Здраво Емитер,
Ви пишувам за да ве пофалам за вашата работа и да ве поддржам во вашата мисија, но и да ги искритикувам оние електроничари кои постојано само се жалат. Најмногу ме испровоцира писмата од 2/05 и 12/04, иако такви неосновани "жалопојки" имало и претходно.
Не можам да им се изначудам кога цело време се жалат: те текстовите биле слаби или неинтересни, те биле многу сложени, те немало делови, па малку биле страници, а цената била висока и сè така во недоглед. Не ми е јасно како може постојано да го бараат стариот Емитер кога безброј пати било објаснето зошто тоа е неможно. Се однесуваат како мали деца пред слаткарница кога бараат колаче, иако мајката им кажува дека нема пари. Зачудувачки е и тоа што електроничарите постојано се жалат дека цената на Емитер е висока, а тие имаат најголема корист од него. Доста е само една "финта" од Емитер да научат и само еднаш да ја уновчат па да извадат пари колку за неколку броеви, ако не и за неколку години. Јас како почетник-електроничар веќе имам направено и продадено еден уред и за него имам земено 300 денари, а некој поискусен електроничар сигурно може да земе и неколку пати повеќе со знаењето добиено од Емитер. Затоа електроничари бидете реални: 130 денари е ситница за знаењето кое го добивате. А ако не ви се допаѓа колку има електроника во Емитер, тогаш купете си некое странско списание за електроника, ама тогаш ќе треба да платите 10 евра за еден број. Се извинувам за тонот на моево писмо, ама сè што кажав е точно.
Инаку, јас сум читател на Емитер од летото 2002 година кога ме привлекоа многуте рубрики, пред сè, астрономија, аеронаутика, аудио, фото и слично. Тогаш почнав да ги читам и текстовите од електроника, па по некое време се осмелив и да правам некои уреди. Претходно си купив и многу стари броеви за да ги научам основните работи. Иако мојата професија е во економијата, сега можам да кажам и дека сум хоби-електроничар. Јас сум задоволен од Емитер и за пофалба е сè она што го правите. Би бил уште позадоволан ако Емитер има 100 страници, па макар да биде и поскап. За крај, би предложил две работи: објавете некоја книга "Електроника за почетници" и престанете да ги објавувате писмата во кои се повторуваат истите критики од електроничарите.
Милан Бојковски
Ви благодарам за поддршката од името на целата редакција. Ќе се потрудиме да објавиме таква книга, која патем, долго време е во нашите планови.
Слободан Таневски
Поздрав до сите во Редакцијата на ЕМИТЕР.
Писмово е со општ карактер и мислам дека најмногу е упатено до уредниците на ЕМИТЕР, посебно до господинот Слободан Таневски. ЕМИТЕР го следам скоро од почеток, од мојата 13 година (очигледно прва љубов) до ден денешен, и од секогаш ми користел како (влијателен!) патоказ низ моето хоби, а и студии на ЕТФ. Секогаш сум ја гледал неговата содржина како спонтана креација која не е згмечена помеѓу стегите на комецијалното. Појавата на новиот "Емитер" ми ги зацврсти овие тези, односно никогаш не сте ме разочарале со содржината во списанието, сè до оваа година. Почнаа да се појавуваат текстови со теми од историја и биологија од порано во списаниево и секогаш сум ги читал до крај со заинтересираност, но во последниве два броја (1 и 2/2005) во текстовите од вашиот соработник Петар Лагудин, никако не можев да смогнам сили да дочитам до крај. Верувајте, ЗНАМ што е еволуција и тоа која била сумерската цивилизација, но сето тоа искористено во текст кој го става Светото Писмо на ниво на обични прикаски и недоветни коментари во однос на постанокот на светот, што е тотално НЕПОТРЕБНО во Емитер (плус не се сите атеисти кои читаат Емитер). Со вакви текстови можеби ќе придобиете интерес кај обичниот (осамен) човек, но во очите на принципиелните читатели на Емитер ќе оставите впечаток на евтино секојдневно списание (Вечер, Дневник...). Имајќи ги предвид прекрасните и лирични текстови на Милан Рупиќ, подробната и екстравагантна посветеност кон аудиото на Владимир Филевски, професионалноста на Слободан Таневски итн., можам со сигурност да потврдам дека се намалува мојата почит кон Емитер. Стилот и угледот на списанието го креирате и Вие а не само вашите соработници, па земете ја диригентската палка во раце и однесете го списанието таму каде што ќе задоволи одреден слој на луѓе во Македонија кои и самите го сметаат "Емитер" како своевидна библија.
