна свртница за 24dB/октава за бас, средни и високи?
Поздрав,
Жарко од Кочани.
1. Поради меѓусебна интеракција на филтрите од бас-звучникот и високотонецот, се јавува едно резонантно издигнување во импедансата на целата звучна кутија (т.е. звучнички систем), обично некаде меѓу 1 kHz и 4 kHz (кај тропојасните звучници има две резонантни издигнувања). За да може да се пресмета RLC колото за компензација, неопходно е да се измери импедансата на звучничкиот систем, во функција од фреквенцијата. Од измерената импеданса се одредува фреквенцијата на резонанција f<sub>res</sub>, а потоа фреквенциите под (f<sub>L</sub>) и над неа (f<sub>H</sub>) за кои импедансата паѓа на вредноста пресметана според формулата 1.
Од овие измерени величини се добива Q факторот на резонантното издигнување, според следнава формула: Q= Z<sub>LH</sub> •fres/(f<sub>H</sub> - f<sub>L</sub>) . За да се компензира ова издигнување, потребно е паралелно да се приклучи сериско RLC коло со ист таков Q фактор и со иста f<sub>res</sub>, за кое важат формулите
Q=2πf<sub>res</sub>L/R и формулата 2 дадена во прилог
Прво се одбира вредноста на R да биде R= (R<sub>res</sub> - R<sub>E</sub>)/(R<sub>res</sub>•R<sub>E</sub>) , потоа од формулата Q=2πf<sub>res</sub>L/R се добива L, а потоа од формулата за f<sub>res</sub> се добива и C.
Со оваа метода се добива целосно израмнување на импедансата, но тоа не мора секогаш да се прави така - некогаш доволно е само малку да се подзарамни импедансата (како што направив јас во проектот Seas 17), бидејќи така се штеди на големината (и цената) на деловите. Напоменувам дека претходнава анализа е само теоретска, идеализирана ситуација! Всушност, најдобри резултати се добиваат експериментално, бидејќи во стварноста резонантното издигнување обично не е симетрично, така што претходнава анализа не важи целосно!
2. Некои постари модели на KEF беа компресиони звучни кутии со сериски кондензатор за бас-звучникот (third order loading), со што се добива многу помала кутија во однос на Qtc=0,7, а долната гранична фреквенција е еднаква на теоретски минималната (за Qtc=0,7). Компресионата звучна кутија мора да биде околу Qtc = 1, а вредноста на кондензаторот приближно се одредува со формулата C=265000•Qts/(fs•R<sub>E</sub>), каде R<sub>E</sub> е еднонасочната отпорност на звучникот, fs е неговата резонантна фреквенција (мерена без кутија), а Qts е неговиот тотален Q фактор. Очекувајте вредности меѓу 500 и 1000 микрофаради. За големи бас-звучници со голема индуктивност на намотката формулата веќе не е доволно точна, па вредноста на кондензаторот мора експериментално да се одреди. Кондензаторот мора да биде вистински биполарен електролитски, а не контра-сериска врска на два обични електролитски кондензатора!
3. Пасивна свртница со 24dB/октава речиси воопшто не се користи во пракса, бидејќи има повеќе негативни страни отколку позитивни (сосема е обратен случајот за активна свртница, каде 24dB/октава најчесто е најдобрата можна!). Пред повеќе од 25 години оваа пасивна свртница со 24dB/октава беше многу популарна (за жал!) на бившојугословенските простори, благодарејќи на серијата проекти на звучни кутии SBI објавени во хрватското списание SAM svoj majstor. Но, јас уште пред повеќе години во ЕМИТЕР објаснив дека пасивна свртница со 24dB/октава е непотребна компликација. Во 95% од случаите најдобри резултати се добиваат со свртници од втор ред (12dB/октава) или, евентуално, од трет ред (18dB/октава), а формулите за нив се објавени во "Пасивни свртници за звучни кутии" во ЕМИТЕР 1-2/96 и 3-4/96. Тие формули важат само во идеален случај (чист отпорник, наместо сложена импеданса на звучникот), така што задолжително мора да се користи дополнително сериско RC коло за компензација на индуктивната компонента на бас-звучникот (или среднотонецот)!
Владимир Филевски
Здраво ЕМИТЕР
Имам електрично коло за регулација на напон до 12V со транзистор BD135, зенер диода BZX10 и променлив отпорник од 10k. Мене ми треба регулација до 20V, па дали колото ќе може да ми "брка работа", а ако не што треба да сменам (освен трансформаторот)? Па, пишете ми што побргу.
Однапред ви благодарам.
