Здраво,
Јас сум редовен читател на ЕМИТЕР од првиот број од кога ги опфативте и другите научни дисциплини освен електрониката и имам само пофални зборови. Сега ме интересира во нешто во врска со проектот стобоскоп (10/2004) - дали наместо наведената блиц ламба може да се употреби друга, конкретно една од фото апарат и какви модификации би требало да направам. Однапред благодарам.
Бобан Розман
На местото од блиц ламбата може да се употреби било кој тип на ламба, па дури во некој случај и со несоодветно трафо. Но, доколку се работи за ламба за која наведувате дека е од некој блиц кој го имате, употребете го и трафото како што е веќе поврзано во самиот блиц или како што беше опишано во проектот и нема да имате проблеми, секако доколку се исправни овие два елементи.
Драган Јовановски
Браво, браво, браво за текстот "Науката на обвинителна клупа" во Емитер 04/2005. Не ми се верува како некои религиозни фанатаци/фундаменталисти мислат дека нивните произволни и неаргументирани тези ќе поминат кај критичката јавност. "Професорот" за таа книга заслужува да ја изгуби и титулата и работата... А заради овој текст од овој месец се претплатувам на вашето списание.
А сега една исправка и едно мислење:
1. На страна 7 од истиот број (04/2005), со наслов "IE7 ќе му конкурира на Firefox" точно е наведено дека Firefox е слободен софтвер, но понатаму во текстот се кажува и за IE7 дека ќе биде "...слободна верзија на прелистувачот...". Сигурен сум дека IE7 нема да биде слободен софтвер, ниту пак сум чул за такви најави од страна на Microsoft. Можеби IE ќе биде бесплатен, но тоа дефинитивно не е исто со слободен. За да биде еден програм слободен треба да исполнува неколку услови (објаснети на http://www.slobodensoftver.org.mk/whitepaper/index.php/prasanne1).
2. Морам да коментирам и за текстот за Kylix. Јас сум (исклучиво) GNU/Linux корисник веќе 6-7 години, и најавата на Kylix, морам да кажам дека побуди голем интерес како прилично позната и популарна RAD алатка во windows светот. Но резултатот разочара од повеќе причини.
Прво Kylix воопшто не ги искористува предностите што ги нуди GNU/Linux платформата. Така да иако во GNU/Linux има одлична поддршка за локализација на програмите (која се користи во KDE, Gnome околините и скоро сите други GNU/Linux програми) во Kylix нема никаква подршка за локализација. Програмите направени со Kylix не се интегрираат со остатокот од GNU/Linux GUI апликациите и не ги користат можностите како што се виртуелни file system-и во KDE и Gnome итн.
Втора сериозна мана на Kylix е што за разлика од GNU/Linux-от кој работи на 20-тина хардверски платформи (i386, x86-64, ARM, PPC, PPC64, Sparc, UltraSPARC итн) Kylix-от ја подржува само i386 платформата.
И конечно, Kylix не е слободен софтвер, ниту пак може да се користи за правење на целосно слободен софтвер - и тоа не е за потценување. Слободноста на GNU/Linux-от е тоа што му овозможи да се здобие со својата популарност.
Сето ова кажано, употребливоста на Kylix ја гледам само за port-ување на веќе постоечки апликации напишани во Delphi на GNU/Linux (i386) платформата - но за жал праксата покажа дека дури и тоа не е така лесно и тривијално. Од друга страна во GNU/Linux светот веќе има неколку различни алатки кои сосема ги задоволуваат потребите на еден професионален програмер, а има и алатки наменети за не толку професионалните програмери.
Дамјан Георгиевски
Слободен софтвер Македонија
Ви благодарам за пофалбите и не радува што понатаму ќе бидете наш редовен читател. А во врска со Вашите коментари во продолжение е одговорот од нашиот соработник Драган Јованоски.
1. Вашата забелешка е во ред. Кога кажав дека ќе биде слободна верзија од прелистувачот, сакав да кажам дека според коментарите се очекува да биде независен интернет прелистувач од оперативниот систем . Што значи дека во наредната верзија на Windows (Longhorne) не би требало да биде интегриран IE7. Лапсусот е направен. Наместо да стои "слободна верзија од прелистувачот" би требало да стои "независна верзија од прелистувачот".