П.С. Се надевам дека ќе го објавите писмово во списанието но и да не се случи тоа, верувајте дека има многу читатели кои се сложуваат со мојот став за конкретниве текстови.
Александар Цаневски од Велес
Почитуван Слободан
Се надевам дека ќе ја прочитате мојата забелешка и ќе ја прифатите онака како што е напишана - најдобронамерно! Зошто дозволувате читаноста на ЕМИТЕР да опаѓа со обработка на теми на кои тука ама баш ИЧ не им е местото?
Читајки ги темите од двата броја, не забележувам ни историја, ни археологија, а ни биологија… само скриен гнев кон Светото Писмо се провелкува (да не речам боде очи) и неразрешени лични конфликти кои асоцираат дека станува збор за незрела личност на која Вие и отстапувате простор да се "ослободи" од своите фрустрации! Имено, ако вашиот соработник сака да му одговори јавно на проф. Иван Грозданов, нели би било подобро тоа да го направи во некој друг простор? Има доволно списанија кои третираат теми со (анти)религиска содржина. Само да Ве потсетам, уставно право на човекот е да има верска слобода! Што би станало со светов кога СИТЕ луѓе би гледале низ призмата на медиокритетизмот на некој Петар? НЕКОЈ или НИКОЈ, кој очигледно нема ни минимални познавања. На пример, дека најобемното дело на Исак Њутн е всушност токлување на пророчките книги од Светото Писмо, или дека Паскал во својата земја е многу попознат како теолог отколку како математичар или физичар, или дека основоположникот на генетиката е чешкиот КАЛУЃЕР Грегор Мендел, Павел Флоренски покрај теолог е и физичар и уметник… Некој очигледно сака да создава граници онаму каде што ги нема. Би го запрашала авторот колкави се неговите познавања од областа на философијата? Би се издигнала над неговиот материјалистички поглед на светот. Со јазикот на теологијата, мислењето дека само ЈАС сум во право, а сите други околу мене (вклучувајки ги и големите умови на науката, како Њутн, Паскал, Мендел…) грешат, се нарекува класична прелест. И навистина, постои ли граница помеѓу науката и верата?
Дипл. ел. инж., насока ЕТ - Гордана Лазаревска
Почитувани колеги,
Вашите писма ги објавуваме во целост, што е вистинска реткост со оглед на ограничениот простор во списанието. Мојот одговор е заеднички за двете писма, прво заради грипот и многуте обврски околу завршувањето на овој број, но најмногу затоа што и во двете писма се провлекуваат истите тези и замерки иако формата е различна – г-дин Цаневски реагира на особено учтив и смирен начин, за разлика од г-ца Лазаревска, од чие писмо блика нетрпеливост, агресивност и желба да се навредува "противникот".
На почеток, за да нема евентуални забуни, веднаш ќе нагласам дека и јас и колегата Петар Лагудин ги почитуваме религиозните луѓе и немаме намера да ги навредуваме, ниту пак да им го оспоруваме правото на слободна верска свест. Такво нешто нема ни во спомнатите написи, па очигледно вашите обвинувања во оваа насока воопшто немаат основа.
Што се однесува, пак, до вашата забелешка дека на ваквите написи не им е место во ЕМИТЕР, можам да кажам дека е тотално нелогична. Тоа е исто како да му забележувате на некој спортски магазин зошто објавил напис за хокеј, на пример. Затоа, да ве потсетам дека ЕМИТЕР е списание за наука и техника, а спомнатите написи даваат низа научно потврдени докази од историјата и биологијата, па според тоа е сосема логично тие да бидат објавени токму во ЕМИТЕР.
