Сакам да знам до која далечина (отприлика) може да се оствари нормална врска со предавателот (AM-RT4-433) и приемникот (AM-HRR6-433) од проектот "Далечинска контрола за радиокомандувани модели" од ЕМИТЕР бр.7-8/04 и дали овие хибриди можат да пренесуваат звук? Доколку, пак, знаете некои хибриди кои можат да остварат врска на поголемо растојание (кажете колкаво отприлика) од овие посочете кои се тие.
Однапред ви благодарам.
Зоран Велинов, преку e-mail
Употребените хибриди во проектот (предавателот и приемникот) на отворен простор, употребувајќи обична вертикална антена со должина /4, може да обезбедат врска на околу 100m растојание. Такви слични модули за поголем досег на истото фреквенциско подрачје нема, бидејќи законот тоа не го дозволува (потребни се посебни дозволи).
Бидејќи модулите употребуваат амплитудна модулација, доколку на влезот на предавателот наместо сигнал со податок се доведе сигнал од микрофон со доволно големо ниво да го побуди влезот на предавателот, тогаш модулите би можеле да се искористат и за пренос на говор. За ова би ви советувал да ги преземете упатствата за наведените модули од Интернет.
Добре Блажевски
Многу ви благодарам, само уште кажете ми на кои фреквенции е забрането со закон да се емитува на поголема должина од 100m, а на кои не, и дали има хибриди (во дозволените фреквенции со закон) кои емитуваат на поголемо растојание од 100m.
Зоран Велинов
Потребните материјали за емисии (дозволени и недозволени, како и кој смее да ги употребува) можете да ги најдете на веб-страницата на Управата за телекомуникации, т.е. Министерството за транспорт и врски. Употребените модули во нашиот проект работат во т.н. licence free (без дозвола) опсег, а одредени фреквенции за работа во Европа се 435MHz, 918MHz и 2,4GHz, со снага не поголема од 150mW.
Инаку, токму на тема распределба и намена на фреквенциските опсези подготвуваме опширен напис кој ќе го објавиме наскоро.
Добре Блажевски
Здраво! Јас сум Александар од Прилеп. Го имам изработено засилувачот со LM3886T и ме интересира што ќе се случи ако на излезите на засилувачот меѓу двата позитивни (не кон маса) поврзам звучник. Слушнав дека ќе добие двојна снага, но не ми се пробува на своја рака. Чао.
Александар од Прилеп
Поврзувањето на звучник меѓу излезите на два засилувача на моќност со цел да се добие поголема излезна моќност има смисла само ако сигналите на влезот од засилувачите се во противфаза. Ваквиот начин на поврзување на засилувачите во литературата најчесто се нарекува "мостна" врска или "мостен" спој. Теоретски, со примена на овој спој може да се добие четири пати поголема излезна моќност од онаа што ја имаат засилувачите при исти услови (исто оптоварување и ист напон за напојување). Со други зборови, ако два (идентични) засилувача од 50W ги поврземе во мостна врска, излезната моќност на "мостниот" засилувач при исти услови ќе изнесува цели 200W. Во пракса, добивката се движи од 2,5 до 3,5 пати што е сè уште значајно зголемување. Веднаш треба да се напомене дека секој излезен засилувач не е превиден за поврзување во мостна врска, пред сè, поради значителното зголемување на излезните струи. Генерално, засилувачот може да работи во мостна врска ако на излезот се приклучи звучник со двојно поголема импенданса од онаа за кој е предвиден. Така, на пример, ако засилувачот е предвиден за работа со 4 омски звучници, во мостен спој, на излезот треба да приклучиме 8 омски звучник, во спротивно ризикуваме трајно да ги оштетиме и двата засилувача. На крајот уште би додал дека овој спој најчесто се применува во услови на недостапност или недостиг на повисок напон за напојување, на пример, во автомобилите. Денес речиси и не постои радиоапарат за во автомобил во кој нема вградено барем два мостни засилувача.