Борче Борчески
Многу е тешко да се даде прецизен одговор на вашето прашање без да се знае точно за каков напонски стабилизатор се работи. Но, сепак, и покрај тоа ќе се обидам да ви одговорам под претпоставка дека станува збор за еден класичен сериски стабилизатор реализиран со зенер диода како стабилизирачки елемент и сериски излезен транзистор. Ако е тоа така, тогаш освен трансформаторот ќе треба да ја замените и постоечката зенер диода со BZX20 или некоја слична. Веројатно е потребно да се извршат уште некои помали корекции, пред сè, во вредностите на останатите елементи, но во принцип колото би требало да функционира. На крајот, немојте да заборавите дека максимално дозволениот напон на сите кондензатори во колото треба да биде барем 20% повисок од напонот на кој ќе бидат приклучени, што значи можеби ќе биде потребно да се замени и некој од електролитските кондензатори.
Дејан Трпески
Здраво ЕМИТЕР!
Имам неколку прашања до вас.
1. Имам трафо 220V / 2 x 40V /150W. Како можам да го симнам напонот на 2 x 25V, за да го изработам засилувачот со TDA7294? Трафото е фабрички правено и е лиено, па затоа не можам да го премотам, само ми треба стабилизатор кој ќе ја издржи бараната снага.
2. Дали микроконтролерите што ги објавувате во ЕМИТЕР со веќе внесена програма можат да се избришат и да се репрограмираат и ако може до колку пати може да се изврши тоа. Дали постои посебен програмски јазик за програмирање на микроконтролери или со веќе постоечките C, C++ и др. може да се програмира? Дали постои некој компајлер што потоа го приспособува програмот погоден за микроконтролерот?
Однапред ви благодарам !
Александар преку е-маил
1. Напонот од 2x25V на секундарот можете да добиете само ако на примарната страна приклучите понизок напон од предвидените 230V. Тоа можете да го постигнете на два начина: со дополнителен трансформатор врзан на примарната намотка со преносен однос 1,6:1 и моќност од најмалку 150W или со врзување на моќен индуктивитет (придушница) во серија со примарната намотка на вашиот трансформатор предвидена за работа на мрежен напон. Потребниот индуктивитет лесно може да се пресмета тргнувајќи од потребниот пад на напон кој треба да го создаде. И двете решенија се прилично скапи и можат да дојдат предвид само ако при рака го имате потребниот трансформатор или придушницата, што е малку веројатно.
Бидејќи трансформаторот сакате да го користите за напојување на излезен аудиозасилувач, можеби е поприфатливо да се употреби активен симетричен стабилизатор за еднонасочен напон приклучен на секундарната страна по насочувачот и филтерските електролити, кој во овој случај може да биде прилично едноставен. Сепак, и покрај едноставноста мора да биде во состојба да испорача доволно голема струја за напојување на засилувачот/засилувачите, што значи се потребни најмалку два транзистора на моќност во секоја гранка и соодветен ладилник за истите. Ладилникот треба да биде масивен, бидејќи при нормална работа моќноста на дисипација ќе изнесува повеќе од 50W.
Како што гледате, не постои елегантно и евтино решение за вашиот проблем. Можеби е најдобро вашиот трансформатор да го сочувате за некој друг проект, а за засилувачот да набавите некој посоодветен, што е воедно и моја препорака.
Дејан Трпески
2. PIC микроконтролерите може да се репрограмираат, т.е. да се избрише она што е во нив и да се стави некоја друга или иста програма. Кога се појавија PIC микроконтролерите, можноста да се репрограмираат беше 1000 пати, потоа 100 000 пати, а со денешната технологија можете да претпоставите што сè е можно.
Постојат посебни Basic и C јазици дизајнирани за пишување програми наменети за микроконтролери, во кои воедно се врши и компајлерската работа. На Интернет можат да се најдат цела дузина такви, па дури и со Fortran и Pascal основа.
Успешна работа,
Добре Блажевски-Доц
Една голема благодарност до ЕМИТЕР. Ги изработив сабвуферот Каиро и 100W засилувач за сабвуфер. Многу сум задоволен од звукот кој го добив - иако е вуферот во компресиона кутија со овој засилувач стварно знае да тресе. Додека ги изработував наидов на неколку проблеми, но со помош на вашите одговори преку e-mail се се заврши супер и сега вуферот со засилувачот перфектно работат.
Сега имам еден проблем кој иако не е проект од ЕМИТЕР верувам дека ке ми помогнете да го решам. Во Југо Темпо 1.1 монтирав аналоген бројач на вртежи. Имам еден проблем – бројачот под мал гас покажува 800 вртежи во минута, но кога ќе ги вклучам светлата покажува 1100rpm. Доколку имам дадено гас над 1000rpm и ги вклучам светлата, вртежите кои ги покажува не се покачуваат (што е нормално). Исто така, под мал гас кога ќе вклучам трепкачи стрелката осцилира (мрда) ненормално многу. Од бројачот има три жици: едната (-) ми е врзана на маса, другата на бобината и третата (+) напојување преку осигурувач на кој има струја само под контакт. Како да го решам проблемот, односно и под мал гас да показува реално. Не ми кажувајте да пробам плусот да го ставам на друг осигурувач, бидејќи тоа е веќе пробано и се случува истото.