Написот "Сумерската митологија во приказните од Библијата" беше подготвен пред речиси 1 година, но заради немање простор го објавивме дури сега, а написот "Дали Дарвин бил во право" колегата Лагудин го подготви на моја иницијатива, токму како реакција на книгата на проф. Грозданов, на чија промоција бевме лично присутни во Библискиот центар "Божилак" (Христијанско Баптистичка црква). Во својата книга "Не на еволуцијата, Да на Библијата" и во своето усмено обраќање на промоцијата, проф. Иван Грозданов со тенденциозно извртување на научните факти, жестоко ја нападна и обвини науката за пропагирање на Дарвиновата теорија за еволуција со "лажни и фалсификувани аргументи". Од аспект на сопствената интелектуална култура, сметавме за должност да излеземе во одбрана на знаењето (науката). Воопшто не гледаме зошто сметате дека е нечесно, ако во јавноста се презентираат изобилство релевантни факти од јавно публикуваната светска научна литература во одбрана на знаењето (науката). Впрочем и наведената религиозна "научна" книга е јавно публицирана, а со самото тоа, таа е веќе исправена пред јавна критика, особено од страна на нападнатата и обвинетата страна (во случајов: науката).
Толку за формалните работи. Сега да се вратиме на суштината, а тоа е содржината на спомнатите написи. Во нив, како што веќе кажав, се изнесени низа научно потврдени докази од историјата и биологијата кои светската наука до сега ги открила. Сите тие почиваат на материјални докази и логички заклучоци. Вие реагирате за содржината на тие написи, но не кажувате ништо конкретно што не чини и што е неточно во нив. Дали можеби знаете за некои докази кои би ги негирале тие научни сознанија? Можеби знаете за поинаков превод на сумерската митологија каде таа не се совпаѓа со настаните опишани во Библијата? Или можеби знаете за некои докази дека сумерската цивилизација не постоела многу векови пред појавата на Библијата? Можеби имате некој доказ дека целиот жив свет се појавил истовремено а не постапно? Ние сме отворени за секаква аргументирана дебата за овие, но и за други теми од науката и религијата, се разбира, ако сакате да дискутирате со аргументи.
Овде чувствувам потреба да ја објаснам разликата помеѓу знаењето и верувањето. Накусо кажано, знаењето е множество докажани вистини, а верувањето е некритичко прифаќање на вистинитоста на нешто без докази за тоа. Науката почива само на знаење (докази), а религијата само на верување (без докази), па според тоа религијата и науката се некомпатибилни. Затоа, не е можно да се "собори" некое научно сознание само со тоа што некој силно ќе верува во спротивното. Уште помалку е можно да се негираат научните сознанија со ароганција и навреди, како што се обидува г-ца Лазаревска. Тие особини се одлика на некој кој во дебатата нема вистински аргументи. Истовремено, тие особини не би требало да се одлика на еден христијанин. Да резимирам: дискусија без аргументи е апсолутно непродуктивна и непотребна.
Да го разгледаме сега единствениот "аргумент" кој во одбрана на религијата го нуди г-ца Лазаревска. Ние имаме сосема солидни познавања од философијата, но и од историјата и религијата, така што ни е добро познато дека Њутн, Паскал и Мендел биле религиозни или свештени лица, исто како и Кеплер, Коперник, Џордано Бруно и многу други од тоа време, што е сосема логично со оглед на тоа што тогаш писменоста главно била кај црквата. Меѓутоа, за разлика од повеќето свештени лица, тие со својот критички и рационален ум се издигнале над догмите кои ги проповедала религијата и направиле многу значајни научни откритија. Треба ли да потсетиме дека заради своите научни ставови повеќето од нив имале големи проблеми од страна на црквата, а некои од нив, како Џордано Бруно на пример, биле "замолчени" со спалување на клада од страна на црковната инквизиција. Така, повикувајќи се на спомнатите личности во прилог на религијата, г-ца Лазаревска всушност несвесно нуди аргумент во прилог на науката – тие личности се значајни за човештвото и останале запишани со блескави букви во Историјата токму заради нивните научни дела, а не заради нивните религиски достигнувања. Тоа што тие биле и свештени лица е сосема небитно, исто како што за човештвото е небитно тоа што некој голем уметник кој оставил вредни дела, за да може да преживее работел како чиновник во некоја канцеларија.