2. Генерално се сложувам со коментарите што ги дадовте. Мојот текст е насочен во правец да им објаснам на читателите дека Kylix-от го пробива ограничувањето на моно-платформските развојни алатки, па со ваквиот подвиг Borland прави пресврт во информатичката историја. Но исто така и некои клучни работи се доведени под прашање или се "донекаде дискутабилни". Главната цел, и во овој а и во сите други текстови, ми е сè почесто да ги потикнувам читателите, барем оние кои не се толку упатени во тематиката, да експериментираат, да тестираат и самите да носат заклучоци.
С. Таневски и Д. Јованоски
Здраво!
Големи пофалби за вашето списание. Наидов на еден проблем околу 100W транзисторски засилувач од ЕМИТЕР 11/98. Имено, не можам да ја нагодам мирната струја низ транзисторите, а тримерот е во ред. Во што е проблемот?
Поздрав до цела Редакција.
Благојче Петковски
Ако ја погледнете електричната шема на слика 1 и внимателно го прочитате придружниот текст ќе забележите дека елементите кои се директно задолжени за нагодување на мирната струја се R7, R8, P1 и T3. Со помош на универзален инструмент проверете ја нивната исправност и по потреба заменете ги со нови. Ако наведените елементи се исправни, внимателно проверете ја целата ППК од можни прекини на водовите или нивна куса врска. Ако и плочката е во ред, проверете ја исправноста и на останатите транзистори (T1, T2, T4, T5, T6, T7). Исто така, проверете дали сите елементи се монтирани и залемени на своите места според монтажната шема на слика 4.
Дејан Трпески
Поздрав до целокупната редакција. Го следам вашето списание од 1998 година и сум многу задоволен од начинот на кој се развива и се подобрува. Впрочем, имам само пофалби во врска со списанието. Што се вели, да не давам многу, да преминам на главното. Имам јадро од трансформатор од EI тип со моќност околу 500W и потребна ми е пресметка на дебелина на жица и намотки за да добијам 2x18V на секундар кој би го користел за напојување на два 100W засилувачи (ЕМИТЕР 9/03), само без филтри и еден 150 W засилувач (Емитер 10/03) за сабвуфер. Дали би работел склопот од засилувачи без мака?
Однапред ви благодарам,
Димитар Талевски
Моќноста на трансформаторот кој го имате сосема одговара за напојување на 2 засилувачи од 100 вати и еден од 150 вати. Пресметката на трансформаторот можете да ја направите со помош на написите објавени во ЕМИТЕР 9/98 или 1/2000.
Ви посакувам успех.
Слободан Таневски
Здраво почитувана Редакцијо.
Ние некако заглавивме кај ладилниците за засилувачот од 500W од ЕМИТЕР 3/98. Не знаеме колкави димензии треба да имаат ладилниците, бидејќи ни рекоа дека димензиите се пресметувале во зависност од термичката отпорност. Па би ве замолиле да ни помогнете, да ни кажете со колкави димензии да бараме ладилници. Потребна е термичка отпорност помала или еднаква на 0,25°C/W.
Однапред ви благодариме.
Глигор Тодоров
Димензионирањето на ладилниците не е лесна задача особено ако се работи за масивни ладилници како што е во овој случај. Затоа би ви препорачал да набавите готови фабрички ладилници со пропишаната термичка отпорност (0,25 °C/W или помала). Во краен случај ако сте приморани самите да ги изработите, препорачувам тие да бидат што е можно поголеми (нема да има никаква штета ако се предимензионирани, напротив, векот на траење на излезните транзистори ќе го продолжите). Подоцна, ако се покаже дека се недоволни ќе морате да ги замените со фабрички или да вградите вентилатор за нивно присилно ладење. Инаку, пресметка на ладилниците е опишана во ЕМИТЕР 11/96.
Дејан Трпески
Здраво,
Го изработив проектот "Комплетен стерео засилувач со голема моќност со LM3886T" од Е 7-8/04, но при пробната работа на засилувачот, настануваа големи изобличувања на високите фреквенци кога копчето за "treble" е на максимум. Прашувам што не е во ред со засилувачот? За пробното пуштање во работа користев доволно моќен трансформатор со напон на секундарот од 2x25 Vac, и два електролитски кондензатори со 4700µF/35V, плус четири од по 2200µF за филтрирање на напонот монтирани на ППК. На излезите од засилувачот приклучив соодветни звучници со импеданса од 8 оми
Ожичувањето за влезниот аудиосигнал го изведов како што е наведено во проектот. За поврзување на потенциометрите со ППК користев микрофонски оклопен кабел. На интегрираните кола монтирав доволно голем ладилник со вграден вентилатор. Намотките околу отпорникот R13 не се најдобро изработени, но се изработени од бакарна жица. По надолжниот пресек на намотките има процепи кои неможев да ги отстранам. При работа на засилувачот со поголема излезна моќност се јавуваат краткотрајни прекини.