На автоелектричар ми рекоа дека тоа е нормално, но сум забележал дека тоа не се случува со фабрички вградените бројачи. Дали проблемот би можел да се реши со додавање на некој кондензатор (тоа ми изгледа најлогично)? Ако може - како и со каков кондензатор? Не би имал трпение да го чекам наредниот број, бидејќи сакам да го средам тоа што побргу. Би бил многу благодарен ако би можеле побргу да ми одговорите преку e-mail (било да има или нема решение).
Однапред ви благодарам,
Никола преку e-mail
П.С. ЛУЃЕ ШТО Е ОВА? ВИ ПИШУВАМ ТРИ ПАТИ ДО СЕГА И НЕ МИ ОДГОВАРАТЕ. ЧЕКАМ ДА ИЗЛЕЗЕ НОВИОТ БРОЈ, ГО КУПУВАМ И ПАК ГО НЕМА ОДГОВОРОТ. ФАЛА ЗА НЕСЕРИОЗНОСТА!!!!!!!
Почитуван Никола,
Очигледно не сте обрнале внимание на краткиот текст со неколку објаснувања за рубриката "Писма" кој редовно стои на тие страници отпечатен во негатив. Во тој текст јасно е кажано дека и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите прашања, особено ако прашањето не се однесува директно за некој напис објавен во ЕМИТЕР (а вашето прашање не се однесува на некој конкретен напис во ЕМИТЕР). За ова има 2 главни причини:
1. Ние добиваме многу писма со прашања, па ако ги одговараме сите нема да стигнеме да го подготвиме списанието.
2. На писмата треба најчесто да одговори некој од нашите соработници, а сите тие се хонорарни соработници (не се вработени во ЕМИТЕР) и имаат многу други обврски на своите работни места или факултети.
Впрочем, ниту една редакција на ниту едно списание во светот не одговара на сите писма што ќе ги добие, па така и ЕМИТЕР не може да одговори на сите писма од читателите. И покрај сето ова ние успеваме да одговориме на околу две третини од писмата кои ги добиваме.
Инаку, вашето писмо со прашање, уште првиот пат кога го примив, го препратив до двајца наши соработници кои имаат најголеми познавања од соодветната област, но досега од нив немам добиено одговор, најверојатно поради нивна презафатеност. Штом ќе добијам одговор од нив веднаш ќе ви го испратам, а ако процениме дека тоа е од интерес за останатите читатели писмото и одговорот ќе бидат објавени во некој следен број на ЕМИТЕР. Ете тоа е процедурата која е вообичаена за писмата од читателите.
Се надевам дека сега многу работи се појасни и дека лутината и сарказмот кон ЕМИТЕР веќе ги нема кај вас.
Слободан Таневски
П.С. Неколку дена по овој мој одговор, нашиот соработник Георги Ефтимов испрати одговор кој го проследувам во продолжение.
Почитуван Никола,
Врз основа на што тврдите дека под мал гас вашиот бројач на вртежи не покажува реално? Врз основа на вашата желба бројот на вртежи да не се смени кога ќе вклучите светла или, пак, имате сигурен податок дека бројот на вртежи на моторот не се менува кога светлата се вклучени? Според мене, зголемувањето на бројот на вртежи под мал гас при вклучување на светлата е сосема логично со оглед на зголемената потрошувачка на струја во автомобилот.
Никаквите податоци кои ги давате за состојбата на вашето возило и аналогниот бројач на вртежи што го монтиравте не остава простор за сериозна анализа. Обидете се кај други автоелектричари. Ако и тие ја дадат истата констатација нема зошто да се сомневате во нивната стручност. Современите стробоскопи покрај тоа што овозможуваат прецизно нагодување на аголот на палење го покажуваат и бројот на вртежи на замаецот. Претпоставувам дека автоелектричарот со помош на стробоскоп утврдил дека бројот на вртежи навистина се зголемува кога под мал гас ќе се вклучат светлата.
Ако демонтажата на веќе вградениот бројач на вртежи не е сложена, обидете се сами да ја утврдите неговата точност. Едноставно приклучете го бројачот на осцилатор со позната фреквенција и проверете дали прикажаниот број на вртежи кореспондира со фреквенцијата на осцилаторот. Во ЕМИТЕР повеќе пати досега е пишувано за начинот на кој тоа може да се изведе.