За среќа, денес религијата ја нема општествената моќ да го спречува развојот на човечката мисла, како порано. Добро е и тоа што денешните секуларни држави не се репресивни кон верниците туку напротив – ја гарантираат слободата на вероисповеста. Така, секој човек, и покрај тежината на научните аргументи, наместо знаењето може да го избере верувањето. Но, тогаш треба да биде свесен дека со тоа си создава извор на вечни фрустрации секогаш кога неговите верувања ќе се соочат со реалниот свет. Затоа, ако веќе сте го избрале верувањето наспроти знаењето, не обидувајте се да ја негирате науката без аргументи – таа битка е однапред загубена. Наместо тоа издвојте ги и применувајте ги позитивните вредности на религијата, кои таа несомнено ги има, во подобрување на своето живеење и живеењето на вашите блиски.
Слободан Таневски
Поздрав до Емитер
Ми треба адаптер за boss-педали, а пошто истите се над 50 евра решив да го правам. Барав на интернет некоја шема за boss psa-120 или aca-120, ама можев да најдам само слики. Ме интересира што се толку посебни boss-адаптерите што се по 50 евра и дали имате некоја шема за истите, а ако не – дали би одговарало да се направи со IC 7809 или нешто слично.
Русин Џундев
Адаптерите на Бос за гитарски ефекти најверојатно по ништо не се посебни така што ќе можете лесно самите да го изработите. Како почетен податок потребни се напонот и максималната струја која адаптерот треба да ја даде на излезот, а нив ќе ги откриете од стариот адаптер или од самиот гитарски ефект. Најчесто потребен напон е 9 волти и струја од редот на стотина милиампери. Според тоа адаптерот може да го направите со трансформатор со секундар од 9-12V / 3W, грецов спој, електролитски кондензатор од 470-1000 микрофаради и стабилизатор со ИК 7809 со придружните филтерски кондензатори. За овие стабилизатори повеќе пати е пишувано во ЕМИТЕР па верувам дека нема да имате никакви проблеми при реализацијата.
Слободан Таневски
Здраво ЕМИТЕР,
Емитер го читам уште од средношколските денови и секогаш ми се наоѓа при рака за некој проект, практичен совет или едноставно да се потсетам на некои работи кои сум ги заборавил. Едноставно речено, ЕМИТЕР е списание што трае. Деновиве прелистував по старите броеви и пронајдов еден куп работи што не ме интересирале додека бев средношколец, а сега се одлично надградување на моето знаење од практичната електроника.
Причината поради која ви го праќам ова писмо е "Цртање шеми во CorelDRAW" од 4/99. Се прашувам дали сè уште може да се добие библиотеката на електронски симболи? Ако може,би сакал да ми ја испратите по e-mail.
Ви благодарам.
Поздрав, Гоце Груевски
Ми причинува задоволство тоа што вие сте задоволен од ЕМИТЕР.
Бараната библиотека за цртање шеми во Корел, заедно со библиотеката за цртање плочки (за што пишувавме во ЕМИТЕР 11/03) се во атачментот на e-mail пораката.
Слободан Таневски
Здраво!!!
Јас сум редовен читател на ЕМИТЕР (барем досега), но бев многу разочаран кога ја видов цената на последниот број на ЕМИТЕР (1/05), која беше повисока за 50 денари, а тие пари не се малку.
Порано списанието беше супер, но како поминува времето сè е полошо и полошо. Исто така, бев разочаран кога пред неколку години (од 2000 ми се чини) во составот на списанието беа додадени уште неколку области, како, на пример, астрономија, физика, математика и сл. Не дека не чини да има списание со толку многу области, но сепак во 80 страници не може да се објават доволно информации за толку области. Мое мислење е дека ЕМИТЕР треба да се раздели на две списанија, иако тоа е поскапо и поризично решение, а друго решение е да се отфрлат некои области.
Ова е само мое лично мислење и не мора да е точно, но сепак мислам дека списанието беше многу поквалитетно кога беше посветено само на електрониката, информатиката и сл.