Ве молам посочете ми кај да го барам проблемот.
Благодарам,
Александар Саркоски од Прилеп
Изложените проблеми укажуваат дека кај засилувачот се јавува самоосцилирање. За да ја отстраните оваа појава, проверете дали сте употребиле исправни компоненти (посебно електролитските кондензатори). Дали керамичките кондензатори C9=220pF/32V и C12=47pF/32V се со пропишаните вредности, a за R8 ставете отпорник од 1k. Задната страна на ППК исчистете ја со чист алкохол и проверете да не имате направено куси врски или ладни лемови при лемењето. Проверете дали интегрираните кола се добро изолирани од ладилникот(изолацијата се изведува со помош на лискун и изолаторска подлошка помеѓу ладилното ребро на ИК и ладилникот). Проверката направете ја со дигитален унимер. Ако после оваа проверка сè е во ред, проверете дали потенциометрите за bass и treble се правилно поврзани со ППК, исто така и микрофонскиот кабел за влезниот сигнал. Важна улога има и квалитетот на потенциометрите за bass и treble, кои треба да ги замените со поквалитетни. Во проектот е нагласено да користите електролитски кондензатори со еднаков или поголем пробивен напон од 50V, а не со 35V. Исто така битна улога игра и намотката која треба да е изработена од лакирана бакарна жица со пречник од 1mm, со индуктивност од 7µH за да спречи осцилирање на засилувачот на високи фреквенции, предизвикани од долгите кабли со кои се поврзуваат звучниците со засилувачот.
Исто така можна е појава на несакани осцилации од напојувањето, поточно од трансформатарот ако е монтиран многу блиску до засилувачот. Пробајте со негово оддалечување или промена на монтажната положба во кутијата (со завртување под 90°). ПРЕПОРАКА: најдобар за употреба е торусен трансформатор.
Ако сè е во ред со предходно понудените проверки, а засилувачот и понатаму ги изобличува високите фреквенции (при репродукција од квалитетен CD плеер или тјунер), останува да не е во ред некое од интегрираните кола – заменете го. Проверката ќе ја направите со исклучување на едното или другото коло од напојувањето.
Славко Стојковски
Здраво!!
Јас сум Александар од Прилеп инаку редовен читател на ЕМИТЕР.
Ми треба ваш совет за стереозасилувач со моќност од 150 W на 4 оми. Имам 2 звучника Ламар SW5110-4 од 10 инчи кои ги купив пред 1 год од Турција и на нив не пишува ништо освен 300W 10'' subwoofer и OZ40, што би требало да е мерка за тежина. Мислам да направам стереозасилувач со итегрираните кола STK4044 и на влезот да додадам плус по еден предзасилувачки степен со NE5532 на секој канал. Се одлучив за STK4044 и покрај поголемата набавна цена, бидејќи е многу квалитетен. Ви ја праќам шемата и податоците за него кои ги симнав од Интернет и сакам да ми дадете ваше мислење за неа или пак посочете ми некој соодветен проект издаден во ЕМИТЕР, но изобличувањето да не е поголемо од 0,1%.
Благодарам однапред,
Александар Саркоски
Засилувачот со STK4044 е сосема стандарден и добар со синусна моќност од 100W. Од друга страна, звучникот Ламар спаѓа во категоријата евтини звучници со висок Qts параметар (значи со низок квалитет), така што квалитетот на засилувачот воопшто не е битен. За овој бас-звучник неопходен е среднотонец и соодветна свртница. Многу поевтино решение е бас/среднотонски звучник од 8 инчи и високотонец.
Наместо засилувач со STK4044, кој е прилично скап, ние ви препорачуваме да направите засилувач со TDA7294 или со LM3886 кои се со максимална моќност од 70Wrms (100Wmusic) и исто така висококвалитетни (THD<0,1%), ама се неколку пати поевтини (кај нас се наоѓаат за 200-400 денари). Шеми и детални упатства за самоградба за засилувачи со овие ИК можете да најдете во проектите објавени во ЕМИТЕР 10/97, 7-8/02, 10/03 и 7-8/04. Ако ги немате, овие броеви можете да ги нарачате од Редакцијата.