Повеќе информации за мостната врска и начините за нејзина практична реализација можете да прочитате во ЕМИТЕР број 5 (декември 1995) и ЕМИТЕР 10/03.
Дејан Трпески
Здраво почитувани!
Ви посакувам многу успешна работа, а сега следат две прашања: Како прво, знаеме дека кај нас кабелските оператори пуштаат квалитетен сигнал онолку колку што мислат дека е квалитетен. Меѓутоа кога ќе приклучиш три телевизори паѓа сигналот, односно квалитетот на сликата. Затоа, ве молам, да ми дадете една не многу сложена шема за кабелски засилувач со гејн (GAIN) особено за UHF и VHF , за да не дојде до мешање на сигналите на оние појаките во однос на послабите сигнали.
И уште едно прашање: Што треба да се направи на далечински управувач да фаќа од повеќе правци, бидејќи знаете дека има некои далечински управувачи кои каде и да ги насочиш ќе ја сменат програмата на телевизорот или ќе го намалат гласот итн. Имам далечинско од DVD LG и многу ме нервира кога ќе треба да го засилам гласот или да вратам некоја сцена така што морам да го насочам директно, дури и да потстанам за да ја изврши саканата функција. Од прво мислев дека се работи за батериите, после тоа видов дека се работи за далечинското. Ве молам, кажете ми како да го решам и овој проблем.
Благодарам однапред.
Деки, преку и-меил
Прво, квалитетен сигнал не значи јак сигнал туку чист сигнал. Со секое засилување на сигналот со засилувач сигналот е сè помалку квалитетен (помалку чист), затоа што секој засилувач внесува шум и изобличувања во сигналот. За сметка на тоа пак се добива посилен сигнал. Секој нов ТВ -приемник во кабелската мрежа е како нов корисник за кабелскиот оператор. Кога се поставува кабелска мрежа, монтерите уште на почетокот сакаат да знаат колку приемника ќе користи корисникот. Бројот на приемници на еден корисник го одредува слабеењето на елементот (ТАП-от) кој ќе биде поставен за тој корисник, но го одредува и слабеењето на елементот на следниот корисник во мрежата. Затоа, посилен сигнал некојпат и не може да се добие само со промена на корисничкиот ТАП, затоа што ќе биде ослабен сигналот кон соседот. Ако има можност легално да ви "пуштат втор телевизор" тоа е најдобрата варијанта и ќе ве чини најмалку (околу 600 ден.). Ако, сепак, сакате да го решите проблемот со кабелски засилувач најдобро ќе биде да купите еден поевтин (цената им е помала од 900 ден). Изработка на кабелски засилувач во домашни услови не е едноставна работа и сигурно ќе ве чини повеќе.
Што се однесува до далечинското, обидете се на IR-диодата (сместена на самата плочка на далечинското) да и ги продолжите изводите и да ја извадите понадвор од куќиштето на далечинскиот управувач. Со ова ќе се зголеми аголот на емитување на далечинското и ќе може да "фаќа" од страна.
Кирил Крстевски
Почитувана Редакцијо!
Голем поздрав и желба за успех во понатомошната работа. Списанието ви е супер (Цена/Квалитет е одлична, плус попуст за претплата, плус гага шеми, идеи и многу други работи). Ми треба "малку помош" за Далечинска контрола за радиокомандувани модели (Емитер број 7-8/04). Програмите за микроконтролерите ги симнав и ги unzip-ував само не знам со која програма да ги отворам (треба ли некоја посебна програма, и дали програмирањето на овие "работи" е едноставно или е потребен некој инструмент за нивно програмирање?) и дали можете да напишете нешто за висинометар за воздухоплови (или барем некоја идеја да се направи такво нешто).
Стоилко Петрески
Благодарам за пофалбите и интересот.
Програмите за микроконтролерите што сте ги презеле од Интернет се во хекса формат и имаат екстензија .hex. Тие се веќе компајлирани т.е. преведени на јазикот што ќе биде разбирлив за нивно програмирање. Доколку сакате да видите како изгледа внатрешноста т.е. содржината на .hex датотеката, тогаш потребен ви е кој било HEX едитор, а може да се искористи и NOTEPAD програмата од Windows (таа ќе ги прикаже само хексадецималните вредности).