Александар, од Прилеп
Навистина не можам да се изначудам кога после толку мои објаснувања на оваа тема сè уште има читатели кои даваат вакви коментари и предлози. Вие како редовен читател би требало да сте добро запознаени со причините поради кои настана трансформацијата на ЕМИТЕР. Но, очигледно или не сте ги читале моите уреднични коментари ниту, пак, нашите одговори на вакви слични писма или, пак, не можете да ја разберете реалноста во врска со ЕМИТЕР. Затоа во атачментот ви го испраќам уводникот од бројот 9/03 во кој ќе најдете подетален одговор на вашите замерки и предлози, а овде ќе ги потенцирам само најсоголените факти:
1. Стариот "електроничарски" ЕМИТЕР немаше доволно читатели (електроничари) ниту спонзори (фирми од областа на електрониката).
2. Еден период успевавме да се одржиме благодарејќи на помошта од Соросовата фондација и благодарејќи на нашиот ентузијазам, но кога таа помош престана, а никако не успевавме да добиеме помош од државата, моравме да се откажеме бидејќи ЕМИТЕР носеше само загуба, а многу работа.
3. Колку што ви е вам жал за згаснувањето на стариот ЕМИТЕР уште повеќе ми е жал мене - не заборавајте дека јас сум електроинженер-електроничар и основач на тој ЕМИТЕР, којшто сум го основал токму заради љубовта кон електрониката. Меѓутоа, кога нешто не оди не можеме на сила да го одржуваме, туку мора да гледаме напред.
4. Затоа се "роди" новиот ЕМИТЕР кој благодарејќи на многуте нови содржини стекна повеќе читатели и повеќе спонзори, а во него сè уште најголем дел е посветен на електрониката и сродните дисциплини. Со други зборови кажано: постоењето на другите рубрики во ЕМИТЕР го овозможува и постоењето на рубриката "електроника" за која Вие сте заинтересирани - ако нив ги нема ќе го нема ни ЕМИТЕР.
5. Заради претходно кажаното стариот ЕМИТЕР не може да се врати ниту, пак, доаѓа предвид поделба на "електроничарски ЕМИТЕР" и "ЕМИТЕР за останати области".
6. За да ви биде појасно, ќе ви обрнам внимание и на тоа дека во светски рамки во последниве 10-15 години списанијата за електроника не поминуваат добро на пазарот и многу од нив престанаа да излегуваат. Така, на пример, во Велика Британија од 7 списанија за електроника, колку што излегуваа во 80-тите години во минатиот век, сега излегуваат само 2, а во САД од 3 сега излегува само 1. Кога во такви богати и повеќемилионски држави не може да опстане списание за електроника илузорно е тоа да биде можно во Македонија.
7. На крај, за зголемената цена на бројот 1/05 и вашата разочараност од тоа. За тие 180 денари (50 денари плус од нормалната цена) вие го добивте ЕМИТЕР со 60-тина страници содржини од науката и техниката од кои 38 се од електрониката и сродните дисциплини (што е повеќе од кој било број од "старите" ЕМИТЕР-и), добивте плус книгичка од 50 страници за микрофони (а тие спаѓаат во електрониката, нели?), добивте голем каталог на Сони (за електронски производи) и добивте нацрти за самоградба на картинг (кои на запад се продаваат обично за 100 долари). Ако сметате дека сето тоа е малку за 180 денари, тогаш тие пари подобро потрошете ги на 2-3 пијалаци во кафуле или на неколкуминутен разговор преку мобилен телефон :-).
Слободан Таневски
Почитувана Редакцијо,
Со нетрпение го очекував и со внимание го прочитав написот "Направи сам картинг" и сега почнав да се подготвувам да го изработам. На почеток сакам да разрешам некои дилеми со ваша помош. Прво, шасијата која е прикажана во првото продолжение ми изгледа малку пресложена, затоа што се состои од два дела, горна и долна платформа кои се направени од многу парчиња што треба прецизно да се заварат. Ме интересира зошто шасијата е од две платформи кога сите картинзи што сум ги видел имаат шасија од една платформа. Дали е тоа заради зголемување на цврстината? Дали може да ја направам само долната платформа, но со подебели цевки за да се зачува цврстината? Ова ме интересира бидејќи планирам мојот картинг да го опремам со посилен мотор, па се прашувам дали шасијата на Тоги 1 може да издржи посилен мотор и поголеми брзини? Во таа насока, дали имате сознанија која е максимална снага на моторот што може да се вгради и која е максималната дозволена брзина? Дали имате направено такви проби и испитувања?