Владимир Филевски
Неодамна го изработив 70W засилувач за во автомобил со TDA1562Q, ги извршив сите тестови и прецизно ги следев сите напомени кои беа дадени во текстот - за отпорници користев металфилм, и Philips интегрирано коло.
Засилувачот беше тестиран на JBL GTO серија елипси кои имаат 100W RMS снага, а 300W музичка снага, беше напојуван директно од независен акумулатор и резултатите беа слаби. Снагата која ја даваше овој засилувач беше половина од снагата на 4 x 50W MOSFET засилувачот од Пионир авторадио/ЦД плеер, а засилувачот влегува во клипинг дури и кога јачината на звукот е на 25. Во што е проблемот?
Во споредба со Пионировиот засилувач, овој свири како да е на половина од снагата. Исто така од филипсовите каталошки податоци за TDA1562Q прочитав дека на излезите треба да има 6,5V, а на мојот засилувач има 3,0 и 3,3 волти, што е голема разлика од 6,5V.
Потоа напојувањето беше врзано директно на акумулаторот на автомобилот. Тогаш ни се појави брум и зуење (како да се тргнат тие пречки од аудиосигналот), и пак истите проблеми се случуваа.
Одговорете ми што е можно побрзо.
Мартин Спасовски
Верувам дека навистина сте ги следеле сите препораки при изработката и тестирањето на засилувачот (импедансата на звучниците да биде 4 оми, напојувањето на засилувачот да биде 14-15 волти...). Исто така, важно е акумулаторот кој го користите да биде свежо наполнет за да има помал пад на напонот кога засилувачот ќе повлече поголема струја (посебно во моментите кога засилувачот преминува од B во H мод на работа). Според Филипс, производителот на TDA 1562Q, при напојувачки напон од 14 до 15V на излезите треба да има напон од 6,5 волти (треба да се земе предвид дека при мерењето на овој параметар звучникот треба да биде поврзан на излезот и засилувачот да биде во mute режим на работа). Ако мерењето сте го спровеле според овие препораки, а сепак сте добиле напон од 3 V наместо препорачаните 6,5 V тогаш е можно да сте направиле некоја грешка при изработката или при поврзувањето. Ако таква грешка нема, тогаш сомневањата паѓаат на ИК, па ќе треба да се обидете со нов примерок.
Пречките кои ги има при поврзување на акумулатор на автомобил, посебно кога моторот работи, се резулатат на платинката за создавање на искра за свеќичките. Овие пречки се отстрануваат со поставување на филтри на водот кој го напојува засилувачот, и со проверка на исправноста на системот добивање на искрата (контактите на платинката, исправноста на кондензаторот...) и неминовно поставување на филтер за напојувањето. Овој филтер наједноставно може да го изработите со намотување на 20-30 навивки од лакирана бакарна жица со пречник од 1,5mm на торусно јадро. Оваа намотка се поставува во серија со водот кој доведува +14V од акумулаторот кон засилувачот. По потреба по намотката поставете дополнителен кондензатор од 4700µF/16V.
Благој Ќупев
Здраво почитувана Редакцијо.
Јас повторно имам проблеми со засилувачот за во автомобил, сега уште поголеми од претходно :-((( Сега не сака воопшто да работи - најверојатно интегрираните кола цркнале – според вашиот претходен одговор и според одговорите кои ги добив на форумот на http://www.diyaudio.com/. Меѓутоа во продавницата каде што ги купив не сакаат да ми ги заменат и ми понудија да купам турски интегрирани кола, па не знам што да правам: дали да одам пак со Philips, или со турската верзија? Ме интересира од каде вие го набавивте TDA1562Q, кој е производител и кој LOT број има (сериски број), бидејќи сакам да купам исти такви?
Како атачмент ви праќам изглед на мојата шема која ја прецртав од ЕМИТЕР и плочката која ја дизајнирав сам, па би сакал да ја споредите со вашата и ако има грешки да ми кажете.
Мартин Спасовски
Во ниедна продавница нема да ви го сменат ИК кое сте го залемиле, бидејќи неисправно ИК поради фабричка грешка во производството е вистинска реткост (особено кај реномираните производители), но затоа прегорување на ИК поради грешка при вградувањето и пуштањето во работа е многу честа. ИК кое ние го употребивме во прототипот беше набавено од Логинг електроника и беше од Филипс, но бројот на серијата не ја знаеме затоа што го немаме прототипот покрај нас.