А што се однесува до програмирањето на микроконтролерите, т.е. за во нив да ги внесете програмите што сте ги презеле од Интернет, потребен ви е програматор. Еден таков програматор е објавен во ЕМИТЕР 4/03. Таму ќе најдете повеќе информации како се програмира микроконтролерот. Значи, вие не треба да ги отварате преземените програми, туку треба истите да ги вметнете во микроконтролерите со помош на некој програматор. Таа постапка е едноставна доколку имате некој таков програматор. Од редакцијата на ЕМИТЕР можете да набавите и веќе испрограмирани микроконтролери коишто само ќе треба да ги поставите на ППК.
Се надевам дека ви помогнав. Поздрав и многу успех,
Добре Блажевски-Доц
Почитувана Редакцијо.
Имам прашање во врска со еден напис. Имено, во написот "Бројач на импулси" од ЕМИТЕР бр.5/05 стои дека уредот се употребува за броење на вртежи на електромотор. Прашањето до авторот е: На какви електромотори е инсталиран уредот и какви сензори се употребени за детектирање на импулси, како и каде се поставени?
Зарија Алексоски.
Уредот е инсталиран на DC мотори, но тоа не значи дека не може да се употреби и за други видови мотори. Всушност, самиот уред е обичен бројач на импулси и може да се користи секаде каде што одредена низа на настани (вртежи, линиски движења, промена на проток или притисок) може да се претвори во електричен сигнал. Во конкретниот случај како сензор е употребен бесконтактен индуктивен давач тип IPS 30/10-PNP-Z (Iskra). Тоа е сензор кој реагира на присуство на метал. Монтиран е во близина на осовината на моторот, така што при секој вртеж на осовината метален забец поминува неколку милиметри пред сензорот. Поврзувањето со плочката е едноставно. Напојување за сензорот се зема од изводите Udd и Uss, а третата жица од врзува на изводот Cin. Немам можност да проверам, но верувам дека уредот може да работи со сите видови бесконтактни давачи, па дури и со NPN-изведби. Разлика би постоела само во моментот на тригерување на бројачот. Со PNP-давач, бројачот се тригерува при секој растечки раб на импулсите за броење, а со NPN-давач при секој опаѓачки раб на импулсите за броење.
Георги Ефтимов
Имам едно прашање во врска со проектот "100W гитарски засилувач". Вие имате понудено кај напојувањето да се употреби 150W трансформатор. Јас имам 200W трансформатор и ми предложија да ги сменам излезните транзистори. Наместо понудените 4 јас сакам да употребам BD249 и BD250, за да го издржат напонот од трансформаторот кој е 2 x 30V. Моето прашање е дали 200W трансформатор ќе влијае на уште нешто друго од колото?
Однапред благодарам.
Николај Митрески, преку e-mail
Пред да го дадам одговорот на вашето прашање, сакам да напоменам дека треба до крај да го проследите проектот "Гитарски засилувач", а неговиот крај ќе биде во наредниот број на ЕМИТЕР, па потоа правете измени и преправки!
Во врска со напојувањето на засилувачот, напоменав дека за излезно оптоварување од 4 ома треба да употребите трансформатор со минимална моќност од 150W, што значи дека можете да употребите трансформатори со поголема моќност (но во тој случај погледнете ја економската страна.... ?!). За оптимална работа на засилувачот, во дадениов случај напојувањето треба да биде Us=±35V<sub>DC</sub>, но тој ќе работи и со напојување од Us=±40V<sub>DC</sub>. Во тој случај единствена измена се отпорниците од предзасилувачот R18 и R19 кои треба да бидат со вредност од 820ома/2W.
Прашајте го вашиот пријател кој ви ги предложи транзисторите BD239C/BD240C (треба на крајот да имаат ознака C) во што се разликуваат со предложените TIP35C/TIP36C? Се разбира, нема никаква разлика освен цената - TIP35C/TIP36C се поевтини!