Тоа би било сè засега. Ве молам одговорете ми што поскоро - нетрпелив сум да почнам со изработката.
Поздрав од Зоран Тодоровски
Најнапред, пожелно е сите продолженија од написот "Направи сам картинг" добро да ги прочитате и проучите, сè со цел да имате преглед на целиот картинг, а не само на еден негов дел како што е шасијата која беше објавена во ЕМИТЕР 1/05. Тоа е само првиот од вкупно четирите продолженија за изработката на картингот. А сега за вашите прашања:
1. Има повеќе причини зошто шасијата е од две платформи од кои во едната група причини спаѓаат конструктивните (поставување на предните тркала, поставување на задната оска, естетика,..... а сето тоа да е што поедноставно и поевтино), а другата причина е добивањето на потребната крутост на шасијата во вертикална рамнина со оглед дека е направена од тенки цевки. Начинот на нејзиното формирање со заварување на повеќе кратки цевки намерно е одбран за да може да се направи (изведе) во домашна аматерска работилница. Другата опција беше со виткање на цевките кое мора да оди на машина за виткање на цевки, при што се одбиваат потенцијалните самоградители од правењето на картингот.
2. Не ви препорачувам интервенција (преправање) на шасијата, затоа што подоцна ќе има големи проблеми со поставувањето на другите склопови од кои е направен картингот, на шасијата. Или, со други зборови кажано: измената на шасијата повлекува измени на целиот проект што е еквивалентно на проектирање на нов картинг. Картингот што го правите според проектот од ЕМИТЕР не мора и не треба да личи на веќе видените (постоечките) картинзи. Значи, шасијата може да се направи и со една подебела цевка, меѓутоа треба да се води сметка за она што го имам претходно кажано. Се разбира, ризикот за таа измена е ваш.
3. Картингот ТоГи 1 може да "издржи" и поголеми (посилни) мотори. Горниот лимит е мотор со силина од 9 КС. Максималната брзина која е постигната при тестирањето на ТоГи 1, при што управливоста на картингот беше сигурна, е 65 km/h. Слободно вградете посилен мотор (максимум до 9 КС) со кој ќе добиете и поголема максимална брзина, но максималната брзина на картингот, заради сигурност, не смее да е поголема од 50 km/h. При ова водете сметка за преносниот однос на ланчаниот пренос, а типот и димензиите на ланецот да се соодветни за посилниот мотор.
Томе и Гиго Скендеровски
Здраво, Емитер
Би Ве запрашал за совет. Имено, имам засилувач со карактеристики: 2X40W, фреквентен опсег од 20Hz до 20kHz на оптоварување од 4 ома. Потребни ми се звучни кутии кои ќе ги задоволат овие карактеристики. Исто така може да дојде предвид самоградба доколку добијам од Вас такви препораки и нормално доколку тоа е поевтино. Би Ве замолил за Ваше мислење и препорака што се однесува на готовите кутии и самоградбата. Ако имате податоци за цени и дистрибутери на ваква опрема ве молам ако сте во можност пратете ми ги.
Поздрав, Александар
Бидејќи Вашиот засилувач може да работи на 4 ома, на него може да се приклучи која било звучна кутија. Евтин, а одличен звучник е B&W DM 303, кој можете да го купите во "Аудио центар" по цена од околу 280 евра (за пар). Постојат и други, поевтини комерцијални звучници од B&W DM 303, но нивниот звук е забележливо полош. Сепак, ако 280 евра Ви се премногу, слушнете ги ELTAX Symphony 2.3 или Milenium 100, кои можете да ги купите кај ZEC Electronic по цена од 6000 денари (за пар), кои даваат сосема солиден звук за нивната цена. Се разбира, ако имате вешти раце, можете да пројдете уште поевтино со некој од проектите за звучни кутии објавени во ЕМИТЕР - го препорачувам проектот Транс 6.5 од ЕМИТЕР 7-8/03.
Владимир Филевски
Почитувана редакцијо!