Веројатно имате некоја грешка на плочката или, пак, сте направиле грешка при пуштањето во работа. Заради големиот број обврски кои ги имаме, не сме во можност да ја прегледаме вашата плочка, па тоа ќе треба да го направите сами или со помош на некој искусен електроничар. Плочката може и да нема грешка во врските, но на работата на колото, исто така, влијае и дизајнот и распоредот на водовите. За да не се сомневате во квалитетот и точноста на изработената ППК, најдобро е да набавите готова ППК од ЕМИТЕР.
Со среќа,
Слободан Таневски
Почитувана редакцијо,
Од претходните написи во ЕМИТЕР, изградив НФ засилувач на моќност со TDA 7295 (стерео изведба) со напон на напојување од +/-30V како што беше наведено и стерео предзасилувач со Volume/Tone контрола реализиран со TDA1524A кој се напојува од истиот мрежен трансформатор. Комплетниот склоп функционира одлично, но имам еден мал проблем. Имено, кога на влезот ќе се приклучи уред, на излезот се јавува мал брум и шум, дури и кога уредот не е вклучен т.е. нема никаков сигнал. Напоменувам дека овој несакан звук го нема доколку на влезот нема приклучен друг уред, дури и при крајна побуда на засилувачот. Дали овој проблем би се решил со употреба на универзален предзасилувач и како би го прилагодил да се напојува од истиот мрежен трансформатор?
Доколку има решение и истото е објавено во некој од броевите на ЕМИТЕР би ве замолил да ми го испратите тој број.
Александар Георгиев од Битола
Брумот односно шумот кој се јавува на излезот од засилувачот најверојатно е резултат на непожелна јамка која најчесто се затвара преку водот за заштитно заземјување на излезниот засилувач и уредот на влезот. Ова најлесно може да се констатира ако на влезот од предзасилувачот приклучите уред кој има сопствено батериско напојување независно од градската мрежа (на пр. Walkman или Discman). Ако и во овој случај на излезот постои брум тогаш проблемот е во кабелот со кој го поврзувате уредот на влезот од предзасилувачот. За потсетување, оклопот од кабелот на едниот крај треба да биде поврзан со масата на уредот, а на вториот со масата на предзасилувачот.
Ако брумот е последица на јамка која ја формираат уредите поврзани во ланецот, за негово елиминирање потребно е на некој начин таа да се прекине. Еден можен начин на прекинување на јамката е со изолирање на масата на уредот од неговата шасија односно кутија. Доколку ова е невозможно или недозволиво (на пр. кај компјутерот) пробајте го следново: Оклопот од кабелот со масата на предзасилувачот поврзете ги преку отпорник од 100 оми. На овој начин значително се зголемува отпорноста на јамката и се спречува протекување на паразитни сигнали низ неа кои на излезот генерираат несакан шум. Ако и ова не ви помогне тогаш како крајно решение препорачувам да направите еден класичен изолациски бафер предзасилувач со симетричен влез и несиметричен излез како на сликата. Со него масите на влезниот уред и предзасилувачот се речиси целосно изолирани, со што на ефикасен начин се елиминира можноста од појава на брум како резултат на несакана јамка помеѓу приклучените уреди на влезот и излезот. За напојување на ова коло потребен е стабилизиран симетричен напон од ±15V кој може да се добие со намалување и стабилизирање на напонот за напојување на излезните засилувачи.
Дејан Трпески
Пишувајте ни, прашувајте, коментирајте, предлагајте...
Ако имате некоја критика, пофалба или предлог за списанието, ако имате прашање или коментар во врска со некој напис објавен во ЕМИТЕР, ако имате прашање од која било област од науката и техниката или, ако имате проблеми со изработка и поправката на вашите уреди и системи – слободно обратете ни се.
Потрудете се вашите писма да бидат кратки и прецизни, но внимавајте да ги содржат сите неопходни информации во врска со темата. Ќе се потрудиме нашиот одговор да го добиете што побрзо (преку e-mail), а најинтересните писма, заедно со нашиот одговор ќе бидат објавени во списанието и на нашиот Веб портал (https://emiter.com.mk/pisma). Во секој број едно писмо ќе биде прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор ќе биде награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР.
Напоменуваме дека сите писма што ќе пристигнат на адреса на редакцијата сметаме дека се испратени со цел да бидат објавени. Редакцијата го задржува правото да ги обработи писмата што ќе бидат објавени, во насока на лектура, појаснување и кратење. На крајот, мора да напоменеме дека, и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите писма и прашања.