Славко Стојковски
Ме интересира дали лед бројачот за вртежи од ЕМИТЕР 9-12/2к може да се изработи во варијанта за кола со 2 цилиндра и максимум 4500 вртежи и, ако може, како?
Никола Николовски
Бројачот на вртежи со лед индикација може да се приклучи на секој мотор (или која било машина) од кој може да се излече информација за бројот на вртежи во облик на низа од импулси со амплитуда не помала од 3V во однос на заедничката точка на напојувањето (приклучок M), при напојување на бројачот од најмалку 9V. Вредностите на елементите во диодната пумпа во фреквентно-напонскиот конвертор IC1 (LM 2917N-8) се одредуваат со формула 1 и формула 2;
каде што U<sub>OUT</sub> е напонот на излез на фреквентно-напонскиот конвертор, кој треба да се движи помеѓу 0V и 5,36V; U<sub>REF</sub> е референтен напон на фреквентно-напонскиот конвертор, кој изнесува приближно 7,5V; N1 е бројот на вртежи на моторот во минута, а N2 е бројот на цилиндри на моторот. Конкретно за мотор со два цилиндра, димензионирање на елементите се врши според формула 3
Постапката за нагодување е идентична, со таа разлика што вредностите дадени во табела 2 не важат, а падот на напон на отпорникот R6 се одредува од формула 4 каде што f<sub>G</sub> е фреквенцијата на импулсите што се носи на влез на фреквентно-напонскиот конвертор (приклучок P). Ако, на пример, максималниот број на вртежи на моторот во минута е 4000, а фреквенцијата на импулсите е 50Hz, со тримерот P1 на отпорникот R6 треба да се нагоди пад на напон од 4,02V.
Конкретна пресметка се прави според формула 3 каде се внесуваат следните познати вредности:
U<sub>OUTmax</sub>=5,36V; U<sub>REF</sub>=7,5V; N1<sub>max</sub>=4500v/min; N2=2; C5=22nF => R4 < 433k < R4+P1
усвоено:
R4=390k < 433k
P1=100k, => R4+P1=490k > 433k
Нагодување: бројачот поврзете го со трансформатор за ѕвоно како што е прикажано на слика 5 (на тој начин ќе добиете f<sub>G</sub>=50Hz) и со тримерот P1 на отпорникот R6 нагодете пад на напон од 3,57V.
Георги Ефтимов
Почитувана Редакцијо,
Ве молам да ми одговорите на следново прашање.
Во текстот "Полнач на NI-MH батерии" во ЕМИТЕР број 2/05 имате наведено дека полначот може да се користи за батерии од 1000 mA до 2300 mA.Јас имам купено четири батерии од 2500mA, па бидејќи сакав да го изработам, Ве прашувам дали ќе одговара со него да се полнат NI-MH батерии од 2500 mA, и ако не може дали со мали измени на колото ќе може да се користи како таков.
Ви благодарам однапред ,
Редовен читател на ЕМИТЕР,
Христијан Гроздановски
од Скопје.
Пред да Ви одговорам на прашањето, би сакал само малку да го допрецизирам. Во случајов станува збор за капацитет на одреден тип на батерии, а не струја, како што Вие сте се изразиле. Затоа суфиксот до вредноста на батеријата (mA) треба да се замени со mAh. Значи, прашањето треба да биде: "Дали со полначот кој е објавен во ЕМИТЕР бр. 2/05 можат да се полнат батерии со капацитет од 2500mAh, иако полначот е предвиден за полнење на батерии со капацитет од 2300mAh". Одговорот е "Да". При полнење на батерии со номинален капацитет од 2500mAh само за малку ќе се продолжи времето на полнење за околу 9% од потребното време за полнење на батериите со помал капацитет. Ако сакате да го намалите времето на полнење во соодветен временски износ, треба процентуално да се зголеми струјата на полнење. Тоа ќе го постигнете ако се намали вредноста на отпорникот R1 на 0,65 оми На ваков начин само малку ќе се зголеми дисипацијата на колото IC1, но сепак нема потреба од промена на телото за ладење, ниту промена на серискиот транзистор T1, кој е доволно сатуриран и нема да ја зголеми дисипацијата значително. Други промени или нагодувања на полначот за полнење на батерии со капацитет од 2500mAh или поголем не се потребни.