Заитересиран сум за изградба на далечинската контрола за радио командувани модели и имам неколку прашања околу неа:
1. Хибридите ги побарав на неколку места, но безуспешно. Во Емитер 7-8/04 рековте дека дел од нив можат да се набават во Електронинвест во ТЦ Бисер, но контакт телефон во Емитер нема, па како можам да го добијам.
2. Дали хибридите употребени во вашиот модул се купени од Електронинвест, а ако не ве молам да ме упатите каде можам да ги најдам.
3. Во врска со досегот. Колкав досег има модулот и што може да се направи за да се зголеми истиот, да речеме на околу километар-два? Доколку може ве молам да ми испратите шема со дополнителни измени доколку ги има, или треба да се употребат други помоќни хибриди?
4. Сакам да употребам помоќни мотори. Во текстот имате напишано дека за ова треба да се употребат релеи преку кои ќе се врши напојувањето. Но како?
За крај, списанието во целост ви е супер, темите што ги обработувате се одлични и само продолжете така.
Стојан од Кичево
Благодариме за пофалбите и интересот за нашите проекти.
1 и 2. Хибридите употребени во проектот пред повеќе години се набавени од Маплин (www.maplin. co.uk). Во Електронинвест можат да ви помогнат да ги набавите истите или пак да ви предложат слични. Нивниот телефонски број е 02 245-0437, а за него не сте морале толку долго да чекате да го добиете од нас, туку сте можеле да го добиете од сервисот за телефонски информации.
3. Досегот на уредите зависи од конфигурацијата на теренот и напојувањето. Согласно производителот на модулите, тие во идеални услови треба да обезбедат досег од 300m. Секако дека во затворени простории таа вредност драстично ќе се намали. За нивно засилување потребно е да се изгради или набави дополнителен засилувач, но во моментов не би можеле нешто конкретно да ви предложиме, бидејќи тоа треба најнапред да се проба. Сепак станува збор за пренос на податоци, а не на обичен говор. Може да се упортебат и хибриди со поголеми моќности, но ние не располагаме со информации за такви кои лесно би се имплементирале без некои големи модификации на уредот.
4. Доколку сакате да употребите помоќни мотори, покрај со релеи нивното напојување можете да го изведете и преку транзистори. Има неколку решенија и за двете комбинации кои можете да ги видите во некои други проекти објавени во ЕМИТЕР. Еве како тоа би изгледало со релеи. Ќе ви бидат потребни по два релеа за секој мотор. Релеите за моторот МОТ1 треба да бидат управувани од пиновите 18-17 и 16-15 на IC3, а релеите за моторот МОТ2 треба да бидат управувани од 14-13 и 12-11 од IC3. Релеите треба да се поврзат така што на моторите МОТ1 и МОТ2 ќе им даваат напон на ист начин како кога моторите би биле врзани како што е прикажано на шемата.
Добре Блажевски
Здраво Почитувани,
Јас сум ваш редовен читател уште од далечна '95 година кога го видов првиот број на ЕМИТЕР во трафика и не верував што гледам. Пофалби и коментари се излишни, ЕМИТЕР пројде Содома и Гомора но тоа го направи уште подобар (What doesn't kill you only makes you stronger). Ордени за храброст за господата Таневски и Филевски, а за сите оние душегризници кои велеа и велат дека ЕМИТЕР забегал од својата концепција едно големо НЕ! Тоа не е така. Секој еден што ја сака електрониката, или било која друга наука, не може и не смее да остане рамнодушен кон други научно-технички области, или можеби јас имам проблем да ги разберам тие луѓе кои патем и порано, а и сега не наоѓаа за сходно да одделат 100-тина денари месечно туку го фотокопираат. ЕМИТЕР-от е одличен и нема што да се додаде на тоа.
Една забелешка до господинот Пулчевски во врска со неговиот напис во ЕМИТЕР 09/04 на стр. 9 со наслов "Системски фајлови на интернет". Написот во секој случај дава корисна информација, но има две кардинални грешки. Прво невозможно е да форматираш активна партиција (партиција на која се наоѓа оперативниот систем) доколку немаш системски диск, било флопи или ЦД, тоа би било аналогно на сечење на гранка на која седиш. Второ доколку тоа веќе и би ти успеало (постои начин познат на 2% компјутерска популација), невозможно е од "табула раза" хард диск да се конектираш на интернет :). Цитирам "Доколку немате системска дискета и нема каде да направите, тогаш решението е www.bootdisk.com".