Георги Ефтимов
Почитувани,
Го изработив автоматскиот полнач на акумулатори од ЕМИТЕР 4/04, но наидов на проблем при неговото нагодување. Конкретно ме збунува објаснувањето за нагодувањето на струјата со помош на отпорник-потрошувач. Јас сакам да го наштелувам на 5 ампери, фиксно. Дали може авторот да ми даде некои дополнителни појаснувања? Исто така, се интересирам и за додатокот кој го спомнувате на крајот од текстот – што треба да се направи за да можам да го стартувам автомобилот по само 5-10 минути полнење на акумулаторот?
Сè најдобро во Новата 2006 година,
Мирослав Јаневски
При нагодување на напонот и струјата на полначот потребно е полначот да биде оптоварен со соодветна струја. Во оваа фаза, за да не направиме погрешни нагодувања и евентуални оштетувања на полначот или акумулаторот, се препорачува на излезот од полначот наместо акумулатор да се приклучи соодветен отпорник како потрошувач. Кога се нагодува максималниот напон до кој треба да се полни акумулаторот (14,4V) потрошувачот треба да биде таков да обезбеди мало оптоварување од околу 200mA, а нагодувањето на напонот на 14,4V се прави со тримерот P2. Кога се нагодува струјата на полнење отпорникот-потрошувач треба да биде со соодветно помала вредност, така што излезната струја ќе биде околу 5A Вредноста на таа струја се мери со надворешен амперметар приклучен редно на потрошувачот (не со вградениот амперметар M1 како што стои во текстот) и на саканата вредност (во случајов 5A) се нагодува со P1. Ако ви е потребна фиксна вредност на струјата на полнење од 5A (ако секогаш полните ист тип на акумулатори), тогаш P1 треба да биде тример-потенциометар. Ако, пак, сакате по потреба да ја менувате струјата на полнење (ако полните различни типови акумулатори), тогаш P1 треба да биде потенциометар монтиран на предната страна од кутијата. Во таков случај задолжително треба да го вградите и амперметарот M1, да го монтирате на предната плоча и да го нагодите неговото покажување (да го избаждарите) според објаснувањата дадени во текстот во ЕМИТЕР 4/04 (на почетокот од последната колона на стр. 53).
Откако ќе ги направите нагодувањата на напонот и струјата со помош на отпорник-потрошувач, него го исфрлате (исто така и кондензаторот од 10 000µF) и на излезот од полначот приклучувате празен акумулатор. Во текот на неговото полнење ја контролирате струјата на полнење и по потреба вршите нејзина корекција на саканата вредност (5A) со помош на P1. Кога акумулаторот ќе се наполни на 14,4V (што ќе го проверите со унимер поставен на DC-напон), тогаш полначот треба да се исклучи и струјата на полнење да падне на 200mA. Ако исклучувањето на полначот се случи на помал или поголем напон од 14,4V, тогаш тоа треба да се коригира со тримерот P2.
Што се однесува до можноста за кратко полнење на акумулаторот и стартување на автомобилот, прво треба да се исполнат некои услови, а тие се:
- трансформаторот да може да даде барем 20A струја,
- соодветен грецов исправувач и тиристор во полначот кои тоа ќе го поднесат,
- изработка на отпорникот R1 од подебела жица и
- моќен преклопник со кој ќе се издвои само мал дел од отпорникот R1 (околу 0,05 ома)кој во бараниот случај ќе го претставува отпорникот R1. Изработката на отпорникот R1 детално е опишана во текстот на проектот.
Во тој краток период од десетина минути полнење под таков засилен режим настанува големо возбудување на акумулаторот, кое и не е многу здраво за него ако продолжи долго време. Значи, ако по тие десетина минути го стартуваме моторот со плус тие дваесеттина ампери кои во таквиот случај ги дава полначот, ќе може да оствариме едно до две кратки стартувања на моторот, но во никој случај нема да можеме да стартуваме мотор во чиј акумулатор нема ниту трунка енергија.
Доколку ви е потребен класичен стартер, можете да го искористите проектот "Класичен тиристорски насочувач" кој е објавен во ЕМИТЕР бр. 11/2005, кој работи одлично и не претставува многу сложено електронско коло.
Драган Јовановски
и Слободан Таневски
Здраво!
Започнав со градба на засилувачот објавен во ЕМИТЕР 10/97 со TDA 7294. Во текот на набавката на материјалите наидов на проблем. Имено, индуктивитетите L1 и L2 во овој проект не можам да ги набавам во малопродажба, а објаснување како тие се изведуваат, во написот за проектот, нема. Би ве замолил за каква било помош околу овој проблем.
Александар Георгиев
Вредноста на калемите L1 и L2 воопшто не е критична. Овие калеми можете самите да ги направите ако на тело со дијаметар од 5mm намотате 10-15 навивки со лак жица од 0,6mm. За овој проект препорачувам тример потенциометарот R14 да се замени со некој квалитетен потенциометар или да се елиминира доколку засилувачот се користи во комбинација со некој предзасилувач.
Дејан Трпески
Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...
Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.
Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.