Петар Аврамовски
Здраво Емитер !
Сакав да ве прашам каде можам да набавам каталог за модели на авиони и едрилици, со ценовник и перформанси?Дали можат овие модели да се набават од Авиоклубот во Скопје?
Благодарам однапред...
Иле Мешков, преку e-mail
Доколку се интересирате за RC, односно Радиоконтролирани модели на авиони (оние што имаат моторче и летаат) најдобро е да контактирате со претседателот на Аероклубот Скопје, Дејан Саздановски, преку кого можете да набавите секакви материјали и модели. Доколку, пак, се работи за макети на авиони, истите можат да се набават во Рамстор, Матица македонска, Ексима (ГТЦ) и Панккомерц во Аеродром. Во Рамстор и Панккомерц можат да се набават макети од корејскиот производител Academy, додека во Матица македонска и Ексима макети од производителите Revell, Italeri и Zvezda.
Марјан Трајков
Ми треба малку помош околу проектот од ЕМИТЕР број 7-8/05 Моќен инвертор од 12Vdc на 230Vac. Имам неколку прашања:
1) Дали отпорникот R1 треба да биде краткоспојник, или отпорник PTC како што е наведено во списанието. На неколку места каде што го побарав отпорникот PTC ме прашуваат дали да е со 2 или 3 извода и кое според вас, во овој случај, е најдоброто решение?
2) Во текстот стои дека за да се добие 50 Hz имате употребено сериска врска од 3 отпорници. Во случајот тоа е R9, дали сериската врска е со цел да се добие отпорник од 16k9или се потребни три отпорници од 16,9 килооми (која отпорност на постои). Ако е сериската врска за да се добие отпорник од 16k9 дали може да се употребат три отпорници од 5k5 со што ке се добие 16k5?
3) Дали високоефикасната лед диода LD1 со карактеристики 1000 кандели од 5mm може да се употреби за овој проект? Ако не може, која е најсоодветна?
4) Дали кондензаторите C6 и C10 може да се за над 100V? Ако тоа не е можно, која волтажа би била посоодветна.
Ви благарам однапред за одговорот. Проектов ми е одбран за семинарска работа за четврта година.
Иван Мирчевски
1. Ако се потрудевте подобро да го проучите написот, ќе забележевте дека PTC отпорникот не може да биде краткоспојник во никој случај. Може да биде обичен отпорник, но тогаш нема да постои заштитата од прегревање. Инаку, на слика 4 убаво се гледа дека е со два извода.
2. Тоа добро сте го забележале (впрочем, истото е напоменато во текстот) сериската врска за R9 е само затоа да се добие бараната отпорност, а начинот на кој ќе ја добиете вредноста изберете го сами, единствено е важно да биде точната вредност. Би било интересно да ни кажете каде ги најдовте отпорниците од 5k5.
3. Во принцип, можете да користите која сакате лед диода, но без да ја менувате вредноста на отпорникот R8 (како што пишува во текстот). Ако светлината што таа ќе ја даде ги задоволува вашите критериуми, тогаш е сè во ред, а ако е слаба обидете се со друг тип на лед диода.
4. Кондензаторите C6, C10 можат да бидат со кој било повисок работен напон од оној на кој се приклучени (12 волти), но зошто да плаќате повеќе и да користите толкави габарити? Ако треба само одговор, тој би бил: да, може да се користат кондензатори со повисок работен напон.
5. НАЈВАЖНО: …. Можеби овој проект и нема да ви одговара во потполност со оглед на природата на прашањата што ги поставивте.
Драган Јовановски
Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...
Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.
Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.