Би сакал да дадам еден предлог. Да се објави проект за изработка на амплитудно модулиран радио приемник кој што би работел во опсегот на цивилна авијација (118-136 MHz). За ова има доста материјал на интернет, но треба да се обработи за што јас лично не сум доволно подготвен. Од правна страна гледано не постојат никакви пречки за употреба за таков приемник, а верувам дека многу читатели би биле заинтересирани за тоа што се се случува за време на еден лет на комерцијален патнички авион.
Многу поздрави,
Александар Андоновски
Голема благодарност за убавите зборови за ЕМИТЕР - тие се вистински поттик за нашата натамошна работа.
Вашите констатации во врска со неможноста да се конектирате на интернет од компјутер кој има неисправен Windows или пак форматиран системски диск се потполно исправни. Но спомнатиот текст не ни наведува дека конекцијата треба да се направи од тој компјутер - едноставно се подразбира дека потребните системски фајлови ќе ги сименете од наведената веб адреса од некој друг компјутер кој има конекција на Интернет :-).
А во врска со предлогот за проект за приемник за воздухопловниот банд можам да ве израдувам дека тој наскоро ќе биде реализиран. Имено уште пред неколку месеци во редакцијата се договоривме да подготвиме и објавиме проекти за 3 радиоприемници – првиот, за радиодифузното ФМ подрачје (88-108MHz), веќе го објавивме во ЕМИТЕР 12/04, а потоа ќе следат и приемниците за воздухопловниот банд (над 108MHz) и за подрачјата под 80MHz. Ако имате уште некој предлог, слободно изложете го.
Слободан Таневски
Здраво!!!
Ви посакувам среќни новогодишни и божикни празници! Списанието навистина е за пофалба, а особено декемвриското издание. Би сакал да ви поставам неколку прашања од повеќе теми и области, па ќе одам по редослед:
1. На кој начин се врши достава на претплатените броеви на списанието, т.е. дали се плаќаат дополнителни трошоци на превоз (како ПТТ и сл.)?
2. Во проектот "100W транзисторски засилувач" (за кој веќе имам дискутирано со вас, но за друг проблем) како излезни транзистори се земени BDX66/67. Дали побудното коло може да се искористи и за MJ11015/MJ11016 и дали се потребни какви било промени во колото? Ова прашање Ви го поставувам поради тоа што MJ11015/MJ11016, во споредба со BDX66/67 имаат речиси дупла толеранција на максималната колекторска струја и некој ват повеќе, како и толеранцијата на пробив е поголема.
3. Дали бас-звучникот TSS WF310D140-8F, употребен во проектот "Сабвуфер Rihter 12" може да се приклучи на едниот канал од засилувач USB 7122 со максимална моментална моќност од 2x400W, номинална моќност од 125W, кој консумира 1100W, и истиот има тежина од 19kg (според производителот).
Горан Илиевски
Ви благодариме за пофалбите.
1. Годишната претплата чини 1200 денари - во таа цена е вклучен попуст од 20%, како и поштенските трошоци за Македонија. Примероците ќе ги добивате по пошта, на адресата која ќе ја наведете.
2. Според техничките карактеристики што ги дава производителот, споменатиот комплементарен пар на излезни транзистори MJ11015/MJ11016 може да се користи како замена за оригиналните BDX66/BDX67, без каква било промена во електричната шема. Доколку се решите да ги набавите овие транзистори, би ви препорачал тоа да го направите од некој реномиран производител. Избегнувајте ги производите со сомнителен квалитет и заштедете си пари, време и нервози.
3. Да, но внимателно. Во проектот "Сабвуфер Richter 12" јасно напишав дека може да се приклучи засилувач до 150 W. Реално, звучникот може да издржи само 100 W трајна (синусна) моќност. Засилувачот USB 7122 има синусна моќност преку 200 W на 8 ома. За среќа, музичките сигнали не се чисто синусни и звучникот може да издржи краткотрајни импулси над 100 W - што значи дека може да се користи засилувач од 200 W, но да не се претерува.
Д. Трпески и В. Филевски
Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...
Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.
Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.